Култура
Во македонскиот КИЦ во Загреб отворено првото издание на Фестивалот на современата македонска книжевност
Пред бројна публика во македонскиот КИЦ во Загреб беше отворено првото издание на Фестивалот на современа македонска книжевност којшто македонскиот КИЦ го реализира во соработка со реномираната македонска издавачка куќа ,,Македоника литера“ .
Фестивалот го отвори директорката на Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска која истакна дека, целта на Фестивалот е да ја покаже важноста на книжевниот превод како уметнички и творечки чин и како поттик за книжевна размена и културен дијалог. Фестивалот е осмислен како простор за разговор, соработка и нови инспирации на авторите, преведувачите, издавачите и читателите. Тој е отворена културна прилика да им оддадеме признание на оние кои ја создаваат книжевноста, на оние кои ја преведуваат и на оние кои ја читаат и ја сакаат.
Пред присутната публика се обрати македонскиот амбасадор во Хрватска Н.Е. Драган Ѓурчевски кој ја истакна важноста на македонскиот КИЦ за културната македонско-хрватска соработка.
Директорот на издавачката куќа “Македоника литера” , Нове Цветаноски, ги претстави изданијата од хрватски автори преведени на македонски јазик, а од името на хрватските автори се обрати Драго Гламузина, писател и уредник.
Во присуство на авторите беа промовирани и хрватските изданија на книгите „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски и „Чувар на тајната“ од Ранко Младеноски кои неодамна беа публикувани на хрватски јазик. На промоцијата покрај авторите учествуваа и Дијана Бахтијари од издавачката куќа „Тим прес“, Томислав Ровичанац, преведувач, како и Жарко Милениќ, издавач и преведувач. Модератор на промоциите беше Владимир Илиевски.
Книжевниот фестивал треба да придонесе за афирмација на совремната македоснка книжвност и за продлабочувањето на македонско-хрватските културни врски, посебно во полето на книжевноста.
Во рамките на годинашната фестивалска програма беше отворена изложба на книги од хрватски автори преведени на македонски јазик, објавени од Друштвото за издавачка дејност ,,Македоника литера“, која досега има публикувано близу 50 наслови од хрватската книжевност.
На отворањето на првото издание на Фестивалот присуствуваа еминентни хрватски автори, преведувачи и издавачи, истакнати претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб, бројни загрепчани, Македонци кои живеат, работат или се школуваат во Загреб, студенти на Филозофскиот факултет во Загреб, како и претставници на државната и локалната самоуправа во Република Хрватска.
Вториот ден од Фестивалот продолжува со трибина ,,Хрватско-македонските културни врски низ призмата на книжевниот превод и промоции на академик Горан Калоѓера, проф. д-р Борјана Прошев Оливер и фототипното издание на ,,Бели мугри” од Кочо Рацин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот филм „Неми филмови“ меѓу најдобрите анимирани кратки дела за 2025 според „Animation Magazine“
Kраткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски е вклучен во изборот на Animation Magazine за најистакнати анимирани кратки филмови во 2025 година.
Во текстот „Избор на познавачот: Субјективен критички преглед на најдобрите кратки анимирани филмови за 2025 година“, авторот Крис Робинсон – долгогодишен уметнички директор на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Отава – го наведува филмот како едно од најзначајните остварувања во годишниот преглед.
Робинсон го оценува „Неми Филмови“ како дело што се издвојува по визуелниот јазик, атмосферата и авторскиот пристап, особено преку неговата stop-motion естетика и внимателно развиена визуелна нарација. Како влијателна фигура во светот на независната анимација, неговата препорака се смета за важен сигнал за квалитет и релевантност на филмот.
Култура
Сорентино и филмот „Југо Флорида“ со Андрија Кузмановиќ на репертоарот на „Синедејс“
Денес, на претпоследниот ден од 24 издание на фестивалот Синедејс, во киното Фросина, со почеток од 20 часот ќе биде прикажан филмот “Помилување” во режија на славниот италијански режисер Паоло Сорентино. Филмот “Помилување” ја имаше својата светска премиера на 82 издание на Венецискиот филмски фестивал, со што се отвори и 82-та Мостра. Токму на овој фестивал, актерот Тони Сервиљо ја доби наградата “Волпи” за најдобар актер, а филмот беше номиниран за “Златен Лав”.
На истата локација, во 22.30 часот ќе биде прикажан филмот “Југо Флорида” во режија на Владимир Тагиќ, каде главната улога ја остварува популарниот српски актер Андрија Кузмановиќ. За ова остварување, актерот ја добива наградата “Срце на Сараево” за најдобра улога на Сараевскиот филмски фестивал во 2025 година.
Од останатите филмови на вечерашниот репертоар на фестивалот, во Денснг салата на МКЦ следи и краткиот филм “Зајак” во режија на Ханис Багашов кој се здоби со наградата Најдобар филм на фестивалот на краток филм Дримшорт во Струга и “Еден од оние денови кога Хеме умира” во режија на Мурат Фиратоглу. Во Кинотеката, ќе биде прикажан филмот “За Ева” краткиот филм во режија на Бојан Василев и “Вена” во режија на Кјара Флајшхакер.
Билети за фестивалот може да се набават на официјалната страница www.cinedays.mk.
Култура
Комичното оперско ремек-дело „Севилскиот бербер“ на 13 декември на сцената на Националната опера и балет
На 13 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе комичното оперско ремек-дело „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини – опера која со својата духовитост, динамика и незаборавни арии со децении ја плени домашната и светската публика.
Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), режијата е на Урсула Хорнер (Австрија), сценографијата на Марија Ветероска, а костимографијата на Марија Пупучевска. Концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор Ѓурѓица Дашиќ.

Во солистичката екипа ќе настапат: Роберто де Кандиа (Италија), Николина Јаневска, Чанг Ванг (Кина), Владимир Саздовски, Јанoш Носек (Полска), Злата Тошевска Димовска, Драган Ампов, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, чембало: Анастасија Грговска заедно со хорот и оркестарот на МОБ.

„Севилскиот бербер“ е едно од најпрепознатливите дела на Росини – автор кој со својата музичка виртуозност и карактеристични брзи, ритмични фрази создава неповторлива енергија на сцената. Блеска со брзи дијалози, духовитост и незаборавни музички моменти, меѓу кои се истакнува славната арија „Largo al factotum“, со која Фигаро повеќе од два века го освојува светот. Делото ја раскажува љубовната приказна полна со неочекувани пресврти, тајни планови и духовити недоразбирања, претставени во препознатливиот Росиниев стил – брз, жив и раскошен.

