Контакт

Култура

„Варајати“ за „Врба“ на Манчевски: Суптилен, длабок портрет на мајчинството по кое се копнее

Објавено пред

Филмската библија „Варајати“ објави рецензија за „Врба“, шестиот филм на на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски.

Во рецензијата во најпознатото филмско списание насловена како „Врба: Суптилен, длабок портрет на мајчинството по кое се копнее, помножен со три“, филмската критичарка Џесика Кианг вели: „Три приказни за македонско мајчинство одекнуваат низ вековите во моќната, евокативна и прекрасно одглумена драма на Милчо Манчевски“.

По минатонеделното прикажување на Сараевскиот филмски фестивал, нареднава недела „Врба“ ќе ја има и кинеската премиера, во престижната конкуренција за награди на Филмскиот фестивал во Пекинг, а организаторите велат дека сите проекции на филмот се однапред распродадени. Во октомври следи шпанската премиера на фестивалот во Валенсија.
Во рецензијата во „Варајати“ за „Врба“ се вели:

„Жените во „Врба“ на Милчо Манчевски не се стари баби, но нивните приказни имаат чувство на нешто народно – дури и оние две од трите што се случуваат во денешно време. Користејќи трипартитна структура која го привлекуваше режисерот и во минатото, особено во неговото деби од 1994 „Пред дождот“, филм кој беше номиниран за Оскар и победи во Венеција, Манчевски извлекува три извонредни женски актерски остварувања од неговите главни актерки, од кои секоја ја тера својата сопствена приказна за маките, кривиците и огромните жртви на мајчинството. Често трагична, често сурова, „Врба“, видена низ милозливата, озарена камера на директорот на фотографија Тамаш Добош, сепак задржува леснотија и енергија која на крајот успева да биде оптимистичка – не толку приказна за жалоста на врбата колку за нејзината способност да се извиткува со небаре бескрајна флексибилност без да се скрши.

Првото поглавие е најочебијно митско, лоцирано во средновековно македонско село, каде млад пар – неверојатно синооката Донка (Сара Климоска) и нејзиниот голем, навидум мек маж Милан (Никола Ристески) – очајно се обидуваат да зачнат. Откако залудо ќе ги поминат сите ритуални суеверија, тие одат кај една стара жена со лице од карст и остар јазик (Ратка Радмановиќ), за која се смета дека ќе ја излечи нивната јаловост. Откако прво ќе го исмее Милан („Во права дупка го клаваш?“, го прашува), „мајче“ се согласува да им помогне, но под еден страшен услов: Таа го сака нивното првороденче. Ќе имаат уште многу други, грубо им вели, а неа ѝ треба некој да се грижи за неа.

И таман што сме се раскомотиле во овој феудален свет на грубо платно, медени слики од камени мостови, житни полиња и речни брегови, еден брз рез нѐ транспортира во ноќна сообраќајна гужва во дождливо модерно Скопје. Таксистот Бранко (Ненад Нацев) прави несмотрен потег и удира старец што ја преминува улицата. Додека Бранко чека прво на брзата помош, а потоа и на полицијата, а дождот му се собира во долгата брада, од еден балкон го гледа Родна (Наталија Теодосиева) која најпосле слегува долу кај него со чадор за неочекувано мила слатка средба. Нивната заносна романса се расплетува во ритам на неконвенционална романтична комедија – сѐ додека, финансиски истоштени од ин-витро третмани, тие најпосле на зачнат со близнаци. Отпрво личи како да добиле двоен благослов, за набргу да прерасне во невозможна дилема која станува семе на раздорот меѓу нив.

И на крај, Катерина (Камка Тоциновски), сестрата на Родна, спореден лик во делот на Родна, добива свое поглавје. Како мајка што го посвоила сиракот Кире (Петар Царановиќ), таа е напната и загрижена поради неговото мрачно, упорно молчење, отелотворувајќи ја постојаната исцрпеност предизвикана од жестоко сакање дете кое за возврат не сака или не може да сака. Но, во изненадувачките, а сепак кредибилни пресврти на оваа последна приказна, Манчевски прави некои од неговите најдлабоки опсервации за мајчинството, за тоа како тоа не е толку биолошка или дури и емотивна врска со партнер или дете, колку серија на избори, спогодби и тргувања кои мајката ги прави со себе, со светот или со Судбината. Дури и кога би можело да има некаква пуританско толкување околу тоа која од жените е „казнета“, а која „наградена“, независноста на духот на сите три се опира на вакви симплифицирања. Жениве можеби ги обединува мајчинството, но во секој друг поглед тие си се сосема свои.

Манчевски носи филигрански опсервирани хумор и трогателност и во значајни и во прозаични случки. „Сега легни си“, му вели Донка на нејзиниот „стопан“ маж Милан после обедот, „за јадењето да мисли дека цар го јадел“. Родна и Бранко, дури и среде финансиските грижи си имаат фантастична, кикотлива, несмасна секс сцена. Катарина ѝ ги раскажува на Родна маките со Кире додека ѝ ги лакира ноктите на нозете на Родна. Симболи и мотиви се повторуваат во рефрените на музиката на Кирил Џајковски модулирана со народни мотиви: дробењето на јаболко, судбински камен, стари обреди за плодност како триење земја на кожата кога грми или јадење три зрна град. И другите попатни нешта имаат суптилни, метафизички значења – како презимето на Бранко кое навестува исконска врска со саканото спорно првенче на Донка – уште поевокативни затоа што не се перфектни паралели.

Некои понемилосрдно геометриски сензибилитети можеби ќе се вознемират од привидниот дисбаланс во пристапот на Манчевски: една приказна во средновековното полумитско минато, а другите две поврзани и современи. Но, „Врба“ не е филм на линеарна логика, туку на алузии и асонанци, на еха и одгласи. Можеби приказната на Донка е коренот, на Родна стеблото, а на Катерина гранката, а елегантното, надежно огледување на почетокот и крајот – едно дете се губи, друго дете е пронајдено – е едноставно виткањето на ова особено дрво кое несвесно му се поклонува на своето потекло закопано длабоко во земјата на некое дамнешно минато“, се вели во рецензијата на „Варајати“.

„Врба“ го започна своето патување со светска премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година, каде што беше забележан со исклучително позитивни критики. По македонската премиера, филмот играше в кино два и пол месеци и ги сруши рекордите на гледаност. „Врба“ беше и дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј, Талин, ФЕСТ во Белград, Бенгалуру во Индија, Синеквест во Калифорнија, Софија, Истанбул, Клуж-Напока и други.
„Врба“ ја освои и наградата Најдобар филм во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, како и наградата за најдобар филм на камерниот фестивал на независни филмови во Велингтон, Нов Зеланд.

Култура

Почнува фестивалот на комедијата „Гола месечина“

Објавено пред

Од вечерва до 3 октомври ќе се одржува фестивалот на комедијата „Гола месечина“, кој е во продукција и организација на НУ Театар „Комедија“, а под генерално покровителство на Општина Аеродром.

„Годинешното издание на фестивалот е малку поинакво од досегашните. Пандемијата ни ги промени секојдневието и начинот на работа и функционирање, но не дозволивме да нè сопре во нашата цел – животот на театарот, животот на комедијата. Затоа сите заедно и солидарно смогнавме сили за да го одржиме нашиот традиционален фестивал. Долго размислувавме дали годинава да имаме гости од соседството, но сепак на крајот одлучивме да им отстапиме максимален простор на македонските театарски работници и да го избереме најдоброто“, велат организаторите на настанот.

Во текот на шесте фестивалски вечери публиката ќе може да гледа пет претстави од домашни продукции и еден стендап-настап. Влезот за публиката и годинава е бесплатен, со тоа што ќе може да се влезе само со приложување билет поради ограничениот број седишта, а бесплатните билети ќе може да се подигнат од билетарницата на СЦ „Јане Сандански“ во Аеродром.

Фестивалот ќе се одржува под посебни протоколи за одржување настани на отворено, на сцена поставена на фудбалското игралиште покрај детската градинка „Сонце“ во Реонскиот центар – Аеродром.

Претставите почнуваат во 20 часот, а влезот за посетителите, кои ќе мора да носат заштитна маска, ќе биде отворен од 19 часот.

„И оваа година, во рамките на последната фестивалска вечер, ќе доделиме признанија и награди, меѓу кои и наградата за животно дело ‘Анче Џамбазова’, која ја воведовме од минатата година. Се надеваме дека временските услови ќе ни излезат во пресрет и дека Фестивалот на комедијата и годинава ќе помине успешно и ќе внесе доза позитивност и смеа во нашето секојдневие и ќе го збогати културниот живот во Скопје“, изјавија од управата на НУ Театар „Комедија“.

Прикажи повеќе...

Изложби

Се отвора изложбата Panic Room во Музејот на современата уметност

Објавено пред

На 2 октомври во Музејот на современата уметност – Скопје, со почеток во 12 часот, ќе биде отворена групна изложба „Panic Room или скок во мислењето“.

Во поставката земаат учество уметниците: Искра Димитрова, Нехат Беќири, Верица Ковачевска, Нада Прља, Велимир Жерновски, Матеј Богдановски, Христина Иваноска, Јане Чаловски, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Никола Узуновски и групата ОПА. Кураторка на изложбата е Љиљана Неделковска.

Последиците од климатските промени, на чии процеси во голема мера влијае нaчинот на кој човекот се однесува, ја искористува и уништува природата, забрзано ги менуваат животните услови: загаден воздух, почва, мориња, топење на мразот, пожари, поплави, уништени екосистеми, миграции, глад, пандемии… Изложбата ја тематизира состојбата на глобалната опасност што му се заканува на светот.

Уметниците со оваа изложба на разни начини и со разни уметнички техники (сликарство, инсталација, цртеж, видео, фотографии, постери, уметничкo истражувачка работилница, интерактивен виртуелен и партиципативен проект), исцртуваат координати за лоцирање на проблемите со кои се соочува современиот свет во кој живееме, како и на можни креативни платформи како места на отскок од вообичаените практики на мислење и дејствување.

„Концепт на изложбата Panic room е да се понудат можни начини на редизајнирање или ресетирање на нашиот однос кон природното и социјалното опкружување. Создавање инакви пристапи на поврзување и солидарност помеѓу луѓето и нивната околина наспроти вообичаениот начин на кој животните услови се земаат здраво за готово, како нешто што се подразбира, како нешто што ни е дадено и што ни припаѓа.
Воедно, изложбата е и критика на неолибералната финансиска, технолошка, биополитичка, односно некрополитичка стратегија на манипулирање и колонизирање на сите сфери на просторното, биолошкото и симболичкото постоење, и критика на скриената логиката на функционирањето на глобалниот пазар: што повеќе катастрофи (војни, политички, економски и еколошки кризи), толку повеќе профит“, вели кураторката Неделковска.

Panic room не подразбира некакво безбедно место, каде што би можеле да се скриеме (како во филмот на Дејвид Финчер, од кој е и позајмен насловот), туку се однесува на интимниот, внатрешен простор како место на одлука за одлучен пресврт во мислењето: наместо резигнирано да прифатиме дека е многу полесно да се замисли крајот на светот отколку крајот на капитализмот, да направиме скок во мислењето и да го замислиме крајот на капитализмот повикувајќи „нова земја, нов народ“ (Жил Делез, Феликс Гатари) притоа отворајќи можности за нова уметност на живеење и заедништво во светот и со светот. Наместо екологија на стравот, екологија на мислењето.

Ако уметноста сè уште може да не погоди, провоцира, да нè измести од нашите кодифицирани светогледи, ако сè уште може да иницира креативни и критички места од кои би се развивале потенцијални линии на отпор и промена, тогаш таа мора сета своја креативна сила да ја насочи кон разградување на воспоставените клишеа на мислење од кои постојано ги храниме нашите предрасуди и нашите ресентименти.

Во оваа насока, изложбата можеби треба повеќе да се чита како еден вид експеримент, вежба во мислењето, поттик и обид од мислењето да се направи настан, сила со потенцијал за трансформација и промени оттколку само како постановка на дела кои преку понудените уметнички и естетски концепти може длабоко да нè допрат и за миг да ја разбудат во нас свеста за опасноста во која се доведовме, и себеси и светот. Зашто, за да мислиме, не треба само да станеме свесни, туку треба да направиме и пресврт. Пресврт во мислењето.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура како дел од Годишната програма за 2020 и ќе биде отворена до 1 ноември.

Прикажи повеќе...

концерти

„Шпански танц“ со Филхармонијата

Објавено пред

„Шпански танц“ е насловот на концертот на Филхармонијата, кој ќе се одржи в четврток (1 октомври) во 20 часот, на кој ќе бидат изведени барокни варијации „Пасчакона“ од македонскиот композитор Благој Цанев и „Кармен свита“ од Бизе – Шчедрин.

Со оркестарот ќе диригира Емил Табаков од Бугарија.

Барокните варијации „Пасчакона“ за гудачки оркестар се напишани во стилот на необарокот, како што сугерира и самиот наслов на композицијата. Делото е напишано како омаж на творештвото на Јохан Себастијан Бах во 1985 година по повод 300-годишнината од раѓањето на композиторот.

Во „Кармен суита“, Шчедрин успева да ѝ даде нов здив на музиката на Бизе и да создаде креативен омаж наместо едноставен аранжман. Музиката за балетот е инвентивна и полна со енергија и активно го живее својот интернацинален живот како концертна свита.

Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија1 час

Одбраната на Јанакиески: Ако бил близок соработник на Груевски немало да биде прислушуван

Адвокатот Димитар Дангов во завршните зборови посочи дека обвинението против Миле Јанакиески за „Насилство во Центар“ треба да биде повлечено...

Македонија2 часа

Четири лица починаа, потврдени 48 нови случаи на коронавирус во Македонија

Во последните 24 часа потврдени се 48 нови случаи на коронавирус од 387 теста, а починаа четири лица, соопшти Министерството...

Македонија2 часа

МОН: Во тек се тестирањата на Националната платформа за онлајн-настава

Во тек се тестирањата на платформата, се работи на нејзина оптимизација, велат од Министерството за образование и наука по реакциите...

Свет3 часа

(Видео) Жестоки борби во Нагорно-Карабах, светските лидери бараат прекин на огнот

Голем судир меѓу Ерменија и Азербејџан избувна во регионот Нагорно-Карабах. ООН повика на итен прекин на огнот. Москва, Вашингтон и...

Свет3 часа

Kина: Запрете го увозот на замрзната храна од загрозените земји, преку неа се пренесува короната

Властите во Пекинг апелираа до увозниците да престанат да увезуваат замрзната храна од земјите погодени од епидемијата Ковид-19 бидејќи примероците...

Македонија4 часа

Притвор за десеттемина дрвокрадци кои претепаа полицајци

Судот определи мерка притвор од 30 дена за десет осомничени лица кои биле вклучени во претепувањето на полициските службеници во...

Регион5 часа

Трамп: Лидерите на Србија и Косово се прегрнаа во Белата куќа, прекрасно беше да се види тоа

На предизборен митинг во сојузната држава Пенсилванија, Трамп повторно зборуваше за неговото посредување меѓу Србија и Косово, како и меѓу...

Економија5 часа

Усвоен четвртиот пакет економски мерки – 470 милиони евра за поддршка на граѓаните и стопанството

Владата на вчерашната редовна седница ја разгледа информацијата за четвртиот сет економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на...

Македонија6 часа

Седум града со над 100 активно заразени од коронавирус

Во моментот во земјата како активни се водат 2.323 случаи на заразени од коронавирус. Од нив, во седум македонски града...

Економија18 часа

Субвенции и за казината – ќе плаќаат само една третина од износот за лиценца

Во четвртиот сет мерки Владата предвиде субвенции за приредувачите на игри на среќа за месеците октомври, ноември и декември. Тие...

Македонија19 часа

Заев и Борисов разговараа телефонски: Историските комисии треба да најдат решенија прифатливи за двете страни

Премиерите на Република Северна Македонија и Република Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, денеска телефонски разговараа за повеќе области на...

Регион20 часа

Серија земјотреси кај Атос

Серија земјотреси, од кои најсилниот од 5,2 степени според Рихтеровата скала, ја погодија областа Атос во Грција во последните 24...

Свет20 часа

(Видео) Борбите околу Нагорно-Карабах траат со часови, има мртви и ранети војници и цивили

Парламентот на Азербејџан прогласи воена состојба и полициски час во неколку региони по вооружениот конфликт со Ерменија околу Нагорно-Карабах, јавува...

Свет21 час

Папата Франциско повика на мир меѓу Ерменија и Азербејџан

Папата Франциско денеска апелираше до Ерменија и Азербејџан да ги решат „нивните недоразбирања“ преку преговори по конфликтот за отцепениот регион...

Топ22 часа

Шестгодишно дете почина од струен удар во Скопско

Шестгодишно дете почина од струен удар во Скопско. Како што информира МВР, вчера во 14.25 часот во СВР Скопје, од...

Македонија23 часа

Tројца починати и 148 новозаразени од Ковид-19

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1.224 тестирања, а регистрирани се 148 нови случаи на...

Економија24 часа

Викенд без ДДВ од 10 до 12 октомври

Викендот без ДДВ ќе биде за време на празничниот продолжен викенд од 10-12 октомври. Државата ќе врати ДДВ на секој...

Топ1 ден

Малолетник од Струмица осомничен за 13 тешки кражби и разбојништва

Струмичката полиција до надлежното Основно јавно обвинителство ќе поднесе пријава против 13-годишник од Струмица, поради сомнение дека извршил 13 кривични...

Европа1 ден

Брисел – ново европско жариште на вирусот

Дневниот просек на новоинфицирани со коронавирусот во последната недела во Брисел е 2.305, односно 340 заразени на 100 илјади жители....

Свет1 ден

(Видео) По Нагорно-Карабах и Ерменија прогласи воена состојба, тензиите ескалираат

Ерменските власти денеска прогласија воена состојба и општа мобилизација откако избувнаа нови судири во Нагорно-Карабах меѓу тамошните сепаратисти поддржани од...

Досие