Култура
Изложба на фотографии на Александрос Вретакос, Кожани, Грција

В сабота, во 19 часот, во галеријата „Рудиќ“ ќе се отвори изложба на фотографии на Александрос Вретакос со името „Вевчански бајки и кошмари“.
Александрос Вретакос е грчки фотограф од Кожани, кој го снима карневалот во Вевчани во последните 8 години. Тој кажува за она што го инспирирало и мотивирало толку пати да се врати на истото место:
„Барајќи на интернет пред осум години интересни фотодестинации на Балканот со карневалска тема, наидов на селото Вевчани. Оттогаш, секоја година го фотографирам континуирано. Од првата година ги запознав нејзините жители и со некои од нив станавме одлични пријатели. Бев многу импресиониран од гостопримството на жителите и од нивната приемчивост и отворени врати насекаде.
Карневалот, кој се одржува секоја година во средината на јануари, традиционално се поврзува со почетокот на новата година и прославата на Дедо Мраз. Овој локален обичај ја покажува големата љубов на мештаните кон своето село, како и оправданата гордост што модерните години не успеале да ги променат и да ги оттргнат од корените. Тоа е место што се спротивставува на промените бидејќи е самодоволно. Голема предност за нашето време. Од првиот ден бев импресиониран од масовното учество на жителите на нивниот традиционален карневал. Традицијата вели дека мора да направат свои маски, кои ќе ги запалат на крајот на карневалот и ќе се ослободат од своите улоги.
Традиционален карактер на карневалот и неговата автентичност ме маѓепсаа. Се обидов да се инфилтрирам фотографски и да ги тргнам моите кадри подалеку од воспоставената парада на карневалски веселби на главната улица. Инсистирав да ги изолирам маскираните луѓе на моите фотографии обидувајќи се да ја репродуцирам атмосферата на мистерии и енигми што ги сретнав околу мене. Многу посетители мислат дека сè почнува и завршува со парадата. Наместо тоа, сè почнува многу порано и завршува во попладневните часови наредниот ден. Некои од моите ноќни фотографии не прикажуваат карневали, туку само рурални куќи. Ги ставив во истиот проект затоа што мислам дека ја имаат оваа заканувачка карневалска атмосфера. Конечно, верувам дека за да се ужива во карневалот во Вевчани, треба да се прифати неговото претерување и да се почитува неговата историја“.
Александрос Вретакос почнал интензивно да се занимава со фотографија за време на студиите во Нови Сад како член во тоа време на еден од најзначајните југословенски фотоклубови „Бранко Баиќ“. Таа југословенска школа на фотографија сè уште се отсликува на неговите фотографии. Неговата фотографија се карактеризира со разни теми и техники што ги користи. Во повеќето негови проекти се открива надреалистичко расположение.
Имал 60 самостојни изложби и три последователни учества со изложби на фотобиеналето во Музејот на фотографијата во Солун.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изведба на „Кармина Бурана“ од Карл Орф на 7 декември во Националната опера и Балет

На сцената на Националната опера и Балет на 7 декември 2023, со почеток во 20 часот, концертно ќе се изведе моќната „Кармина Бурана“ од германскиот композитор Карл Орф. Публиката ќе може да дојде и да ужива на средба со страста, љубовта и животните радости, како и вечниот сон за среќата, владетелка на светот.
Диригент е Иван Еминовиќ, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска.
Настапуваат: Наде Талевска, сопран; Васко Здравков, баритон и Нико Ѓоргиевски, контратенор заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и Балет.
Слушањето на моќната „Кармина Бурана“ е секогаш посебно искуство и со години го привлекува вниманието на многубројната публика, која постојано ја бара на тековниот репертоар.
Култура
Недела на полскиот филм во Кинотеката

Од 06 до 10 декември 2023 во Кинотеката ќе се одржи Недела на полски филм. Ревијата ќе започне со прикажување на филмот ИО на Јержи Сколимовски.
ИО е последниот филм на Јержи Сколимовски, легендата на полското и Европското кино. Тој со овој филм покажува дека има уште што да каже. ИО е еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови во неговата шеесетгодишна кариера. Филмот ја освои наградата од жирито на 75-то издание на Канскиот филмски фестивал и влезе во потесниот избор на наградата „Оскар“ за најдобар странски филм во 2023 година.
Полскиот режисер Јержи Сколимовски има кариера која трае повеќе од 60 години, чии филмови од шеесетите години на минатиот век се сметаат за најава на новите естетски тенденции во полската кинематографија. Токму во тоа ќе можат да се уверат филмофилите гледајќи ги неговите филмови во првата половина на месецов. Она што е за одбележување е проекцијата на можеби најценетиот филм на Сколимовски Рацете горе, за товарот на сталинистичкото минато на Полска, забранет за прикажување во земјата цели 18 години, а неговиот последен филм, ИО, еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови со кој Сколимовски покажува дека има уште што да каже.
Култура
Македонска филхармонија ќе свири класика овечковечена на големото филмско платно

Овој четврток, 7 декември, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт кој претставува возбудлива музичка одисеја во која класиката создава паралелна приказна на големото филмско платно. Концертот е насловен „Бесмртност“, а ќе прозвучат дела од големите класични мајстори Маскањи, Моцарт, Бетовен, Мусоргски, Штраус, Барток, Вагнер овековечени во филмските ремек -дела на браќата Коен, Скорцезе, Форман, Кјубрик, Аронофски, Копола…
Диригент е местро Вања Ѓумар Николовски.
Вања Ѓумар Николовски се школува во Скопје, каде што на Факултетот за музичка уметност во 1992 година дипломира на Одделот за диригирање (класа на проф. Фимчо Муратовски), а во 1993 година на Одделот за композиција (класа на проф. Властимир Николовски). Во 1995 и 1996 година специјализира диригирање во Санкт Петербург, на конзерваториумот “Николај Римски Корсаков“, во класите на Илија Мусин и Михаил Кукушкин. Во овој период активно соработува со Јури Темирканов и Валери Гергиев. Мастер студиите по композиција ги продолжува во 1999 година во Скопје, во класата на проф. Гоце Коларовски.
Во деведесеттите години развива богата диригентска дејност настапувајќи со повеќе хорски и инструментални ансамбли во Македонија (меѓу кои и Македонската филхармонија, хорот на Македонската радио-телевизија, хорот „Мирче Ацев“ и др.), а Македонската опера и балет е неговата матична куќа. Остварува и голем број настапи во странство: Санкт Петербург (Русија), Белград (Србија), Виена (Австрија), Порто (Португалија), а подоцна и низа настапи во САД (Феникс, Сан Диего, Вашингтон, Лос Анџелес…). Паралелно со ова, активен е на полето на музичкото творештво, а неговите дела се изведуваат на „Денови на македонската музика“, „Охридско лето“, средбите на музичките академии од поранешна Југославија.
Во почетокот на овој век се преселува во САД каде што ја продолжува својата диригентска, педагошка и композиторска дејност. Во своето творештво минува низ различни фази. За време на студентските години, трагајќи по сопствен музички израз, неговите дела носат и неоромантичарски и неокласицистички елементи. Бескрајната творечка љубопитност подоцна го води и во други творечки правци – минимализмот, џезот, фолклорот, не само на сопствената земја туку и на другите народи од различни континенти.