Култура
Изложба на стрипови во МКЦ

Изложбата „Цртање приказни“, зад која стојат авторите Иванка Апостолова, Гаја Смилевска, Матеј Богдановски, Вук Митевски, Иван Ивановски и Ѓорѓе Јовановиќ, ќе биде отворена денеска во 20 часот во МКЦ и ќе трае до 16 јуни.
Изложбата прикажува стрипови на автори од повеќе генерации, со особен фокус на нивните стрип-дела работени по мотивите на современи македонски писатели или во комплетно авторство (цртеж и текст) на авторите.
„Набљудувајќи го стрипот, не само како визуелен туку и како општествен факт, преку оваа изложба настојуваме да го прошириме погледот на можните начини на презентирање и промовирање на стриповите притоа отворајќи простор за дискусија за продукцијата, пред сè, на некомерцијалните авторски стрипови. Токму авторскиот стрип се позиционира како составен дел на визуелната култура и воопшто на културната продукција, па затоа треба да продолжи да се афирмира и да се подига неговата свест не само за уметничките туку и за комуникациските и едукативните потенцијали. Освен неоспорниот формален уметнички квалитет на цртежот, колажот или фотографијата, стрипот се гледа првенствено како исклучително убедлив збир на визуелни и вербални знаци, кои својата магична привлечност ја должат на начинот на кој ја раскажуваат приказната“, велат организаторите на настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изложба „Природа на математиката“ на Пол Ванг во Скопје

Оваа сабота, 25.06. во Галеријата Ко-Ра беше отворена изложбата Природа на математиката на истакнатиот американски визуелен уметник- Пол Ванг. Истата ќе биде отворена до 10. 07. 2022.
Кураторот на изложбата Игор Поп Трајков ја истакна поврзаноста на креацијата и инспирацијата, па така на уметноста и науката, а со тоа и математиката. Како такви овие две категории се неизбежно поврзани со природата за чие зачувување мораме да се бориме, појаснува организаторот.
Кураторката на галеријата ја подвлече важноста на културните врски, особено со западниот свет, и зачувувањето на еколошките стандарди во кои творат уметниците. Таа изрази надеж дека Пол Ванг и повторно ќе дојде и дека ќе имаме уште многу заеднички проекти.
Самиот автор заблагодарувајќи се на одличната организација на настанот ја пофали кураторската работа и техничката изведба на неговите остварувања, изведена – со сугестии на кураторот Поп Трајков – во нашата држава.
Пол Ванг има работено на некои од најголемите филмски хитови воопшто, како оние на студиото Дримворкс (како визуелен надградувач и аниматор): Пристигнување (1996), Миротворец (1997), МравкИ (1998), Шрек (2001 и 2003), Забишта (2004), како продуцент на Тинејџ мутанти нинџа желки (2007), Астро момче (2009) Капетан Харлок (2013) и Куче-робот (2017). Како визуелен уметник се истакна со своите инсталации во Детскиот креативен музеј (2021) и во Барот Виридијан (2022). Пол Вонг е и режисер на Кралот на мајмуните оди кон Запад (2011).
Оваа изложба е дел од програмата на Скопско лето 2022.
Култура
Украдени 16 слики од Павле Кузманоски од „Матица ексклузив“

Два дена по отварањето на изложбата на слики во Мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“ од познатиот уметник Павле Кузманоски од Тетово, украдени се 16 негови ретки дела во маслена техника, пастели, акварели и цртежи во туш на тема урбани пејзажи создадени во последните 60 години.
По големата кражба во седумдесеттите години на минатиот век на делото на Пикасо од Музејот на современата уметност во Македонија, денес сме сведоци на кражба и на исклучително вредни уметнички дела од нашиот голем сликар, информираат од „Матица ексклузив“.
Култура
Куклено-визуелна претстава „Во детската соба“ на ТДМ на Скопско лето

Вечерва, од 19 часот, во НУ Театар за деца и младинци – Скопје, ќе биде изведена куклено-визуелната претстава „Во детската соба“, во рамките на програмата на фестивалот Скопско лето.
Претставата е авторски проект на режисерката Милена Миланова од Бугарија, а раскажува приказна за четворица чудни специјалисти вработени во компанијата „Kрени-носи“. Тие ја имаат способноста да раскажуваат спомени, скриени во кутии. Нивното мото е „Крени-носи, секогаш подготвени да помогнеме“. Тие имаат задача да ги пренесат кутиите од детската соба на едно мало дете Саша. Кутиите не се обични, туку волшебни, магични. Во секоја од нив се крие по една приказна, еден детски спомен за пријателството. Со помош на мачката Ѕвездана, со песни, кукли и бои, нашите храбри „креноносачи“ ќе ни ја раскажат приказната за детството на малиот Саша. За неговата средба со малото глувче, со големата риба, за подароците, за патувањата со родителите, за соништата, мечтите, борбите и пријателствата на малиот Саша. „Во детската соба“ е претстава за едно дете кое учи да се поврзува и да другарува со другите.
Станува збор за куклена претстава работена по разни современи методи. Еден од нив е и методот за создавање визуелен театар и визуелна драматургија на Филип Женти и Мери Андервуд, француски режисери, кореографи, куклари, со кои Миланова има соработувано во претходните години. Авторката исто така во претставата го користи и методот на театарот на материјалот.
Во претставата играат: Ангела Димитрова, Ана Левајковиќ-Бошков, Никола Наковски, Петар Стојанов, Катарина Илиевска Силјановска и Ненад Митевски.