Култура
Друштвото на филмските работници: Македонија остана без национален кандидат за „Оскар“, македонскиот филм заглавен во кал
Македонскиот филм е заглавен во кал. Не се сервисираат проектите што се во развој, во продукција или се завршени. Нема нови проекти, прекинати се или се загрозени речиси сите регионални и меѓународни соработки, а Македонија годинава нема да има ни кандидат за „Оскар“, едноставно затоа што нема филм што ги исполнува прилично едноставните услови пропишани од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука. Ова го истакна Дриштвото на филмските работници (ДФРМ) преку соопштение.
Од тука велат дека погубните деструктивни политики, мотивирани од незнаење, поточно елементарно непознавање на филмската дејност и реваншизмот кон оние што со години се борат за подобри услови за производство на филм, ја доведоа македонската кинематографија до колопас.
„Покрај безумните и нелогични кратења кон најголемиот амбасадор на нашата култура – филмот, овие состојби се и последица на она на кое јавноста е сведок веќе подолго време – очајната ПР-капмања што се води против Друштвото на филмските работници токму од оној за кого не важат правилата, законите, професионална етика и принципот на колегијалност. Друштвото на филмските работници на Македонија стана предмет на подмолни анонимни пријави за набргу потоа да се обелодени нивниот подносител и автор. А само затоа што ДФРМ и фелата отворено и недвосмислено станаа против добивање државни средства на сметка пред завршување на конкурсните процедури пропишани со законот, против испумпување милионски суми пари на сопствени сметки надвор од земјата за наводен равој или промоција, како и против неколегијалното однесување, саможивноста и алчноста“, се вели во соопштението на ДФРМ.
Друштото очекува дека институциите на системот ќе се охрабрат и, како што велат, ќе ги расветлат и казнат криминалите што со години тежат и го влечат македонскиот филм во бездна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Операта „Тоска“ на 16 мај во рамките на 54. издание на „Мајски оперски вечери“
Во рамките на 54. издание на престижниот фестивал „Мајски оперски вечери“ на 16 мај со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Полска, Марчин Наленч-Њесјоловски ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.

Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Марија Јелиќ од Србија, во улогата на Каварадоси – Милен Бошков (Бугарија), во улогата на Скарпија – Иван Инверарди од Италија, во останатите улоги настапуваат: Владимир Саздовски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
„Тоска“ е опера во три чина од Џакомо Пучини, создадена врз либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза, инспирирано од драмата на Викториен Сарду. Од својата премиера до денес, делото го задржува вниманието на публиката со својата драмска напнатост и силен музички израз. И повеќе од еден век подоцна, „Тоска“ останува едно од најизведуваните оперски дела — силна приказна во која личната судбина се судира со моќта, љубовта и трагедијата.
Култура
Со „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“ свечено отворени 54. Мајски оперски вечери
Со изведбата на оперите „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“ од Џакомо Пучини, синоќа во Македонската опера и балет беше отворено 54. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Публиката премиерната изведба ја поздрави со долги аплаузи и овации.
Диригент на двете едночинки беше Џанлука Мартиненги, кој го водеше оркестарот низ две различни музички и драмски атмосфери – од трагичната и емотивна „Сестра Анџелика“ до сатиричната и комична „Џани Скики“.
Во главната улога во „Сестра Анџелика“ настапи сопранистката Валентина Бои, која ја донесе емотивната приказна за монахињата што се соочува со лична трагедија. Бенедета Мацето настапи како Принцезата, во улога што внесе силна драмска тензија во претставата.
Режијата е на Пјер Франческо Маестрини, сценографијата на Гиљермо Нова, костимографијата на Кристина Ачети, а светлото го потпишува Милчо Александров.
Во вториот дел од вечерта беше изведена комичната опера „Џани Скики“, во која главната улога ја толкуваше Роберто Де Кандиа. Настапија и Ана Дурловски како Лаурета и Гуо С-Жао како Ринучио.
Публиката особено ја поздрави изведбата на аријата „O mio babbino caro“, како и ансамбл сцените во операта.
Со ова отворање, Мајските оперски вечери ја започнаа новата фестивалска сезона со продукција што обедини силни вокални интерпретации, впечатлива сценографија и современ режисерски пристап.
Култура
Самостојна изложба „Македонска Златна Азбука“ на Мaја Танева во Мобилната/Монтажна галерија во Скопје
Денес во Мобилната/Монтажна галерија во Скопје, ќе биде отвотена самостојната изложба „Македонска Златна Азбука“ на уметницата Мaја Танева, проект кој ја истражува македонската азбука како простор на идентитет, културна меморија и современ визуелен израз.
Изложбата опфаќа 31 дело, по едно за секоја буква од македонската азбука, изработени во акрилна техника со златна фолија на акрилен хамер. Дел од буквите се врамени, додека други излегуваат од класичниот формат и го преземаат самиот галериски простор,претворајќи ја изложбата во визуелно и емоционално искуство.
„Азбуката е едно од ретките нешта што тивко нè следат низ целиот живот. Преку неа првпат го пишуваме сопственото име, првпат читаме и се препознаваме себеси во јазикот,“ вели авторката.

Златото во изложбата не симболизира материјално богатство, туку вредност која што не бледее, како јазикот, наследството и културниот идентитет. Во време на забрзана дигитална визуелна култура, „Македонска Златна Азбука“ отвора простор за повторно поврзување со сопствениот јазик преку уметноста.
Мaја Танева е визуелна уметница и скулпторка, препознатлива по својата работа со инокс и жичени форми. Иако нејзините последни години се обележани со скулпторски изложувања, „Македонска Златна Азбука“ претставува посебен авторски проект и изложување со слики, создадено како визуелно истражување на буквата, јазикот и културниот идентитет, но и продолжување на истражувањето на формата, симболот и просторот низ нов медиумски пристап.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ, во рамки на програмата за развој на Креативни индустрии за 2026 година. По завршувањето на изложбата, делата продолжат да живеат и надвор од галерискиот простор преку дигитална архива, PDF-изданија и принтови достапни за пошироката публика и културни институции.
Изложбата е отворена од 11-ти до 17-ти мај во Мобилна/Монтажна галерија – Скопје.
