Култура
Избрани дела во пет тома на Блаже Миневски

По повод шеесетгодишнината од раѓањето на познатиот македонски писател Блаже Миневски, „Матица македонска“ од Скопје објави избрани дела во пет томови од неговиот бoгат раскажувачки и романсиерски опус. Во првиот том насловен „Да речиме уште една“ се публикувани расказите, а во останатите четири тома романите „Нишан“, „Свирци“, „Мемоарите на една млечка“, „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“ „Мрежата на Мамли“ и „Фантомско стапало“. Книгите се проследени со толкувања од Јустина Млецак, Митко Маџунков, Венко Андоновски, Марија Проскурнина, Оливера Ќорвезироска, Ефтим Клетников, Стефан Влахов-Мицов, Марија Ѓорѓиева Димова, Душан Стојковиќ, Јордан Плевнеш и други.
Во расказите на Миневски ништо не е како во стварноста иако сè е преземено од неа. Како своевиден дестилат на вековната усна македонска народна раскажувачка традиција, неговата проза минува низ специфичен хумор, но и низ горчината на животот, движејќи се од реалност кон фикција, од запис преку репортажа и фељтон до омајна проза.
Како и другите книжевни дела, „Нишан“ е повеќеслојна, поетска и оригинална проза, блескав, интертекстуален роман. Секој што бара потврда за високиот квалитет на современата европска литература, мора да го прочита овој извонреден роман на Миневски“, пишува Јустина Млецак во својот есеј за полското издание на „Нишан“.
Романот „Свирци“ е исклучителен роман совршено вкотвен во незаштитениот простор меѓу балканскиот магичен реализам, раскажувачкиот сјај на постмодернизмот и алегорискиот наративен претек, пресликување и пресек на „сега и овде“, пишува Оливера Ќервезироска во поговорот за овој роман.
Романот „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“ е напишан со супериорна, мајсторска леснотија и стилска сугестивност. Приказната за суровиот свет, Миневски ја раскажува низ една набабрена, барокна, сатирична нарација од првата до последната страница. Раскажувањето е убедливо и сугестивно, а реалноста е болно објективна, изведена и развиена со една литерарно инвентивна и крајно изострена, веристичка опсервација, со која силно се нагласува апсурдот на егзистенцијата во ова време без добрини, констатира Ефтим Клетников.
Според Митко Маџунков, „Фантомско стапало“ е роман што се чита со голема возбуда и естетска радост како врвно дело на мајстор за поетски слики, животна убедливост и документарност, а романот „Мрежата на Мамли“ е уште еден бесценет наратив на Блаже Миневски кој влијае врз иднината на македонската литература, а посебно врз иднината на романот како жанр, констатира Венко Андоновски.
Блаже Миневски е автор на девет романи, седум драми и три книги раскази.
Романите на Миневски се преведени на англиски, руски, ерменски, бугарски, словенечки, арапски, кинески, српски, полски и италијански јазик, а со свои раскази е застапен во речиси сите антологии на кратката проза објавени последните триесетина година во Македонија и надвор од неа.
Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и на наградите „Роман на годината“, „Стале Попов“ и „Рациново признание“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Краткиот игран филм „Проблемот на Тина” ја освои наградата Yellow Umbrella за најдобар краток филм

Краткиот игран филм „Проблемот на Тина” во режија на Радован Петровиќ во продукција на Партизанс и Кино Око ја освои наградата Yellow Umbrella за најдобар краток филм во интернационалната селекција на Balkan Panorama Film Festival што се одржува во Измир, Турција.
Филмот победи во конкуренција на десет избрани филмови во интернационалната конкуренција од 350 пријавени филмови од поширокиот регион на Балканот.
Сценариото е на Румена Бужаровска, напишано според нејзиниот истоимен расказ. Главните улоги ги толкуваат Душица Настова, Жаклина Стефковска-Дрнасин, Јордан Симонов, Тамара Ристоска, Емилија Мицковска-Трајковиќ. Директор на фотографија е Андреј Лембанов, сценограф Илина Ангеловска, костимограф Жаклина Крстевска, шминка Ирена Сенокозлиоска, монтажери Радован Петровиќ и Вардан Тозија, а дизајн на звук Ристо Алчинов. Продуцент на филмот е Роберт Насков.
Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм.
Култура
Фестивал на јапонската култура во Скопје

Денес со почеток во 11 часот, во просториите на Јавна Соба (Public Room) во Скопје, ќе се одржи Нихон-Џи Фестивалот во организација на Јапан.нет.мк ([email protected]).
Фестивалот, прв од ваков тип, ќе прикаже повеќе аспекти од јапонската култура, вклучително литература, хаику поезија, кинематографија, музика, архитектура, боречки вештини, гастрономија, мода и поп култура, односно аниме, манга, косплеј и видео игри, со цел да го пренесе совршениот микс на традиционалното и модерното од Јапонија во Македонија.
Во рамките на фестивалот ќе се претстават над 20 уметници и илустратори, 3 модни дизајнери, 7 хаику поети, 4 доџоа, професори, критичари, технолошки експерти, околу 48 гејмери, љубители на стратегиски игри, бонсаи градина и се очекува голем број косплеери.
Посетителите ќе можат да присуствуваат на работилници за специфични јапонски занаети (кумихимо, монкири и церемонија за чај) и на три посебни трибини (Културно општествена трибина: Јапонски животни и работни навики, култура, менталитет и општествени норми; Аниме: Разликата помеѓу западната и јапонската анимација и Литература: Популарни јапонски концепти во литературата и уметноста кои наоѓаат своја примена во зголемување на квалитетот на живот).
Фестивалот исто така ќе вклучи и турнири во игрите Текен, Покемон Го и Ју-Ги-О, како и продажен дел со суши, јапонско виски, јапонски чаеви, стратегиски друштвени игри, јапонски книги и манга стрипови, рачни изработки со јапонски мотиви, аниме фигури, итн.
Фестивалот ќе биде свечено отворен со присуство на амбасадорот Савада Хиронори, а ќе биде затворен со диџеј сет со јапонска музика и караоке настан.
Деталната програма и учесниците се наведени на официјалната страна и на Фејсбук настанот.
Нихон-Џи Фестивалот е подржан од Амбасадата на Јапонија во Северна Македонија.
концерти
Изведба на оперската претстава „Аида“и промоција на монографијата „50 години Мајски оперски вечери“

Во фоајето на Националната опера и балет, на 31 мај, во 19 часот, ќе се одржи промоција на монографијата „50 години Мајски оперски вечери“ од д-р Александар Трајковски. Монографијата го обработува петдеценискиот развоен пат на единствената оперска манифестација во регионот и пошироко. Со оваа публикација Националната опера и балет трајно го зачувува уметничкиот белег изграден од големиот број извонредни уметници. Промотор на монографијата е м-р Весна Малјановска.
Со почеток во 20 часот величествената „Аида“ од Џузепе Верди традиционално ќе го затвори 50. јубилејно издание на фестивалот Мајски оперски вечери. Спојот на традицијата со визуелната иновација, преточена преку футуристичката виртуелна сценографија, ќе ја одведат публиката на патување низ древниот Египет раскажувајќи приказна за љубовта.
„Аида“, магичното ремек-дело на Џузепе Верди, ќе се изведе под диригентската палка на Оливер Балабурски, уметник со кариера над 28 години. Во продукција на театарот „Карло Феличе“ од Џенова, Италија, претставата на сцената на Националната опера и балет ја пренесе и адаптира Дејан Прошев. Кореографијата е на Луиза Балдинети (Италија), концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.
Улогите ги толкуваат: Сања Керкез од Србија (Аида), Виталиј Ковалчук од Украина (Радамес), Сања Анастасија од Србија (Амнерис), Владимир Саздовски (Рамфис), Игор Дурловски (Фараон), Отар Накашидзе од Грузија (Амонсаро), Катерина Стојановска (главна свештеничка), Дејан Стоев (гласник), балетски солист: Ивана Коцевска.
Хорот и Оркестарот на Националната опера и балет.