Култура
Втора кумановска берза на винили

Овој викенд (недела, 3 април 2022) во организација на Boiling Point и Q Rec, ќе се одржи втора кумановска берза на винили во Valhalla bar. Првото издание се одржа пред 2 години, а лани планираното издание беше откажано поради воведувањето ригорозни протоколи за јавни настани.
Почетокот е планиран точно на пладне (12 часот) на локацијата карши Театар „Куманово“. Ќе бидат присутни низа дилери на плочи: Блаже Томески-Биџо од Прилеп, скопјанецот Даниел Ковачев и неуморниот Тошо Филиповски. Diehard Records ќе ги донесат нивните изданија на винил, сосе аудиокасетите и ЦД-ињата, а MATRACOOKIE ќе ги донесат нивните касети. Ќе ги има и изданијата на Sixtynine Records и кумановската етикета Kran Records. Од Србија, пак, ќе дојдат нишлиите Зоран Цекиќ (Vintage Shop), Млаѓан Коцановиќ, Vintage Shop и Владимир Вељковиќ-Веле. Додатни српски дилери ќе се Борко Бојовиќ (Yugovinyl) од Белград, зрењанинскиот Демаго и Crazy Vinyl oд Крагујевац.
За музичката програма ќе бидат задолжени Коushiro & Пуца Череп (Куманово) и DJ Ceka (погоре спомнатиот Зоран Цекиќ од Ниш), а со звучен перформанс ќе настапи Fließgewässer од Шпанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Краткиот игран филм „Проблемот на Тина” ја освои наградата Yellow Umbrella за најдобар краток филм

Краткиот игран филм „Проблемот на Тина” во режија на Радован Петровиќ во продукција на Партизанс и Кино Око ја освои наградата Yellow Umbrella за најдобар краток филм во интернационалната селекција на Balkan Panorama Film Festival што се одржува во Измир, Турција.
Филмот победи во конкуренција на десет избрани филмови во интернационалната конкуренција од 350 пријавени филмови од поширокиот регион на Балканот.
Сценариото е на Румена Бужаровска, напишано според нејзиниот истоимен расказ. Главните улоги ги толкуваат Душица Настова, Жаклина Стефковска-Дрнасин, Јордан Симонов, Тамара Ристоска, Емилија Мицковска-Трајковиќ. Директор на фотографија е Андреј Лембанов, сценограф Илина Ангеловска, костимограф Жаклина Крстевска, шминка Ирена Сенокозлиоска, монтажери Радован Петровиќ и Вардан Тозија, а дизајн на звук Ристо Алчинов. Продуцент на филмот е Роберт Насков.
Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм.
Култура
Фестивал на јапонската култура во Скопје

Денес со почеток во 11 часот, во просториите на Јавна Соба (Public Room) во Скопје, ќе се одржи Нихон-Џи Фестивалот во организација на Јапан.нет.мк ([email protected]).
Фестивалот, прв од ваков тип, ќе прикаже повеќе аспекти од јапонската култура, вклучително литература, хаику поезија, кинематографија, музика, архитектура, боречки вештини, гастрономија, мода и поп култура, односно аниме, манга, косплеј и видео игри, со цел да го пренесе совршениот микс на традиционалното и модерното од Јапонија во Македонија.
Во рамките на фестивалот ќе се претстават над 20 уметници и илустратори, 3 модни дизајнери, 7 хаику поети, 4 доџоа, професори, критичари, технолошки експерти, околу 48 гејмери, љубители на стратегиски игри, бонсаи градина и се очекува голем број косплеери.
Посетителите ќе можат да присуствуваат на работилници за специфични јапонски занаети (кумихимо, монкири и церемонија за чај) и на три посебни трибини (Културно општествена трибина: Јапонски животни и работни навики, култура, менталитет и општествени норми; Аниме: Разликата помеѓу западната и јапонската анимација и Литература: Популарни јапонски концепти во литературата и уметноста кои наоѓаат своја примена во зголемување на квалитетот на живот).
Фестивалот исто така ќе вклучи и турнири во игрите Текен, Покемон Го и Ју-Ги-О, како и продажен дел со суши, јапонско виски, јапонски чаеви, стратегиски друштвени игри, јапонски книги и манга стрипови, рачни изработки со јапонски мотиви, аниме фигури, итн.
Фестивалот ќе биде свечено отворен со присуство на амбасадорот Савада Хиронори, а ќе биде затворен со диџеј сет со јапонска музика и караоке настан.
Деталната програма и учесниците се наведени на официјалната страна и на Фејсбук настанот.
Нихон-Џи Фестивалот е подржан од Амбасадата на Јапонија во Северна Македонија.
концерти
Изведба на оперската претстава „Аида“и промоција на монографијата „50 години Мајски оперски вечери“

Во фоајето на Националната опера и балет, на 31 мај, во 19 часот, ќе се одржи промоција на монографијата „50 години Мајски оперски вечери“ од д-р Александар Трајковски. Монографијата го обработува петдеценискиот развоен пат на единствената оперска манифестација во регионот и пошироко. Со оваа публикација Националната опера и балет трајно го зачувува уметничкиот белег изграден од големиот број извонредни уметници. Промотор на монографијата е м-р Весна Малјановска.
Со почеток во 20 часот величествената „Аида“ од Џузепе Верди традиционално ќе го затвори 50. јубилејно издание на фестивалот Мајски оперски вечери. Спојот на традицијата со визуелната иновација, преточена преку футуристичката виртуелна сценографија, ќе ја одведат публиката на патување низ древниот Египет раскажувајќи приказна за љубовта.
„Аида“, магичното ремек-дело на Џузепе Верди, ќе се изведе под диригентската палка на Оливер Балабурски, уметник со кариера над 28 години. Во продукција на театарот „Карло Феличе“ од Џенова, Италија, претставата на сцената на Националната опера и балет ја пренесе и адаптира Дејан Прошев. Кореографијата е на Луиза Балдинети (Италија), концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.
Улогите ги толкуваат: Сања Керкез од Србија (Аида), Виталиј Ковалчук од Украина (Радамес), Сања Анастасија од Србија (Амнерис), Владимир Саздовски (Рамфис), Игор Дурловски (Фараон), Отар Накашидзе од Грузија (Амонсаро), Катерина Стојановска (главна свештеничка), Дејан Стоев (гласник), балетски солист: Ивана Коцевска.
Хорот и Оркестарот на Националната опера и балет.