Контакт

Актуелно

Бранка Костиќ Марковиќ со отворено писмо за разрешувањето од функцијата во Македонска филхармонија

Објавено пред

Разрешената претседателка на Управниот одбор на Македонска филхармонија, Бранка Костиќ Марковиќ, до јавноста се обрати со отворено писмо, по информациите дека била разрешена под притисок на директорот Виктор Илиески.

Нејзинотo отворено писмо го пренесуваме во целост.

Иако во вчерашното соопштение до медиумите, јасно го изложив мојот став околу разрешувањето од функцијата Претседател на Управниот одбор на Македонската филхармонија, после невистините изнесени од директорот Илиески на еден телевизиски медиум, чувствувам потреба уште еднаш да ги објаснам состојбите, овој пат до поединост.

Прво, сакам да подвлечам дека она што директорот Илиески го наведува како аргумент против мене е невистина, којашто јас и не морам да ја демантирам, зошто за тоа говорат сите верзии на ситематизацијата (а досега на Управниот одбор му се доставувени дури четири верзии), а во прилог на тоа е и списокот кој заедно тој и Управниот одбор го составија уште минатата година (декември, 2017) заради подготовка на неговите Планови за вработувања за оваа и идната година. Никаде во наведениве документи не е предвидено место коешто одговара на мојот професионален профил и за коешто би можела да конкурирам и да ги исполнам условите, а во Македонската филхармонија нема ниту реална потреба од кадар каков што сум јас (меѓу сите систематизирани работни места во важечката и верзиите на новата систематизација не постои работно место во чиј опис се бара диплома како мојата). Ако кон ова го придружиме и фактот дека јас како претседател на Управен одбор не би можела да бидам вработена во институцијата кадешто ја имам оваа функција (класичен судир на интереси), како и моето изјаснување пред Управниот одбор дека немам никаква намера од тој тип, овие обвинувања на директорот Илиевски автоматски значат класична конструкција. Но, моето прашање е, што и доколку замисилиме дека неговото тврдење е вистинито, како тоа ги објаснува или оправдува неговите пропусти и кршења на законските процедури?

По однос на обвинувањето дека јас како претседател на Управниот одбор два месеца не ја ставам на дневен ред точката за усвојување на новата систематизација, можам само да ви ги посочам датумите на одржаните седници на Управниот одбор коишто го говорат токму спротивното. Седници на Управниот одбор се одржани на 25.9.2018 (со самиот почеток на новата концертна сезона), потоа на 9.10.2018, 15.10.2018, 24.10.2018, 7.11.2018, 15.11.2018. Во овој период, интензивно инсистирав на конкретна практична работа и лична ангажираност на сите членови на Управниот одбор и на службите во Филхармонијата во изготвувување на конечниот текст на документот, според сите правила и прописи (за што сведочи и целокупната електронска комуникација меѓу мене како преседател и другите членови на Управниот одбор, вклучително и директорот). Во овој посочен период пред мојата смена, самата јас и писмено приложувам обемен текст со забелешки и конкретни решенија за спасување на согласностите за новите работни места (дури и за оние уфрлените од страна на директорот Илиески), што се гледа од електронската комуникација со него и членовите на Управниот одбор. Тоа посветено го прави и уште една членка на управниот одбор (и за тоа сведочи електронската пошта) и така се создадени вистинските услови, правничката да го доведе документот во солидна финална форма за гласање. Но, таквата состојба не му одеше во прилог на директорот. Кога го сфати тоа (не можам да тврдам дали на негово барање или не), одеднаш после цела година неделегирање на петти член на Управниот одбор од страна на локалната самоуправа, експресно тој беше делегиран и ни беше испратен да присуствува на две наши наредни седници, но кога беше констатирано дека ја нема потребната верификација, односно потврда од ресорниот министер за неговото назначување, а со тоа и право на глас, самиот се повлече од седниците се до регулирање на процедурите, односно до полноправна важност на неговиот глас (тоа не се случи до последната седница со која што јас претседавав). Од ваквиот развој на нештата (на што му претходеше и започнатото гласање на одредени делови од систематизацијата при што со едногласно кревање рака се отфрли едното место пијанист и од двата систематизирани, а се укина и едниот извршител харфист, двете места заради непотребност од редовно вработување во симфониски оркестар), директорот Илиески сфати дека не останува простор за поминување на неговата последна верзија на систематизацијата, која пак со корекциите од управниот одбор и реалниот и издржан опис и попис на работните позиции нема да може да ги вработи лицата коишто требаа да бидат вработени со протекции „од горе“. Тогаш, пристапи кон игнорирање на моите повици за седница на Управниот одбор, во кој период го барал и го добил моето разрешување. А тоа, во опишаните околности во кои не можеле да најдат аргументи за мое несовесно или противзаконско работење, било единственото можно решение на неговите проблеми во протуркувањето на ургенциите.

Оттука, ваквите реакции на директорот Виктор Илиески коишто се темелат единствено на невистини не се воопшто изненадувачки (а убедена сум дека не се и последни), а беа предвидени и во моето прво вчерашно обраќање до јавноста, апропо мојата смена. Сакам да кажам дека оваа негова, веќе редовна пракса за извртување на фактите и дефокусирање од главниот проблем, во недостаток на валидни аргументи, е повеќе од очекувана..

Но, имајќи ја предвид важноста на медиумите во креирањето на јавното мислење, чувствувам потреба уште еднаш, сега пошироко да ги изложам случувањата коишто му претходеа на моето разрешување.

Во првата година од мандатот на Управниот одбор и директорот имаше многу предизвици, зашто Македонската филхармонија требаше да се пресели во новиот објект, а таму сѐ уште не беа завршени градежните активности, без разлика што новата сала го доживеа своето свечено отворање. Управниот одбор заседаваше редовно, па дури и често заради потребата од потпишување на многу документи, одлуки, измени коишто произлегоа од преселбата. Требаше да се продолжи сезоната и програмата донесена од нашите претходници, но требаше безболно да се премости и задоцнетиот почеток заради завршување на градежните активности на недовршениот објект и комплетирање на градежната документација. Затоа, Управниот одбор беше крајно кооперативен и толерантен кон вработените во администрацијата и новиот, тогаш в.д. директор и не забележуваше на итните барања за состаноци, ургентни повици за донесување на одлуки, како и на ненавремените доставувања на потребните материјали.

Со завршувањето на првата концертна сезона, заврши периодот на адаптација, па така започна и работата во нормални услови. Во месец август, после летниот распуст, а пред почетокот на новата концертна сезона, јас како претседател, а и една членка на Управниот одбор замоливме (после неколкуте претходни молби до директорот) да имаме навремени комплетни материјали за седниците, материјали коишто се во надлежност на ова тело, односно со чија помош ќе ја имаме комплетната слика на програмското и финансиското работење на институцијата. Во меѓувреме се зголеми динамиката на настани во објектот, почнаа да стигнуваат првите критики за зголемениот број на естрадни концерти и други комерцијални настани коишто ги фрлаа во сенка концертите со класичен симфониски репертоар (инаку базична дејност на институцијата) и сл., а за таквата состојба Управниот одбор немаше вина, односно воопшто не беше консултиран од страна на директорот за ставот околу програмската и финансиската стратегија во институцијата. Иако упорно инсистиравме, ние и до последната седница под мое раководство не добивме детални информации за сите ставки од договорите со солистите, диригентите и хонорарците за концертите од главната програма на оркестарот, а воопшто немавме програма за малата камерна сала, ниту пак имавме информација што ќе се случува во термините кога салите и фоајето се изнајмени од надворешни продукции, фирми и сл.

Но, проблемите почнаа вистински да ескалираат во моментот кога дознавме дека за време на летниот распуст, директорот „на своја рака“ (без согласност од Управниот одбор и дозвола од Министерството за култура, Катастарот, Министерство за транспорт и врски…) ја проширил бината во големата сала со вадење на цели редови од гледалиштето, но и драстично ја сменил последната верзија на систематизацијата којашто ние ја имавме на разгледување (а досега добивме дури четири верзии на документот од кои три се добиени во период од само една седмица, 25.9.2018, на 28.9.2018 и на 2.10.2018. Последната верзија е всушност нов пречистен текст на систематизација, бидејќи претходно е доставувана и верзија во вид на Правилник за измени и дополнувања на систематизацијата изработена од надворешен експерт, лично ангажиран од директорот Илиевски, којшто експерт самиот пред Управниот одбор изјави дека измените се толку големи (изменета е целата структура на институцијата со воведување на нови сектори и оддели, како и нови работни места) што и било препорачано документот да не биде гласан во вид на Правилник за измени и дополнувања, туку во вид на нов пречистен текст. (Иако, претседателката на УО го барала од директорот на увид договор под кои услови е ангажиран експертот и со чии средства е платен, и покрај постоењето на дури две вработени правнички во Македонската филхармонија во чиј домен е и изработка на ваквите документи, тој договор никогаш не ни е доставен).

Очекувајќи дека Управниот одбор ќе ја изгласа без забелешки, директорот Илиески своеволно барал и согласности за нови работни места (меѓу кои и такви кои не постоеја во претходните верзии на систематизацијата, но и никогаш не биле разгледувани од Управниот одбор). Проблемот да биде поголем, за истите тие места директорот добил и согласности од Министерството за култура, а потоа и од Министерство за финансии. Имено, тој на два пати (на 5.4.2018 и на 19.7.2018) селективно побарал, а потоа и добил 10 (за 2018 година), односно 9 согласности (за 2019 година), за вкупно 19 работни места, меѓу кои и непостоечки во актуелната систематизација којашто е сè уште на сила, а неколку од нив воопшто и не биле на списокот за идни работни места којшто го составиле УО и директорот. Имено, ние заедно (директорот, јас и членовите на Управниот одбор) претходната година направивме приоритетна листа за планот за нови вработувања за 2018 и 2019 година, кадешто на врвот беа акутните испразнети места во оркестарот, а потоа и некои административни (пред се во техничкиот дел којшто го наложи преселбата во новиот објект), но тој не го пратил целиот список, туку селективно на два пати барал места, избрани по негово убедување и назначил во барањето дека токму тие се итни. Меѓу нив имаше и такви коишто воопшто не беа споменати на ниту една од седниците претходно. Кога се видовме на првата закажана седница после летниот одмор, на денот кога се отвораше новата концертна сезона 27.09.2018 и кога како претседателот на одборот го прашав директорот како „осамнаа“ неколку нови работни места и за кого се предвидени, зашто несомнено станува збор за ургенции, тој го кажа дури и името на една личност вработена во дневен весник и рече дека за неа има ургенции „од горе“. Јас се побунив и реков дека нема да дозволам да се случуваат штетни вработувања на сметка на најважните работни места во оркестарот (за кои се добиени само 5 согласности, наспроти другите 14) и коишто и ја намалуваат шансата на институцијата да бара нови работни места во иднина. Исто така, истакнав дека таа личност според дипломата музиколог, не може да биде вработена на место советник во област којашто предвидува образование коешто се стекнува пред се на катедрите на правниот факултет. Од тој момент, директорот Илиевски почна со личните напади кон мене и обвинувања дека јас сум против одредени личности и тогаш почна да ја лиферува информацијата за наводна лична заинтересираност за вработување заради која се противам на неговите ургенции. Оттогаш, почна да ми поставува ултиматуми за брзо усвојување на неговата систематизација (со конкретен датум), зашто дел од новите работни места не постоеја во актуелната и оттуку, не да можат да се објават конкурсите и да се реализираат согласностите. Тогаш започна и периодот на перманентни навреди кон мене, обвинувања за кочење на процесот, озборувања по кулоарите и валкање на мојот углед.

Јас како претседател ги исцрпев сите механизми да ја решам работата по мирен пат, односно му укажав лично на пропустите, како и на непотребните уфрлувања на работни места коишто не се нужни за институцијата и ја одземаат можноста за вработување на музичар плус во оркестарот (па дури и дека некои од нив се апсурдни, како оние вработувањата во доменот на маркетингот кога веќе има тројца вработени во продукцијата, од кои двајца се асистенти коишто се грижат за подготовка на пропагандните материјали, програмските брошури, односите со јавност, а згора на тоа голем дел од работите ги вршат и ангажираните надворешни продукции и агенции). Во истиот овој период на интензивна расправа околу систематизацијата и моето неотстапување од намерата таа да биде донесена од Управниот одбор со уважување на моите забелешки, како и забелешките на останатите членови, почнав да добивам и пораки од трети лица за да замолчам, да не правам проблеми и да ја „поттурнам“ работата околу донесување на овој документ. Имав јавувања и од вработени во ресорното министерство коишто ме повикуваа на неформални средби, па дури имаше и барање за присуство на седница на Управниот одбор (што е класичен пример за притисок врз ова тело и е спротивно на правилата пропишани со Деловникот за работа на управниот одбор). Исто така, во овој период ми беше пренесено од колеги дека директорот со гордост веќе почнал да се фали дека работи на случајот да бидам тргната од функцијата.

Во меѓувреме, дојде време и за подготвување на едногодишниот извештај за работата на Управниот одбор, којшто претседателот е должен да го достави до Министерството за култура, а се случија и проблемите за кои претјодно говорев, па решив да побарам средба кај ресорниот министер Асаф Адеми (закажувањето се одвиваше преку шефот на кабинет на министерот Адеми, господинот Фатон Фазлиу, до кого е испратено електронско писмо, а потоа неколку пати е разговарано и телефонски за евентуалниот слободен термин на министерот) за да алармирам за притисоците и да укажам на противзаконските акции, со цел да се заштитам од можноста со премолчувањето автоматски да станам соучесник во истите. Министерот Асаф Адеми ме прими (на 16.10.2018) и ги сослуша моите аргументирани забелешки (со целата придружна документација), а потоа ме замоли за уште една средба на која, ако дозволам, би го викнал и директорот Илиески. Му реков дека тоа секако не ми пречи, туку сметам дека е вистинскиот начин да го решиме проблемот. Средбата се одржа на 18.10.2018, во добра атмосфера со препораки за продолжување на совесната и систематична работа на одборот и обид за надминување на тековните проблеми настанати на релацијата Управен одбор – директор, коишто во меѓувреме ескалираа и коишто му беа пренесени. Министерот Адеми укажа на важноста од почитување на телото Управен одбор и уважување на ингеренциите на истото, пропишани со Законот за култура, Статутот на Македонската филхармонија и Деловникот за работа на УО на оваа институција. На директорот, тој јасно му стави до знаење дека мора да го почитува Управниот одбор и дека не може ништо да преземе без неговите одлуки, а му беше сугерирано и да ги почитува сите законски процедури и да ги уважува сите барања за доставување на побараните материјали за работа. Доколку е толку зафатен (директорот претходно се пожали дека едвај стасува да ги заврши сите обврски и дека затоа има некои пропусти), да си делегира помошник од редот на вработените којшто ќе помага во комуникацијата со Управниот одбор. Но, за жал, старата пракса на самоволно донесување одлуки на директорот продолжи и натаму.

Сакам уште да дополнам дека, веднаш, уште на мојата прва средба со министерот, му кажав дека знам дека е најлесно да дадам оставка, но дека кревањето раце од проблемите е недозволиво за човек како мене којшто функцијата ја прифатил одговорно и единствено како професионален предизвик без никакви други очекувања и привилегии. Дека во мојата кариера главно работам во приватниот сектор, успешно учествувам во меѓународни проекти и дека не сум член на ниту една партија, туку сите мои активности се темелат врз професионални норми и дека мојот авторитет во областа е граден со години. Оттука, не сум податна за подлегнување на притисоци, уживање на привилегии и дека сакам задачата којашто ми е доверена да ја завршам професионално, според сите права и прописи и така гордо да го заокружам претседателскиот мандат. Тоа му го имам кажано и на целиот Управен одбор и на директорот на една од седниците кога ми беше понудено патување на турнејата во Шпанија заедно со целиот оркестар. Тогаш само уште еднаш подвлеков дека одбивам да патувам преку институцијата на државна сметка, дека не сакам никакви други привилегии и дека како претседател на управен одбор, за времетраење на мандатот, но и после неговото престанување, не ми паѓа на памет да барам вработување во истата.

Во продолжение само таксативно ќе ги наведам и другите работи за кои постои сомнеж дека директорот Илиески ги прекршил правилата во текот на досегашниот мандат, а кои претседателот на Управниот одбор ги навести дека ќе ги изнесе на заедничката средба на на Управниот одбор и членовите на оркестарот (состанок којшто беше опструиран од страна на директорот, а во соработка со шефот на оркестарот). Тоа секако не се случи, а претпоставувам дека нема ниту да се случи, бидејќи сум разрешена од претседателската функција, но можеби надлежните институции сепак ќе решат да се посветат на анализа на работата на институцијата и нејзиниот директор и ќе ги превенираат идните потенцијални кршења на законските регулативи.

Според поплаките на членови на ансамблот (за коишто директорот Илиевски бараше да им ги откријам имињата за веројатно да ги „смири“, откако усно го информирав дека сакам да разговарам за сите поплаки коишто доаѓаат до Управниот одбор и да ги констатираме или отфрлиме), Илиески нема извршено исплаќањето на празнични дневници и хонорари кон оркестрантите. За проба во неработни денови (недела и државен празник) според законот за државни празници треба да се исплаќа празнична дневница (основната зголемена за 50%), а исплаќал и дневници и хонорари на рака. Исто така закажувал и двојни проби на оркестарот без одобрение на Управниот одбор (постои Правилник за работно време каде согласно членот 49 од Статутот на НУ Македонска филхармонија – Управниот одбор го одредува работното време на вработените во институцијата и дава одобрение за сите промени на истото), а директорот закажал проби без да побара одлука на Управниот одбор за промена на работното време. Вршел и незаконска директна исплата на рака (дневниците исплатени во долари и евра на рака на вработените за остварените турнеи надвор од земјата, но и за некои од популарните концертите вон редовната програма на оркестарот, дневниците пред турнејата во Шпанија се делени во евра на рака на вработените).

Исто така, вредно за споменување е и дека, директорот Илиески, со својата неспособност и неискуство да менаџира толкава институција со толку тековни активности, во неколку наврати го става во непријатна ситуација и самиот Управниот одбор. Ќе споменам само една од нив, кога врз претседателката на УО е истурен гневот од надворешно лице заради постапките на директорот. Имено, Илиески, во неколку наврати усно го ветувал изнајмувањето на концертниот клавир на директорот на Скопскиот џез фестивал, господинот Оливер Белопета, а го криел официјалното барањето до Управниот одбор од Скопскиот џез фестивал за изнајмување на концертниот клавир од Македонската филхармонија. Откако, г. Белопета лично ме праша зошто како претседател на УПравниот одбор не го ставам толку време неговото барање на дневен ред, јас итно побарав од директорот и административните служби во институцијата, да го поронајдат барањето. Тоа беше пронајдено (откако со денови не му била давано на Управниот одбор) и го ставив на гласање веќе на следната седница. Членовите донесоа едногласна негативната одлука за изнесување на клавирот од објектот на Македонската филхармонија во МОБ заради штетната амортизација на скапиот инструмент и веднаш му беше дадена информацијата на господинот Белопета за да може да наоѓа други алтернативи на само неколку денови пред почетокот на неговиот фестивал. Но, веќе утредента, директорот Илиевски донесе указ со кој ја поништи одлуката на УО за давање на клавирот, документ добиен од заменикот министер за култура Владимир Лазовски со која му се наложува на Управниот одбор да даде дозвола за изнесување на инструментот и тој е изнесен од институцијата и даден на Скопскиот Џез Фестивал.

Ако кон проблемите околу систематизацијата, доспеаните поплаки за други кршења на процедурите и притисокот и клеветите врз мене и Управниот одбор, ги приклучиме и проблемите со проширувањето на големата сцена во новиот објект на Филхармонијата, без обезбедена документација, а и недоставувањето на постојано бараните материјали за увид во целокупната агенда на настани во објектот и договорите со странските уметници и маркетинг агенции, продукции, јасно е дека директорот Илиески мора да наоѓа начини за излез од ситуацијата и дека барањето за моја смена било повеќе од нужно.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Актуелно

Револверот со кој се самоуби Ван Гог на аукција

Објавено пред

Револверот со кој холандскиот сликар Винсент ван Гог се застрела на 27 јули 1890 година во Франција в среда ќе се најде на аукција во Париз. Аукциската куќа „Оксион арт“ соопшти дека вредноста на револверот е проценета меѓу 40 и 60.000 евра.

Ван Гог по две години поминати на југот на Франција, на 20 мај 1890 година се преселил во гратче северно од Париз по совет на неговиот брат. Лекарот Пол Гаше се грижел за здравјето на холандскиот уметник, кој имал чести психолошки кризи. Ван Гог изнајмил соба во гостилница и тогаш бил на врвот од своето уметничко творештво, односно сликал по една слика дневно.

Фото: ЕПА

На 27 јули 1890 година отишол на прошетка и таму се обидел да се самоубие со револверот што го зел од сопственикот на гостилницата. Но, оружјето му се лизнало од раката и Ван Гог се онесвестил. Се разбудил ноќта и ранет тргнал да се врати кон гостилницата. И покрај помошта на лекарот, Ван Гог починал по два дена агонија.

Револверот во 1960 година го нашол земјоделец и го предал на сегашните сопственици на гостилницата. Револверот првин бил закачен на ѕидот во гостилницата, а потоа бил изложен во музејот посветен на Ван Гог во Амстердам.

Американските научници имаат теза дека Ван Гог не се самоубил, туку бил застрелан од млади луѓе што си играле со оружјето.

Прикажи повеќе...

Актуелно

Институтот за духовно и културно наследство на Албанците потпиша соработка со „Вардар филм Македонија“

Објавено пред

Институтот за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје (ИДНКА) потпиша меморандум за соработка со Националната установа „Вардар филм Македонија“.

Протоколот беше потпишан од директорите на двете институции, Скендер Асани во име на ИДНКА и Насер Цури од „Вардар филм Македонија“.

Асани изјави дека потпишувањето на договорот е добра можност за стекнување мостови на соработка.

„На овој начин ние создаваме услови за работа во заеднички проекти за афирмација на културата и воопшто на културното наследство. Со овој протокол на соработка ние отвораме нови патишта за пристап до фондови што ќе помагаат за унапредување на културниот живот во нашата земја“, порача директорот на ИДНКА.

Директорот на „Вардар филм Македонија“, Насер Цури, изрази задоволство за стекнатата формална соработка со Институтот за духовно и културно наследство на Албанците.

„Нашиот стремеж е размена на нашите ресурси и соединување на нашите капацитети за да можеме да произведеме културни проекти со вонвременска вредност“, изјави Цури по потпишувањето на овој протокол.

Со овој меморандум се предвидува двете институции да аплицираат на заеднички проекти и да организираат заеднички културни настани и други активности што се во фокусот на нивната работа.

Прикажи повеќе...

Актуелно

Седми „Викенд на гордоста“ во Скопје

Објавено пред

Викендов, во Скопје почнува седмиот по ред „Викенд на гордоста“, фестивал за квир-култура и уметност. Почетокот е закажан во 21 часот во Музејот на современата уметност. Годинешниот фестивал се отвора со перформансот на Рон Ејти – „Акефално чудовиште“, култен уметник кој во последните 40 години направи тектонски поместувања со своите перформанси во рамките на изведувачките уметности и body arts. Викендот на гордоста оваа година се одржува во периодот 7-9 јуни и 14-15 јуни.

Носечката идеја зад Викендот на гордоста 2019 е GLITTERING WOUNDS („Светкави рани“). Со оваа идеја сакаме да ги истражиме и да ги проблематизираме современите хегемониски политички имагинации и практики на изолираниот, посесивен, децизионистички, приватизиран, рационален и самодостатен субјект и нивната испреплетеност и конститутивна зависност од нормативните рамки и репрезентации на родот, сексуалноста, расата, класата и неолибералната капиталистичка идеологија. Од друга страна, целта ни е да презентираме и да ги промовираме разни нехегемониски светоградечки проекти и историските, социјални и политички проживеани искуства на настраните и жените како извори на алтернативни социјални и демократски хоризонти засновани на релационоста, солидарноста, грижата, афективноста и трансформативноста отаде идентитетската препознатливост.

Најдобро познат по екстремното телесно осакатување, Рон Ејти, се занимава со трансцендентното и возвишеното повеќе од три децении. По „Смртта на Бог“ (познатиот проглас на филозофот Ниче во исчекување на крајот на религијата во западното општество), Ејти верува дека една од улогите на уметникот е да смислува нови форми на ритуал и славење, да го повика светото како противотров за празниот индивидуализам на современиот живот. Во своето ново дело, „Акефално чудовиште“, Ејти се повикува на Акефал, обезглавениот маж, кој послужи како инспирација за истоименото тајно општество на Жорж Батај во борбата против нихилизмот и фашизмот пред Втората светска војна во Франција. Безглавиот или обезглавениот маж претставува моќен симбол за радикална трансформација, водечка сила во сите перформанси на Ејти во кои се залага кон спој на човекот и боговите.

„Акефално чудовиште“ е соло перформанс сочинет од проекции, читања, предавања, апроприран текст и звук.

Делата на Рон Ејти се изложени во светот во деведесеттите години, при што одредени теми, на пример, онаа за христијанските маченици, отворија филозофски дебати за природата на идентитетот преиспитувајќи ги границите на уметничката практика. Во 2013 година беше објавена монографија за неговите дела: Pleading in the Blood, уредена од Доминик Џонсон.

Во рамките на фестивалот скопската публика ќе има можност да ги виде некои од најзначајните совремни уметници и да проследи перформанси на BOYCHILD, Рејчел Јанг и Марикискрајкрајкра, промоција на постхумно издадениот превод на Огнен Чемерски на книгата „Како да се биде геј“, на еден од основоположниците на квир-теоријата – Дејвид Халперин, изложба на Дел Лагрејс Волкано, спектакуларно дрег-шоу на 12 кралици од Берлин, Белград и од Скопје, како и традиционалното СРАМОТА на Пич Прич.

Прикажи повеќе...

Најново

Крвав четврток7 часа

Пресудата за 27 април е на 1056 страници, адвокатите се жалат на рокот

Пресудата за 27 април кога се случи насилниот упад во Собранието е напишана на 1056 страници и веќе им се...

Македонија7 часа

Поплавени подруми, непроодни улици и затнати шахти од невремето во Куманово

Oпштинa Куманово денес од 14,45 до 15,40 часот ја зафати пороен дожд кој направи проблем за собирање на водата во...

Македонија11 час

Анкета на „Макфакс“: Шилегов направил најмалку за градот Скопје

Во онлајн-анкетата што ја спроведе истражувачкиот центар на „Макфакс“, на прашањето „Кој градоначалник на Скопје направи најмалку за градот?“, најголем...

Македонија13 часа

(Видео) Жителите на населбата Јака се жалат – живееме во кал и мрак, без јавен превоз

Седум години по почнувањето на изградбата на населбата Јака во Илинден, состојбата е непроменета – очајна, а општинската власт не...

Македонија13 часа

Хан: Северна Македонија направи храбри компромиси, ЕУ губи ако не ја награди земјата

Политичкиот компромис на земјите од Западен Балкан треба да биде награден, изјави комесарот за проширување, Јоханес Хан, во пресрет на...

Економија14 часа

Објавен јавниот повик за бесплатен одмор за работниците со ниски примања

Јавниот повик за организиран одмор на работници чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето-износот од 22.000 денари е...

Бегството на Груевски15 часа

(Видео) Државата ќе бара екстрадиција на Груевски како организатор на 27 април

Државата ќе бара екстрадиција на поранешниот премиер и бегалец од правдата, Никола Груевски, за настаните од 27 април 2017 година...

Регион16 часа

Јадранот се задушува во пластика и е меѓу најзагадените мориња во Европа

Концентрацијата на пластичен отпад на дното на Јадранското Море е меѓу најголемите во Европа по североисточниот дел на Медитеранот и...

Вести1 ден

Помпео: САД не сакаат војна со Иран

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, денеска изјави дека, иако Иран несомнено е одговорен за минатонеделните напади врз два танкери на...

Македонија1 ден

(Видео) СДСМ избра нов Извршен одбор

Централниот одбор на СДСМ избра нови членови на Извршниот одбор, нов организационен секретар и секретар за меѓународна соработка. Лидерот на...

Спорт1 ден

Победа и одмазда над Грција за сигурно прво место! (галерија)

Македонија ги надмина проблемите од стартот на мечот, и во Струмица ја победи Грција со 27:23 (13:11) во последното коло...

Вести1 ден

Сопругата на премиерот на Израел со државни пари јадела во луксузни ресторани

Сопругата на премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, Сара Нетанјаху, е казнета со 15.000 долари за злоупотреба на државни фондови. Судот...

Спорт1 ден

Рекорд – дрес на Бејб Рут продаден за 5.64 милиони долари!

Дрес на американската безбол легенда Бејб Рут го сруши рекордот за најскапо продадена спортска „меморабилија“, откако на аукцијата во Њујорк...

Свет1 ден

Електричен дефект ги остави Аргентина и Уругвај без струја

Голем дефект во електричната мрежа ги остави Аргентина и Уругвај без струја, соопшти главната електродистрибутивната мрежа на Аргентина. Според информациите,...

Топ2 дена

Мотоциклист удри во 83-годишна жена на „Партизанска“ и побегна

Непознато лице со мотоцикл синоќа на бул.„Партизански Одреди“ во Скопје удри во 83-годишна жена пешак и побегна од местото. Жената...

Свет2 дена

Трамп повторно го нападна градоначалникот на Лондон поради насилствата

Американскиот претседател Доналд Трамп уште еднаш го критикуваше градоначалникот на Лондон, Садик Кан, нарекувајќи го „катастрофа“, кој го уништува главниот...

Свет2 дена

Се судрија два мали авиони во Нов Зеланд, загинаа двајцата пилоти

Два лесни авиони се судрија при слетување на аеродромот „Худ“ на Нов Зеланд, двајцата пилоти загинаа, соопшти полицијата. Според информациите,...

Свет2 дена

Силно невреме во Швајцарија и Франција, има и загинати

Една жена загинала кога на неа паднало дрво, а друга жена загинала во несреќа на езеро во источна Франција, кое...

Свет2 дена

Вонредна состојба на Нов Зеланд по земјотрес во океанот, се очекува силно цунами

Новозеландската цивилна заштита издаде предупредување после земјотресот со интензитет од 7,4 степени, регистриран во Тихиот океан кај островот Кермадек, ненаселена...

Бегството на Груевски2 дена

Груевски: Напамет не ми паднало да влегувам во багажник за какви било цели

Експремиерот Никола Груевски се огласи на Фејсбук по изјавата на премиерот Заев за германски „Франкфуртер алгемајне цајтунг“(ФАЦ), каде тој рече...

Досие