Култура
Во конкуренција 39 романи за наградата „Роман на годината“

Жири-комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав Владимир Јанковски (претседател), Катица Гароска-Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата), констатира дека годинава во конкуренција се пријавиле 39 романи.
Жири-комисијата е должна да го соопшти добитникот на наградата најдоцна до 15 март оваа година.
Наградата „Роман на годината“, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, годинава се доделува 23-ти пат и се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Б.Ц. Брас“ за првпат во Скопје со оперски арии изведени на лимени дувачки инструменти

В петок, во 20:00 ч., во малата сала на „НУ Филхармонија“, љубителите на звукот на лимените дувачки инструменти ќе можат да уживаат во настапот на ансамблот „Б.Ц. Брас“ (Balkan Connection Brass).
Ансамблот ќе настапи со својата нова програма насловена како „Опера Брас“, која ќе ѝ овозможи на публиката да ги слушне најпознатите оперски арии и увертири, изведени со сосема поинаков, лимен звук.
„Б.Ц. Брас“ е ансамбл составен од најдобрите музичари на лимени дувачки инструменти од Словенија, Хрватска и Србија, кои имаат долгогодишно искуство во камерното, оркестарското и солистичко музицирање.
„Овој состав од самиот свој почеток се обидува да наметне висококвалитетни изведби на едни од најсложените предизвици во камерното музицирање за брас квинтет. Своето знаење, членовите на овој состав го имаат стекнато преку усовршување на најпрестижните музички факултети во Европа и пошироко, кај едни од најпознатите педагози за лимени дувачки инструменти, освојувајќи повеќе награди на реномирани музички натпревари. ‘Опера Брас’ е најава за она што нѐ очекува на второто издание на ‘Скопје Брас фестивал’ – денови исполнети со добропознатиот звук на лимените дувачки инструменти и прославување на брас културата“ – изјави Александар Ниниќ, претседател на „Макбрас асоцијација“ и организатор на „Скопје Брас фестивал“.
Влезот на концерот е бесплатен и поканети се сите кои сакаат да го збогатат и освежат своето секојдневие со нешто ново и, секако, да уживаат во квалитетна музика. Капацитетот на салата ограничен до 300 лица и вратите ќе бидат отворени до пополнување на капацитетот, информира организаторот.
Настанот е поддржан од Министерство за култура, Град Скопје и „Макбрас асоцијација“.
Култура
Драмски театар со претставата „Странци“ ќе гостува во Велес и Битола

Драмски театар Скопје, со претставата „Странци“ ќе гостува на сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов–Џинот“ во Велес на 20 мај (петок), во 20 часот, во рамките на првото издание на театарскиот фестивал посветен на Петре Прличко. Фестивалот „5ре“ има ревијален карактер со изведба на седум хит комедии од македонските театри.
Претставата „Странци“ својата 52. изведба ќе ја реализира пред публиката на 23. Интернационален фестивал на монодрама кој се одржува во Битола. Претставата учествува во ревијалната програма и ќе биде изведена на големата сцена на Центарот за култура и Битолскиот народен театар на 21 мај (сабота) со почеток во 20 часот.
Режисерката Нела Витошевиќ вели дека „Странци“ е „претстава за луѓе од нашето секојдневие, за нас, за оние од публиката и за тие на сцена“. Во изведбата учествуваат актерите: Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски. Драматург на претставата е Викторија Рангелова-Петровска, сценограф Костантин Трпеноски, костимограф Роза Трајческа-Ристовска, а музиката е на композиторот Огнен Анастасовски.
Култура
Балетската претстава „Жизел“ од Адолф Адам на сцената на Националната опера и балет

Романтичниот балет во два чина „Жизел“ ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 21 мај 2022, со почеток во 20:00 часот, во рамките на јубилејното 50.издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“ 2022.
Диригент на претставата е гостинот од Грузија, Давид Мукерија. Магичната и безвременска приказна за несреќната љубов, преточена во музиката на францускиот композитор Адолф Адам, а во кореографија на Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа, Леонид Лавровски. Адаптацијата на кореографијата е на Ирена Пасариќ од Хрватска. Костимографијата е на Александар Ношпал, сценографијата на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, светло дизајн: Милчо Александров.
Во насловната улога ќе настапи примабалерината од Романија Кристина Дижмару, добитничка на многу награди и признанија во балетската уметност. Во улогата на Алберт ќе настапи Станислав Олшанскиј, првенец на Националната опера и балет во Украина , во улогата на Мирта: Ивана Коцевска, Хиларион: Игор Веланоски, селско па де де: Христина Наќевска и Балаж Лашеи (Унгарија).
Настапува оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.