Култура
Заврши 6. издание на Меѓународна уметничка колонија во Трпејца

По четиридневна работа, вчера беше заокружено шестото издание на Меѓународната уметничка колонија „Трпејца 2023“.
Во кругот на подрачното ООУ „Свети Наум Охридски“ во Трпејца заедно твореа шест уметници: Наташа Попоска-Карче, Ѓоко Симјаноски, Елена Ѓурѓиноска, Хава Реџепи и гостите од соседен Поградец, Албанија, браќата Петрит и Кастриот Лараку.
Свој придонес со една своја изработка и неколку карактеристични минијатури даде и канадскиот уметник со македонски корени, Мајкл Клос.
И годинава главна инспирација на уметниците во сликањето им беше околината на преубавата Трпејца сместена меѓу синото езеро и планината Галичица.
Во изминатите шест години на колонијата се изработени 100-ина слики во разни техники, од кои половината се во сопственост на организаторот, здружението „За Трпејца со љубов“.
Меѓународната уметничка колонија во Трпејца се одржа под покровителство на Општина Охрид, а во знак на благодарност за досегашните учества уметникот Петрит Лараку на подрачното училиште во Трпејца му подари едно свое дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт на Ансамблот „Орце Николов“ на Скопско лето

Вечерва, 07.07.2025г. (понеделник) со почеток во 20:30 часот на Колонадата пред платото на Национална опера и балет ќе се одржи концерт на Ансамблот на народни песни и игри „Орце Николов“.
Концертот е насловен „Оро Орце“ по повод 80 години постоење на Ансамблот.
Влезот е слободен.
Ансамблот за народни песни и ора „Орце Николов“, е културно-уметничко друштво основано во Скопје, 1945 година. Формирано е од Синдикатот на металските работници на аеродромот Скопје, со задача да ги афирмира македонските народни ора, песни, носии и обичаи.
Култура
Македонската анимација стигна до Уругвај: „Јон Вардар против галаксијата“ на фестивал во Монтевидео

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ е официјално селектиран на 11. издание на Светскиот филмски фестивал во Монтевидео, кој ќе се одржи од 7 до 9 јули во главниот град на Уругвај. По Бразил, Аргентина, Еквадор и Венецуела, ова е петта држава од Латинска Америка каде што филмот ќе биде прикажан.
Во режија на Гоце Цветановски, „Јон Вардар против Галаксијата“ е научно-фантастична комедија која веќе ја освои публиката на бројни светски фестивали, комбинирајќи остар хумор и различни стилови на анимација за да ја раскаже неверојатната авантура на еден антихерој низ вселената.
Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.
Култура
Сергеј Андреевски и Никола Пијанманов изложуваат во Грција

Вечерва, со почеток во 20 часот, во главниот град Хора, на островот Андрос, свечено ќе биде отворена изложбата на првата интернационална уметничка работилница со наслов „Поистоветени со хоризонтот“ (“Aligned to the horizon”).
Во текот на јуни, девет меѓународни уметници: Сергеј Андреевски (Скопје), Ан Лизе Бројер (Париз), Стано Бубан (Братислава), Маријана Кацарас (Тунис), Маркос Хаџипатерас (Лондон – Атина), Никола Пијанманов (Струмица), Герлинде Пистнер (Нирнберг), Кристина Рахме (Бејрут) и Карла Салем (Лондон – Бејрут) се нурнаа во пејзажот, архитектурата и приказните врежани во камењата и древните патеки на Андрос – и ги трансформираа овие средби во уметнички дела за време на нивниот престој во резиденцијата „Амалија Гарденс“ во Витали, Андрос.
Сместена во историска зграда во Хора, изложбата ќе биде отворена до 31 август, поканувајќи ги и локалното население и посетителите да се вклучат во уметнички дела создадени во директен дијалог со островот. Поканетите уметници имаа средби со вистинските чувари на наследството на Андрос – локалните производители и жители – и истражуваа пејзажи што носат силни траги од човечко присуство низ вековите: антички камени тераси што ги обликувале полињата, вековни маслинови градини, камени фарми и традиционални пешачки патеки. Преку оваа интеракција со островот и неговите жители, уметниците беа поканети да размислуваат за тоа како овие елементи служат како живи сведоштва за долгогодишна, хармонична врска меѓу луѓето и нивната околина; Како минатите начини на живот можат да се прилагодат на денешната реалност и каква улога може да игра уметноста во усогласувањето на наследството на островот со современите ритми?
Целта на резиденцијата и изложбата е да се истакне безвременската релевантност на традициите на островот Андрос – не како реликвии од минатото, туку како вредни ресурси за сегашноста.
Иницијативата ја спроведува здружението „Амалија Гарденс AMKE“, основано од архитектите и дизајнерите Харис Савидис и Пени Валсамиду. Името на организацијата ѝ оддава почит на Амалија Атанасиу, последната жителка на напуштената населба Калокаирини, со цел да ја оживее како нов центар на уметничка креативност. Резиденцијата „Амалија Гарденс“ има за цел не само да ја промовира современата визуелна уметност, туку и да поттикне значаен дијалог меѓу уметниците и културното наследство на островот. Преку оваа размена, програмата се стреми да создаде жив дијалог што ќе остави траен отпечаток врз сегашноста и иднината на Андрос.