Култура
„Есмералда“ од Чезаре Пуњи на сцената на Националната опера и балет на 19 февруари

Еден од бисерите на класичната балетска уметност „Есмералда“ од италијанскиот композитор Чезаре Пуњи, ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 19 февруари со почеток во 20.00 часот.
Приказната за убавата Есмералда, инспирирана од романот „Ѕвонарот на Богородичната црква” од Виктор Иго, ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, во кореографија на реномираниот кореограф од Русија, Михаил Крапивин, раскошната сценографија и костимографија се на Живојин Трајановиќ и Љупка Ристовска, концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога ќе настапи примабалерината, Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Феб ќе настапи Франциско Хименес Руиз (Шпанија), во улогата на Флер де Лис, Симона Колиштркоска, во улогата на Гудула ќе настапи Саша Евтимова, која оваа година одбележува 25 години уметничка дејност како истакнат балетски играч, педагог и кореограф.
Настапуваат: првенците, солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Балетот „Есмералда“, познат по својата техничка сложеност ги истражува длабочините на човечките емоции, додека истовремено нуди спектакуларни танцови изведби кои го задржуваат вниманието на публиката. Оваa изведба ќе создаде незаборавно балетско искуство и ќе ги поттикне гледачите да размислуваат за судбината, љубовта и жртвите што ги носи животот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Травијата“ од Џузепе Верди на сцената на Националната опера и Балет на 29 март

Една од најомилените претстави на македонската публика, операта „Травијата“ од Џузепе Верди ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 29 март со почеток во 20.00 часот.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер, креирајќи моќна продукција чии главни атрибути се смелото сценско дејствие и визуелниот квалитет, сценограф и костимограф е Софија Шнајдер (Германија), кореограф: Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор, Јасмина Ѓорѓеска.
Во улогата на Виолета Валери ќе настапи Наде Талевска, во улогата на Алфред Жермон ќе настапи Благој Нацоски, во уогата на Жорж Жермон, Марјан Јованоски, во останатите улоги настапуваат: Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска Василевски, Васко Здравков, Драган Ампов, Дејан Стоев, Борко Биџовски, Игор Гиновски, Тихомир Јакимовски, оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
Еден од темелите на светскиот оперски репертоар, партитурата на „Травијата“ изобилува со фантастични музички сегменти што уживаат огромна популарност на оперските и концертни подиуми ширум светот. Токму генијалната музика, но и комплексното „безвременско“ либрето напишано според романот „Дамата со камелии“ и живописните ликови кои зборуваат за универзалноста на човековата природа ја сместуваат „Травијата“ меѓу најпопуларните и истовремено најинтимни оперски ремек-дела на Џузепе Верди.
Култура
Комеморација за Сара Пројковска в среда на Факултетот за музичка уметност

На 26 март, со почеток од 13 часот, во концертната сала на Факултетот за музичка уметност – Скопје, ќе се одржи комеморација во чест на прерано починатата Сара Пројковска-Николовска, која го загуби животот во пожарот во дискотеката во Кочани.
Сара Пројковска беше професорка по пијано на Факултетот за музичка уметност и ги пееше придружните вокали на настапот со групата ДНК на 16 март.
Пројковска беше самохрана мајка на две деца. Таа пееше придружни вокали на речиси сите поп-пејачи во Македонија. Нејзиниот поранешен сопруг, џез-трубачот и наставник по труба, Александар Николовски, почина на 48 години, во 2021.
Нејзините пријатели и соработници ја опишуваат како многу позитивна личност, секогаш подготвена да помогне и со која им било чест да се познаваат и дружат во текот на годините. Таа е погребана на гробиштата во Лисиче.
Култура
„Без зборови“ – хуманитарен концерт на Македонската филхармонија

Концертот „Без зборови“ на оркестарот на Македонската филхармонија кој ќе се одржи в четврток, со почеток во 20 часот ќе биде хуманитарен, а средствата од продадените билети ќе бидат донирани во Фондот за настраданите и повредените во трагичниот настан во Кочани.
На програмата се Адаџо за гудачки оркестар, оп. 11 од Семјуел Барбер, Концертот за тромбон и оркестар од Анри Томази и Концертот за оркестар од Бела Барток. Како солист ќе настапи Џовани Скарпета од Колумбија, а како диригент за првпат пред оркестарот на Македонската филхармонија ќе застане маестро Габор Холерунг од Унгарија.
Габор Холерунг (Будимпешта, 1954) е успешен оркестарски и хорски диригент, добитник на наградата „Франц Лист“, а ја носи и титулата Заслужен уметник на Унгарија. Тој е извршен музички директор на Симфонискиот оркестар „Донани Ерне“, главен диригент е на Академскиот хор во Будимпешта и основач и уметнички директор на Меѓународниот
хорски конкурс во Будимпешта. Студирал на колеџот за музика „Франц Лист“, со специјализација за хорско и оркестарско диригирање, а потоа го продолжил образованието посетувајќи мастер-курсеви со Ерик Ериксон и Курт Мазур. Неговата диригентска активност во Унгарија му носи успеси, од кои се издвојуваат: втор диригент на Симфонискиот оркестар во Мишколц и главен диригент и извршен музички директор на Симфонискиот оркестар „Донани Ерне“ од Будафок. Чест гостин диригент е и на сцените надвор од земјата, диригирајќи со повеќе европски оркестри, а бил и прв гостин диригент на Симфонискиот оркестар во Ерусалим, гостин диригент на Израелскиот филхармониски оркестар, на Симфонискиот оркестар во Синсинати, Бразилскиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар во Шангај, Националниот симфониски оркестар на Тајван. Добитник е и на наградата Витез на крстот од Орденот за заслуги на Унгарската Република.
Тромбонистот Џовани Скарпета почнал да учи тромбон со својот чичко и теорија на музика со својот дедо и бил член во Младинскиот симфониски оркестар на Колумбија, каде што свирел седум години како главен тромбонист. Четири години по ред ја добивал наградата за млади изведувачи „Роберто Мантиља“ на Националниот конкурс на Министерството за култура и оттогаш освоил повеќе значајни признанија за неговиот талент. Настапувал како солист со Симфонискиот оркестар на Колумбија, Боготската филхармонија, Националниот симфониски оркестар на Колумбија, Симфонискиот оркестар Санта Фе (Аргентина), Симфонискиот оркестар на Антиокија (Колумбија), Симфонискиот оркестар на Калдас (Колумбија), Оркестарот на Универзитетот во Барселона (Шпанија), Филхармонискиот оркестар на Венецуела, со кој пак, ја имал честа во таа земја да ја изведе премиерата на Концерт на Анри Томаси. Во 1996 година студирал на „Моцартеум“ во Салцбург, Австрија, а во 2010 специјализирал интерпретација на Конзерваториумот Лицеу, Шпанија. Како солист настапувал и во Германија, Австрија, Шпанија, Аргентина, Канада…, но исто така, свирел како соло тромбонист во најголемите оперски и балетски компании во Колумбија. Член е и основач на повеќе камерни брас-ансамбли, а успешна кариера изградил и како педагог. Повеќе од 20 години се посветил на формирање на нови генерации тромбонисти, предавајќи на најпознатите музички факултети во Колумбија. Од 2007 година редовно свири и предава на фестивалот „Тромбонанза“ во Санта Фе, Аргентина. Од 2015 е основач, член и претседател на „Колумбиската асоцијација на тромбонисти“. Бил член на Боготската филхармонија од 1994 до 2003 година како тромбонист и еуфонист, а од 2003 година е водач на групата и главен тромбонист на Националниот симфониски оркестар на Колумбија.