Книги
Иван Антоновски е добитник на наградата „Антево слово“

Годишен лауреат на четвртиот меѓународен конкурс за поезија „Антево слово”, распишан од Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ (Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia), во соработка со здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“, е Иван Антоновски за неговата песна „Нека биде запишано“.
Жири-комисијата на „Антево слово“ 2020/2021 година – Сицилија, Италија, во состав: Геро Ла Векија, Митко Гогов, Драгана Евтимова, Александар Поповски и Жорж Поповски, по разгледување повеќе од 120 пристигнати дела, за првонаградената песна „Нека биде запишано“ во образложението ќе кажат:
„Познато е дека Анте Поповски како есеист многу често се занимавеше со археологијата на зборовите откривајки ги првите поетски објави кај нашите монаси во средновекоивието, тој се обидуваше да ги одгатне, дооформи и дешифрира празнините во тие први објави на поетското кај нас. Дали намерно или како коинциденција, сеедно, песната со која Иван Антоновски учествуваше на годишниот конкурс ‘Антево слово’, со наслов ‘Нека биде запишано’, се поклопува со таа пасија на Анте, односно со истражувањето на археологијата на зборот. Таквото истражување на епитафите и јазикот на предците, кој полека бледнее и му се губи трагата, ја симболизира нашата генеза, но истовремено и напуштањето на домашното огниште и исчезнувањето на традиционалните вредности.
Песната „Нека биде запишано“ на Иван Антоновски сe истакнува по неговиот оригинален пристап на толкување на веќе познатата и надалеку обработувана тема, автобиографскиот носечки столб. Автентична по епското препуштање во минатото/меморијата на народот, тој говори за една новоконструирана историја во која се проткајува духот на Анте, роднокрајниот амбиент, а паузите во текстот прават ентрописко пробивање, па книжевниот шум дополнително ја засилува емоцијата на присутност и на она што го имало, но веќе е исчезнато. Со прифатлив колоквијален говор тој ја доближува комуникацијата со предците, тежината на оттуѓувањето, на заминувањето, проникнува во сагата на нашиот народ и алармира за можната судбина. Тој е толкувач и предвесник во оваа песна, неговиот наратив кореспондира со актуелниот момент, асоцира на херојски акт, што сака да забележи универзален чин на посветеност. Колективната меморија на македонскиот народ е збогатена со антологиска песна која е своевиден темел на нашата борба за опстанок овде и во светот.
Наградените автори ќе бидат застапени во новата антологија на Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Книги
„Фауст го трча плебејскиот круг“ од Стефан Марковски објавена на англиски јазик

Збирката раскази „Фауст го трча плебејскиот круг“ (Faustus Runs the Plebeian Circle) од Стефан Марковски деновиве беше објавена на англиски јазик на сајтот Амазон, каде што е достапна во „Киндл“ и печатена верзија во тврдо и меко издание.
Збирката раскази по промотивна цена е дистрибуирана и на повеќе книжевни платформи, како Barnes and Noble, Vivlio, Apple Books, Thalia, Kobo, Booktopia, Weltbild, Paagman, Ibs, Indigo и други.
На македонски јазик книгата, која инкорпорира 6 приказни, како добитник на наградата „Книжевен круг за проза за 2020“ беше објавена минатата година во издание на Друштвото на писатели Битолски книжевен круг.
Ова е четврта книга од Марковски на англиски јазик достапна на е-платформите за продажба на книги, по романите „Анатомија на бумбарот“ и „Еретички писма“, како и поетскиот избор „Ветена земја“.
Книги
Прва книжарница на тркала – нов концепт на промовирање книжевни вредности

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со големо задоволство објавува дека е побогата за уште една книжарница, но овој пат книжарница на тркала – сосема нов и иновативен концепт, кој ги подигна на друго ниво достапноста на книгите и културата на купување книги.
Новата подвижна книжарница на „Антолог“ официјално почнa со работа на 17 март на плоштадот Македонија, а потоа ќе ја менува својата локација низ целата држава доближувајќи ги сите најактуелни наслови и автори, дури и на најнеочекуваните места.
„Одамна размислувавме за можноста што повеќе да ги доближиме книгите до нашите читатели што секојдневно нè следат и нè поддржуваат, особено во оние места каде што, за жал, бројот на книжарниците и достапноста на книгите се на многу ниско ниво. Оваа нова и иновативна книжарница на тркала е следната приказна што ја испишуваме и на која особено се гордееме. Атрактивната книжарница ќе патува низ целата земја за да биде што поблиску до книгољупците, задржувајќи го сепак оригиналниот уметнички концепт по кој како бренд сме препознатливи. Покрај богатиот асортиман на домашна и преводна литература за сите возрасти, идејата е и да прерасне во атракција што ќе обединува книжевни настани, промоции, средби и гостувања на автори“, велат од „Антолог“ и додаваат: „На нашата интернет-страница, како и на нашите профили на друштвените мрежи, редовно ќе ги објавуваме програмата на книжарницата на тркала и локациите на кои таа може да се најде во моментот. Исто така, со оглед дека целта на оваа книжарница е да ги исполнува желбите на читателите – секојдневно ќе бидеме отворени за предлози на места што треба да ги посетиме следни“.
Во новата книжарница на тркала на „Антолог“ ќе бидат достапни огромен број наслови од поновата продукција на оваа издавачка куќа, а само во оваа книжарница ќе може да се набават и три најнови изданија, тукушто излезени од печатница: долгоочекуваната „Умешноста да ја креирате вашата реалност“ на Ана Бучевиќ, новата книга „Мечкоград“ од мегапопуларниот автор Фредрик Бакман, како и емотивниот роман „Измиен грев“ од Сара Омар.
Книги
„Некогаш ★ некаде” – книга со чувства во боја

Деновиве во книжарниците на literatura.mk се појави книгата „Некогаш некаде” од авторот Зоран Спасов – Sоф (познат по романот „Тито – мојот претпоследен херој”).
Книгата има 336 страници во боја, не може да се вброи во ниту еден жанр, но токму тоа што има по малку од сè ја прави интересна. Едноставно и лесно ни доловува едно време изминато, но не и заборавено.
Најдобро може да се долови со цитати од предговорот и рецензиите.
„Не е енциклопедија. Можеби е само вовед во една епопеја, сведок на едно време, на едно место… Не е ни лексикон на заборавени изрази, изумрени чувства и исчезнати поими. Преполна е со емоции, хумор и незначителна доза на сарказам, иронија и цинизам“.
„Ова е бајка за едно време и едно место. Нешто што е напишано за да не го избришат душманите и џелатите на македонската историја. А во исто време, тоа нешто да не биде ништо поразлично од приказните за Јованче и Марика, Децата од Павловата улица, Дружината Братско стебло…“
„Ова е дел од антикварницата што многу генерации ја носат со себе. До крајот на животот. А и потоа…”
Овие страници се посветени на една македонска Атлантида што постоеше. „Некогаш ★ некаде“.
Цената на книгата изнесува 300 денари, а доколку ја купите заедно со „Тито – мојот претпоследен херој” истата ќе ве чини само 150 ден.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Регион7 дена
„Фајзер“, „спутник В“ или „Синофарм“ – истражување во Србија покажа која вакцина штити најбргу
- Економија3 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Црна хроника3 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?