Изложби
Изложба на графики, цртежи и колажи од Слободан Радојковиќ

Културно-информативниот центар – Скопје има особена чест и задоволство да ве покани на отворањето на изложбата на графики, цртежи и колажи од академскиот графичар Слободан Радојковиќ (Србија).
На прв поглед станува збор за три наративи, циклуси, со кои Радојковиќ ѝ се претставува на ликовната публика. Но, тоа е привид зашто сите три циклуси („Лулиња и чешли“, „Колиби и дождови“, „Мрежи“), без оглед што се создавани во разни временски периоди, тие се тесно поврзани со потребата на Радојковиќ да ги надмине конечната форма и визуелната претстава притоа ослободувајќи се од стварноста и преминувајќи во состојба на оностраното – на нешто што е повеќе од слика по себе, што преминува во метафора, со која се напушта она што се гледа и она што е вообичаен тек на нештата.
Колибите и дождовите, мрежите, лулињата и чешлите се наметнуваат како прибежиште на човечкиот ум од хераклитовскиот тек на стварите, според кои моментите сместени во разни временски мигови не може да се доведат во врска.
Слободан Радојковиќ e роден 1967 во Ниш, Србија. Дипломирал на ФЛУ Скопје во 1992 година. Постипломски студии завршува на ФЛУ Белград, Србија, во 1996 година, а на истиот факултет докторира во 2016 година. Работи како професор по графика на ФЛУ Ниш, Србија. Од 1993 година е член на Здружението на ликовниte уметности на Србија – УЛУС. Има реализирано 25 самостојни изложби во Белград , Ниш, Пирот, Приштина, Прокупле, Кикинда, Смедеревска Паланка, Кралево, Крагуевац, Софија (Бугарија), Хјустон (САД), Бања Лука (БиХ), Николет (Канада), Котор (Црна Гора) Верчели, Вербанија, Карнаго (Италија) и Берн (Швајцарија). Од 1993 учествува на повеќе од 350 групни изложби во целиот свет. Некои од најпознатите излагања се во Белград, Ниш, Скопје, Солун, Токио, Харков, Софија, Пловдив, Буенос Аирес, Кочи, Мјанмар, Прага, Париз, Свонси, Александрија, Мексико Сити и др.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Изложби
Изложба „Слобода?!“ – заедничка изложба на македонски и бугарски ликовни уметници во Ловеч

Во организација на КИЦ на Македонија во Софија и Уметничката галерија „Проф. Теофан Сокеров“ за прв пат во град Ловеч ќе биде претставен проектот „Поврзување“ и изложбата „Слобода?!“ која е дел од него. Оваа групна изложба на 15 современи македонски и бугарски ликовни уметници претходно имаше своја успешна премиера во Созопол. Од 30 јуни (четврток) 2022, со почеток од 18:00 часот, веќе организаторите и авторите ќе се радуваат и на контактот со публиката во Ловеч.
Со ова гостување се продолжува реализирањето на целта на проектот, поддржан од Министерството за култура на РСМ, да бидат претставени новосоздадени ликовни дела на современите уметници, како и да се поврзат ликовните сцени од двете земји.
Во составот на изложбата се делата на уметниците од неформалната група Конекција, кои се од Северна Македонија, но живеат и работат во Софија, Бугарија: Перица Георгиев – Пепси (Скопје), Марјана Иванова (Виница), Зоран Мише (Охрид), Иво Пецов (Виница), Павел Целкоски (Охрид) и Марјан Ѕингаров (Струмица).
Тука се делата и на ликовните уметници и професори од факултетите за ликовна уметност во Северна Македонија: Беди Ибрахим (Скопје, ФЛУ), Јован Шумковски (Скопје, ФЛУ), Катерина Деспот (Штип, УГД) и Срѓан Микиќ (Скопје, IBU).
Со своите македонски колеги изложуваат и бугарските ликовни уметници и професори од Националната Ликовна Академија во Софија: Георги Јанков, Нина Русева, Свилен Стефанов и Васил Колев. Свое учество има и уметницата Марија Алексиева од Бургас.
Во изложбата најзастапени се сликарските дела. Се среќаваат различни техники и авторски искази кои кореспондираат со зададената тематска насока. Од користење на различни форми на комбинација на сликарските техники до еднородна сликарска техника во конвенционален вид. Употребуваните сликарски материјали се движат во широк дијапазон, со употреба на маслени и акрилни бои, молив, креда, пастел, апликација на дополнителни материјали кон основата која може да е хартија, платно или МДФ. Со сликарски дела се претставуваат Беди Ибрахим, Катерина Деспот, Марија Алексиева, Марјан Ѕингаров, Нина Русева, Перица Георгиев – Пепси и Свилен Стефанов.
Графиката е претставена во најголем дел со класичните графички техники – висок и длабок печат, како: линорез, мецотинта, акватинта, бакропис, сува игла, како и комбинации меѓу некои од нив, а исто така е застапен во помал дел и дигиталниот печат. Со свои графички дела учествуваат уметниците Срѓан Микиќ, Павел Целкоски, Васил Колев, Зоран Мише и Иво Пецов.
Плакатната уметност е претставена со делата на двајца од авторите. Со користење на компјутерските можности за дизајн и дигитален печат, како и со умешноста во областа на визуелната комуникација се претставуваат авторите Георги Јанков и Маријана Иванова.
Од вкупно 40 дела кои ја составуваат изложбата 3 се фотографии од концептуални дела на македонскиот уметник Јован Шумковски, кои сами по себе претставуваат посебна ликовна единица.
Изложбата е составена од авторските наслови како: „Птици“, „Право или праведност“, „Реквием“, „Ослободително средство“, „Изохипси од Африка“, „Храбар нов свет“, „1984“, „Приказната на слугинката“, „Цикада“, „Реминисценции“, „Пејзаж“, „Почеток“, „Крај“, „Каде одиш?“, „Слободата, портал кон вистината“, „И во огнот штом ќе запролети“, „20 години матура“, „Артефакт“, „Фраер“, „Три нејасни објекти“, „Светлосна патека“, „Нејасна лекција по геометриска апстракција“, „Проникнување“, „Летен ручек“, „Копчето на длабокото езеро“, „Тотем – нескршлив дух“ и „R = 1: 2 и 1 : 200“.
Изложби
Европските уметници Жмијевски и Алтхамер ќе создаваат колажни дела во МСУ, дел од нив ќе му подарат на Музејот

Полските уметници Артур Жмијевски и Павел Алтхамер, едни од најзначајните европски уметници од својата генерација, ќе бидат ексклузивни гости на Музејот на современата уметност – Скопје.
Во рамките на нивниот престој од 1 до 14 јули, ќе им биде овозможено да создаваат дела во самиот Музеј, а некои од нив ќе му ги подарат на МСУ. Куратор на проектот е Владимир Јанчевски.
Нивниот колаборативен процес на работа, како отворено студио, ќе се одвива во еден од галериските простори на МСУ Скопје секој ден од 14 часот до после полноќ.
Музејот е отворен за посетители во своите редовни термини од вторник до сабота, од 10 до 17 часот, и во недела од 10 до 13 часот. Оние посетители што ќе дојдат во Музејот во периодот меѓу 14 и 17 часот ќе имаат можност да посведочат на процесот на работа на Жмијевски и Алтхамер.
Уметничкиот тандем е меѓу најважните претставници на таканаречената критичка уметност – карактеристична струја на полската уметност, која се заснова на критичка обработка на актуелните теми од јавниот живот.
Во текот на овие две недели, колку што ќе креираат, уметниците ќе создадат 30-ина уметнички слики на картон со акрилна боја и колажи од стари историски книги, мапи, карти, атласи, постери, образовни графикони итн… Посетителите се добредојдени да донесат дел од овие материјали и со тоа да придонесат во создавањето на делата.
На 14 јули ќе биде отворена нивната изложба со наслов „Полска школа на колаж“ (Polish School of Collage), која ќе биде поставена до 25 август 2022 година.
Уште поголем куриозитет е што некои од создадените дела овие светски познати автори ќе му ги подарат на Музејот на современата уметност – Скопје и со тоа ќе ја збогатат вредната колекција на Музејот.
Улогата на Полска во создавањето на објектот на МСУ е од непроценливо значење. МСУ е симбол на солидарно Скопје, кога по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Обединетите нации носат резолуција, во која стои дека не е важна само материјалната помош, туку и културата за подигнување на духот на настраданите. Токму таа резолуција и одлуката на светскиот конгрес на уметници во Њујорк ги повикаа сите светски уметници да донираат свои дела за разрушеното Скопје и да се удрат темелите на новата зграда. На распишаниот конкурс првата награда ја добива познатото архитектонско студио „Тигри“ од Полска. Владата на Полска во знак на солидарност му го донира овој проект на Скопје, а денес МСУ во својата колекција помеѓу другите значајни дела располага со над 200 уметнички донации од полски уметници (212 дела од 135 уметници). Со оглед на тоа што досегашните донации се од периодот 1964-1990 година, Жмијевски и Алтхамер ја продолжуваат низата донации со современи дела.
Минатата година Жмијевски првпат имаше голема самостојна изложба во МСУ Скопје. Ова претставување следуваше по неговото учество во рамките на меѓународната групна изложба „Сè што ни е заедничко“ во 2019 година во Музејот. Уште еден ексклузивитет е што ова ќе биде првото претставување на Павел Алтхамер во Скопје.
Артур Жмијевски (1966) е визуелен уметник, кој живее и работи во Варшава, автор со богата уметничка кариера, кој е фокусиран на создавање инсталации, составени од фотографија, филм и видео.
Во своите дела тој го разоткрива светот на „другите“, кои често минуваат незабележани. Тој го снима нивното секојдневие покажувајќи како физичките и психичките ограничувања ги осудуваат овие луѓе да бидат маргинализирани во општеството. Преку експерименти со учество на избрани групи тој се обидува да разбере тешки искуства и табу-теми. Има изложувано на некои од најважните уметнички манифестации, како што се Венециското биенале и Документа во Касел, а бил и куратор на Берлинското биенале во 2012 година. Неговите дела се вклучени во колекциите на некои од најреномираните уметнички институции во светот, како, на пример, Музејот на модерната уметност во Њујорк, „Тејт модерн“ во Лондон, потоа „Новата пинакотека“ во Минхен…
Павел Алтхамер (1967) е визуелен уметник, кој живее и работи во Варшава. Работи во разни медиуми, како скулптура, перформанс, инсталација, видео. Создава скулпторски автопортрети, се појавува во перформанси и видео настојувајќи да ја доживее материјалноста на телото и да ги дефинира сопствените ментални граници. Преку акции, во кои вклучува цели заедници, тој сака да создава општествени заедници соочувајќи се со луѓето преку уметноста. Тој го доведува во прашање значењето на монументалните споменици според обемот на неговите дела и случајноста на неговите материјали. Неговите дела повикуваат и на социјалната скулптура на Бојс и на наследството на „Отворената форма на Оскар Хансен“. Тој може да се опише и како уметник со афинитет за релациска естетика. Учествувал на најзначајните светски изложби, меѓу кои „Документа 10“ (1997), на Биеналето во Венеција (2003, 2013), Берлинското биенале (2012), Skulptur Projekte Münster (2017). Добитник е и на многубројни награди, како што е биеналната награда за современа уметност во Европа „Винсент ван Гог“ во 2004 година.
Изложби
Вечерва отворање на изложбата „Форми на повторно создавање“ на Ирена Пејовиќ

Вечерва во КСП Центар-Јадро во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Форми на повторно создавање“ на Ирена Пејовиќ.
„Форми на повторно создавање“ е мултидисциплинарен настан кој наметнува перцептивни методи на организација при изработката на делото. Ја бара еластичноста во видеото како медиум и користи акции на повторување како повторени движења, повторени звуци, поделено пресликување, селективна поделба, селективно гледање и селективно слушање, за да го прошири разбирањето на субјектот од едно единствено тело во настан на формирање релации.
Настанот ќе трае до 24 јуни.
Пејовиќ создава настани кои водат надвор од визуелниот аспект, кореографирајќи движења кои ја претвораат публиката во истражувач на еден свет кој е активен и во создавање, како збир на релациони односи, на начин на кој тие го немаат доживеано претходно. Во нејзините дела, публиката се движи со сензори, користејќи вид, звук, навигација, чувство на текстура, боја, големина, и е подвижна и неподвижна. Делата, просторот и гледачот земаат рамноправен дел во изработката на настаните.