Култура
„Браќа Манаки“ објави повик за пријавување филмови за 46. издание
Филмскиот фествал „Браќа Манаки“ го најавува своето 46. издание, кое ќе се одржи во Битола и објавува повик за пријавување филмови.
Пријавувањето е од 17 април до 27 јуни на https://filmfreeway.com/ManakiBrothers.
Награди:
– Златна камера 300 за најдобра кинематографија (официјален избор)
– Сребрена камера 300 за кинематографија (официјален избор)
– Бронзена камера 300 за кинематографија (официјален избор)
– Железна камера 300 за најдобра кинематографија (конкурс за документарни филмови)
– Мала камера 300 за најдобра кинематографија (конкурс за кратки филмови)
– Кристална камера 300 за најдобра кинематографија (конкурс за студентски филмови)
Почесни награди:
– Златна камера 300 за животно дело во кинематографијата
– Специјална Златна камера 300 за исклучителен придонес во светската кинематска уметност
– Златна камера 300 за креативна синергија (кинематографер и режисер или Гафер или оператор на камера или Steadicam оператор или држач за клучеви)
– Голема ѕвезда на македонската кинематографија
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Бурхан Шабан во Скопје – концерт на еден од најзначајните интерпретатори на духовна музика на Балканот
Македонската публика ќе има можност да присуствува на концерт на Бурхан Шабан, истакнат уметник, хафиз и еден од најпрепознатливите изведувачи на илахии, касиди и суфиска музика на Балканот.
„Роден во Скопје во 1970 година, Бурхан Шабан уште на 14-годишна возраст станува хафиз на Чесниот Куран. Неговиот музички и духовен пат продолжува во Сараево, каде што како млад изведувач стекнува широка препознатливост и го добива прекарот „Малиот Хафиз“. Како солист на Хорот на Гази Хусрев-беговата медреса, тој одиграл значајна улога во развојот и афирмацијата на современата духовна музика во Босна и Херцеговина. Неговиот глас е дел од првите професионални снимки на илахии и касиди, а неговата работа придонела за популаризација на стотици духовни композиции меѓу новите генерации“, соопштија од Турскиот културен центар Јунус Емре – Скопје
Во текот на својата повеќедецениска кариера, Бурхан Шабан има објавено бројни албуми и музички проекти, меѓу кои „Скопски Илахии“, „Bosanska Djeca“, „Yar Uğruna“, „Ja sam Vjetar Zaljubljeni“ и други. Во 1996 година учествувал во меѓународниот проект „I Have No Cannons That Roar“ на Јусуф Ислам (поранешен Cat Stevens), реализиран во Лондон.
Неговата музика претставува спој на духовност, традиција и современ музички израз, а со своите настапи оставил силен белег во земјите од Балканот, Турција и пошироко.
Во 2021 година е добитник на престижната награда „Fra Grgo Martić“ од AMUS за придонес во зачувувањето и промоцијата на музичкото наследство во Босна и Херцеговина. Неговата композиција „Selamımı Söyle Ona“, снимена со Хорот Хамза, беше меѓу најслушаните духовни музички дела во Сараево за време на Рамазан 2024 година.
Концертот во Скопје претставува ретка можност македонската публика повторно да се сретне со уметник чии корени потекнуваат од Македонија, а чие творештво оставило значаен печат врз духовната музичка сцена на Балканот.
Датум: 24 јуни 2026
Време: 19.30
Локација: Сала на Македонската Филхармонија – Скопје
Влезот е слободен.
Култура
Премиера на новата претстава „Интервју“ на сцената на Турски театар
На 19 јуни (петок), со почеток во 20:00 часот, на сцената на Турски театар ќе се одржи премиерата на претставата „Интервју“, по текст на Онур Озџан, во режија на Александра Кардалевска.
Во претставата играат Хакан Даци, Џенап Самет, Слаѓана Вујошевиќ и Јеткин Сезаир, додека сценографијата и костимографијата се дело на Онур Озџан.
„Интервју“ е современа психолошка драма која низ навидум обично интервју за вработување постепено отвора прашања за моќта, манипулацијата, амбицијата и цената што луѓето се подготвени да ја платат за успех. Она што започнува како формална процедура, се претвора во напната игра на откривање, во која границите меѓу вистината и конструкцијата, меѓу професионалниот и личниот идентитет, стануваат сѐ понејасни.
Претставата навлегува во светот на современиот човек, опседнат со позиции и признанија, поставувајќи го прашањето колку далеку сме подготвени да одиме за да го добиеме она што го посакуваме. Во атмосфера исполнета со неизвесност и психолошка тензија, ликовите се соочуваат со сопствените стравови, компромиси и морални граници.
„Интервју“ остава талог на вознемиреност токму затоа што не зборува само за еден процес на селекција, туку за општество во кое успехот станува основна мерка за вредноста на човекот. Претставата ја разоткрива кревкоста на идентитетот и леснотијата со која поединецот може да се изгуби во потрагата по признание, статус и моќ.
Со оваа премиера, Турски театар на публиката ѝ нуди современо и возбудливо театарско искуство кое отвора важни прашања за времето во кое живееме и механизмите што ги обликуваат нашите избори.
Премиера: 19 јуни 2026 година
Време: 20:00 часот
Место: Турски театар
Култура
Владо Јовановски, Роза Трајческа, Димитар Јакимовски и Апостол Трпески добитници на наградите „Златна рамка“ за 2026 година
Друштвото на филмски работници на Македонија вечерва по осми пат ќе ги додели почесните награди „Златна рамка“ кои годинава ги добиваат актерот Владо Јовановски, костимографката Роза Трајческа и филмскиот работник Димитар Јакимовски. Оваа година за првпат ќе биде доделена и специјалната награда „Златна рамка – за особен придонес кон ДФРМ и македонската кинематографија“, која му припадна на Апостол Трпевски.
Одлуката за добитниците на наградите „Златна рамка“ за 2026 година ја донесе Управниот одбор на ДФРМ, во состав Марија Димитрова, Илија Циривири, Лабина Митевска, Георги Унковски, Марко Ѓоковиќ, Атанас Велковски, Дејан Ѓошевски, Драган Спасов, Костадин Дончев, Андреј Бартлинг и Златко Калеников, со следното образложение:
„Златна рамка за актер“ му се доделува на Владо Јовановски за неговата посветеност кон актерската професија, уметничкиот интегритет и исклучителниот придонес во развојот и афирмацијата на македонскиот филм и театар. Јовановски повеќе од три децении остава длабока трага во македонскиот театар, филм и телевизија, преку бројни впечатливи улоги во делата што ја одбележаа современата македонска кинематографија, меѓу кои „Збогум на дваесеттиот век“, „Прашина“, „Големата вода“, „Бал-Кан-Кан“, „Трето полувреме“, „До балчак“, „Ослободувањето на Скопје“, како и во телевизиските проекти „Преспав“, Утре наутро“ и други.
„Златна рамка за автор“ ѝ се доделува на Роза Трајческа, која во текот на својата долгогодишна кариера создаде препознатлив визуелен израз во бројни домашни и меѓународни филмски, телевизиски и театарски продукции, меѓу кои „Збогум на дваесеттиот век“, „Сестри“, „Домаќинство за почетници“, „DJ Ahmet“. Нејзината работа се одликува со исклучителна креативност, прецизност и длабоко разбирање на ликот и филмскиот контекст, со што значајно придонесува кон уметничкиот квалитет и визуелниот идентитет на современиот македонски филм. Со својот професионализам и посветеност, Роза Трајческа остава траен белег во развојот на костимографијата и филмската уметност во Македонија.
„Златна рамка за филмски работник“ му се доделува на Димитар Јакимовски, кој со децении е значаен дел од македонската филмска индустрија во секторот сценографија, придонесувајќи кон реализацијата на бројни домашни и меѓународни продукции. Неговата професионалност, посветеност и подготвеност за соработка го прават еден од најценетите филмски работници Македонија.
Специјалната награда „Златна рамка за особен придонес кон Друштвото на филмски работници на Македонија и македонската кинематографија“ му се доделува на Апостол Трпески, како признание за неговата долгогодишна посветеност, визија и неуморен ангажман во развојот на македонскиот филм. Во својата повеќедецениска кариера како директор на фотографија тој остави значаен авторски белег во бројни филмски, телевизиски и документарни проекти, меѓу кои „Џипси меџик“, „До балчак“ и „Златна петорка“. Како професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Трпески беше учител, ментор и инспирација за бројни генерации филмски автори и сниматели, пренесувајќи им не само знаење и вештини, туку и љубов кон филмската уметност. Со својата човечност, професионален интегритет и несебична поддршка на филмската заедница, тој остави трајна трага во развојот на Друштвото на филмски работници на Македонија и наследство што ќе продолжи да живее низ делата и луѓето што ги создаде и инспирираше.
Наградите ќе бидат врачени на свечената церемонија поддржана од општина Центар, Младинскиот културен центар.
