Култура
„Бела ноќ“ во Националната галерија со Симон Шемов и Миле Корубин

Две големи и исклучително значајни изложби се поставени во репрезентативните објекти Даутпашиниот амам и во Чифте амам, со кои Националната галерија партиципира во програмата на манифестацијата „Бел ноќ“ за 2023 година. Ја информираме широката публика дека в сабота, 30 септември 2023, од 20 часот, до доцните вечерни часови, ќе имаат задоволство бесплатно да ги посетат двете поставки, програмски активности во рамките на одбележување на јубилејот – 75 години постоење на Националната галерија.
Симон Шемов „Мултиверзум“
Даутпашин амам, 27 септември – 27 ноември 2023
Симон Шемов е мултимедијален уметник, професор, истражувач, вљубеник во природата и космосот. Проектот „Мултиверзум“ ќе ги претстави неговите ликовни остварувања што се однесуваат на неколку тематики, кои се провлекуваат како јадро низ целиот негов животен опус, а тоа се истражување на универзумот, пантеизмот, архетиповите, детската игра, фолклорот итн.
Продолжувајќи ги вечните трагања по истражување на односите реално – имагинарно, простор – време, пропорции, релации, растојанија, Шемов создава една мошне моќна визуелна, просторна, звучна потрага по тајните на космосот, послана низ магичниот Даутпашин амам. Истражувањата и метафизиката на космосот Шемов ги разработува во повеќе медиуми од неговата специјалност – виртуозноста и единственоста во создавање дела од рачно изработена хартија, платна, цртежи, комбинирани техники, колажи, со што мултимедијалниот наратив добива уште повеќе транспарентност.
Миле Корубин, 1922 – 2000
Чифте амам, 28 септември – 27 октомври 2023
Поттик за организирање омаж посветен на Миле Корубин (роден на 28 септември 1922 година во Прилеп, а починал на 13 септември 2000 година во Скопје), еминентен македонски сликар, е одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање. Овие јубилеи се базични поводи преку кои Националната галерија како институција, која седум и пол децении се грижи за чувањето и заштитата на дел од движното културно наследство од историјата на уметноста на нашата земја, континуирано ги презентира врвните национални културни достигнувања.
На оваа примарна визија, мисија и функција се надоврзуваат и заложбите за константно потсетување за особените специфики на значајните легати од творештвото на големите уметници од модерното македонско сликарство и скулптура преку селекција и претставување дела што се наоѓаат во повеќе државни и јавни институции од земјата, како и во приватни колекции.

Корубин Миле, Исчекување, 1968, масло на платно
Временскиот опсег од петдецениска творечка дејност го вбројува Миле Корубин меѓу најплодните македонски сликари, воедно и педагози. Неговата стварност, трансформирана низ сликарските визии, со специфичен ликовен ракопис, манифестира сопствена логика на патувањето од предметното кон непредметното, односно од конкретната реалност до апстрактното. Тенденциозно избегнувајќи ги трендовите, метафоричкиот лирски пристап се чувствува и се развива следејќи ја имагинацијата од конкретноста, па сè до геометриската асоцијативност. Притоа како константа секогаш доминираат потсвесно воспоставената хармоничност и редот на елементите во просторно смирената до блажено лебдечката композициска структура. Неговиот луциден сликарски јазик и урамнотежени ликовни ориентации се наклонети кон естетизацијата, редуцирањето на сликарскиот израз, отстапувањето од перспективата, ослободувањето на чистиот простор на атмосферата, кон егзотиката и мистицизмот преку лиризмот на чистата форма, што го издвојува како автор посветен на истрајноста и доследноста на сопствената мисла.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Тозија воодушевен за наградата во Њујорк: Уникатно искуство беше селекција на овој филмски фестивал

Филмот „М“ на Вардан Тозија ја доби наградата за најдобар филм на њујоршкото издание на фестивалот „Dances with films“.
-Воодушевен сум што ја примам наградата за најдобар филм на годинешното издание на „Dances with films“ во Њујорк. Претставуваше голема чест и уникатно искуство да се биде дел од официјалната селекција на овој исклучителен фестивал, со креативни и бескомпромисни филмски автори, на настан што прерасна во двигател на американскиот и интернационален филмски дух, вели режисерот Вардан Тозија, кој во Њујорк лично ја прими наградата.
Фимот „М“ на овој фестивал ја имаше американската премиера. Според USA Тoday, фестивалот се вбројува меѓу „десетте најзначајни филмски настани на северноамериканскиот континент“, според CNN, важи за „лидер во позиционирање на свежи и нови таленти на филмската индустрија“, додека Indiewire го препознава како „нашироко признаен поради откривањето на иновативниот дух и талент во независната кинематографија“.
-Уникатно воден филм со динамичен емотивен импакт, „М“ е спектакуларно достигнување во меѓународната филмска соработка, стои во официјалното образложение на Фестивалот.
Приказната на Тозија за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила, токму во официјалната селекција на овој фестивал ја претстави македонската кинематографија пред американската публика.
По премиерата се одржаа дискусии меѓу режисерот и членови на индустријата, како и разговори со публиката. Светските права за дистрибуција на македонскиот филм “М“ ги поседува американската компанија OneTwoThree Media.
Култура
Режисерот Илија Пиперкоски: „Раскажи песно“ ги разоткрива приказните вткаени во ткивото на чалгиските и староградските песни

Во прославата на културното богатство и безвременските традиции, и како дел од активностите за достојно одбележување на празникот Св. Климент Охридски – Патрон на градот Охрид, денес, на 8-ми декември ќе се одржи премиерата на документарниот филм „Охрид, Охрид убав мил“ на режисерот, охриѓанецот, Илија Пиперкоски.
– Ми преставува чест што оваа година, програмата ќе заврши со проекција на мојот филм „Охрид, Охрид убав мил. Како режисер на овој проект, со задоволство презентирам серијал што ги истражува душевните наративи вградени во македонските народни песни, особено фокусирајќи се на чалгиските и староградските мелодии. Оваа серија е визуелно патување во срцето на македонското наследство, додека навлегуваме во универзалниот јазик што ги поврзува генерациите – музиката. Документарниот серијал „Раскажи песно“ се обидува да ги разоткрие приказните вткаени во ткивото на чалгиските и староградските песни, претставувајќи го културното богатство на Охрид, град со право наречен „музеј“ и „уметничко богатство“ низ вековите.
Филмот „Охрид, Охрид, убав Мил“, служи како вовед во серијата, истражувајќи го потеклото и инспирацијата зад иконската песна која е како химна на Охрид. Оттаму, секоја епизода расплетува нова народна песна, навлегувајќи во обичаите, навиките и обичните случки од минатото на Охрид. Серијата кулминира со рефлексивно финале, истражувајќи го наследството што го оставија овие песни и нивното трајно влијание врз современите генерации.
– Како режисер, мојата визија за документарниот серијал „ Раскажи песно “ е да го премости јазот меѓу генерациите, зачувувајќи го и славејќи го културното наследство вградено во мелодиите на чалгиските и староградските песни. Ја поканувам публиката да ни се придружи на ова емотивно доживување и патување, каде секоја нота е чекор во живата историја на Охрид и македонскиот народ.
Синопсис:
„ Раскажи песно “ е документарна серија која ја разоткрива културната таписерија на македонските народни песни, особено фокусирајќи се на чалгиските и староградските песни. Серијата ја истражува длабоко вкоренетата традиција на раскажување приказни преку музика, откривајќи го универзалниот јазик кој поврзува генерации и го зачувува идентитетот на еден народ. Поставена на позадината на античкиот град-музеј на Охрид, секоја епизода навлегува во богатата историја на една народна песна, оживувајќи ги приказните и емоциите вткаени во нејзините текстови.
Култура
Премиера на „Демнејќи го Годо“ од Драго Јанчар во Театар Комедија

На 12 декември (вторник), со почеток во 20 часот, на малата сцена на Театар Комедија ќе се случи премиерата на пиесата „Демнејќи го Годо“ од словенечкиот писател и драматург Драго Јанчар. Станува збор за прва копродукциска соработка помеѓу Турскиот театар од Скопје и Театар Комедија, на која се работеше речиси три месеци. Режисерка на „Демнејќи го Годо“ е Сибел Авдиу, а во претставата играат: Жаклина Стевковска-Дрнасин, Едмонд Сотир, Сузан Акбелге, Селпин Ќерим и Џенап Самет. Сценографијата ја изработи Луиџи Бејта, костимите се дело на Ивана Каранфиловска, кореограф на претставата е Александра Кочовска-Начева, а автор на музика е Аљбин Сопа.
− Делото „Демнејќи го Годо“ на Драго Јанчар, коешто може да се каже дека е еден вид парафраза на апсурдната класика „Чекајќи го Годо“, прикажано во едно поинакво време и во поинаква средина, сепак се занимава со стравот, сомнежот и контролата на општеството со помош на тие механизми и го обликува постоењето на човекот. Но, без разлика на тоа што овој драмски текст е сериозен во однос на тематиката, сепак мајсторијата на Јанчар е во тоа што успеал сето тоа да го покаже низ една призма на апсурдни ситуации, кои сами по себе може да се толкуваат и како комични, а во суштината се трагични. Со оглед на тоа што ова е прва копродукција помеѓу НУ Театар Комедија и НУ Турски театар Скопје, кои долги години делат ист покрив, работев со Жаклина Стевковска и Едмонд Сотир од Театар Комедија, и Џенап Самет, Селпин Керим и Сузан Акбелге од Турски театар кои првпат се споија во овој проект, а самата соработка ни донесе многу креативен и забавен процес – вели режисерката Сибел Авдиу за предизвикот да се работи на оваа пиеса на Јанчар.
Со „Демнејќи го Годо“, Јанчар ќе се претстави третпат пред македонската театарска публика, откако претходно, во 1986 и во 1990 година, во Македонскиот народен театар во Скопје и Народниот театар во Прилеп беше поставен текстот „Големиот брилијантен валцер“.
„Демнејќи го Годо“ е четврта премиера на Театар Комедија во 2023 година. Оваа година, Театар Комедија ќе ја затвори со уште една премиера, „Череп во Конемара“ од Мартин Мекдона, а во режија на Јане Спасиќ. „Череп во Конемара“ ќе биде јубилејна, 40-та претстава на Театар Комедија од неговото основање во 2011 година.