Култура
Планиравме втор дел од серијата „Опстанок“, со пораснати деца, но Мето си замина, режисерот Грозданоски остана без Осамениот

Во шумски предел, силното невреме го носи сплавот на којшто се децата Босилка, Петре, Анѓа и Стојанче. Далеку од селото и своите најблиски тие го запознаваат Осамениот кој живее со своето куче, изолиран од светот. Тој им помага да се вратат дома, а и тие нему повторно да го пронајде своето место помеѓу луѓето. Вака накусо би се опишала безвременската телевизиска серија „Опстанок“ во режија на Миле Грозданоски со која пораснаа цели генерации. Драмата е снимена во 1990 година, во продукција на МРТВ, и своевремено достигна огромна популарност, а неодамна повторно беше емитувана на јавниот радиодифузен сервис.
Улогата на Осамениот во „Опстанок“ ја толкува еден од најдобрите македонски актери – Мето Јовановски, кој почина денес на 77-годишна возраст.
„Макфакс“ разговараше со режисерот на телевизиската драма, Миле Грозданоски, кој ни раскажа за снимањата, соработката со Јовановски, но и нивните нереализирани планови.

Мето Јовановски во телевизиската серија „Опстанок“
Култната серија била снимана цела година од пролет до пролет, а снимањето воопшто не било лесно, со оглед на тоа што од едната страна се деца-аматери, а од другата врвните македонски актери.
„Мето најмногу време помина во кадар со Петре, Стојанче, Босилка и Анѓа и кучето Волчко. Секој ден на сет со многу трпение и разбирање“,се сеќава Грозданоски.

Мето Јовановски и децата актери во серијата „Опстанок“
Мето Јовановски во крупен план секогаш сакал да му се снима само едната страна од лицето оти таа му била поубава, се шегувале во екипата. Но, на таа страна му била лузната и изваденото око, па Грозданоски вели дека од тој агол бил пострашен.

Мето Јовановски во телевизиската серија „Опстанок“
Има многу досетки од продукцијата, се сеќава режисерот, но тешко му е да зборува многу во овој тажен миг за Мето.
Грозданоски и Јовановски есенва се договарале да снимаат продолжение на „Опстанок“.

Миле Грозданоски – режисер на популарната телевизиска серија „Опстанок“
„Планиравме да снимаме втор дел од серијата, сега веќе со пораснати деца, ако најдевме финансии, се разбира… Но, толку од договорот. Мето замина, се надевам на блажено место. Вечна му слава“, вели Грозданоски за „Макфакс“.
Мето Јовановски зад себе остави бројни театарски, филмски и телевизиски улоги меѓу кои и во „Среќна нова ’49“, „Тетовирање“, „Тајната книга“. Пред 20 дена ја одигра неговата последна театарска претстава во матичниот Драмски театар, насловена „My name is Goran Stefanovski“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изведба на „Кармина Бурана“ од Карл Орф на 7 декември во Националната опера и балет

На сцената на Националната опера и балет на 7 декември 2023, со почеток во 20.00 часот, концертно ќе се изведе моќната „Кармина Бурана“ од германскиот композитор Карл Орф. Публиката ќе може да дојде и да ужива на средба со страста, љубовта и животните радости, како и вечниот сон за среќата, владетелка на светот.
Диригент е Иван Еминовиќ, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска.
Настапуваат: Наде Талевска, сопран; Васко Здравков, баритон и Нико Ѓоргиевски, контратенор заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Слушањето на моќната „Кармина Бурана“ е секогаш посебно искуство и со години го привлекува вниманието на бројната публика која постојано ја бара на тековниот репертоар.
Култура
Недела на полски филм во Кинотека

Од 06 до 10 декември 2023 во Кинотеката ќе се одржи Недела на полски филм. Ревијата ќе започне со прикажување на филмот ИО на Јержи Сколимовски.
ИО е последниот филм на Јержи Сколимовски, легендата на полското и Европското кино. Тој со овој филм покажува дека има уште што да каже. ИО е еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови во неговата шеесетгодишна кариера. Филмот ја освои наградата од жирито на 75-то издание на Канскиот филмски фестивал и влезе во потесниот избор на наградата „Оскар“ за најдобар странски филм во 2023 година.
Полскиот режисер Јержи Сколимовски има кариера која трае повеќе од 60 години, чии филмови од шеесетите години на минатиот век се сметаат за најава на новите естетски тенденции во полската кинематографија. Токму во тоа ќе можат да се уверат филмофилите гледајќи ги неговите филмови во првата половина на месецов. Она што е за одбележување е проекцијата на можеби најценетиот филм на Сколимовски Рацете горе, за товарот на сталинистичкото минато на Полска, забранет за прикажување во земјата цели 18 години, а неговиот последен филм, ИО, еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови со кој Сколимовски покажува дека има уште што да каже.
Култура
Македонска филхармонија ќе свири класика овечковечена на големото филмско платно

Овој четврток, 7 декември, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт кој претставува возбудлива музичка одисеја во која класиката создава паралелна приказна на големото филмско платно. Концертот е насловен „Бесмртност“, а ќе прозвучат дела од големите класични мајстори Маскањи, Моцарт, Бетовен, Мусоргски, Штраус, Барток, Вагнер овековечени во филмските ремек -дела на браќата Коен, Скорцезе, Форман, Кјубрик, Аронофски, Копола…
Диригент е местро Вања Ѓумар Николовски.
Вања Ѓумар Николовски се школува во Скопје, каде што на Факултетот за музичка уметност во 1992 година дипломира на Одделот за диригирање (класа на проф. Фимчо Муратовски), а во 1993 година на Одделот за композиција (класа на проф. Властимир Николовски). Во 1995 и 1996 година специјализира диригирање во Санкт Петербург, на конзерваториумот “Николај Римски Корсаков“, во класите на Илија Мусин и Михаил Кукушкин. Во овој период активно соработува со Јури Темирканов и Валери Гергиев. Мастер студиите по композиција ги продолжува во 1999 година во Скопје, во класата на проф. Гоце Коларовски.
Во деведесеттите години развива богата диригентска дејност настапувајќи со повеќе хорски и инструментални ансамбли во Македонија (меѓу кои и Македонската филхармонија, хорот на Македонската радио-телевизија, хорот „Мирче Ацев“ и др.), а Македонската опера и балет е неговата матична куќа. Остварува и голем број настапи во странство: Санкт Петербург (Русија), Белград (Србија), Виена (Австрија), Порто (Португалија), а подоцна и низа настапи во САД (Феникс, Сан Диего, Вашингтон, Лос Анџелес…). Паралелно со ова, активен е на полето на музичкото творештво, а неговите дела се изведуваат на „Денови на македонската музика“, „Охридско лето“, средбите на музичките академии од поранешна Југославија.
Во почетокот на овој век се преселува во САД каде што ја продолжува својата диригентска, педагошка и композиторска дејност. Во своето творештво минува низ различни фази. За време на студентските години, трагајќи по сопствен музички израз, неговите дела носат и неоромантичарски и неокласицистички елементи. Бескрајната творечка љубопитност подоцна го води и во други творечки правци – минимализмот, џезот, фолклорот, не само на сопствената земја туку и на другите народи од различни континенти.