Култура
Вредното Пчињско изборно евангелие од 16 век се враќа во библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид
По повод враќањето на вредното Пчињското изборно евангелие од 16 век во депото на Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид на 17 октомври, петок, на малата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“ од 13 часот ќе се одржи пригодна свеченост.
За значењето на евангелието се очекува да говорат министерот за култура и туризам Зоран Љутков, директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Христина Трпеска, м-р Зорица Јаковлевска – Спировска од НУБ „Св. Климент Охридски“ Скопје, д-р Илија Велев од Институтот за македонска литература во Скопје и м-р Милчо Јованоски, виш библиотекар во охридската библиотека.

„Пчињското изборно евангелие“ важи за најстар ракопис зачуван во стариот – редок фонд во НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид. Ракописот е најден од страна на книжевниот историчар и истражувач на стари ракописи Михајло Георгиевски во необработениот фонд во библиотеката во 1999 година. Тој го поттикнал тогашното раководство на Градската библиотека во Охрид, Евангелието да го даде во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје да биде заштитено.
Првата конзервација и реставрација на евангелието во НУБ е во 2000 година и било вратено во Охрид, каде останало до 2011 година. Поради несоодветните услови за чување ( голема влага ) при направената контрола од страна на стручни лица врз ракописот се забележани сериозни оштетувања на книгата и таа е повторно вратена во Скопје на нова концервација и реставрација која се случила во 2014 година.
Откако во 2023 година со финансиска помош од 300.000 денари од страна на Министерството за култура, Библиотеката го реализира проектот за адаптација на простор и отвори Депо за редок библиотечен фонд со примена на високи стандарди за негово чување, се создадоа услови и за враќање на Пчињското евангелие кое датира од последната четвртина на 16 век. Сега, Евангелието повторно е дома, во депото во Охрид.
Во петок ќе биде промовиран и новиот Каталог посветен на враќањето на Евангелието во Охрид, со конкретни факти за него и за богатиот трезор од ретки книги
Во Охрид во реткиот фонд има 812 книги и тоа од периодот 1872 до 1945 година напишани во оригинал или преведени на српски, хрватски, руски, бугарски од англиски, француски и италијански автори. Од нив во последниве пет години стручно се заштитени околу 100 книги.
Во Каталогот по едно опсежно истражување е претставен реткиот македонски фонд од 1944 до 1950 година. Во него се опфатени важни документи кои сведочат за темелите на македонската државност сврзани со Илинден и НОБ но и првите научни и литературни дела како Букварот со читанка на македонски јазик, делата на Крсте П. Мисирков, Блаже Конески, Славко Јаневски, Лазо Каровски, Јован Бошковски и охриѓаните Радослав Петковски и Борис Бојаџиски.
Настанот ќе биде збогатен со настапот на Градски хор „Вокс Лихнидос“ под диригентската палка на Бурим Хидри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Поддршка за културата во Битола: MINT зад Шекспир фестивалот 2025
Денес официјално започнува Шекспир фестивалот во Битола, еден од најзначајните и најреномирани театарски настани во регионот, кој годинава повторно ги обединува највлијателните и најиновативните Шекспирови продукции од светот.
Организиран од Народниот театар Битола, фестивалот претставува платформа каде класичните драмски текстови добиваат современи интерпретации, а Битола станува центар на висока сценска уметност.
Во пресрет на свеченото отворање, денес се одржа работна средба помеѓу директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски, и генералниот директор на MINT Fintech Group, Никола Јошевски. MINT е долгогодишен партнер и спонзор на Народниот театар Битола, а годинава ја проширува својата поддршка и како клучен спонзор на Шекспир фестивалот.
Средбата, одржана во фоајето на театарот, беше можност за разговор за заедничката визија, новите идеи и стратешкото планирање на програмските и културните иницијативи за 2026 година.
„MINT продолжува да вложува во културата не како обврска, туку како уверување дека уметноста ја гради заедницата, а силната културна сцена значи силно и одржливо општество,“ истакнаа од компанијата.
Вечерва, со кревање на завесата, Битола повторно ќе стане театарски центар чијашто традиција, енергија и визија ја прават препознатлива на културната мапа на регионот.
(ПР)
Култура
Објавен „Речник на псевдонимите во македонската книжевност од првата половина на ХХ век“ од Славчо Ковиловски
„Македоника литера“ објави нова книга на Славчо Ковилоски со наслов „Речник на псевдонимите во македонската книжевност од првата половинана ХХ век“.
Овој речник се надоврзува на „Речникот на псевдонимите во македонската книжевност од XIX век“, од истиот автор, публикуван во 2022 година. Покрај лажните имиња од сите видови (псевдоними, кратенки, знаци) овде се вклучени и одредници со прекари на публицисти, родените имиња на авторите, како и одреден број партизански псевдоними.
Во Речникот се наоѓаат книжевни псевдоними на 187 автори и 36 псевдоними од други области со вкупен број од 223 лица со скриени имиња. Исто така, има 19 родени (крстени) имиња на луѓе од книжевноста и културата, како и 37 автори чии прекари се споменуваат покрај нивните имиња. Вкупниот број на псевдоними изнесува повеќе од петстотини. Посебно поглавје е посветено на теорискиот пристап при објаснувањето на методологијата, односно постапките за дешифрирање и категоризирање на скриените имиња. Овој дел е особено важен, бидејќи без соодветен критички метод на потврдување или негирање на авторството препишано според псевдоним, не може да се добие релевантен одговор, прецизно дефиниран, елабориран според современите концепции на теоријата на книжевноста, но и на книжевно-историските односи и практики.
Славчо Ковилоски (Скопје, 1978) е македонски книжевен историчар, културолог, поет, прозаист. Автор е на неколку прозни, поетски и монодрамски дела, како и на повеќе монографии од областа на книжевноста, историјата и културологијата. Прикази и статии објавувал во повеќе македонски списанија и дневните весници. Има преведено шест белетристички и научни дела од хрватски и бугарски на македонски јазик и повеќе преводи од српски јазик објавени во периодиката. Делови од неговото прозно и поетско творештво се преведени и препеани на неколку европски јазици.
Работи во Институтот за македонска литература (Одделение за македонска литература во XIX век), при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Култура
Пијано-рецитал „Скопје во петолиние 2028“
Културниот информативен центар – Скопје го најавува пијано рециталот „Скопје во петолиние 2028“ – македонска музичка приказна во чест на Скопје, Европска престолнина на културата 2028.
Овој уникатен рецитал ќе ја раскаже музичката приказна на нашиот град преку внимателно одбрани дела на македонски композитори, претворајќи го Скопје во вистинска партитура, а пијаното – во раскажувач. Рециталот претставува интимна пијанистичка нарација која го пренесува духот и енергијата на градот директно до срцето на публиката.
На пијаното ќе настапи Давид Павиќ, млад, но веќе признат пијанист кој го претставува новиот бран на македонски уметници. Со внимателно одбраниот репертоар, рециталот ќе го истакне генерацискиот премин на македонските композитори и континуитетот на музичкото изразување во Македонија.
Овој рецитал е прв целовечерен концерт од ваков вид воопшто кај нас, во кој младата надеж на македонската пијанистичка сцена, Давид Павиќ, преку својот личен уметнички израз ќе ги претстави делата на македонските композитори во ново светло.
Со внимателна интерпретација и емоционална длабочина, тој не само што ги оживува музичките дела на македонските композитори, туку и ги афирмира пред домашната и меѓународната публика.

