Култура
Изложба „Одблесоци“ од Слободан Милошески во Дортмунд
Изложба „Одблесоци“ од авторот Слободан Милошески ќе биде отворена утревечер (18:00) во Галерија „Friedrich7“ во Дортмунд, Германија. Изложбата ќе биде составена од 16 скулпторски дела од галериски формат, а публиката ќе има прилика да ја посети поставката до 7 септември.
Историчарот на уметност проф. д-р. Џемил Бектовиќ во својата критика по повод изложата наведува дека „Одблесоци“ е волшебна изложбена поставка на скулптури која ги поканува гледачите да ја истражат интеракцијата помеѓу формата, светлината и нивната перцепција. Ова визуелно доживување, преку својата прецизна изработка и интригантен концепт, посочува тој, го вклучува набљудувачот во повеќеслојно искуство – од визуелните оптички ефекти до меморијата, времето и сложеноста на човечкиот ум. На тој начин, преку изборот на медиум, форма и концептуална длабочина, оваа изложба ги поканува гледачите да размислуваат за сложеноста на човечкиот живот.
– „Одблесоци“ навестува концепт што предизвикува размислување, фокусиран на интроспекција и самооткривање. Се чини дека скулптурите прикажуваат серија на огледални фрагменти, од кои секоја одразува различни аспекти на идентитетот на гледачот. Ги поттикнува гледачите да размислуваат за сложениот човечки идентитет и слоевите на нечија личност. Поради тоа распоредот на рефлектирачките елементи во скулптурата се смислено дизајнирани. Секој фрагмент ја доловува и прекршува светлината на уникатен начин, создавајќи динамичен и постојано променлив приказ додека гледачот се движи околу скулптурата. Овие скулптури го вовлекуваат набљудувачот во дијалог со уметничкото дело на тој начин создавајќи еден вид на интеракција, вели проф. д-р Бектовиќ.
Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, каде и магистрира во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Бугарија, на катедра „Скулптура“.
Досега има реализирано 34 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 90 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година , Награда за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година, наградата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година. и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптури на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот Балкански Универзитет, сите во Скопје.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Реакција на Министерството за култура на соопштението од СКРМ за неисплатените плати на вработените во „Охридско лето“
Министерството за култура и туризам, почитувајќи ги кредибилитетот и реномето на НУ „Охридско лето“, а во врска со дописот на Синдикатот на културата на Република Македонија, информира дека Министерството за култура и туризам продолжува да дејствува во насока на почитување на правата од работен однос за вработените во НУ „Охридско лето“, но и да инсистира на законското постапување.
Институцијата е должна да постапи во врска со последното писмено известување добиено од Министерството за култура и туризам и да достави до Министерството коригирана пресметка на плата за месецот август 2024 г., во која нема да бидат содржани износи што се однесуваат на додаток на плата, без тој да биде претходно законски основан, велат од Министерството.
– Уште еднаш потенцираме дека Министерството за култура и туризам не спори да изврши исплата на основната плата на вработените во „Охридско лето“, се додава во соопштението.
Култура
„Јон Вардар против галаксијата” викендов беше премиерно прикажан во Шпанија
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ ја имаше својата светска премиера на 57. издание на „Ситџес фантастик филм фестивал“, еден од најголемите жанровски фестивали во светот.
Филмот во режија на Гоце Цветановски и во продукција на Алан Кастиљо од „Линкс студио“ беше прикажан во фамилијарната секција. Капацитетите на салата беа исполнети, главно со најмладата публика, која енергично ја дочека македонската анимација.
Режисерот Цветановски имаше кусо обраќање, при што на шпански јазик им кажа на децата дека се првите во светот што ќе го гледаат филмот, на што тие реагираа со воодушевување.
По настанот, Цветановски изјави дека фестивалскиот живот на „Јон Вардар против галаксијата“ почна возбудливо најавувајќи уште многу убави вести набргу.
„Премиерата ги оправда очекувањата. Ми беше драго што и децата и нивните родители уживаа во филмот и се смееја на глас. Во публиката запознав и Македонци од Барселона, кои допатуваа во Ситџес за да го проследат филмот. Ви благодарам многу што бевте дел од овој настан. Факт е дека со ‘Јон Вардар’ напишавме историја и верувам дека имаме производ со кој можеме да се гордееме. Одиме натаму, со нетрпение ја очекувам македонската премиера во ноември“, рече режисерот Цветановски.
Во рамките на фестивалот во Ситџес анимираниот филм ќе има уште една проекција следната сабота.
„Јон Вардар против галаксијата“ е хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу, многу, мнооооогу вонземјани, кои се на мисија да ја спасат галаксијата од самите себе.
Арт-директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, браќата Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.
Анимираниот филм е изработен со поддршка од Агенцијата за филм, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и во Хрватска.
Филмот од 1 ноември ќе се прикажува во киносалите во Македонија.
Култура
Театар Куманово настапи на фестивалот „MOST“ во Германија
Претставата на Кумановскиот театар „Прво лице еднина“ вчера вечер настапи на Интернационалниот камерен театарски фестивал во Германија, „MOST“ кој од први до шести октомври се одржува во Хановер.
На огромно задоволство на германската публика актерката Владанка Крстевски потполно ги освои нивните срца со емоцијата која ја прикажа преку монодрамата – Прво лице еднина, во која на маестрален начин прикажа дванаесет женски ликови со своите проблеми, лични ставови и карактери.
Режијата на претставата е на Драгана Гунин.
Актерката доби признание за исклучително моќно и емотивно прикажување на карактерите во претставата.
-Околу нас има многу жени кои секојдневно се борат и работат по 12 часа дневно. Тие жени жртвуваат се за своите семејства, за своите деца, за да обезбедат подобар живот, а никој не зборува за нив. Ова е претстава во која зборуваме токму за тие жени. Ние денеска сме ќерки, а утре ќе бидеме мајки и сакаме да имаме поддршка, бидејќи не знаеме кај ќе не однесе животот. Инспирацијата за мојот текст е од книгата „Добра ноќ за бунтовни девојчиња“, во која се зборува за жени кои направиле многу за сите нас, но останале на маргините на општеството, – раскажува младата актерка Владанка Крстевски, пренесува Кумановски театар.