Култура
Интервју со Зоран Спасов-Ѕоф: Ми кажаа дека 50 изведби се влезница за клубот бесмртни и вечни претстави
Претставата за ветената земја, онаква каква што ја виде авторот Зоран Спасов-Ѕоф, и самиот повратник од Канада, четири години ја смее и истовремено ја расплакува публиката. На сурово реален начин ги отсликува оние што се тука, а размислуваат да заминат, оние што заминале, а мечтаат да се вратат, а порака има и за оние што остануваат дома да ги пречекуваат и испраќаат печалбарите. Во интервју за „Макфакс“ во пресрет на 50. изведба, Спасов открива колку автобиографско има во претставата, дали му требале врски во Министерството за да ја постави, кого сè Александар Микиќ носи на сцената, а кажува и што ќе се случи со печалбарската сага на Вале и Божо Вампир.
Како се роди идејата за книгата „Торонто експрес“?
„’Торонто експрес’ е логичен наставак на мегахитот ‘Тибам Штркот’. Дванаес години покасно, морав уште еднаш да ја посетам ветената земја и да напраам апдејт, што у ствари ќе биде основа за еден добар театарски комад“.
Колку автобиографски елементи има во „Торонто експрес“?
„Скоро све, пошто или мене ми се има десено или на мои блиски пријатели. Чак и кога ракунот се симиња низ каминот и го тамани пинатбатерот – и тоа е вистина. Вистина е и кога на Мујо му го вратија „ламборџинито“ пресувано у коцка од метар на метар на метар. Једино што не е вистина е што сливите не се големи ко праски, него се ко цитрони“.

Ѕоф со Александар Микиќ и Јордан Симонов за кои вели дека се иницијаторите „Торонто експрес“ да биде и претстава
Како од книга стигна до театарска монодрама и зошто токму монодрама?
„Еден есенски ден, далечната 2020 година, Микиќ ме праша дали дозволувам со мојот текст МНТ да аплицира у Министерство за култура. Прво му се изнасмеав у фаца за да после некој месец добиеме средства да купиме проектор, лаптоп и платно. И тоа све без мито, ургенции и пријатели на нашите пријатели, кои се пријатели на пријателите на министерот.
Зошто монодрама? Пошто е замислена како презентација у која сите гледачи се потенцијални емигранти за Канада за што после претставата добиваат и еден убав сертификат“.
Како изгледа да гледате актер како Александар Микиќ, кој го оживува Вашиот текст на сцената? Успеа ли да отслика сè што замисливте?
„Микиќ, покрај тоа што е човек од друга планета, у исто време е и страшна глумачка ѕверка. Човекот кој три години по ред е прогласуван за најдобар глумец у Македонија маестрално го долови ликот на Божо Вампир. Али тоа не беше само Божо, на сцената ја донесе и Вале, а богами и едно стотина илјади Македонци, кои се на доживотно привремена работа у странство. Микиќ на сцената носи една емоција што никогаш не е сретната во ниедна театарска претстава“.

Микиќ на сцената донесе едно сто илјади Македонци, кои се на доживотно привремена работа у странство, вели Ѕоф
Кој момент од целиот процес, од пишување до театар, ви е најдраг?
„Дефинитивно, премиерата, затоа што кога книгата се чита, авторот нема могуќност да ја види реакцијата на читателот, а овде е друго. Овде гледачите прво урлаат и рикаат од смеење, па после дел од нив скришно подзаплачуат за да на крајот стоечките овации траат по десет-петнаесет минути. Се оддава почит на бравурозноста на Микиќ и на откачената режија на Јоцо Симонов“.
Што за Вас како автор значи 50. изведба на претставата?
„Ја искрено не знам дали е тоа многу или малку 🙂 Отпосле ми кажаа дека 50 изведби се улазница за у клубот што се вика ‘бесмртни и вечно зелени претстави’. На овој начин се влага у елитното друштво на ‘Болва в уво’, ‘Солунски патрдии’, ‘Грев или шприцер’, ‘Стјуардеси’…“
Дали за Вале и Божо Вампир публиката ќе слушне во нова претстава, како да остана некажано што избраа меѓу Канада и Македонија?
„Кај и да е, ќе мора да слушне. Од оваа перспектива, четири години после премиерата, Канада е бајаги сменета, и тоа на полошо. А и Македонија е сменета – ама на уште полошо“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Лилјакот“ од Јохан Штраус II на сцената на МОБ на 23 и 26 декември
Во празничниот декемвриски репертоар, Националната опера и балет најавува две изведби на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II, кои ќе се одржат на 23 и 26 декември 2025 година со почеток во 19.30 часот. Ова ремек-дело, кое ја освои публиката уште со својата премиера, повторно ќе блесне на големата сцена на МОБ.
Диригент на изведбите е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Климент Тодороски, светло-дизајн е Милчо Александров.
Во солистичката екипа на настапуваат: Васко Здравков, Јане Дунимаглоски(23.12.) / Благој Нацоски(26.12.), Биљана Јосифов, Нада Талевска, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Христијан Антовски, Марјан Николовски, Александра Лазаровска Василевски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.
Култура
Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2025 година
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ за 2025 година, кој ќе трае од 15 декември годинава до 15 јануари 2026 година.
Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2025 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ул. „Максим Горки“ бр. 18, Скопје) секој работен ден од 9 до 15 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.
Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2026 година и да ја објави на прес-конференција.
Наградата „Роман на годината“ годинава ќе се додели 27-ти пат.
Романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска („Или-или“, 2024) е лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2024 година.
Култура
Младиот кочански рок бенд „Корка“ на 14 декември настапува на меѓународен музички натпревар во Брисел
Кочанскиот рок бенд „Корка“ ќе настапи во финалето на меѓународен музички натпревар во рамките на проектот „Imagine Experience“. Нивниот настап ќе биде на 14 декември, недела, во културниот центар „La Botanique“ во Брисел, Белгија, каде ќе ја делат сцената со други млади бендови од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве. Натпреварот ќе може да се следи во живо онлајн и гледачи од дома ќе можат да гласаат.
„Корка“ првично беа победници на националниот натпревар од „Imagine Macedonia“, кој се одржа на 10 октомври во Младинскиот културен центар, во рамките на фестивалот „Здраво млади“, на кој тие се натпреваруваа со други просперитетни македонски бендови како „Sunneater“, „The Pot“, „Tsar von Time“, „Venom“, „LSD During War“, „Мираж“ и „Големата вода“.
Во изминатата година „Корка“ се покажаа како еден од најважните нови гласови во македонската алтернативна сцена, отсликувајќи го гневот на младите луѓе преку нивниот тврд, емотивен и некомпромитирачки звук. Тие се истакнаа со нивниот самонасловен албум, кој беше издаден во мај оваа година, како и преку низа концерти низ државата и во Србија.
Освен со својата музика, „Корка“ придонесува на културната сцена и преку нивното организирње на настани во Кочани. Членовите од бендот, повеќето од кои сѐ уште во средно училиште, беа движечката сила зад дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, кој се одржа кај Споменикот на слободата во градот. Фестивалот беше посветен на нивната другарка Сара Алексова, која воедно беше и првата тапанарка на бендот, која го загуби својот живот во пожарот во дискотеката „Пулс“.

