Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
62 години од смртта на првиот филмски снимател на Балканот, Милтон Манаки
Денес се навршуваат 62 години од смртта на првиот филмски снимател на Балканот, Милтон Манаки.
„Денес го одбележуваме денот кога се упокои нашиот патрон, легендата на Битола, Милтон Манаки. Комуната на Власите и Кино клубот „Милтон Манаки“, секоја година традиционално го организира ова чествување со полагање на цвеќе, со што му ја оддаваме почитта нивна, односно преку местото каде што почива Милтон“ рече Стефан Хаџиандоновски, претседател на Клубот „Студио Милтон Манаки“.
Во негова чест, на Влашките гробишта во Битола, свежо цвеќе положија, во име на Општина Битола градоначалникот Тони Коњановски и други делегации, вљубеници во филмската уметност и нивното кинематограферско дело.
„Големото Манакиево дело вечно трае“ беше кажано на одбележувањето на годишнината од смртта на Милтон Манаки.
„Чест и задоволство е во име на градот, во име на граѓаните на Битола да се положи свежо цвеќе на великанот на кинематографијата, не само балканската, туку и светската. Тоа и времето и историјата го покажа. Голема благодарност би истакнал до Комуната на власите за она што секоја години го чуваат и негуваат ликот и делото на големите Манаки. Приказната на браќата Манаки е една од позитивните историски приказни, значајни, не само како што кажав за Балканот, меѓутоа и пошироко и кога ќе ја спомнете Битола несомнено, не можете да го издвоите Манаки од тој историски контекст“, рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Беше спомената и иницијативата посмртните останки на неговиот брат Јанаки да бидат донесени во Влашките гробишта во Битола до гробот на неговиот брат Милтон.
Култура
Велигденски концерт на Националниот ансамбл „Танец“
На 08 април 2026 година националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“, во 20:00 часот во Македонскот народен театар, го најавува својот традиционален Велигденски концерт.
„Подгответе се за незаборавно патување низ времето, каде традицијата се среќава со современиот израз. Националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“, ве поканува на својот традиционален Велигденски концерт, со насловот „Велигденско празнување“ кој оваа година носи посебна порака и енергија поврзано со моќното мотото на новата концертна сезона „Пулсот на предците во ритамот на денешницата“ „Танец“ ќе претстави програма која е мост помеѓу вековното наследство и модерниот сензибилитет, најавува организаторот.
Очекувајте Безвременски кореографии, моќни гласови на хорот и солистите, раскош на македонските народни носии, секоја со своја приказна и вез, концерт кој го слави животот и воскреснувањето на традицијата во новото време.
Билетите ќе бидат достапни на билетарницата на МНТ и онлајн преку официјалната мрежа на МНТ.
Придружете ни се во Македонскиот народен театар, каде сцената ќе пулсира со енергија на нашите предци, интерпретирана од професионалноста на врвните уметници на „Танец“, вели организаторот.
Култура
Со несопирлива театарска динамика и 100 изведби зад себе МНТ со „Кец на десетка“ ќе гостува на „Кичево-Град на културата 2026“
Со хит претставата „Кец на десетка“, која неодамна јубилејно беше одиграна по 100-ти пат, Македонскиот народен театар ќе гостува во Домот на културата Кичево, на манифестацијата „Кичево – Град на културата 2026“

Со изведбата на „Кец на десетка“, на 5 март во 20 часот, свечено ќе биде отворена театарската програма на манифестацијата „Кичево – Град на културата 2026“.
Репертоарската претстава на МНТ, која веќе девет години континуирано ја освојува публиката, носи сценска свежина, колективна актерска синергија, препознатлива динамика, духовитост и непосредна комуникација со гледачите.

Токму оваа искрена и топла театарска естетика, симболично ќе ја отвори театарската програма на „Кичево – Град на културата 2026“ , манифестација која во текот на годинава најавува реализација на 150 настани – концерти, изложби, фестивали, книжевни средби, филмски и мултимедијални проекти. Со тоа, градот ја степенува важноста на културата пред домашната и регионалната публика.

Со гостувањето на „Кец на десетка“, театарската уметност станува првиот гласник на оваа целогодишна прослава на културата и најавува година исполнета со разновидно живо творештво.
