Култура
Изложба на графики од Трајче Блажевски во Струмица
Вечерва со почеток во 19:30 часот, ќе се одржи отворањето на изложбата на графики од Трајче Блажевски во Н.У. Центар за култура „Антон Панов“ во Струмица. Авторот ќе се претстави со триесетина уметнички дела – графики изработени во периодот 2017-2024 година.
„Да се патува по 45-годишната творечка траекторија на д-р Трајче Блажевски претставува деликатна и многу сложена авантура. Неговата обемна био-библиографија на извесен начин, сама по себе, априори претставува доволна индикација дека станува збор за еден од најактивните и најзначајни македонски графичари кој повеќе се презентирал на интернационалната, отколку на домашната ликовна сцена“, ќе напише ликовната критичарка Конча Пиркоска во каталогот за претстојната изложба на Трајче Блажевски.
Уметникот Трајче Блажевски реализирал повеќе од 60 самостојни изложби во Македонија, Србија, Бугарија, Германија, Италија, Словенија, БиХ, Црна Гора, Полска и Романија. Учествувал во над 600 домашни и странски изложби. Добитник е 16 домашни и 5 странски награди во текот на неговата творечка кариера. Бил професор во Училиштето за применета уметност, технички уредник во дневниот весник „Нова Македонија“, поседувал статус на слободен уметник, предавал во Трговско-училишниот центар, работел во Културно-информативниот центар во Скопје и бил редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од каде заминува во пензија.
Изложбата на графики на уметникот Трајче Блажевски се организира од Н.У. Центар за култура „Антон Панов“-Струмица, а е финансиски поддржана од Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес за 2024 година на Министерството за култура и туризам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Патување низ боите – јубилејни триесет години творештво“ на Башким Меџити
На крајот од 2024 во атмосфера на загревање на претпразнично расположение со задоволство ве информираме дека на 16 декември, понеделник, во 19 часот ќе се отвори изложбата на ликовниот уметник и професор Башким Меџити во објектот Чифте амам на Националната Галерија.
Изложбата претставува одбележување на 30-годишното творештво на академскиот сликар Меџити и носи наслов „Патување низ боите – Јубилејни триесет години творештво“. Сликарскиот опус ќе биде претставен со седумдесетина слики изработени во комбинирана техника, акрил на платно.
Творечкото патување на Меџити се одвива низ неколку циклуси, од најраната младост, дипломирањето на Факултетот за ликовна уметност во Приштина, до неговиот сегашен ангажман како редовен професор на Државниот универзитет во Тетово.
За самото отворање ќе биде подготвена соодветна монографија со пригодни осврти за неговиот сликарски пат, изложбата ќе трае до 16.01.2025, а куратор на проектот е Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.
Култура
„Бубачки“ на Игор Иванов-Изи денеска во Кинотеката во рамките на јубилејните проекции на македонските филмови
Декемвриската програма на Кинотеката ја збогатуваат легендарни македонски филмови кои ја обележаа историјата на нашата кинематографија. Со овие проекции публиката има можност повторно да се потсети на овие маестрални дела, кои преку различни наративи и жанрови ја прикажуваат македонската култура, историја и живот.
По повод 20-годишнината од премиерата на „Бубачки“ по сценарио и режија на Игор Иванов Изи, филмот ќе биде прикажан во Кинотеката на 13 декември со почеток во 19.30 часот.
„Бубачки“ е македонски краткометражен игран филм од 2004 година, во продукција на „Сектор Филм Скопје“. Филмот е номиниран за „Златна мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал во 2004 година и е добитник на престижниот „Златен леопард“ на фестивалот во Локарно. Бубачки успеа да се пласира помеѓу девет кратки филмови во трката за „Оскар“, но не се здоби со номинација.
Што станува со еден млад човек кој живее целосно во својот свет? Меланхолични и моќни слики ги враќаат спомените од минатото на момчето, додека ја откриваат неговата контемплација за сегашноста.
Улогите ги толкуваат: Ѓорѓи Крстевски, Оливер Митковски, Лабина Митевска, Владимир Јачев и Јелена Богојевиќ.
Култура
Премиера на претставата „Замисли нов свет“ во МНТ, инспирирана од творештвото на Горан Стефановски
На 16 и 17 декември на големата сцена на Македонскиот народен театар, со почеток од 20:00 часот ќе се одиграат две премиерни изведби на претставата „Замисли нов свет“, работена според мотиви од делата на Горан Стефановски. Ова беше соопштено на прес-конференцијата која се одржа денеска во Македонскиот народен театар, на која присуствуваа членови на актерската екипа заедно со режисерката Нела Витошевиќ, претставникот од продукциската куќа „Сектор Филм“, директорот на МНТ, Никола Кимовски, како и Емилија Андоновска, Главниот комерцијален директор за приватни корисници на Македонски Телеком, кој стои зад реализацијата на оваа претстава.
Претставата обработува безвременски теми од нашата заедница, испреплетени една низ друга и раскажани преку добро познатите ликови од драмите на Стефановски.
„Секогаш кога се подготвува претстава поврзана со ликот и делото на Горан, интересот е голем, бидејќи сите ние се пронаоѓаме во неговите дела, ги чувствуваме како блиски и безвременско релевантни. Воедно, би сакал да изразам благодарност до Македонски Телеком што иницираше и поддржа еден ваков театарски проект, и се надевам дека во иднина повеќе компании ќе го следат овој пример“, изјави Никола Кимовски, директор на МНТ.
Во „Замисли нов свет“ ќе се појават актери од различни генерации и секој од нив ќе толкува повеќе улоги одеднаш. Актерската екипа која ќе се појави на сцената на МНТ е составена од: Верица Недеска, Дамјан Цветановски, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ, Нина Деан, Ана Јовановска, Стефан Спасов и Антонио Ташковски. Претставата е режирана од Нела Витошевиќ, по драматизација на Ана Ристоска-Трпеноска. Во креативниот дел се потпишуваат уште и композиторот Огнен Анастасовски, сценографот Костантин Трпеноски, костимографката Роза Трајчевска-Ристоска.
Претставата „Замисли нов свет“ е проект на Телеком во соработка со МНТ, идеја на маркетинг-агенцијата Saatchi&Saatchi Скопје дел од Публицис Групацијата, а инспирирана од творештвото на нашиот најголем драмски писател Горан Стефановски, со кој ќе бидат заокружени активностите од иницијативата #НаправиМесто за 2024 година.
„Делата на Горан Стефановски се врежани во нашата меморија, подеднакво се силни и денес и нѐ обединуваат: да се прифатиме кои сме, да ги надминеме предрасудите и вистински да се поврземе. Годината ја почнавме со оваа тема, и ја завршуваме со истата порака, преку театарот како медиум кој се обраќа на целата јавност и преку делата на Стефановски. Претставата ’Замисли нов свет‘ е нашата инвестиција во културата и македонските уметници кои оставиле белег и чии дела треба да се пренесуваат“, изјави Емилија Андоновска, Главен комерцијален директор за приватни корисници на Македонски Телеком.
Ова е шестиот проект по започнувањето на новата театарска сезона на Македонскиот народен театар, овојпат во продукција на „Сектор Филм“ и копродукција на Македонскиот народен театар, а како продуценти се потпишуваат Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.