Култура
„Глумците пеат“ на сцената на МНТ

На 8 април, со почеток во 20:30 часот, на сцената на Македонскиот народен театар, ќе се спојат музиката и театарот, во уникатното шоу Глумците Пеат. Организаторите најавуваат вечер исполнета со хумор, енергија и незаборавни изведби, а публиката ќе има можност да ужива во музички точки кои носат дух на едно гламурозно време.
На Глумците Пеат ќе настапат триесетина врвни актери од сите генерации, придружувани од биг-бенд составен од извонредни музичари. Режијата е на Дејан Пројковски, музичките аранжмани на Бобан Мирковски, кореографијата на Олга Панго, а под диригентската палка на маестро Љупчо Мирковски.
-Годинава сме инспирирани од филмската уметност и ќе ја исполниме сцената со ритам, страст и хумор, но детали ќе откриеме наскоро. Глумците Пеат е единствена независна продукција од ваков обем, каде сè почнува од празен лист хартија и сé се создава од нула. Се осмислува тема, се пишува сценарио, се подготвуваат аранжмани, и внимателно се избираат актерите и соработниците. Ова е продукција што бара темелна и прецизна подготовка, изјави организаторот.
Творец на шоуто Глумците Пеат е починатиот актер Марин Бабиќ, кој заедно со своите колеги во 1992 година сакал да покаже дека глумците, покрај тоа што глумат, знаат и одлично да пеат. Ова шоу се прави во чест на Светскиот ден на театарот, празник кој ги слави креативноста, слободниот дух и заедништвото помеѓу глумците.
Картите за овој единствен настан можат да се набават на билетарницата на МНТ и онлајн преку официјалната веб-страница на театарот. Местата се ограничени, па организаторите препорачуваат публиката да ги обезбеди своите карти навреме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Вечерва во Пробиштип гостува претставата „Земја на штркови“

Вечерва со почеток од 20:00 во ДК „Злетовски Рудар“- Пробиштип, гостува претставата ЗЕМЈА НА ШТРКОВИ, во режија на Роберт Ристов а во продукција на „Театар Провокација“-Скопје.
Претставата ги следи животните приказни на два пара, кои се разидуваат заради различните ставови во однос на одлуката – заминување во странство, заради подобра иднина.
Едниот пар разделбата ја преживеал во двеилјадитата година а вториот пар, со оваа проблематика се соочува токму сега.
Претставата има за цел да поттикне системски промени, кои се единственото решение за задржување на младите во Македонија.
Во претставта играат актерите: Мирјана Ристов, Изабела Јакимова, Радо Алексовски и Роберт Ристов.
Култура
45 години ФЛУ: Факултетот за ликовни уметности го слави својот јубилеј

Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, најстарата и најреномирана вискокообразовна институција и центар за развој на ликовната и визуелна култура во нашата држава, оваа година одбележува 45 години од своето основање. Сите активности на ФЛУ до крајот на 2025 година ќе се случуваат во чест на јубилејот со официјален датум 31 март.
Оваа недела, од 18 – 20 февруари, на ФЛУ се одржува значајна работилница под наслов „Од дијагностика до конзервација: Напредни методи за анализа и чистење на уметнички дела“ наменета за студентите на ФЛУ. Тридневната работилница е организирана во соработка со Катедрата за конзервација на антиквитети и уметнички дела, на Универзитетот на Западна Атика (UNIWA), Атина, Р. Грција. Работилницата се одвива со поддршка на Еразмус + и УКИМ.
Централен настан и официјална прослава на 45-годишниот јубилеј е ретроспективната изложба на 3 април во Музејот на современа уметност – Скопје. Со изложбата, ФЛУ и МСУ заеднички, ќе го претстават богатото наследство и креативниот придонес на факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена, симболично претставувајќи го континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и половина децении.
„Овој јубилеј претставува повод не само да се потсетиме на нашето културно наследство и да ја прославиме нашата уметничка историја, туку и да ги препознаеме сите генерации уметници кои со своето творештво оставиле трајна трага во културниот пејзаж на Македонија и пошироко. Факултетот за ликовни уметности отсекогаш бил место на слободна мисла, креативна експресија, критичко размислување и постојано истражување на нови уметнички хоризонти,“ истакна проф. д-р Славица Јаншлиева, декан на ФЛУ.
Култура
„Господа Глембаеви“ од ЦНП гостуваат во Македонскиот народен театар

По потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Македонскиот народен театар и Црногорско народно позориште, на големата сцена во МНТ, на 17 март во 20:00 часот, ќе гостува претставата „Господа Глембаеви“ во режија на Данило Маруновиќ, по текст на Мирослав Крлежа, а во продукција на ЦНП.
Во претставата играат: Светозар Цветковиќ, Кристина Обрадовиќ, Мишо Обрадовиќ, Уна Лучиќ, Данило Чечебиќ, Павле Прелевиќ, Емир Ќатовиќ, Стеван Вуковиќ, Кристина Мркиќ и Предраг Павиќевиќ.
Режисерот Данило Маруновиќ изразува големо задоволство што имал можност да го постави ова култно дело на Крлежа, токму на сцената на Црногорското народно позориште. Тој ќе каже: „Првпат ја прочитав драмата на Крлежа, ’Господа Глембаеви‘, како средношколец и се заљубив во неа. Повеќе од една деценија барав можност да ја поставам „Господа Глембаеви“ и сега кога дојде таа шанса, дури тогаш сфатив колку е, всушност, (освен некоја основна театарска и уметничка одговорност) присутна одговорноста Крлежа да го реализираш во дешифриран код на сегашноста, а да не отидеш предалеку од него.“
Маруновиќ забележува дека драмата денес е уште поактуелна отколку кога е напишана, и успешно го вткајува во неа актуелниот општествено-политички контекст.
Драматург е Божо Копривица, адаптацијата е на Бојана Мијовиќ и Данило Маруновиќ, кој го направи и изборот на музиката, сценограф е Валентин Светозарев, костимограф е Вања Цирај-Џуџа. Сценските движења ги направи Тамара Вујошевиќ-Мандиќ, сценскиот говор е на Дубравка Дракиќ, а извршен продуцент е Нела Оташевиќ.
„Господа Глембаеви“ премиерно беше изведена на 17 декември 2024 година и наиде на позитивен одзив од страна на црногорската публиката, а ова е прво нивно гостување. Македонската публика ќе биде во можност, по речиси десет години, повторно да ги гледа актерите од Црногорското народно позориште.
Нашата публика ги помни трите постановки на „Господа Глембаеви“ во продукција на МНТ. Повозрасната публика буди спомени од првата, која беше реализирана 1955 година, во режија на Раша Плаовиќ, потоа постановката во 1974 година во режија на Владимир Милчин и последната од 1996 година, во режија на Љубиша Георгиевски со над 150 изведби.
Билетите се пуштени во продажба на билетарницата во МНТ, а достапни се и онлајн. Цената на билетите за партер е 1000 денари и може да се купат онлајн како и на билетарницата, додека цената за прва галерија е 800 денари, а за втора галерија е 600 денари и истите публиката може да ги купи само на билетарницата во МНТ.