Култура
Изложбата „Горчлив шеќер“ е поетична, хумористична и трагикомична приказна за хаотичната современост

Утревечер, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје, ќе биде отворена изложбата „Горчлив шеќер“ на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ. Куратори на овој комплексен мултимедијен проект се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.
Проектот е составен од два дела, просторна инсталација и анимации и видеа, осмислени како фрагменти од актуелната стварност и современиот живот, кои во себе содржат знаци, состојби и ситуации, кои истовремено функционираат во преиспитувањето на локалниот контекст, но овозможуваат и исчитување на влијанијата и меѓузависноста во глобалните текови.
„Во духот на Лотреамон би можел да кажам дека ‘Горчлив шеќер’ е приказна за случајната средба на Калимеро, една запалка и Доналд Трамп на операционата маса, па, оттука, користејќи го искуството на надреализмот и дадаизмот, но сега ставени во нашиот современ хаотичен контекст, сакав да креирам дела и простори што нема да илустрираат или дефинираат одредени појави, туку повеќе ќе предизвикуваат прашања и критичко промислување на светот во кој живееме денес. Ми беше важно отворањето теми, кои не се толку често третирани на нашата современа ликовна сцена, како и создавањето простор за соработка на разни уметнички дисциплини и пробивањето на острите или воспоставени рамки на уметничка креација и продукција“, вели уметникот Јовановиќ.
Замислен како тотално уметничко дело, овој проект преку богат иконографски фундус и комплексна мрежа од релации и комбинирање неколку уметнички дисциплини (визуелна уметност и експериментален филм, анимации и музика) се фокусира на продлабочувањето на врските помеѓу овие уметнички форми, како и истражувањето на можностите за создавање нови уметнички содржини. Јовановиќ преку овој проект прави интегрирање на целокупната негова творечка практика, која опфаќа најразновидни изразни форми и медиуми од цртеж и инсталација до перформативност и интерактивност.
„Проектот претставува синтеза и надградување на искуствата на историската авангарда, особено на дадаистичките и надреалистичките интервенции, во обид да ги трансформира и употреби во современиот контекст, обременет со предизвиците на (пост)пандемиска политичка и технолошка реалност. Преплетувањето на реалното и надреалното и екстремните точки на нивното среќавање се одразува и преку спојувањето на разните жанрови. Во просторната инсталација, која ја сочинуваат огромен број слики и објекти, како и анимациите што ја активираат, Јовановиќ создава повеќедимензионална наративна мрежа низ која многуте протагонисти и разните состојби во кои се наоѓаат се трансформираат на едно друго ниво, како тотална слика за хаотичната современоста“, велат кураторите Јанчевски и Варошанец.
Анимираните видеа се колекција од поетични, хумористични и трагикомични приказни работени според раскази од неколку претставници на поновата генерација македонски писатели (Румена Бужаровска, Петар Андоновски, Алекс Букарски…) како и идеи на Јовановиќ. Во нивниот фокус се неизвесноста, игноранцијата, преку лични приказни, трагедии и неволји на луѓето на маргините и преку прикажување екстреми на човековото однесување во борбата и разбивањето на стереотипите во патријархалното општество и потрагата по правда и слобода.
Овој проект преку повеќеслојна и мултисензорна уметничка интервенција има цел да отвори простор за преиспитување на меѓучовечките релации и да проговори за состојбите на локално и глобално ниво во услови на сложена општествена ситуација, која е одредена од многубројни кризи и егзистенцијална неизвесност.
Проектот се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Центарот за истражување и информирање за животна средина „Екосвест“
Изложбата ќе биде отворена до 10 февруари 2024 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Костадиновска-Стојчевска на „Денови на комедијата“ во Куманово: На овие штици актерите успеваат да ги насмеат посетителите и за момент да ги оддалечат од грижите

Многубројна публика ја проследи театарската претстава „Синиот портокал“, во изведба на Театарот од Велес, со која вчеравечер во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово беше отворен Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на свеченото отворање на Фестивалот, кој оваа година бележи 26 години од формирањето, се обрати пред љубителите на комедијата и рече: „Од идејата на создавачите до остварувањата на нивните следбеници, вложени се многу љубов и посветеност за тој да прерасне во еден од најпопуларните фестивали во државава, а сепак да биде препознатлив и уникатен“.
„Со секоја одиграна претстава се калеше фестивалската приказна, а тоа претставуваше одлична можност за вљубениците во театарската уметност, преку еден од најспецифичните жанрови – комедијата, да ја негуваат и да ја развиваат театарската култура која прерасна во традиција. Токму тука, во градот на безвременското ремек-дело ’Бегалка‘ од Васил Иљоски и неговата Ленче Кумановче, кои се синоним и препознатлив белег на Куманово“, истакна Костадиновска-Стојчевска.
Министерството за култура останува партнер и традиционален поддржувач на овој фестивал кој со својата долговечност дава особен придонес кон развојот на македонската култура и културното живеење. На репертоарот на 26. издание на Фестивалот се 11 театарски комедии во изведба на македонски театри и на театри од Србија, Хрватска и од Бугарија. Од минатата година, Фестивалот има натпреварувачки карактер, а ќе се натпреваруваат 10 театарски претстави.
Годинашeн лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“ е истакнатиот македонски режисер и актер Коле Ангеловски.
Култура
Најдобрите кадри ги правам кога снимам со камера од рака, вели Лустиг – кинематограферот на Вим Вендерс

Филмот „Совршени денови“ на Вим Вендерс беше синоќа беше прикажан во рамките на официјалната селекција Камера 300 на ИФФК „Браќа Манаки“, а кинематограферот на филмот Франц Лустиг денес одговараше на новинарски прашања и откри детали за работата на филмот, изборот на локациите.
„Снимав со камера од рака бидејќи така ги правам најдобрите кадри. Сметам дека статичната камера го губи контактот меѓу актерите и кинематограферот бидејќи треба да гледам на монитор. Со камерата од рака светлината некако се впива во кадарот и тоа може да се види на филмот“.
Од 1994 година Франц работи како директор на фотографија за реклами и музички видеа со некои од водечките режисери ширум светот, како Сем Браун, Гери Фридман, Сајмон МекКуид, Стјуарт Мекинтајр, Џонс и Тино, Мартин Амунд, Томас Јонсгарден, Начо Гајан, Даниел Клајнман, Ринган Ледвиџ, Тарсем и Ралф Шмерберг.
Во поглед на музиката во филмот рече дека најголем дел од песните во филмот биде додадени отпосле бидејќи бил мошне сложен и тежок процесот со добивање на авторските права. Според тоа како ги движи усните биле избрани други и дополнети.
-Песната на Нина Симон навистина ја пееше и тоа беше најтрогателниот момент. Плачевме додека снимавме, раскажа Лустиг.
Соработува со режисерот Вим Вендерс на три долгометражни филмови: „Земја на изобилството“, за кој ја освои наградата „Најдобра камера“ на Германските филмски награди; „Не доаѓај чукајќи“, за кој го заслужи признанието „Најдобар европски кинематографер“ во 2005 година; и „Пукање во Палермо“ од 2007 година.
-Додека снимаме Вим секогаш ги прикажува градовите онакви какви што се во моментот. На тој начин ги зачувува, бидејќи ако по 20 години одите во Палермо или во Токио сигурно тие нема да изгледаат исто. Но, со нашите филмови тие остануваат зачувани, рече Лустиг.
Неговата документарна работа е исто така важен сегмент во кариерата за него и ги вклучува филмот „2 или 3 работи што ги знам за него“ на Малте Лудин за животот и смртта на нацистичкиот татко на Лудин и документарниот филм „Танц за сите“ од 2008 година. Во 2012 година, Франц ја доби наградата Мобиус за „Најдобар кинематографер“.
Од селекцијата на кратки филмови, денеска беше претставена кинематограферката Сташа Букумировиќ, чиј филм „Нека цвета росно цвеќе“ беше вчера прикажано на 44. ИФФК „Браќа Манаки“. Станува збор за патување на една жена која во текот на патувањето ќе развие љубовна врска.
-Локациите се многу важни за овој филм, бидејќи сакав внатрешната емоција да ја доловам преку надворешните промени и тоа не беше толку тешко бидејќи во текот на снимањето се сменија сите четири годишни времиња во Црна Гора, раскажа Сташа.
Ерик Полума, кинематограферот на „Сончев часовник“ од документарната програма раскажа дека сценариото било мошне блиско на актерите и затоа не било сложено да се изведе.
Филмот „Трагата на дивечот“, за кинематограферката Бојана Андриќ бил шлаг на тортата, бидејќи е тоа периодот на седумдесеттите и за неа било многу инспиративно и направила истражување. Таа вели дека кинематограферите, особено кога се млади треба да ги прифаќаат сите искуства кои може да ги добијат, бидејќи има време за да избираат сценарија, за почеток за да научат да бидат кинематографери мора што повеќе да работата.
– Јас кога бев млада работев и на сапуници, така го изоштрив чувството за снимање.
За Фестивалот „Браќа Манаки“ слушала од своите професори уште додека студирала.
-Само најдобри зборови имаа моите професори за вашиот Фестивал. Оваа година има извонредно издание и посакувам нагорната линија да трае, рече Андриќ.
Култура
Свечено доделување на наградата „Анте Поповски – Антево перо“

Вечерва, во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, со почеток во 19.30 часот, ќе се одржи централниот настан од годинешното, шесто по ред издание, на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.
Присутните посетители ќе имаат можност да проследат видеоматеријали со кус рецитал на академик Анте Поповски, но и снимки од негови песни во интерпретација на артистката Софија Гогова-Врчаковска. Модератор ќе биде м-р Александра Јуруковска, ќе биде прочитана одлуката на жири-комисијата за наградите, а пред присутните ќе се обрати д-р Атина Цветаноска.
Манифестацијата се одржува во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, академик Анте Поповски, и е поддржана со програмата за 2023 година на Министерството за култура.
По доделувањето на наградите, ќе се одржи и поетско читање, во кое, освен наградените автори, учество ќе земат и неколку други учесници на годинешниот конкурс.