Контакт

Култура

Гордан Николов назначен за амбасадор на Форумот на словенските култури

Објавено пред

Директорот на Музејот на Република Северна Македонија, Гордан Николов, е назначен за амбасадор на Форумот на словенските култури од страна на директорката на Форумот, Андреја Рихтер.

Република Северна Македонија е членка на форумот од самото негово основање, а Гордан Николов во својство на претставник на нашата држава е член на програмскиот колегиум на форумот и член на жири-комисијата за доделување на наградата „Жива“.

„Николов е назначен за амбасадор на Форумот на словенските култури поради исклучителниот и скапоцен придонес за препознатливоста на установата и воспоставувањето меѓусебни врски меѓу словенските култури“, соопштија од Музејот.

15- годишниот јубилеј на Форумот на словенски култури и отворањето на 31. Меѓународен музички фестивал Imago Sloveniae беше одбележан вчера со голем симфониски концерт во центарот на Љубљана. На свеченоста присуствуваа и амбасадорот на Кралството Холандија, Дерк Јан Наута, Божо Бишкупиќ, поранешниот хрватски министер за култура, Дубравка Ѓуриќ Немец, поранешен помошник-министер за култура на Хрватска, и Владимир Копцл, познат книжевник од Република Србија, кои исто така беа прогласени за амбасадори на форумот на словенските култури.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура

Агенција за филм: Жешко лето за македонската кинематографија со изгледи за „Оскар“

Објавено пред

Агенцијата за филм на Република Северна Македонија ги сублимираше успесите и континуитетот на продукција во домашната кинематографија.

Врз основа на тој сублимат од таму со задоволство констатираат дека на македонскиот филм конечно му се „заканува“ и „Оскар“.

Од Агенцијата посочуваат дека доколку се следат промоцијата и реакциите за документарниот филм „Медена земја“ во САД, може да се каже дека годинава македонски филм се доближува до најпрестижната филмска награда.

„Освен бројните награди, видливоста на престижните филмски фестивали, полнење на светски киносали со дел од најновите наслови од домашната продукција, објавите и филмските критики за истите во првиот дел од годинава, летово камерите останаа вклучени за снимање на повеќе долгометражни играни филмови“, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека изминативе три месеци започнало снимањето на неколку македонски филмови – „Стела“, дебитанскиот филм на Стојан Вујичиќ, новиот долгометражен игран филм на Вардан Тозија со наслов „М“, како и долгометражниот игран филм „Најтешкото нешто“, кој е прв македонски филм што ќе биде сниман на турски јазик во режија на познатиот турски режисер, Сердар Акар.

Во тек е снимањето и на играната серија за деца „Зоки Поки“, адаптирана по истоимената книга на писателката Оливера Николова.

Од Агенцијата за филм соопштуваат дека кон крајот на месецов најавено е снимањето и на дебитантскиот филм на Кристијан Ристевски „Снежана на крајот умира“, а во тек се и интензивни подготовки за првиот долгометражен игран филм на македонската млада авторка Дина Дума со наслов „Сестра“ за кој е најавено снимање во текот на септември.

„По големите успеси што македонската кинематографија ги имаше годинава навистина е големо очекувањето од сите идни проекти кои ќе се произведат, бидејќи навистина се наметна еден критериум кој мораме да се трудиме да го следиме или барем да се приближиме со цел одржување на континуирано учество на филмовите на меѓународни фестивали, освојување награди, како и успешно интернационално претставување на нашата земја“, стои во соопштението.

Агенцијата за филм исто така најавува дека македонски филмови и копродукции ќе се прикажат на претстојните филмски фестивали во Сараево и Венеција.

Во Сараево во главната програма во конкуренција за документарен филм ќе се прикаже „Медена земја“ во режија на Љубомир Стевафнов и Тамара Котевска, краткометражниот анимиран филм „Една“ во режија на Вук Митевски (кој е во копродукција со Белгија) ќе се прикаже во конкуренција за краткометражен филм, а малцинската копродукција „Отворена врата“ во режија на Флоренс Папас (копродукција меѓу Албанија, Италија, Косово, Северна Македонија) ќе се прикаже во конкуренција за долгометражен игран филм.

Покрај претставувањата на македонски филмови во главната програма на фестивалот, свои проекции ќе имаат и „Господ постои нејзиното име е Петрунија“ во режија на Теона Митевска, малцинската копродукција „Полусестра“ на Дамјан Козоле (Словенија, Северна Македонија, Србија и Хрватска), како и краткометражниот филм на Елеонора Венинова „The Sign“ кој е дел од омнибусот SEE Factory што оваа година ја отвори програмата Director Fortnights во Кан.

Во Венеција на 31. август филмот „Петрунија“ ќе има своја проекција во трката за наградата ЛУКС, која ја доделува европскиот парламент (LUX FILM PRIZE COMPETITION).

На филмскиот фестивал во Венеција свое претставување ќе има и краткометражниот игран филм „Извидник“ на Андреј Цветков како дел од програмата Giornate Degli Autori.

Прикажи повеќе...

Култура

ЕКСКЛУЗИВНО СО ТУРСКИОТ АКТЕР ХАЛИЛ ЕРЃУН – Али Риза во Битола: Би се преселил во Македонија, луѓето уште не се поразени од капитализмот

Објавено пред

Бунтовен, прогресивен, поборник за вистинските човечки вредности, како правдата и половата рамноправност, исклучително харизматичен, турската актерска ѕвезда Халил Ерѓун, познат на домашната телевизиска публика како Али Риза во турската серија „Кога лисјата паѓаат“, изминативе две недели беше во Битола за потребите на снимањето на филмот „Најтешкото нешто“ каде што ја толкува улогата на Африм. Станува збор за првиот македонски филм на турски јазик во режија на Сердар Акар ( „Долина на волците“, „Збогум Румелија“), а во продукција на „Сектор филм“ ( Владимир Анастасов, Ангела Несторовска) од Скопје. Го затекнавме пред да замине на последниот ден од неговото снимање во Битола, а едночасовниот разговор беше само мало ѕиркање во личноста на Ерѓун, кој во својата богата професионална и лична биографија со повеќе од 80 улоги во театар, филм и телевизиски серии, како и на прагот на осмата деценија од животот со часови би имал што да раскаже.

Роден е во Изник во 1946 година, студирал политички науки во Анкара, а актерската кариера ја почнува во театар во Бурса. Неговото филмско деби се случува во 1974 година со големиот турски режисер Јилмаз Гуну. За своите улоги е повеќепати наградуван, а вели улогите внимателно ги бира и прифаќа да игра единствено ако му се допаѓаат.

За улогата во „Најтешкото нешто“ пресудило сценариото, а со македонската продукција се поврзал преку нашиот актер Ертан Шабан, кој исто така има филмска кариера во Истанбул.

Иако голема актерска ѕвезда во Турција, без трошка ароганција природно и спонтано одговори на неколку прашања. За својата младешка верба во правда кога кон крајот на шеесеттите и во седумдесеттите години има големи политички превирања во Турција бил во затвор, но вели дека и до денес ја негува истата идеолошка ориентација и нема намера да отстапи.

Ерѓун во Македонија доаѓа првпат, но вели дека веќе размислува и да се пресели тука бидејќи смета дека либерал капитализмот не успеал комплетно да навлезе во секојдневието и да ја избрише човечноста.

„Првпат сум во Македонија, но воопшто не ја доживувам како странска земја. За мене, земјите од Балканот се многу блиски, и историски и културолошки. Ние сме нераскинливо поврзани уште од времето на балканските војни. Уште како дете, миграциите ми оставија голем впечаток. Ги набљудував доселениците и нивната носталгија по родниот крај, но исто така и нивното поврзување со населението и културолошкото соединување. Верувам дека големите мешања на народите од Балканот се вистинско културолошко богатство“, вели Ерѓун.

Со оглед на тоа што пред актерската кариера завршил политички студии во Анкара, нему му се познати историските и политичките услови на Балканот. Од друга страна, пак, како креативен човек со емпатичен сензибилитет носи посебни впечатоци од детството и младоста кога ги набљудувал доселениците во неговиот роден крај.

„Доаѓам од Измир, и во местото каде што потекнувам имаше многу мигранти од балканските земји. Особено лично ги доживувам приказните што се одвиваа пред моите очи. Тоа беа луѓе кои морале да ги напуштат своите домови и беа многу носталгични кон своите земји. Жените се собираа во дворовите и пееја песни што ги потсетуваат на нивните домови. За жал, овие процеси на миграции и денес не се завршени и многу луѓе дури и во вашата убава земја се принудени да талкаат по светот за подобар живот“.

Воопшто не се кае што поради своите идеолошки убедувања за време на револуцијата во 1968 година бил затворен од страна на тогашните турски власти.

„Бев и останав социјалист, верувам во рамноправност. Бев воодушевен од југословенската федерација, титовата Југославија. И моите пријатели со слични политички убедувања ја гледаа Југославија како земја во која царуваат и демократијата и рамноправноста. Но, во седумдесеттите во Турција состојбите беа поинакви. Не беше баш дозволено да се спротивставиш, па така завршив и во затвор. Не се каам за ништо и денеска верувам во истите нешта. Сметам дека секој уметник треба да биде на страната на правдата, да ги почитува работничките права и да се спротивстави на хегемонијата. Исто така, верувам дека жените треба да бидат рамноправни со мажите“.

Улогата што ја толкува како Африм во филмот „Најтешкото нешто“ на некој начин е симбол на неговите убедувања. Тој толкува татко чиј син се инфилтрира во некој поинаков криминоген свет и нивниот конфликт доаѓа од спротивставените убедувања за вредноста на животот.

„Многу сум среќен што дојдов во Македонија и што играм во овој филм. Ми се допадна сценариото и без размислување ја прифатив улогата. Имам одлична соработка со режисерот Акар и со македонската продукција. Особено ме пленат љубезноста и гостопримливоста на луѓето тука и размислувам дури и да живеам тука“.

Филмската индустрија во Турција произведува квалитетни филмови и има хиперпродукција на телевизиски серии. Ерѓун смета дека иако комерцијални, овие серии се значајни за публиката, но и за актерите, кои можат брзо да заработат за сметка на популарноста со која се стекнуваат преку малите екрани.

„Не гледам многу серии, на телевизија главно гледам музички канали. Јас сум театарски глумец и во филмот влетав во седумдесеттите во соработка со мојот добар пријател и тогаш режисер во подем. За сериите најпрво имав задршка, но кога почнав да снимам, тоа почна да ми се допаѓа. Пазарот е голем, а за секој актер е најважна гледаноста на тоа што го сработил. Филмската индустрија е напорна и скапа работа и ако порано се почитувале само големите евергрин филмови, таа состојба денес е значително променета. Серијата ’Кога лисјата паѓаат’ стигна дури до Перу и беше прифатена од тамошните гледачи, што укажува на тоа дека животните приказни се универзални и препознавањата со други култури се случуваат спонтано. Се радувам што сум дел од снимањето на сериите, но секако прифаќам единствено ако видам дека сценариото е добро и улогата ми се допаѓа“, вели глумецот.

Ерѓун смета дека приказната во филмот „Најтешкото нешто“ го носи тој убав човечки психолошки фактор и ќе допре до широка публика.

„Сите улоги во овој филм се подеднакво важни. Испреплетени се многу приказни кои зборуваат за човечноста, сентименталноста и душата. Тоа ќе биде препознаено од широка публика и верувам дека ќе доживее голем успех“.

На крајот, рече дека е оптимист и дека верува во тоа дека светот ќе ги надмине овие уништувачки синдроми и стремеж кон материјализмот и ќе се вратат есенцијалните човечки вредности.

Снимањето на „Најтешкото нешто“ почна на 28 јули, а завршува до крајот на неделава. Кастингот во оваа современа филмска приказна го сочинуваат турски актерски ѕвезди и познати и успешни македонски актери.
Сценариото е на Оливер Ромевски, познат по романите со интригантни трилер и криминалистички приказни. Во главните улоги се играат и Ердал Бешикчиоглу, во чија филмографија се впишуваат и главна улога во култната серија „Бехзат Ч.“, во филмот „Мед“ што беше добитник на „Златна мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал и многу други; Белчим Билгин позната по филмовите „Сонот на пеперутката“, „Љубовта ги сака случајностите“, „Сезона на носорогот“ серијата „Сети се сакана“; нашиот актер Ертан Шабан, кој се прослави во Турција, и нашите познати и успешни актери и актерки: Луран Ахмети, Бедиа Беговска, Сара Климоска, Сузан Акбелге, Џенап Самет, Дениз Абдула, Ивана Павлаковиќ, Ерман Шабан, Неат Али, Осман Али и многу други.

Кинематографер на филмот е Дејан Димески (добитник на „Сребрена камера 300“ на ИФФК „Браќа Манаки“), костимограф е Емилија Атанасовска, сценографијата е на Кирил Спасески. „Сектор филм“ го реализират проектoт во копродукција со турската продуцентска куќа „Ен-те-џе медиа’ (NTC Medya). Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Дејствието на филмот се одвива во актуелно време и прикажува неколку испреплетени животни судбини чии патишта се вкрстуваат во определен миг.

Прикажи повеќе...

Култура

Изложба за Влатко Стефановски и филм за Кит Ричардс за отворањето на петтото издание на „Скопје синема сити“

Објавено пред

Во периодот од 2 до 7 септември  во Музејот на Град Скопје и Кинотека на Северна Македонија ќе се биде одржано 5. издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“.

Петото издание на фестивалот ќе се состои од филмови со теми поврзани со инструментот гитара. Во текот на петте фестивалски дена  ќе се прикажат 10 филмови кои на автентичен начин ги прикажуваат авторите и нивните животи во однос на својот инструмент. Филмовите ќе бидат и жанровски шарени: блуз, рок, џез, авант-рок, поп, фадо.

Филмскиот дел од фестивалот ќе го отвори документарниот филм за Кит Ричардс „Под влијание“, којшто зборува за неговата љубов кон музиката, гитарата, Ролинг Стоунси и ги следи неговите сеќавања од средбите со неговите идоли.

Во музичко-изложбениот дел во фокус ќе биде изложбата на Влатко Стефановски во Музеј на Град Скопје, која е насловена како „Патешествие“. Се работи за изложба на концертни и промотивни плакати од личната колекција и архива на Стефановски. Со изложбата се прикажува неговото патешествие од самите почетоци со ,,Леб и сол”, па до ден-денес, преку бројните солистички концерти и проекти.

Фестивалот е во организација на здружението „Номад арт“ од Скопје, а визуелните решенија се дело на Дијана Димитриевска.
Изложбата „Патешествие“ ќе се отвори на 2 септември во Музеј на Град Скопје, а проекциите на филмовите ќе се организираат во Кинотека на С. Македонија почнувајќи од 3 септември.
Изложбата и филмскиот дел се помогнати од Министерството за култура, Кинотека на С. Македонија, Музеј на Град Скопје и Гете институт.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија14 часа

Пациент со западнонилска треска хоспитализиран на Инфективна клиника

Пациент заразен со западнонилска треска е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Од Центарот за јавно здравје соопштија...

Топ17 часа

Расветлено и второто убиство кај браната Турија – го застрелал, го ставил во резервоар за гориво и го фрлил во водата

Полицијата соопшти детали за убиството на струмичанецот кој се водеше за исчезнат, а неговото тело потоа беше пронајдено во водите...

Македонија18 часа

(Видео) Рустеми: Ако чувствував влијание од Јанева за моето сведочење, ќе пријавев

Бурим Рустеми вели дека одговорил на сите прашања од обвинителството поврзани со случајот „Рекет”. Тој не сакаше да каже дали...

Топ20 часа

Загина 26-годишен тетовец на патот Гостивар-Тетово

Дваесет и шестгодишен жител на селото Топлица, Врапчиште, синоќа загинал во сообраќајна несреќа, откако изгубил контрола на возилото и излетал...

Македонија21 час

Битолчанец го враќа сонцето од Кутлеш на шахтите

Битолчанец ги враќа отстранетите ѕвезди од Кутлеш на шахтите во градот кои беа отстранети според преспанскиот договор. Тој направил шаблон...

Свет22 часа

Трамп сака да го купи Гренланд

Претседателот Доналд Трамп сака да го купи Гренланд. За ваквата намера тој во повеќе наврати контактирал со данската влада, а...

Свет23 часа

Северна Кореја повторно лансираше две ракети што паднаа во море

Северна Кореја повторно истрела две балистички ракети со краток дострел кон источниот брег на земјата, соопштија официјални лица на Сеул,...

Европа1 ден

Пронајден цртеж на Да Винчи што бил сoкриен 500 години под неговото ремек-дело

Откриен е цртеж на Леонардо да Винчи, сoкриен повеќе од 500 години под една од неговите најпознати слики „Богородица во...

Регион1 ден

Грција се бори со шумските пожари, гори на неколку острови

Грчките власти испратија засилувања на пожарникарите кои се борат со голем шумски пожар во природен резерват на островот Евија, додека...

Европа1 ден

Шест европски земји ќе подадат рака за спас на 147 мигранти

Премиерот на Италија Џузепе Конте изјави денеска дека шест европски земји сакаат да ги преземат 147 мигранти кои се блокирани...

Свет1 ден

Киев и ЕУ се лути, Русија им нуди државјанство на три милиони Украинци

Киев и ЕУ се лути, откако Русија им нуди државјанство на околу три милиони Украинци од регионот на границата со...

Свет1 ден

(Видео) Кремљ ќе ги одликува пилотите херои кои слетаа избегнувајќи јато птици

Кремљ ќе им додели државни одликувања на двајцата пилота кои успешно принудно слетаа со патнички авион во кој имало 233...

Свет2 дена

(Видео) По седумчасовна престрелка уапсен маж во Филаделфија кој рани шестмина полицајци

Американската полиција го уапси осомничниот за пукањето во северна Филаделфија, по седумчасовна престрелка во која се повредени шест полицајци. Станува...

Европа2 дена

Најголемата скулптура во светот поставена во Белгија

Најголемата скулптура во светот, како што ја нарекуваат, беше подигната во Белгија. 60-метри високиот челичен круг беше поставен во близина на...

Регион2 дена

Над 200.000 луѓе од Балканот минатата година се иселиле во ЕУ

Од Западен Балкан во земјите од ЕУ само минатата година се доселиле 228.000 луѓе, покажуваат податоците на „Евростат“. Од Србија...

Македонија2 дена

Поставени ознаки на спомениците на Александар Велики, Олимпија и Филип Втори

Tројазични табли на кои пишува дека споменикот е во чест на историска фигура која припаѓа на античката хеленска историја и...

Македонија2 дена

Фламинга и пингвини нови жители на скопската зоолошка

Во скопската зоолошка градина почна изградбата на живеалиште за фламинга и пингвини. Како што информираат од управата, ова живеалиште ќе...

Свет2 дена

Непалските власти ќе го наплаќаат спасувањето на планинари од Монт Еверест

Непалската влада објави нови правила за планинарите кои се искачуваат на Монт Еверест, кои уследуваат по низа несреќи што на...

Топ2 дена

Малолетничка од Хрватска почина во Куманово откако врз неа паднала статива на ракометен терен

Тринаесетгодишно девојче од Хрватска кое било на привремен престој во земјава почина во Куманово поради повреди што ги добила при...

Свет2 дена

(Видео) Руски авион принудно слета во поле, птици влегле во двата мотора

Руски патнички авион принудно слета на поле, во близина на аеродромот „Жуковски“, набрзо по полетувањето од Москва, откако птици влегле...

Досие