Култура
Започна седмото издание „На зајдисонце“ во Трпејца
Синоќа во Трпејца, со изложбата на слики од Свето Стефаноски и настапот на брачното дуо ДИС во присуство на голем број посетители во една летна опуштена атмосфера започна седмото издание на културно – забавното лето „На зајдисонце“.
Во името на покровителот на манифестацијата Општина Охрид, кој е нејзин поддржувач од самиот почеток, пред трпејчани и бројните гости меѓу кои и пратеничката во македонскиот парламент Жаклина Лазареска, летото за отворено го прогласи претседателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска.
„Трпејца е божествено место лоцирано меѓу пазувите на планината Галичица и Охридското Езеро . Само овде на чудесен начин во бистрите води на езерото се прекршуваат изгрејсонцата и зајдисонцата и создаваат чувство на спокој, уживање и ширење на позитивна енергија. Прекрасниот амбиент на Трпејца се надополнува со содржините на манифестацијата „На зајдисонце “.И за мештаните и за туристите тоа е хармонична поврзаност која создава нова димензија на аткивен летен одмор карактеристичен за малите, но познати светски туристички места“, рече Ангелоска.
На позната сцена „кај Бунарот“ беше отворена изложба на мал дел од богата ликовна палета од експресивни моменти, создадени со силен естетски и душевен порив, од страна на уметникот Свето Стефаноски. Тој е новинар, публицист, екологист и ликовен уметник кој живее на релацијата Скопје – Охрид, а неговите слики досега биле изложувани на повеќе групни и самостојни претставувања во и надвор од Македонија.
Чинот на отворањето на седмото „На зајдисонце“ во Трпејца кое годинава е финансиски помогнато и од Министерството за култура со свој музичко – артистички настап го збогатија и заокружија Стеафни Стефановска и Денис Мурат – споени во дуото ДИС и од неодамна брачна двојка. Тие како што најчесто се вели за прекрасните изведби на грст македонски забавни евергрини од публиката добија овации на отворена сцена .
Стефани и Денис скопско – охридската двојка ветија и дека догодина ќе дојдат во Трпејца со нов репертоар и сопствени нумети кои забрзано ги работат и наскоро ќе бидат пуштени во етерот.
Вечерва „На зајдисонце во 20 часот во Трпејца следи атрактивната променада „Со кајче по езерото“ на која деца – млади музичари од ОМУ „Методи Патче“ же музицираат во кајчина а публиката ќе ги слуша и гледа од брегот и неколкуте кафеани. Мал музички перформас младите виртуози ќе имаат и на традиционалната сцена а потоа ќе биде отворена изложбата ЗАЕДНО која е дел од проектот на здружението „За Трпејца со љубов“ и „Интелектуална жена“ од Поградец – Албанија. Се работи за фотографии од природните убавини но и на показ е негрижата на човекот на двете страни од езерото.
Утре, недела во 11 часот е традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ а вечерта ќе се претстават учениците од подрачно ОУ „Св. Наум Охридски“ од Трпејца со проектот „И ние можеме“. Веднаш потоа по традиција ќе следи презентацијата на невладината опција од Охрид под наслов „Информацијата е најдобра превенција“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Филмот на Цветановски со награда за најдобар филм во Калифорнија
„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД.
Фестивалот којшто се одржа од 10 до 14 април, во своето 22-годишно постоење се залага за промоција на храбри филмови кои обработуваат општествени предизвици, но и говорат за смелоста на човековиот дух.
Цветановски го радува тоа што филмот по вторпат e наградeн во САД, откако минатиот месец беше прогласен за највпечатлив филм на 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“ во Аризона.
„Калифорнија е центар на американската филмска индустрија, и секако дека како автор сум горд што добивме награда овде, и тоа во конкуренција со американски филмови со многу поголеми буџети. Едвај чекам да завршиме со оваа светска фестивалска турнеја и во септември да го презентираме пред нашата публика. Очекувам филмот да отвори теми за дискусија на повеќе нивоа, но пред се‘ сакам да го продолжиме трендот од последниве години, во кој на домашните гледачи им се враќа довербата и желбата да гледаат македонски филмови“, рече Цветановски.
„Бизнисот на задоволството“ досега доби осум награди на филмските фестивали низ светот, од кои пет се за најдобар долгометражен филм.
Филмот ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.