Култура
Иван Шопов со „Зентрифуга“ е македонски кандидат за Европската награда за литература за 2026 година
Иван Шопов со збирката раскази „Зентрифуга“ е македонски кандидат за Европската награда за литература.
„Расказите на Шопов се кратки, прецизни, точни, а истовремено раскошни. Тие се мајсторско практикување на едноставната филозофија на минијатурата – со малку да се каже многу, да се долови сѐ, а тоа секако го може само искусен и зрел автор, љубопитен набљудувач и даровит раскажувач“, стои во образложението на комисијата.
Наградата ја доделува Европската унија (EU Prize for Literature – EUPL), а годинашен македонски организатор е ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, која ќе учествува во сите активности поврзани со номинацијата.
Европската награда за литература се доделува за прозна книга на автор во подем. Следејќи ги прецизните критериуми на ЕУ, жири комисијата во состав: Лидија Капушевска Дракулевска (универзитетски професор), Владимир Јанковски (писател и македонски кандидат за наградата во 2022), Александра Јуруковска (книжевен критичар) – како членови и Снежана Стојчевска – директор на ГБСК и претседател на комисијата, едногласно ја избра збирката раскази Зентрифуга од Иван Шопов, на издавачката куќа „Бегемот“, за македонски преставник за Европската награда за литература за 2026 година.
Според жирито „Зентрифуг“а се издвојува од останатите дела по книжевниот квалитет и зрелост во изразот, преку својата автентичност, оргиналност и изграден стил. Книгата има компактна, хомогена композиција од 75 микрофикции (мини раскази, куси прози) распределени во три циклуси од по 25 прозни записи. Таа плени со луцидност и хумор, со приказни за маргинализирани, навидум необични ликови, чудаци, патници, лудаци, луѓе кои и физички му припаѓаат на предградието. Овие места се извесен хронотоп, последени бедеми на антибаналноста и антимеланхолијата, каде што и кога не се случува ништо, се случуваат многу нешта. Во кратките, густи приказни за овие локални добродушници од периферијата, се исцртува и една мапа на градот надвор од неговото јадро, пејзаж на местата кои понекогаш се далеку од радарот, а кои се неверојатно инспиративни за лудистички пресврти.
Расказите на Шопов се кратки, прецизни, точни, а истовремено раскошни. Тие се мајсторско практикување на едноставната филозофија на минијатурата – со малку да се каже многу, да се долови сѐ, а тоа секако го може само искусен и зрел автор, љубопитен набљудувач и даровит раскажувач. „Зентрифуга“ е збирка што го држи вниманието на читателот со исто темпо од првиот до последниот текст, што ја прави допадлива и привлечна и за читање и за превод, и за нејзина комуникација и надвор од македонското говорно подрачје – стои во образложението на комисијата.
Иван Шопов (Скопје, 1987) е македонски писател, преведувач и уредник. Дипломирал на Катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на книги со кратки раскази, песни во проза и сатирични текстови. Пишува и поезија и хаику. Дел од расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки, грчки и на бугарски јазик. Преведува од англиски, српски, бугарски и хрватски јазик. На македонски превел книги од Емброуз Бирс, Марта Нусбаум, Мирослав Крлежа, Михаил Вешим, Асја Бакиќ, Звонко Карановиќ, Мадлен Тиен… Основач е на мобилниот културен центар КЦ 750, заедно со Владимир Лукаш.
Во изборот за македонски кандидат за наградата учествуваа 15 наслови од 15 автори од 8 издавачки куќи. Од нив покрај Зентрифуга на Шопов, во потесниот избор од три наслова влегоа и Каде леташ, Јулија? од Хана Корнети (ИК Или Или) и И моќта ќе помине од Ирена Јурчева (ИК Три), а во поширок избор и книгите Потклек од Љупчо Петрески (ИК Бегемот) и Наназад од Стефан Алијевиќ (ИК Илика).
Според критериумите на ЕУ номинираниот автор треба да има објавено од 2 до 4 прозни книги и да нема повеќе од 4 преведени книги на странски јазици. Книгата не треба да биде постара од 18 месеци, да биде објавена од издавачка куќа, да е достапна во книжарниците и да е во согласност со европските вредности. Авторите кои веќе ја добиле наградата или биле во потесен избор не можат да бидат повторно номинирани. Оваа година во изборот за Европската награда влегуваат 14 земји: Ерменија, Хрватска, Кипар, Чешка, Естонија, Финска, Франција, Косово, Луксембург, Лихтенштајн, Молдавија, Црна Гора, Македонија и Шведска.
Европската награда се доделува од 2009 година и досега во изборот учествувале околу 200 автори. Наградата ја промовира литературната разноликост и меѓу-културниот дијалог во Европа. Досегашни македонски добитници на EUPL се Гоце Смилевски за Сестрата на Зигмунд Фројд (2010), Лидија Димковска Резервен живот (2013), Ненад Јолдески Секој со своето езеро (2016) и Петар Андоновски Страв од варвари (2020).
Прогласувањето на годинашните добитници ќе се одржи на 29 мај во Музејот на современа уметност во Варшава. Победникот ќе добие 10.000 евра и издавање на два превода, додека двајца автори ќе добијат специјално признание, 5000 евра и објавување на еден превод. Во септември ќе биде промовирана и антологија со извадоци од сите номинирани книги преведени на англиски јазик. Преведените книги на добитниците ќе бидат промовирани во октомври на Саемот на книга во Франкфурт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Центарски улици 4 – Светски ден на уметноста“
Утре, со почеток во 12 часот, на улицата Македонија во Скопје, ќе се одржи настанот „Центарски улици 4 – Светски ден на уметноста“.

Настанот ќе ја претвори улицата во жива сцена на отворено со учество на улични живи статуи од продукцијата Театроск, ликовни уметници (студенти од Универзитетот АУЕ – ФОН) кои ќе создаваат дела во живо, улични шоуа, DJ и музички настапи. Главната цел е да се создаде простор за млади уметници со цел да ја презентираат својата уметност пред јавноста, да се поттикне нивниот развој и да се активира јавниот простор преку култура, велат од Театроск.

Овој настан веќе четири години успешно создава платформа за видливост, активирање на јавниот простор и директен контакт меѓу уметниците и публиката, додаваат од Театроск.

Култура
МНТ со двојна победа: Првенците Тони Михајловски и Тања Кочовска наградени во ист ден на два фестивали
Двајца првенци на Македонски народен театар во ист ден беа наградени за своите улоги во претставата „Народен пратеник“, на два различни фестивали, потврдувајќи го високиот уметнички квалитет на ансамблот и силниот регионален одек на театарот.
Актерот Тони Михајловски ја доби наградата за најдобар актер на вечерта, доделена веднаш по изведбата на претставата на јубилејното 30. издание на фестивалот „Актерски свечености – Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац. Настапот на ансамблот беше проследен со силни аплаузи и одличен прием од фестивалската публика и стручната јавност.

„Актерски свечености – Миливоје Живановиќ“ е реномиран театарски фестивал кој од 1995 година се одржува во Центарот за култура во Пожаревац, во чест на еден од најголемите српски актери – Миливоје Живановиќ. Фестивалот традиционално се одржува во првата недела од април и на публиката ѝ нуди селекција на најдобрите претстави од годишната продукција на престижни театри во Србија и регионот.
Програмата се состои од пет натпреварувачки вечери, а победниците влегуваат во конкуренција за главната награда – статуетата „Миливоје Живановиќ“. Помеѓу досегашните лауреати се значајни актерски имиња како: Љубомир Тадиќ, Драган Миќановиќ, Војислав Воја Брајовиќ, Предраг Ејдус, Ружица Сокиќ, Милан Лане Гутовиќ, Предраг Мики Манојловиќ, Небојша Глоговац и Јелисавета Сека Саблиќ.
Истовремено, во Велес, во рамките на петтото јубилејно издание на фестивалот „5-РЕ“, актерката Тања Кочовска ја доби наградата за најдобра споредна женска улога за својата впечатлива интерпретација на ликот Спиројца.

Со едногласна одлука, жирито во состав Зорица Панчиќ, Владимир Тулиев и Елеонора Теова ја истакна нејзината остра духовитост, доминантно сценско присуство и автентична интерпретација, нагласувајќи дека „секој нејзин гест и реплика се претвораа во победа“, а нејзината изведба ја издвои како еден од највпечатливите сценски моменти на фестивалот.
Претставата „Народен пратеник“, по текст на Бранислав Нушиќ и во режија на Егон Савин, бележи значајна меѓународна сценска присутност како дел од балканската турнеја. Досега е изведувана во Народното позориште во Белград, Црногорското народно позориште во Подгорица, како и на повеќе сцени низ Босна и Херцеговина, а беше дел и од програмата на реномираниот фестивал „Стериино позорје“.
Продукцијата е добитник на повеќе значајни признанија, меѓу кои главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на фестивалот „Борини позоришни дани“, како и специјалната „Стериина награда“ за колективна актерска игра.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Култура
Објавена програмата на Скопскиот поетски фестивал, ќе има стотина поети од земјава и од странство
Шестото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи во периодот 7 до 9 мај во Младинскиот културен центар ‒ Скопје и во „Буква“. На настаните ќе се претстават стотина поети од земјава и од странство. Ќе има гости од Кина, од Хрватска, од Словенија, од Турција, од Грција, од Србија, од Бугарија и од Црна Гора.
„Мотото на годинешниот фестивал е „(СО) СТИХ СПРОТИ НАРАТИВ! (Поезија, политика, пропаганда…). Со ова мото сакаме да ја одбележиме 100-годишнината од раѓањето на Ален Гинзберг и да покажеме колку неговата поезија е податлива за толкување и на денешните состојби во светот. Автор на постерот е Андреј Павлов“, велат организаторите.
Официјалното отворање е закажано за 7 мај во 20:00 часот во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, на кое ќе настапат деветмина поети и поетеси, меѓу кои и младата поетеса Деспина Сиљаноска што беше одбрана за најдобра од дванаесетмината што настпија на „Отскочна даска #5“ ‒ преднастан на фестивалот наменет за млади поети, а по ова прво интернационално поетско читање ќе следува поетско-музички перформанс на Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора.
Следниот ден програмата ќе продолжи во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, каде што ќе се одржи „Поетот е присутен“, настан од затворен карактер, на кој дел од поетите учесници на фестивалот ќе читаат за малубројна публика што претходно ќе биде избрана по повик; потоа ќе следува и настанот „Диптих #6“ на кој ќе бидат претставени две изданија на „ПНВ Публикации“, избор песни од авторките Гонџа Озмен од Турција и Кристина Шпиранец од Хрватска, а потоа ќе следува уште едно интернационално поетско читање на кое ќе настапат десетмина поети и поетеси.
На последниот ден на фестивалот, 9 мај, настаните ќе се одржат во „Буква“. Публиката ќе има можност да проследи уште две промоции на книги, едната е избор песни од поетесите Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора во издание на „Култура Бета“, а другата е стихозбирката „Тускулум“ од Денис Шкофич од Словенија, издание на „ПНВ Публикации“. По промоциите ќе следува интернационалното поетско читање „THE VERSE CITY/DIVERSITY (Диверсити)“ на кое ќе настапат петнаесетмина поети и поетеси. По ова читање ќе следува и забава за крај на фестивалот.
Но пред сите овие збиднувања, како еден од преднастаните на фестивалот, на 7 мај, од 18:00 часот во киното „Фросина“ во МКЦ ќе се одржи промоцијата на поетската панорама што по повод минијубилејот ‒ 5 години „Отскочна даска“, ја подготви „ПНВ Публикации“ и во која ќе бидат застапени песните на сите шеесет и шест досегашни учесници на овој настан наменет за млади. Книгата ќе биде промовирана со читање на сите млади автори застапени во панорамата.
