Култура
Италијански врвни тенори ќе го отворат 62. Охридско лето

Четирите светски познати тенори од Италија, Алесандро Косентино де Акриса, Федерико Сера, Џовани Марија Палмија и Уго Тарквини, под диригентската палка на Лоренцо Бицари, придружувани од Оркестарот на Националната опера и балет, ќе го отворат 62. издание на фестивалот Охридско лето на 12 јули на Античкиот театар во Охрид.
Ова денеска на прес-конференција го најави директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ, потсетувајќи дека врвни светски и докажани уметници годинава ќе испишат уште едно успешно фестивалско издание.
„Нè очекуваат 40 атрактивни и возбудливи фестивалски вечери со богата фестивалска програма создадена од нашите врвни и докажани уметници, сега селектори на Охридско лето, маестро Бисера Чадловска, диригент во Националната опера и балет, и Сања Арсовска, актерка од Драмскиот театар Скопје. На годинешното 62. издание љубителите на уметноста ќе имаат можност да уживаат во 36 концерти, 9 театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма. Од 12 јули до 20 август, на отворените сцени – Антички театар, Долни Сарај, предворјето на црквата „Света Софија“, како и самата црква „Света Софија“ и Центарот за култура – ќе пречекаме над 1.000 уметници од 25 земји“, најави директорката Поповиќ.
Новата селекторка на музичката програма на Охридско лето, Бисера Чадловска, издвои неколку настани, кои годинава ќе ѝ понудат на публиката прекрасно музичко доживување.
„Годинава ќе настапи камерниот оркестар ‘Профундис“’, кој е еден од поновите македонски состави за камерно музицирање и кој бележи неколку успешни концерти со виртуозни програми. Би го издвоила настапот на Стефан Миленковиќ, уште од дете одлично познат на македонската публика. Врвен светски виолинист кој нема потреба посебно да го претставувам. Неговите настапи на фестивалот се речиси традиција и секогаш предизвикуваат еуфорија кај публиката. На роденденот на Охридско лето ќе имаме можност да го видиме фламенко-балетот ‘Луксурија’, спектакл базиран на традиционални шпански фламенко-танци. Во соработка со Факултетот за музичка уметност од Скопје, ќе се промовираат циклус од осум книги од композиторот и професор Димитрије Бужаровски, кој и самиот во неколку наврати беше селектор на фестивалот Охридско лето. Ќе настапи уште еден виолинист, многу добро познат на македонската публика – Шломо Минц. Оваа година фестивалот ќе го затвориме со еден многу посебен настан, посветен на еден исклучителен човек. Одлучив тоа да биде концерт посветен на делото на легендарниот македонски композитор Александар Џамбазов, кој почина годинава. На концертот македонски уметници ќе изведат дел од неговите најубави дела“, рече музичката селекторка Бисера Чадловска.
Богатата драмска програма на годинешното 62. Охридско лето, како што најави селекторката на драмската програма, Сања Арсовска, ќе ја предводат њујоршката „Ла Мама“ со копродуциската „Балкан бордело“, белградските „Војна и мир“ и „Вујко Вања“, украинската „Кротењето на опаката“, како и шест исклучителни домашни претстави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Џез-вечер на Клод Болинг со Toot Quartet во Салонот 19:19

На 1 јули во 19.19 часот во Салонот 19:19 ќе се одржи џез-вечер на Клод Болинг со Toot Quartet.
Toot quartet концертира од 2020 година и настапиле во домовите на културата во Ѓорче Петров и во Кисела Вода во Скопје, во Кавадарци, Струмица и во Неготино.
Toot Quartet: Стојанче Косовски – труба; Емилија Кабранова-Филипова – пијано; Зоран Павлоски – контрабас; Филип Шурбевски – тапани.
Клод Болинг, роден на 10 април 1930 година, е француски џез-пијанист, композитор, аранжер и повремено извeдувач.
Роден е во Кан, студирал на Конзерваториумот на Ница, а потоа во Париз. Детски генијалец, на 14 години професионално свири џез-пијано.
Тој има големи заслуги за традиционалното заживување на џезот кон крајот на 60-тите и се дружел со Оскар Петерсон. Пишува музика за 75 филма, 44 музики за телевизиски серии, музика за Биг бендот, 11 композиции во кросовер-стил за пијано, флејта, виолончело, труба, виолина, гитара, саксофон, кои се микс од популарна, џез, класична музика.
Култура
„Балкан гала 2022“- најпопуларните проекти на Камерниот оркестар на Битола

Речиси една деценија како Камерниот оркестар настапува со своите проекти во Македонија на речиси сите фестивали, но и на најголемите фестивали во целиот Балкан. „Балкан гала“ е производ на природното созревање на најпопуларните проекти на Камерниот оркестар на Битола, велат од таму.
Самостојниот концерт „Рок-симфонија“ во „Комбанк арената“ (Дом синдиката) во 2019 година во Белград, во српските медиуми е карактеризиран како еден од најдобрите рок-концерти во последните неколку години.
Публиката секоја година во сè поголем број ги посетува настаните на КОБ, што во суштина е и причина за создавањето на „Балкан гала“, кој полека прераснува во традиционален настан што се одржува секоја година, кој со секое издание ги проширува границите за артистите што гостуваат, појаснува органзиаторот.
„Балкан гала“ е фестивал со содржина и форма што го привлекува вниманието на пошироката публика.
Содржината и формата на фестивалот овозможуваат посетителите да ќијат и да видат поголем број артисти во една вечер, односно две вечери, колку што трае фестивалот.
Оваа година почнуваме на 6 јули со рок-симфонија, со почеток од 20.30 часот, соопштија организаторите.
На првата вечер, РОК-СИМФОНИЈА, ќе настапат реномирани имиња и артисти, како Ристо Вртев, Гиле („Електрични оргазам“), Ружица („Ареа“), Пеце („Суперхикс“) и добропознатите и редовни гости на „Рок-симфонијата“ на КОБ – Михајло Трајковски-Сак и Жарко Јакимоски.
Покрај домашните и балканските артисти, на сцената на „Балкан гала“ на 6 јули ќе настапат и интернационални артисти по завршувањето на „Рок-симфонијата“, со почеток од 23 часот, на наше огромно задоволство го имаме британскиот Дј Darren Emerson (ексфронтменот на легендарниот состав Underworld) и Goran Kan и Herzel од Македонија.
На втората вечер, ПОП-СИМФОНИЈА, ќе настапат домашни и странски артисти, кои домашната публика немала можност често да ги гледа на нашата сцена, а сега ќе може да ужива во нивните настапи заедно со Камерниот оркестар на сцената на „Балкан гала“, под диригентската палка на маестро Владимир Димовски. На „Поп-симфонијата“ ќе имате можност да уживате во настапите на Тони Цетински, Гоца Тржан, Ристо Самарџиев, Горан Каран, Викторија Лоба, Виктор Апостоловски, соопштија од таму.
Култура
Вечерва почнува Културно лето 2022 во општина Кисела Вода

Денеска, 29 јуни, па сè до 2 јули, почнува богатата и забавна програма на Културно лето 2022, кое ќе се одржи во склоп на неколкудневното одбележување на роденденот на општината, „67 години моја Кисела Вода“. На самата четиридневна манифестација ќе настапат голем број македонски музички ѕвезди, кои ќе бидат задолжени сите посетители да си поминат незаборавно, a влезот за сите настани е бесплатен.
Со почеток од 18 часот, во паркот „Шопен’, со хуманитарна коријада, официјално ќе почне годинешното Културно лето 2022. Традицонално, голем број пензионери од оваа општина со подготовка на домашни печива собираат средства, наменети за хуманитарни цели, а за време на целиот настан ќе се пеат познати македонски народни песни, кои ќе ја збогатат роденденската атмосфера. За време на хуманитарната коријада, во организација на Црвниот крст Кисела Вода, ќе има и лекарски тим, кој бесплатно ќе мери притисок и ќе мери шеќер во крвта, информираат од Општината.
Вечерва, со почеток во 20.10 часот, забавата продолжува во паркот „Македонија“, лоциран непосредно до Домот на културата „Билјана Беличанец“ (старото кино), каде што ќе почне првиот музички настап во склоп на Културното лето 2022 – концерт на чалгиска музика со Филип Шурбевски и „Езгија квартет“. Кулминацијата на македонскатата фолк-музика ќе се долови со еден од најголемите синоними на македонската народна музика – Ефто Пупиноски. Првата вечер ќе заврши со познатите хитови на македонската поп-ѕвезда Влатко Лозаноски – Лозано.