Книги
Во сите книжарници „Литература.мк“ се слават деновите на литературата, овој пат со попусти до 70 отсто

Со слоганот „Денови на литературата“ сите книжарници „Литература.мк“ од 10 до 21 февруари ќе бидат места каде што ќе може да се купат книги од голем број македонски издавачки куќи на попусти до 70 отсто. Во овие литературни катчиња се слави пишаниот збор 365 дена во текот на годината, но со оваа голема акција секој љубител на книгите ќе може да најде голема селекција на изданија од сите жанрови и за сите возрасти по намалени цени.
Целиот каталог за акцијата може да се види на следниот линк.
Некои од книгите за возрасни што ќе може да се најдат на попуст се: „Книга за телото“ на Камерон Дијаз, „Есктремно гласно и неверојатно блиску“ од Џонатан Сафран Фоер, „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ од македонскиот спортски новинар Зоран Михајлов, „Џулијан Асанж: Неавторизирана биографија“ од Џулијан Асанж, „Девојката што го спаси кралот на Шведска“ од Јонас Јонасон, „Јас сум Малала“ од Малала Јусафсај и многу други.
Во селекцијата се наоѓаат и голем број изданија што може да се купат по екстремно намалени цени до 150 денари, а сите книги на англиски јазик достапни во „Литература.мк“ ќе може да се најдат на попуст од 15 отсто.
Со цел да се почне новата 2021 година во позитивна насока и со вистинските книги в рака, во сите книжарници ќе биде достапен богат избор што ќе ги задоволи сите вкусови.
ПР текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Книги
Македонската сликовница „Џиновска продавница за фантазии“ на Бистра Георгиева е достапна на три континенти

По изданието на македонската сликовница „Џиновска продавница за фантазии“ на Бистра Георгиева од една од најпознатите европски издавачки куќи „Трамунтана“, ова детско издание ќе може да се чита на шпански јазик и во сите држави во Латинска Америка, како и во САД. Илустрациите се на шпанската илустраторка Моника Каретеро, а сликовницата е издадена на шпански и на каталонски јазик и веќе неколку месеци може да се најде во книжарниците во цела Шпанија.
„Џиновска продавница за фантазии“ беше промовирана во 2019 година во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“.
Оваа книга ја претставува детската фантазија сосема поинаква од онаа на возрасните: безгранична, нелогична, разиграна, смешна и максимално креативна. Главниот протагонист е Џинот, кој имал безброј фантазии, па решил да отвори продавница за фантазии за да може секој да ги купи оние што му недостигаат. Оваа сликовница се разликува од другите по својот џиновски формат. Дополнително, станува збор за второ издание за деца на Георгиева, на која ѝ претходи сликовницата „Ото, Ото и Ото“.
Бистра Георгиева и Моника Каретеро, која е една од најпознатите европски илустраторки, соработуваат вторпат. Само еден сегмент од биографијата на Каретеро е дека таа е авторка на повеќе од 70 книги издадени во Шпанија, Англија, Австралија и во САД, а добитничка е и на повеќе престижни награди, меѓу кои за најдобра книга на лондонскиот и шпанскиот саем на книги.
Книги
Девет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“

Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2020 година, во состав: Оливера Николова (минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Грозданоски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата „Славко Јаневски“), во втората селекција одбра девет романи што останаа во конкуренција за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа дури 41 роман. Жири-комисијата во првата селекција одбра 18 наслови, а сега списокот го стесни на девет романи. Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција, в петок, на 15 март.
Наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, годинава ќе се врачи по 22 пат. Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, се состои во паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.
Книги
Четири нови книги од култниот автор Милан Кундера во издание на „Арс Ламина“

Книгите на Милан Кундера говорат за луѓето, за нивните мисли, чувства и намери, а неодамна на македонски јазик излегоа четири негови дела „Шега“, „Животот е на друго место“, „Проштален валцер“ и „Смешни љубови“. Како Чех кој, пак, според пасошот не е со таа националност, веќе со децении наназад живее во Франција. Чехословачка во 1978 година му го има одземено државјанството и на тој начин го има „протерано“ еден од своите најпознати писатели во егзил. Живее повлечено и никогаш не сонувал за враќање во татковината. Чесите долго време мораа да чекаат на неговото враќање, и тоа книжевно, па дури во деведесеттите години, неговите подоцнежни романи се преведени и на чешки јазик. „Шега“, „Животот е на друго место“, „Проштален валцер“ и „Смешни љубови“ се издадени од „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и може да се најдат во сите книжарници „Литература.мк“ или да се нарачаат онлајн на www.literatura.mk.
„Шега“
„Шега“ е првиот роман на Милан Кундера, напишан на чешки јазик и објавен во 1967 година. Дејството се протега од крајот на Втората светска војна до настаните пред Прашката пролет кон крајот на шеесеттите години од XX век во тогашна Чехословачка. Роман за нарушената љубов и одмаздата, за разочарувањата од некогашните идеали и, како резултат на тоа, неретко гротескната верба во постигнување на мали, лични победи, за нераскинливата заемна проникливост на шегата со нејзината неминовна повеќезначност – и неретко опачина… „Шега“ се вбројува во стоте книги на векот според „Монд“.
„Животот е на друго место“
Романот „Животот е на друго место“ е напишан и издаден оригинално на чешки јазик во 1969 година, а во 1973, непосредно по неговото објавување на француски јазик, ја добива наградата „Медичи“ (Prix Médicis Etranger).
„Со Дон Кихот и со Госпоѓа Бовари, Животот е на друго место е можеби најстрогото дело што некогаш било напишано против поезијата. Поезијата како привилегирана територија на потврдата, на занесот и на ’автентичноста‘. Поезијата како последното прибежиште на Бога…“, се вели во поговорот од Франсоа Рикар.
„Проштален валцер“
Во едно бањско лекувалиште со застарен изглед, осум личности се фаќаат на еден валцер што се забрзува: една симпатична медицинска сестра, еден гинеколог фантазер, еден богат Американец (понекогаш светец понекогаш Дон Жуан), еден познат трубач, еден стар осуденик, жртва на чистки, кој е на прагот да ја напушти својата земја… Овој роман е еден „сон на летната ноќ“, еден „црн водвиљ“.
Најтешките прашања во оваа книга се поставени со таква леснотија поради која разбираме дека модерниот свет нè лишил од правото на трагичното.
„Смешни љубови“
„Смешни љубови“ е збирка раскази напишани во периодот од 1960 до 1968 година, кога е и објавена, но набргу потоа, по руската инвазија на Чехословачка истата година, е забранета. Главна тема на расказите, како што луцидно навестува и насловот, е љубовта, при што акцентот само навидум е ставен на нејзиниот физички аспект, додека под површината на односите се наѕираат смешните недоразбирања и комичните ситуации во кои се вплеткуваат протагонистите – неретко во мрежата што самите ја сплетуваат за другиот, за партнерот во играта…
- Книги3 месеци
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Македонија3 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија2 месеци
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Регион2 месеци
(Видео) Прекината прес-конференција на градоначалникот на Бања Лука: „Луѓе ова е сериозен земјотрес“
- Регион2 месеци
(Видео) Снимен моментот на потресот во Петриња – луѓе не можат да се задржат на земјата
- Европа1 недела
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Свет1 месец
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер