Култура
Балетската претстава „Дон Кихот“ на 20 и 24 декември на големата сцена на Националната опера и Балет
На 20 и 24 декември, со почеток во 20 часот, на големата сцена на Националната опера и Балет, ќе се изведе балетската претстава во два чина „Дон Кихот“ од Лудвиг Минкус, во кореографија на Виктор Јаременко од Украина. Диригент на претставите e гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, сценограф е Андреј Злобин, а под костимографијата се потпишува Гана Ипатиева од Украина., концерт-мајстор е Климент Тодороски.
Во улогите на Китри и Базил на 20.12.2024 ќе настапат Христина Наќевска и Балаж Лочеи (Унгарија), а на 24.12.2024 ќе настапат Наташа Трендафилова Гицев и Виктор Ишчук (Украина) Настапуваат солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и Балет заедно со деца од балетскиот оддел на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
„Дон Кихот“ е волшебна приказна за ветерници, совршената жена и вистинската љубов. Балетското дело е поставено на музиката на Минкус со експресивно темпо, кое резултира со познатото „Дон Кихот Па де де“, кој дава акцент на целата претстава.
Kомпозиторот и виолинист Лудвиг Минкус (1826 – 1917) напишал неколку популарни балети, а речиси сите од нив, а особено балетот „Дон Кихот“, и денес се изведуваат во целиот свет. „Дон Кихот“ е балет базиран на познатиот истоимен роман од Мигел де Сервантес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Оскаровска Гала вечер со безвременски филмски хитови
По огромниот успех на првата Оскаровска Гала вечер минатата година и одличниот прием кај публиката, на 22. февруари, сабота во Македонскиот Народен Театар ќе се случи незаборавно филмско музичко патување, концерт во чест на Оскарите.
Безвременските хитови номинирани и наградени со Оскар ќе ги исполнат реномирани македонски пејачи, меѓу кои се Наде Талевска, Ана Петановска, Светлана Јовановска, Горан Наумовски, Денис Димоски, заедно со Битолскиот Камерен Оркестар IWConnect и Полифонија. Низ филмската историја публиката ќе ја води Миланка Рашиќ.
Во манирот на најблескавата филмска ноќ, посетителите ќе пристигнуваат на Црвениот тепих од 19.30., а концертот Оскаровска Гала вечер ќе започне во 20 часот.
Настанот ќе се одржи точно една недела пред 97-та Оскаровска церемонија во Лос Анџелес.
Влезници за Оскаровската Гала вечер може да се купат на билетарницата на МНТ и онлајн на www.mnt.mk
Култура
Една од најгледаните балетски претстави за деца, „Доктор Офболи“, на сцената на Националната опера и Балет
На 21 јануари, на сцената на Националната опера и балет, со почеток во 19.00 часот ќе се изведе една од најгледаните балетски претстави за деца, „Доктор Офболи“.
Оваа класична балетска сказна ја прикажува вечната борба помеѓу доброто и злото, во која, како и секогаш, доброто ќе победи. Претставата ја плени најмладата публиката со прекрасната музика, живописните костими и сценографија и децата ја следат со големо воодушевување.
Кореографијата за оваа претстава ја создаде познатиот балет-мајстор од Русија, Михаил Крапивин, додека музиката е на Игор Морозов, работена е според сказната на К. Чуковски, а сценографијата и костимите се дело на Живојин Трајановиќ и Марија Пупучевска.
Во претставата настапуваат солисти и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет, кои ќе ја пренесат оваа возбудлива приказна на сцената.
Култура
За наградата „Роман на годината“ во „трка“ 43 романи
На својата конституитивна седница жири-комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“ за 2024 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, констатираше дека на годинашниот конкурс, што се одвиваше од 15 декември минатата година до 15 јануари годинава, пристигнаа 43 романи.
Жири-комисијата, во состав Лидија Димковска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата) констатираше дека и годинашната конкуренција е составена од различни жанрови и дека процесот за избор на најдобро дело воопшто нема да биде лесен.
Комисијата и годинава ќе направи неколку селекции на пристигнатите романи, а селектираните романи јавно ќе бидат објавени. Жири-комисијата е должна да го соопшти името на добитникот до 15 март.