Контакт

Култура

ЕКСКЛУЗИВНО СО ТУРСКИОТ АКТЕР ХАЛИЛ ЕРЃУН – Али Риза во Битола: Би се преселил во Македонија, луѓето уште не се поразени од капитализмот

Објавено пред

Бунтовен, прогресивен, поборник за вистинските човечки вредности, како правдата и половата рамноправност, исклучително харизматичен, турската актерска ѕвезда Халил Ерѓун, познат на домашната телевизиска публика како Али Риза во турската серија „Кога лисјата паѓаат“, изминативе две недели беше во Битола за потребите на снимањето на филмот „Најтешкото нешто“ каде што ја толкува улогата на Африм. Станува збор за првиот македонски филм на турски јазик во режија на Сердар Акар ( „Долина на волците“, „Збогум Румелија“), а во продукција на „Сектор филм“ ( Владимир Анастасов, Ангела Несторовска) од Скопје. Го затекнавме пред да замине на последниот ден од неговото снимање во Битола, а едночасовниот разговор беше само мало ѕиркање во личноста на Ерѓун, кој во својата богата професионална и лична биографија со повеќе од 80 улоги во театар, филм и телевизиски серии, како и на прагот на осмата деценија од животот со часови би имал што да раскаже.

Роден е во Изник во 1946 година, студирал политички науки во Анкара, а актерската кариера ја почнува во театар во Бурса. Неговото филмско деби се случува во 1974 година со големиот турски режисер Јилмаз Гуну. За своите улоги е повеќепати наградуван, а вели улогите внимателно ги бира и прифаќа да игра единствено ако му се допаѓаат.

За улогата во „Најтешкото нешто“ пресудило сценариото, а со македонската продукција се поврзал преку нашиот актер Ертан Шабан, кој исто така има филмска кариера во Истанбул.

Иако голема актерска ѕвезда во Турција, без трошка ароганција природно и спонтано одговори на неколку прашања. За својата младешка верба во правда кога кон крајот на шеесеттите и во седумдесеттите години има големи политички превирања во Турција бил во затвор, но вели дека и до денес ја негува истата идеолошка ориентација и нема намера да отстапи.

Ерѓун во Македонија доаѓа првпат, но вели дека веќе размислува и да се пресели тука бидејќи смета дека либерал капитализмот не успеал комплетно да навлезе во секојдневието и да ја избрише човечноста.

„Првпат сум во Македонија, но воопшто не ја доживувам како странска земја. За мене, земјите од Балканот се многу блиски, и историски и културолошки. Ние сме нераскинливо поврзани уште од времето на балканските војни. Уште како дете, миграциите ми оставија голем впечаток. Ги набљудував доселениците и нивната носталгија по родниот крај, но исто така и нивното поврзување со населението и културолошкото соединување. Верувам дека големите мешања на народите од Балканот се вистинско културолошко богатство“, вели Ерѓун.

Со оглед на тоа што пред актерската кариера завршил политички студии во Анкара, нему му се познати историските и политичките услови на Балканот. Од друга страна, пак, како креативен човек со емпатичен сензибилитет носи посебни впечатоци од детството и младоста кога ги набљудувал доселениците во неговиот роден крај.

„Доаѓам од Измир, и во местото каде што потекнувам имаше многу мигранти од балканските земји. Особено лично ги доживувам приказните што се одвиваа пред моите очи. Тоа беа луѓе кои морале да ги напуштат своите домови и беа многу носталгични кон своите земји. Жените се собираа во дворовите и пееја песни што ги потсетуваат на нивните домови. За жал, овие процеси на миграции и денес не се завршени и многу луѓе дури и во вашата убава земја се принудени да талкаат по светот за подобар живот“.

Воопшто не се кае што поради своите идеолошки убедувања за време на револуцијата во 1968 година бил затворен од страна на тогашните турски власти.

„Бев и останав социјалист, верувам во рамноправност. Бев воодушевен од југословенската федерација, титовата Југославија. И моите пријатели со слични политички убедувања ја гледаа Југославија како земја во која царуваат и демократијата и рамноправноста. Но, во седумдесеттите во Турција состојбите беа поинакви. Не беше баш дозволено да се спротивставиш, па така завршив и во затвор. Не се каам за ништо и денеска верувам во истите нешта. Сметам дека секој уметник треба да биде на страната на правдата, да ги почитува работничките права и да се спротивстави на хегемонијата. Исто така, верувам дека жените треба да бидат рамноправни со мажите“.

Улогата што ја толкува како Африм во филмот „Најтешкото нешто“ на некој начин е симбол на неговите убедувања. Тој толкува татко чиј син се инфилтрира во некој поинаков криминоген свет и нивниот конфликт доаѓа од спротивставените убедувања за вредноста на животот.

„Многу сум среќен што дојдов во Македонија и што играм во овој филм. Ми се допадна сценариото и без размислување ја прифатив улогата. Имам одлична соработка со режисерот Акар и со македонската продукција. Особено ме пленат љубезноста и гостопримливоста на луѓето тука и размислувам дури и да живеам тука“.

Филмската индустрија во Турција произведува квалитетни филмови и има хиперпродукција на телевизиски серии. Ерѓун смета дека иако комерцијални, овие серии се значајни за публиката, но и за актерите, кои можат брзо да заработат за сметка на популарноста со која се стекнуваат преку малите екрани.

„Не гледам многу серии, на телевизија главно гледам музички канали. Јас сум театарски глумец и во филмот влетав во седумдесеттите во соработка со мојот добар пријател и тогаш режисер во подем. За сериите најпрво имав задршка, но кога почнав да снимам, тоа почна да ми се допаѓа. Пазарот е голем, а за секој актер е најважна гледаноста на тоа што го сработил. Филмската индустрија е напорна и скапа работа и ако порано се почитувале само големите евергрин филмови, таа состојба денес е значително променета. Серијата ’Кога лисјата паѓаат’ стигна дури до Перу и беше прифатена од тамошните гледачи, што укажува на тоа дека животните приказни се универзални и препознавањата со други култури се случуваат спонтано. Се радувам што сум дел од снимањето на сериите, но секако прифаќам единствено ако видам дека сценариото е добро и улогата ми се допаѓа“, вели глумецот.

Ерѓун смета дека приказната во филмот „Најтешкото нешто“ го носи тој убав човечки психолошки фактор и ќе допре до широка публика.

„Сите улоги во овој филм се подеднакво важни. Испреплетени се многу приказни кои зборуваат за човечноста, сентименталноста и душата. Тоа ќе биде препознаено од широка публика и верувам дека ќе доживее голем успех“.

На крајот, рече дека е оптимист и дека верува во тоа дека светот ќе ги надмине овие уништувачки синдроми и стремеж кон материјализмот и ќе се вратат есенцијалните човечки вредности.

Снимањето на „Најтешкото нешто“ почна на 28 јули, а завршува до крајот на неделава. Кастингот во оваа современа филмска приказна го сочинуваат турски актерски ѕвезди и познати и успешни македонски актери.
Сценариото е на Оливер Ромевски, познат по романите со интригантни трилер и криминалистички приказни. Во главните улоги се играат и Ердал Бешикчиоглу, во чија филмографија се впишуваат и главна улога во култната серија „Бехзат Ч.“, во филмот „Мед“ што беше добитник на „Златна мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал и многу други; Белчим Билгин позната по филмовите „Сонот на пеперутката“, „Љубовта ги сака случајностите“, „Сезона на носорогот“ серијата „Сети се сакана“; нашиот актер Ертан Шабан, кој се прослави во Турција, и нашите познати и успешни актери и актерки: Луран Ахмети, Бедиа Беговска, Сара Климоска, Сузан Акбелге, Џенап Самет, Дениз Абдула, Ивана Павлаковиќ, Ерман Шабан, Неат Али, Осман Али и многу други.

Кинематографер на филмот е Дејан Димески (добитник на „Сребрена камера 300“ на ИФФК „Браќа Манаки“), костимограф е Емилија Атанасовска, сценографијата е на Кирил Спасески. „Сектор филм“ го реализират проектoт во копродукција со турската продуцентска куќа „Ен-те-џе медиа’ (NTC Medya). Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Дејствието на филмот се одвива во актуелно време и прикажува неколку испреплетени животни судбини чии патишта се вкрстуваат во определен миг.

Култура

Синедејс: Проекција на македонскиот филм „ТМ“, приказна за вербата и осаменоста сработена со ентузијазам и речиси без буџет

Објавено пред

Македонскиот инди филм „ТМ“ во режија на Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов, вечерва во 22 часот ќе биде прикажан во паркот Ибни пајко, а во рамки на филмскиот фестивал „Синдејс“.

„ТМ“ е филм кој е работен речиси без буџет и раскажува приказна за осаменоста и вербата во невозможното. Станува збор за критика на општеството и политиката како главен виновник за исчезнување на поединецот, за исчезнување на една личност, која е цел еден свет.

Пред вечерашната проекција, режисерот Димитријевиќ во разговор за „Макфакс“ вели дека најважно е да се работи со добра екипа и упати пофални зборови и благодарност до сите кои учествувале во проектот.

Тој раскажува дека тимот ја препознал идејата, па решиле да бидат дел во филмот под околности кои не подразбираат некаква заработка веднаш.

„Со јасен концепт и добра екипа може да се направи филм со лимитирани средства, а тоа сме го виделе во многу случаи во светската кинематографија“, вели Димитријевиќ.

Покрај „ТМ“, во рамки на програмата на „Синдејс“, денеска ќе бидат прикажани уште 8 филмови во Градскиот парк, МКЦ парк, Парк Ибни Пајко и POP-UP киното.

Фестивалот „Синдејес“ пред два дена беше отворен со премиера на македонскиот филм „Стела“ на Стојан Вујичиќ, а ќе биде затворен в четврток со премиерата на најновиот филм на Игор Иванов-Изи, „Хомо“.

Елена Тарчуговска

Прикажи повеќе...

Култура

Лауреатот на Златна камера 300, Камински со порака на „Браќа Манаки“: Едвај чекам да се видиме во Македонија

Објавено пред

На синоќешниот настан за одбележување на 41. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој се одржа во Музеј и завод Битола пристигнаа почитувачите на фестивалот од Битола, министерката за култура, Ирена Стефоска, директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, филмски професионлаци, претставници на дипломатскиот кор, љубители на филмската уметност. Пред присутните гости се обрати покровителот на фестивалот, Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој рече дека „Браќа Манаки“ е еден од најзначајните културни настани во нашата земја, настан во кој е вткаена богата историја, многу ентузијазам и љубов кон филмската уметност.

„Благодарение на овој фестивал, Битола и нашата држава се препознаени во светот на седмата уметност. За жал, годинава го нема црвениот тепих и препознатливиот гламур пред Центарот за култура во Битола, ги нема филмските проекции и полната киносала, ги нема драгите гости од светот на филмот. Пандемијата со Ковид-19 ги промени сите планови и предвидената програма за 41. издание на „Браќа Манаки“. Сепак, традицијата продолжува, и во скратена и во изменета форма фестивалот и понатаму живее“, рече претседателот Пендаровски.

Тој им честита на годинашните добитници: Јануш Камински, лауреат на Златна камера 300 за животен опус и Столе Попов, кому му беше доделена наградата на ДФРМ „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.

„Токму деновите на пандемијата ни покажаа колку е важна уметноста и, особено, која е моќта и улогата на филмот. Се разбира дека искуството на гледање филм на големото филмско платно е незаменливо и верувам дека со нормализирањето на состојбата, повторно, со зголемен ентузијазам и со љубопитност ќе се вратиме во кината“, додаде претседателот Пендаровски.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска говореше за тоа дека фестивалот „Браќа Манаки“ го одржува пулсот на градот Битола. „Во градот во којшто катадневно се случуваат низа настани, кој постојано живее со културните настани, градот којшо ја чува уметностао д античко време, од Хераклеа до секоја фасада во нашиот град. Токму во овој град може да се спакуваат низа животни ситуации и да претставуваат мотив за следни кинематографски изданија. Сето ова е длабок мотив да го сочувате фестивалот, дури и во вакви околности во кои се наоѓаме, како што е пандемијата. Сето ова е мотив повеќе и ние да оставиме нешто за следните генерации“, рече Петровска и им честита на годинашните добитници на наградите, какао што рече, „со многу повеќе верба во следното“.

Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмски работници, годинава му припадна на една од најистакнатите личности на македонската кинематографија, режисерот Столе Попов. Наградата свечено му ја врачи претседателот на ДФРМ, Игор Иванов, кој истакна дека во филмската уметност повеќе од која било друга националниот предзнак е исклучително важен.

„Кога настапуваме на фестивали, го пишува на земјата и таму се вее знамето на нашата земја Македонија, Република Северна Македонија. Ако треба со некое име на автор да ја означам нашата кинематографија, македонската кинематографија – тоа несомнено е Столе Попов“, рече Иванов потсетувајќи на најважните награди признаија на Попов која кулминираше со номинацијата за Оскар за документарен филм во 1979 година, за „Дае“.

„Филмовите на Столе Попов не излегуваа од киносалите, репликите од неговите филмови се дел од урбаниот живот и жаргон на скопјани, на луѓето од Битола, на сите кои живееме овде. Тој е несомнено еден од најголемите културни дејци на времето кое го живееме и во годината во која нашето Друштво на филмските работници на Македонија ја одбележува 70-годишнината од своето постоење, исклучително ми е драго што нашето најголемо признание „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ ќе му ја доделиме на Столе Попов“, рече Иванов.

Заблагодарувајќи се за наградата Попов рече дека секоја награда со годините може да се релативизира, но сепак има два типа на признанија кон кои не може да биде индифирентен и ги прима со голема радост, а тоа се наградите од публиката и од колегите. „Секој што се занимава со филм знае за тешкиот и макотрпен пат да се дојде до филм, тоа се илјадници помали и поголеми битки, од најтешката битка со самиот себе си за да се оствари визијата која ја носите во себе и на најсугестибилен начин да ги придобиете соработниците со кои работите за да од практично ништо направите нешто што публиката ќе го засака и ќе го гледа и тоа нема да се изгуби со текот на времето. Моите филмови главно се занимаваат со вечната тема во кинематографијата, тоа е пред се’ слободата и љубовта. Нема ништо поиманентно за слободата од идентитетот на човекот, неговиот јазик, неговата култура, неговата духовност и духовноста на средината во којашто живее. Би сакал да скренам внимание на луѓето кои се занимаваат со политика да не забораваат и да не ги занемаруваат тие фундаментални вредности на светската кинематографија и демократија, кои се’ почесто се занемаруваат и губат. Да имаат една работа на ум дека со сила и на сила убавина нема”, рече Столе Попов.

Преку видео порака се вклучи Кеес ван Острум, новоизбраниот претседател на ИМАГО, меѓународната асоцијација на кинематограферите, која во фестивалот „Браќа Манаки“ препозна свој партнер уште од 1995 година. „Извонредно е тоа што членовите Друштвото на филмски работници се’ уште го одржува атво добра форма“, рече ван Острум.

Возбудлив момент на ова одбележување на 41. издание на „Браќа Манаки“ беше обраќањето на годинашниот лауреат на Златна камера 300 за животен опус, оскаровецот Јануш Камински, големиот полско – американски и светски кинематографер, кој своето обраќање го почна на македоски јазик:

„Здраво пријатели, како сте? Огромна чест ми е што сум добитник на Наградата за животно дело од Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Се чини дека сум најмладиот добитник. Сепак, се вели дека годините се само бројка.
Би сакал да им честитам и на сите филмски професионалци признаени од фестивалот за нивната работа. Ви честитам.
Едвај чекам да ја посетам Битола, едвај чекам да се сликам пред споменикот што ги прикажува браќата Манаки. Какви изумители! Какви иноватори! Ја создале современата кинематографија! Освен тоа, не можам да ви опишам колку ми е мерак што ќе ја посетам Македонија,и ќе пијам Мастика. Не дека сум некој голем пијач, но сакам да дегустирам различни видови алкохол.

Од друга страна, на полично ниво, морам да се пофалам каква среќа имам што сум кинематографер. Мислам дека тоа е најчудесната професија на светот, да можеш да се изразиш себеси естетски и уметнички преку светлината и сенките. Тоа е уметничка форма што полека, но сигурно исчезнува. Би сакал да ја нагласам важноста на визуелното раскажување. Би сакал да ја нагласам важноста на сенките и светлината. На сите млади кинематографери што ме гледаат им порачувам – мора да работите на вашата уметност, мора да работите на вашиот занает. Работата не е во тоа само да покажете слика, поентата е во визуелните метафори, во раскажувањето приказна преку композицијата, движењето на камерата, и светлината и сенките.
Ви посакувам добра среќа на сите. Уште еднаш ви благодарам за оваа награда. Како што веќе кажав – Едвај чекам да се видиме во Македонија“, порача Камински.

Амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнс рече дека е достојно за почит се одржува наследството на браќата Манаки и овој фестивалот.
„Г-дине Камински, со вашата неприкосновена исклучителност направивте едни од највпечатливите и најважни филмови во последниот четврт век да бидат доживеани на филмското платно. Г-дине Попов, со вашата исклучителна работа придонесувате не само за афирмацијата на националната кинематографија, туку придонесувате и кон светското филмско богатство. Во последните неколку месеци, додека ја живеевме новата реалност на карантини и полициски часови, всушност филмската уметност во сите свои различни форми и која ја гледаме на различни начини беше она што успеа да не’ одржи во некаков вид на нормалност, успеа да ни ги одвлече мислите, да не’ занимава и да ни даде надеж. А всушност, луѓето на кои им е посветен овој фестивал – кинематограферите, се срцето на оваа уметничка форма. Тие се оние луѓе што стојат зад камерата и кои што ги оживуваат приказните, преку кои што понатаму ние можеме да се поврземе“, рече амбасадорката Брнс.

Од името на фестивалот зборуваше директорката на “Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска, која кажа дека веќе се подготвува следното издание на фестивалот.

„Подготвуваме квалитетна програма за да поканиме филмски уметници кои ќе бидат вистинските јунаци на новите слики, да ни дојдат гости и посетители од целата наша земја, регионот, како и што се случуваше во последните години. Би сакала да им се заблагодарам на сите што го сакате фестивалот, што го поддржувате, и ја поддржувате филмската уметност, колку и да е интересна, колку и да е, можеби, комплексна, но се обидувате секогаш да навлезете во нејзината слика како да сте вие дел од неа. Многу ќе ми недостасуваат, и мислам дека на сите ни недостасуваат, тие осум дена полни со адреналин кога трчаме од едно до друго кино. Знам дека целата оваа година, на идното издание догодина, ќе им ја раскажуваме на нашите гости, кои што ќе ги пречекаме овде во Битола, а тие ќе бидат растрчани од Центарот за култура, до Малата сала, до Големата сала, до Магазата, до Пациото и до новото Кино Манаки, кое што Општина Битола, сепак, успеа да го направи. Драги мои пријатели, многу ви благодарам што овој еден час, овој драгоцен час за нашиот мал тим, бевте со на“, рече Теодосиевска.

Битола од ова лето има уште едно, ново кино, на местото на некогашното кино, но пандемијата ја спречи промоцијата на новата киносала „Манаки“. Публиката имаше можност да види видео материјал за оваа нова културна и филмска точка на Битола.

Маја Андоновска – Илиевски, како водител и домаќин на настанот изрази благодарност до ДФРМ, Министерството за култура, Агенцијата за филм, Општина Битола, Кинотеката на Северна Македонија, Вардар филм, Заводот Музеј, Битола, Музејот за современа уметност, Скопје, но и благодарност до пријателите на фестивалот кои и во оваа тешка година се со него: Имаго, МекКен –Скопје, Комерцијална Банка, Тиквеш, Божиновски накит и часовници, Турскиот културен центар – Јунус Емре, Халк банка, Леиц и Вертиго Вижуал.

Годинава УО на ДФРМ донесе одлука дека ИФФК „Браќа Манаки“ нема да се одржи во својата реална форма. Основен мотив за оваа одлука е зачувувањето на здравјето на публиката, гостите и филмските работници во непредвидливата ситуација со пандемијата и негативниот ефект што оваа состојба ни го наметнува во сите сегменти на нашиот социјален живот.

Прикажи повеќе...

Култура

„Браќа Манаки“ во Битола – годинава без црвен тепих, но традицијата продолжува

Објавено пред

Претседателот Стево Пендаровски вечерва, во Пациото на НУ Завод и музеј Битола, присуствуваше и се обрати на 41. Издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. Продолжувајќи го традиционалното покровителство на оваа значајна манифестација, претседателот Пендаровски истакна дека е добро што и покрај пандемијата на Ковид-19, „Браќа Манаки“ се одржува и годинава во скратена и во изменета форма.

„За жал, годинава го нема црвениот тепих и препознатливиот гламур пред Центарот за култура во Битола, ги нема филмските проекции и полната киносала, ги нема драгите гости од светот на филмот. Пандемијата со Ковид-19 ги промени сите планови и предвидената програма за 41. издание на „Браќа Манаки“. Сепак, традицијата продолжува, и во скратена и во изменета форма фестивалот и понатаму живее. Годинава го имаме доделувањето на наградата „Златна камера 300“ за животно дело или животен опус, чиј лауреат оваа година е полско-американскиот кинематографер Јануш Зигмунд Камински. Исто така ќе биде доделена и наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, а добитник е режисерот и сценарист Столе Попов.

Сакам да им честитам на добитниците и да им посакам уште многу филмски проекти. Во оваа прилика би сакал да го изразам своето уверување дека сите помагачи на фестивалот, централната и локалната власт, бизнис-заедницата, филмските работници, се и ќе продолжат да бидат и понатаму со фестивалот“, рече Пендаровски.

„Деновите поминати во карантин, во изолација, во нашите домови за време на полициските часови нè потсетија колку значајно место во нашите животи имаат подвижните слики. Тие беа една од основните преокупации и можност за квалитетно поминување на нашето време. Дали пред телевизиските екрани или пред компјутерите, филмовите даваа ведрина и смисла на нашето потполно изменето секојдневие. Токму деновите на пандемијата ни покажаа колку е важна уметноста и, особено, која е моќта и улогата на филмот. Се разбира дека искуството на гледање филм на големото филмско платно е незаменливо и верувам дека со нормализирањето на состојбата, повторно, со зголемен ентузијазам и со љубопитност ќе се вратиме во кино салите.Ви посакувам добро здравје и бериќетна работа и да се видиме догодина во нормални околности на 42. издание на „Браќа Манаки“, додаде тој.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет5 часа

САД постигнаа нов рекорд со повеќе од еден милион тестови дневно

САД поставија нов рекорд со повеќе од милион тестови за коронавирус за еден ден, но експертите велат дека им требаат...

Македонија7 часа

Четири лица починаа од коронавирус, потврдени се 178 нови случаи

Во последните 24 часа од коронавирус во Македонија починаа четири лица, а потврдени се 178 нови случаи од 1.368 тестови,...

Македонија10 часа

Родилка и нејзиното бебе починаа на Клиниката за гинекологија, внатрешна контрола го испитува случајот

Родилката која заедно со нејзиното бебе вчера попладне починаа на Клиниката за гинекологија не знаела во која недела е од...

Македонија12 часа

Утре ќе се знае дали ќе има дневен престој во училиштата, не е исклучена можноста за затворање на градинките

Комисијата за заразни болести утре на состанок ќе расправа за воведување целодневен престој во училиштата. Директорот на Здравствен дом Скопје,...

Регион12 часа

(Видео) Пронајдена трета жртва по ураганот во Грција, маж загинал кога врз него паднал покрив

Ураганот Јанош, кој ја погоди Грција, ја однесе и третата жртва во Тесалија во централниот дел на земјата, објавија денеска...

Македонија14 часа

Холштајн: Во интерес на Бугарија е да не го блокира проширувањето на ЕУ во овој регион

Билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка за проширување на ЕУ, изјави германската амбасадорка во земјава, Анке...

Македонија15 часа

Пендаровски до Вартоломеј: Нашите православни христијани да бидат еднакви со другите во светот

Претседателот Стево Пендаровски, по повод почетокот на Новата црковна година, упати писмо до Неговата Сесветост Вартоломеј, Архиепископ Цариградски – Нов...

Македонија15 часа

Комисијата одлучува за целодневна настава

Комисијата за заразни болести вчера и денеска ја разгледува можноста за воведување целодневна настава во основните училишта од 1 октомври....

Култура16 часа

Лауреатот на Златна камера 300, Камински со порака на „Браќа Манаки“: Едвај чекам да се видиме во Македонија

На синоќешниот настан за одбележување на 41. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој се одржа во...

Економија16 часа

СДСМ: Владата помага со 550 милиони евра, следува четвртиот пакет антикризни мерки

Владата им помага на граѓаните и стопанството со 550 милиони евра, следува четвртиот пакет антикризни мерки, велат од СДСМ преку...

Свет1 ден

Пакет со отров испратен до Доналд Трамп

Пакетот, кој содржи отровен рицин, е испратен до претседателот Доналд Трамп, пренесува „Си-ен-ен“.Двајца полицајци го пријавиле случајот. Извршени се два...

Свет1 ден

Борис Џонсон: Доаѓа вториот бран на епидемијата

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека вториот бран на епидемија на коронавирус пристигнува во Велика Британија. Говорејќи во центарот за...

Култура1 ден

„Браќа Манаки“ во Битола – годинава без црвен тепих, но традицијата продолжува

Претседателот Стево Пендаровски вечерва, во Пациото на НУ Завод и музеј Битола, присуствуваше и се обрати на 41. Издание на...

Свет1 ден

Хаос во Лондон поради рестриктивните мерки: судири меѓу полицијата и демонстрантите

Полицијата во Лондон се судри со демонстрантите против рестриктивните мерки насочени кон спречување на ширењето на коронавирусот. Повеќе од 1.000...

Топ1 ден

Едно лице загина во возило кое излета на патот Неготино – Кавадарци, повредени уште тројца од семејството

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци во координација со ОВР Неготино, изврши увид на лице место, каде денеска во...

Регион1 ден

Стотици луѓе на Парадата на гордоста во Загреб, бараат промена на Уставот

Стотици луѓе се собраа на плоштадот Свети Марко во Загреб, каде се одржува 19. Парада на гордоста. Учесниците на Парадата...

Македонија1 ден

Шестмина починати и 140 нови случаи на Ковид-19 во земјава

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1397 тестирања, а регистрирани се 140 нови случаи на...

Регион1 ден

(Видео) Ураганот донесе поплави и однесе два животи во Грција

Медитеранскиот ураган Јанос, кој ја погоди централна Грција денеска, однесе два животи, предизвикувајќи поплави и материјална штета. Two dead, one...

Спорт1 ден

Ѓоковиќ кршеше рекети, судијата го нарекуваше Федерер, но влезе во полуфинале

Светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ со судни маки успеа да се пласира во полуфиналето на Мастерсот во Рим, откако...

Македонија1 ден

(Видео) Како ќе изгледа враќањето на училиште: на секое дете ќе му се мери температура, маските ќе се вадат само за време на оброкот

Министерството за образование и наука во соработка и со поддршка на УНИЦЕФ И УСАИД, изработи видео во кое на јасен...

Досие