Култура
Зорица Митровиќ и Петре Димовски добитници на наградата „Гоцева мисла“ за 2026 година
Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија Презент“ ги соопшти добитниците на меѓународната награда „Гоцева мисла“ за 2026 година, која традиционално се доделува во пресрет на 4 февруари, роденденот на Гоце Делчев, и на неговата знаменита мисла: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“.
Добитници за 2026 година се Зорица Митровиќ од Белград (Србија) и Петре Димовски од Битола (Македонија).
На Зорица Митровиќ наградата и се доделува за личниот придонес и животното дело во афирмацијата на македонската култура и идентитет во дијаспората.
Поточно, наградата „Гоцева мисла“ ѝ се доделува на Зорица Митровиќ за нејзиниот исклучителен личен придонес и животно дело во афирмацијата, зачувувањето и развојот на македонската култура, јазик и национален идентитет во Република Србија.
Како претседателка на Здружението на Македонците „Македониум“ од Белград, Зорица Митровиќ одигра клучна улога во градењето на Здружението како современа и активна културна платформа, која покрај организацијата на традиционални манифестации, реализација на литературни, музички и уметнички проекти, активно придонесува за креативниот развој и меѓукултурната соработка помеѓу културните чинители и институции во регионален и меѓународен контекст.
Надвор од институционалното раководство, нејзиниот личен ангажман и визија се одликуваат со доследност, организираност и поширок општествен одѕив, а нејзиното дејствување е пример за постојана посветеност на културното јадро на македонската заедница во дијаспората. Нејзиниот ангажман претставува редок пример на долгорочна, систематска и визионерска работа во полза на македонската заедница, но и на поширокото мултикултурно и мултијазично општество.
На Петре Димовски наградата му се доделува за исклучителното книжевно творештво и животното дело во македонската литература.
Поточно, наградата „Гоцева мисла“ му се доделува на Петре Димовски за неговиот исклучителен и долгорочен придонес во развојот на македонската книжевност, како и за богатото и жанровски разновидно творештво кое остава трајна трага во македонската културна историја.
Тој е автор на повеќе од педесет дела – меѓу кои 21 роман, 17 збирки раскази и 7 драмски и монодрамски дела. Димовски со својот книжевен стил, тематска длабочина и континуирана творечка енергија го збогатува македонскиот книжевен канон. Неговата книжевна продукција е предмет на анализи, студии и обработки, а тој е овенчан со бројни награди и признанија, меѓу кои се: „Стале Попов“, „Ванчо Николески“, „4 Ноември“, „Прозни мајстори“, „Живко Чинго“, „Тренд“, „Вермилион“, „Крсте Чачански“ и други. Воедно, значаен е неговиот културен придонес како основач, уредник и организатор на книжевни иницијативи во Битола и поширокиот регион.
Наградата „Гоцева мисла“ е високо признание што се доделува на личности кои со својот творечки, културен и интелектуален ангажман значајно придонесуваат за афирмацијата на македонската култура, литература и духовни вредности во меѓународни рамки, како и за унапредување на културниот дијалог меѓу народите.
Досега, меѓу добитниците на наградата „Гоцева мисла“ се бројни истакнати автори, преведувачи, уметници и културни работници од различни земји, меѓу кои се: Златко Крамариќ (Хрватска), Олга Панкина (Русија), Даниела Костадиновиќ (Србија), Тања Попова (Бугарија), Звонко Танески (Словачка/Македонија), Волф Ошлис (Германија), Горан Калоѓера (Хрватска), Сабахудин Хаџиалиќ (Босна и Херцеговина), Лилјана Јанаќковиќ (Србија), Ресул Шабани (Македонија), Суат Енѓулу (Турција), Елка Наголова (Бугарија), Ристо Василевски (Србија), Кирил Темков (Македонија), Жан-Патрик Конрад (Франција), Зафир Хаџиманов (Србија), Вања Ангелова (Бугарија) и други истакнати културни фигури од Европа и пошироко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
62 години од смртта на првиот филмски снимател на Балканот, Милтон Манаки
Денес се навршуваат 62 години од смртта на првиот филмски снимател на Балканот, Милтон Манаки.
„Денес го одбележуваме денот кога се упокои нашиот патрон, легендата на Битола, Милтон Манаки. Комуната на Власите и Кино клубот „Милтон Манаки“, секоја година традиционално го организира ова чествување со полагање на цвеќе, со што му ја оддаваме почитта нивна, односно преку местото каде што почива Милтон“ рече Стефан Хаџиандоновски, претседател на Клубот „Студио Милтон Манаки“.
Во негова чест, на Влашките гробишта во Битола, свежо цвеќе положија, во име на Општина Битола градоначалникот Тони Коњановски и други делегации, вљубеници во филмската уметност и нивното кинематограферско дело.
„Големото Манакиево дело вечно трае“ беше кажано на одбележувањето на годишнината од смртта на Милтон Манаки.
„Чест и задоволство е во име на градот, во име на граѓаните на Битола да се положи свежо цвеќе на великанот на кинематографијата, не само балканската, туку и светската. Тоа и времето и историјата го покажа. Голема благодарност би истакнал до Комуната на власите за она што секоја години го чуваат и негуваат ликот и делото на големите Манаки. Приказната на браќата Манаки е една од позитивните историски приказни, значајни, не само како што кажав за Балканот, меѓутоа и пошироко и кога ќе ја спомнете Битола несомнено, не можете да го издвоите Манаки од тој историски контекст“, рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Беше спомената и иницијативата посмртните останки на неговиот брат Јанаки да бидат донесени во Влашките гробишта во Битола до гробот на неговиот брат Милтон.
Култура
Велигденски концерт на Националниот ансамбл „Танец“
На 08 април 2026 година националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“, во 20:00 часот во Македонскот народен театар, го најавува својот традиционален Велигденски концерт.
„Подгответе се за незаборавно патување низ времето, каде традицијата се среќава со современиот израз. Националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“, ве поканува на својот традиционален Велигденски концерт, со насловот „Велигденско празнување“ кој оваа година носи посебна порака и енергија поврзано со моќното мотото на новата концертна сезона „Пулсот на предците во ритамот на денешницата“ „Танец“ ќе претстави програма која е мост помеѓу вековното наследство и модерниот сензибилитет, најавува организаторот.
Очекувајте Безвременски кореографии, моќни гласови на хорот и солистите, раскош на македонските народни носии, секоја со своја приказна и вез, концерт кој го слави животот и воскреснувањето на традицијата во новото време.
Билетите ќе бидат достапни на билетарницата на МНТ и онлајн преку официјалната мрежа на МНТ.
Придружете ни се во Македонскиот народен театар, каде сцената ќе пулсира со енергија на нашите предци, интерпретирана од професионалноста на врвните уметници на „Танец“, вели организаторот.
Култура
Со несопирлива театарска динамика и 100 изведби зад себе МНТ со „Кец на десетка“ ќе гостува на „Кичево-Град на културата 2026“
Со хит претставата „Кец на десетка“, која неодамна јубилејно беше одиграна по 100-ти пат, Македонскиот народен театар ќе гостува во Домот на културата Кичево, на манифестацијата „Кичево – Град на културата 2026“

Со изведбата на „Кец на десетка“, на 5 март во 20 часот, свечено ќе биде отворена театарската програма на манифестацијата „Кичево – Град на културата 2026“.
Репертоарската претстава на МНТ, која веќе девет години континуирано ја освојува публиката, носи сценска свежина, колективна актерска синергија, препознатлива динамика, духовитост и непосредна комуникација со гледачите.

Токму оваа искрена и топла театарска естетика, симболично ќе ја отвори театарската програма на „Кичево – Град на културата 2026“ , манифестација која во текот на годинава најавува реализација на 150 настани – концерти, изложби, фестивали, книжевни средби, филмски и мултимедијални проекти. Со тоа, градот ја степенува важноста на културата пред домашната и регионалната публика.

Со гостувањето на „Кец на десетка“, театарската уметност станува првиот гласник на оваа целогодишна прослава на културата и најавува година исполнета со разновидно живо творештво.
