Култура
Изложба на фотографии: „2 соби, пандемија и јас“

Утре, со почеток во 19:30ч, во Рудиќ галерија ќе се отвори изложба на младата фотографка Христина Трајкоска, која ќе ни прикаже 23 различни концепти и емоции со кои се соочи за време на ковид-пандемијата. Нејзините автопортрети, во кои ги прикажува емоциите со кои сите ние се справивме, се фотографирани во 2 соби, спална и тоалет!
Ќе ни долови како се справила со пандемијата, 2 години оддалечена од сите, своето семејство, пријатели и од можноста да го работи она што го сака најмногу – портретно фотографирање.
Таа вели дека на почетокот била отуѓена од себе и присиленоста да креира сама во тие 2 соби го гледала како пречка. Со надминување на нејзините изговори, ја вратила довербата во себеси, решила да биде ранлива и за промена таа да застане пред објективот. Се заљубила во самиот процес на креирање автопортрети и ја потврдила лекцијата – единствена пречка до успехот се нашите мисли.
На овој настан со необични фотографии и одлична музика од акустик дуото Полина Тасева и Иван Петровски, ќе се запознаете и со самиот процес на креирање на тие фотографии преку Behind the scenes видеа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

концерти
Изведба на оперската претстава „Аида“и промоција на монографијата „50 години Мајски оперски вечери“

Во фоајето на Националната опера и балет, на 31 мај, во 19 часот, ќе се одржи промоција на монографијата „50 години Мајски оперски вечери“ од д-р Александар Трајковски. Монографијата го обработува петдеценискиот развоен пат на единствената оперска манифестација во регионот и пошироко. Со оваа публикација Националната опера и балет трајно го зачувува уметничкиот белег изграден од големиот број извонредни уметници. Промотор на монографијата е м-р Весна Малјановска.
Со почеток во 20 часот величествената „Аида“ од Џузепе Верди традиционално ќе го затвори 50. јубилејно издание на фестивалот Мајски оперски вечери. Спојот на традицијата со визуелната иновација, преточена преку футуристичката виртуелна сценографија, ќе ја одведат публиката на патување низ древниот Египет раскажувајќи приказна за љубовта.
„Аида“, магичното ремек-дело на Џузепе Верди, ќе се изведе под диригентската палка на Оливер Балабурски, уметник со кариера над 28 години. Во продукција на театарот „Карло Феличе“ од Џенова, Италија, претставата на сцената на Националната опера и балет ја пренесе и адаптира Дејан Прошев. Кореографијата е на Луиза Балдинети (Италија), концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.
Улогите ги толкуваат: Сања Керкез од Србија (Аида), Виталиј Ковалчук од Украина (Радамес), Сања Анастасија од Србија (Амнерис), Владимир Саздовски (Рамфис), Игор Дурловски (Фараон), Отар Накашидзе од Грузија (Амонсаро), Катерина Стојановска (главна свештеничка), Дејан Стоев (гласник), балетски солист: Ивана Коцевска.
Хорот и Оркестарот на Националната опера и балет.
Култура
Претставата „Не се клади на Енглези“ се одигра за глуви и наглуви лица

Вчеравечер, на големата сцена во Македонскиот народен театар беше одиграна по којзнае кој пат хит-претставата „Не се клади на Енглези“, но првпат нивна публика беа глуви и наглуви лица.
Ова несекојневно доживување им го овозможи ПР-агенцијата „Репресент“ од Скопје, која одлучи своите 5 години постоење да ги одбележи со програмска активност од општествена одговорност и со инклузија на луѓето со попреченост.
„Голема чест и задоволство е што Сојузот за глуви и наглуви лица во РС Македонија ја прифати нашата покана и што салата беше полна со луѓе, кои докажаа дека уметноста нема и не треба да има граници. Сакавме нашиот роденден да раскаже една поинаква приказна, да биде мотив за целото општество да размислува надвор од грубата рамка. Се најдовме на иста фрекфенција со екипата на ‘Не се клади на Енглези’ и Македонскиот народен театар, кои ни овозможија хит-претставата, која со години е на редовен репертоар, да ја адаптираме за сите да може да ја видат и уживаат. Наместо предвидениот буџет да го потрошиме само на коктел со нашите соработници, корпоративни клиенти и пријатели, одлучивме на овие луѓе, кои речиси никогаш досега немале можност да гледаат добра театарска претстава, да им го овозможиме задоволството да уживаат во маестралната и шарматна глума на нашите познати актери: Сашко Коцев, Александар Микиќ и Оливер Митковски. Нашата идеја беше дочекана со воодушевување во Сојузот, а МНТ како наш партнер во реализацијата на овој убав настан ни овозможи достојни услови, сите зеаедно да уживаме во магијата на театарот. Нашата заложба и роденденска желба за „Уметност без граници“ се оствари“, вели Наташа Миркова, генерален менаџер на ПР-агенцијата „Репресент“ од Скопје.
Пред полн салон публика од 300 луѓе, меѓу кои, повеќето беа лицата од Сојузот, со обезбедување професионални преведувачи на говорен јазик, агенцијата го одбележа својот мал, но значаен петгодишен јубилеј под македонското небо, доследно следејќи ја својата визија, која подразбира градење систем, кој ја отсликува важноста на интегрираните комуникации.
Симбиозата од насмеани лица во публиката и духовитата актерска игра на сцената создаде момент за паметење. И во понатамошните чекори и заложби „Репресент“ од Скопје продолжува со активно и директно учество во создавањето на подобро општество за сите!
Култура
Македонската актерка Дарја Ризова – најдобра меѓународна актерка во Турција

Со затворањето на театарската сезона 2021-2022 година, жирито на Јени Тијатро Дергиси (Yeni Tiyatro Dergisi), во селекција на повеќе од 200 театарски претстави, го објави првиот дел од Меѓународните награди за достигнувања на најдобри актери, продукции и претстави во Истанбул.
Жирито, кое внимателно ги следи сите светски театарски трендови и вклучува значајни имиња и ветерани со големо мајсторство во својата област, едногласно ја додели наградата на нашата актерка Дарја Ризова за најдобра актерка на меѓународно ниво за улогата на Маша во претставата „Нема да биде крај на светот“, копродукција на Македонскиот народен театар, „Перипетија продукција“ и Сараевскиот ратни театар – САРТР.
Ова за актерката е втора награда за најдобра актерка за истоимената улога/претстава, а на 13 јуни во културниот центар „Кадебостан“ во Кадикој, Р. Турција, и официјално ќе биде доделена статуетката на овој реномиран, светски театарски настан. Воедно, ги најавуваме и изведбите на претставата „Нема да биде крај на светот“, кои се закажани за 30 и 31 мај на малата сцена во МНТ, со почеток во 20 часот.