Култура
Деливоријас на Фестивал на грчки филм: Имаме шанса да се запознаеме како културни ентитети

Во рамките на Фестивалот на грчки филм и култура концерт ќе одржи еден од најпознатите грчки музички бендови во последните години. Станува збор за бендот на Фоивос Деливоријас, кој ќе настапи на 25 октомври во клуб ресторанот МКЦ. Тие имаат специјален репертоар за оваа прилика и ќе свират филмска музика од познати грчки филмови. Оваа мошне посебна колекција од репрезентативна грчка музика е всушност придонесот на грчкиот текстописец за грчкиот филмски фестивал и култура 2019 во Скопје.
Деливоријас пред доаѓањето во Скопје рече дека со нетрпение го очекува настапот. По сите тие години на политички превирања, вели Деливоријас, имаме шанса да се запознаеме како луѓе и како културни ентитети.
„Знам дека некои политичари – од мојата земја и од вашата земја, исто така, се потпираат на нашите разлики, од нашите причини да се конфронтираме. Јас, како и сите уметници, барам комуникација помеѓу многу различен вид на луѓе. Ми се допаѓаат конфронтациите, но на еден сосема друг начин: Сакам да ја доведам кај вас нашата убавина и да се соочам со вашата. Сакам да научам, да бидам под ваше влијание, додека сум јас. Тоа е мојот политички став, ако може така да се рече“, вели тој.
Додаде дека за настапот избрал 15 песни и инструменти што ги отсликуваат грчката кинематографија и нејзината историја, нејзините опсесии и нејзиниот шарм. Станува збор за песни од Хаџидакис и Теодоракис, од стари грчки популарни мјузикли, или песни од филмовите на Ангелопулос и Лантимос.
Запрашан со кои музичари ќе настапи, Деливоријас одговори дека Антонис Сусамоглу е врвен грчки виолинист. Тој е прва виолина во Државниот оркестар на Солун и карактеристичен аранжер и композитор. Со него соработувале и во симфониски концерти и во саундтракот. Џорџ Кацанос е познат мулти-инструменталист во Грција, фигура налик на Том Вејтс. Тој е „onе-man“ бенд. Со него често ја делат сцената и се нарекуваат себеси „Големиот бенд“! За Нефели Фасули изјави дека е инспиративен млад пејач, одличен уметнички партнер со кој соработуваат извесно време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изабела Новотни и Владимир Лазовиски актери на Театарот за деца и младинци прославуваат 30 годишен јубилеј

На 1. февруари, 2023 (среда) со претставата „Зрното грашок и принцезата“, актерскиот тандем Изабела Новотни и Владимир Лазовски, ќе го одбележат три деценискиот јубилеј од нивната плодна кариера како првовработени актери во ансамблот на Н.У. Театар за деца и младинци – Скопје.
– Пред три децении кога за се вработив, не бев свесна за авантурата во која се впуштам. Ентузијазмот што го имав тогаш, се уште ме држи и верувам дека ја оправдаме довербата како првовработени актери да креираме и создаваме квалитетни претстави во првиот и единствен државен театар за деца и младинци на македонски јазик, вели Изабела Новотни.
– Прекрасно е чувството да бидете дел од создавањето темели на едно сега веќе големо функционално семејство, кое неуморно соништата ги создава низ театарските претстави преку кои израснале бројни генерации, вели Владимир Лазовски.
Театарот за деца и младинци, со одлука на Владата во 1990 година е формиран како Национална институција и во првите години од формирањето претставите биле играни на најразлични сцени низ Скопје и низ земјата, но без официјално вработени актери.
Пред театарот да го формира својот уметнички ансабл, во него, заедно со тогашниот директор Љ.Чадиковски, вработени како административни соработници и имаат веќе имаат навршено 30 години во ТДМ беа, Виолета Димовска која што сеуште го дава својот придонес во ТДМ и нешто подоцна Софија Георгиевска, која веќе е во пензија.
Во 1993 година, со претставата „Зрното грашок и принцезата“ , од Атанaс Илков, а во режија на Срѓан Јанаќиевиќ во која играат Владимир Лазовски и Изабела Новотни, се означува и формално создавањето уметнички ансамбл на театарот со вработени актери, како и вработување на технички соработници. Премиерната изведба на претставата била изведена во Детската градинка „13 ноември“ во Скопје, а заради нејзината мобилност и камерен стил истата за многу кусо време учествува на бројни фестивали во Албанија, Бугарија, СР Југославија, Италија, Турција и освојува бројни награди и признанија, меѓу кои се издвојуваат: Наградата за претстава во целина на фестивалот „Буроборак“ во Смолен, Бугарија 1994 година, Наградата за естетско обликување на претставата на фестивалот во Суботица, 1995 година и други.
Заедно со вработувањето на првите актери, театарот ги бележи и вработувањата на Љубица Велкова, кројач која остава силни белези при реализација на сите раскошни костими за најразличните претстави во театарот, а исто толку години поминати во ТДМ оваа година ќе бележи и Ангеле Насковски, тон мајстор.
На 6. Февруари 1998 година, Театарот за деца и младинци конечно добива свој дом. Поранешниот воен ресторан „Вардар“ станува адаптиран сценски простор, од привремен карактер. Овој објект се уште како „привремено адаптиран театар“ е единствениот дом во кој вработените неуморно креираат и создаваат успешни претстави наменети за деца и младинци, цели 33 години и веруваат во „Сонот што трае“.
Култура
Перформанс и предавање на уметницата Дилејн Ле Бас во МСУ – Скопје

Утревечер, на 1 февруари, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје предавање и перформанс ќе одржи британската уметница Дилејн Ле Бас. Разговорот ќе го води уметникот Никола Узуновски.
Перформансот се однесува на уметничка практика на Ле Бас, претставена преку проектот „Архивата на куќата“.
Неколку нејзини уметнички дела се составен дел од веќе отворената изложба „Сè што ни е заедничко“ во МСУ Скопје, која е реализирана во рамките на проектот „Манифеста 14 Приштина – Западен Балкан“.
Настанот се организира со финансиска поддршка на британската амбасада во Скопје.
Дилејн Ле Бас е британска уметница на вкрстени дисциплини и создава инсталации, перформанси, фотографии и филмови. Таа е една од шеснаесетте уметници што се дел од „Изгубениот рај“, првиот ромски павилјон на Биеналето во Венеција од 2007 година. Нејзините дела се вклучени во Биеналето во Венеција од 2007 година, Биеналето во Прага 2005 и 2007 година, биеналето „Гвангју“ 2012 година, Националната галерија на уметност – Зачета 2013 година, MWW, Музеј на современата уметност – Вроцлав 2014 година, третото издание на проектното биенале за современа уметност D-O Арк андерграунд – Босна и Херцеговина 2015 година, Биеналето Оф, Будимпешта 2015 година, Проширено меѓународно биенале за современа уметност во Гетеборг.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Инвестирањето во културата е инвестиција во нашата потпора

„За културата не е капитална инвестиција да изградите театар чии темели се во вода. За културата не е капитална инвестиција да подигнете споменик за кој немате храброст да го наречете по име. Ниту е капитална инвестиција „пресвлекувањето“ на минатото. Грабање преку градење во име на културата, најблаго речено, е сквернавење на сопствената култура“, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на дводневната Годишна конференција „Година на нови можности“ што денеска и утре се одржува во Скопје.
Во дискусијата на вториот панел „Капитални и инфраструктурни проекти за подобар квалитет на живот и развој на културата во услови на криза“ Костадиновска–Стојчевска посочи дека не случајно овој дел од панелот го следи пораката – Културата е инвестиција во нашата потпора, бидејќи културата сама по себе е капитална инвестиција. Во комбинација со нашата свест за нејзината улога и важност, таа носи и огромна добивка која не се мери само како економски бенефит и затоа, како што рече, во културата мора внимателно и остроумно да се инвестира.
За нас, додаде Костадиновска-Стојчевска, капитална инвестиција во културата е да градиме со љубов простор во кој ќе живее нашето вчера, нашето денес, нашето утре за навек. Да ги заштитиме од времето и од невремето темелите на зданијата кои сведочат за нашиот идентитет, за нашата посебна историја. Да ги сочуваме децениските трезори на нашата култура, да ги чуваме спомениците од НОБ како паметник и како потсетник. А ги имаме, и како наследство и како потпора.
„Го реставрираме и конзервираме Ангелот од Курбиново – Црквата Свети Ѓорги, ги засилуваме темелите на скопскиот Аквадукт, дигитализиравме милиони записи во Институтот за македонски јазик, ги санираме и реконструираме Националните културни установи, градиме и доградуваме театри низ државата. Отвораме културно-информативни центри, постепено го враќаме украденото културно наследство дома. Сè повеќе го отвораме Балканот за културата, сè повеќе ја отвораме културата за светот“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Потсети дека минатата година станавме дел од Културните рути на Советот на Европа, а во Давос, пак, станавме дел од Алијансата за Баукултур за вмрежување на соработката на јавниот со приватниот и со граѓанскиот сектор.
Во тој контекст на шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес, како што рече Костадиновска -Стојчевска, Скопје мора да доживее т.н.„Ослободување“ од стиропорот и невкусот на Скопје 2014-та, затоа што Скопје е нашата престолнина која претендираме да стане Европска престолнина на културата за 2028-ма година.
„Впрочем, јас и на почетокот на мандатот, пред точно една година, реков дека мој врвен приоритет ќе биде живата култура. Јас верувам дека добитна комбинација е кога капиталните инвестиции и инвестирањето во сопствениот уметнички потенцијал одат со ист чекор. Зашто, инвестирањето во културата е инвестиција во нашата потпора“ истакна Костадиновска-Стојчевска.
Костадиновска-Стојчевска за време на дискусијата потенцираше дека оваа 2023 година е година кога се навршуваат 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, но и година на бројни јубилеи.
„ 2023-та е Година посветена на исклучителниот Ацо Шопов, како и година во која одбележуваме 120 години од Илинденското востание. Во 2023-та се навршуваат 115 години од раѓањето и 80 години од загинувањето на Коста Рацин. 30 години од смртта на Блаже Конески. 120 години од раѓањето и 50 години од смртта на Никола Мартиноски. 80 години од првиот час на македонски наставен јазик во училиштето во Подвис, кичевско. 80 години од Второто заседание на АВНОЈ и исто толку години од формирањето на Иницијативниот одбор за заседанието на АСНОМ и 30 години од нашиот прием, како самостојна држава, во Обединетите Нации. Ова се само дел, но верувам доволно за да потсетам дека меѓу кои кои не потсетуваат дека имаме минато со кое се гордееме, дека имаме длабоки корени кои само заедно можеме да ги сочуваме. Во мудроста е нашиот бедем, а во културата, нашата потпора“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.