Култура
„Као какао“ – прв македонски мјузикл инспириран од музиката на Влатко Стефановски
„Као какао“ е насловот на првиот македонски мјузикл инспириран од музиката на гитаристот Влатко Стефановски – автор чијшто звук со децении е дел од музичката меморија на публиката. Проектот беше официјално најавен на прес-конференција одржана вчера, а мјузиклот премиерно ќе биде изведен во мај, во продукција на „Баги комуникации“, со Македонскиот народен театар како копродуцент.
Текстот за мјузиклот го напиша Венко Андоновски, а режијата е доверена на Дејан Пројковски. Во моментов, во план е претставата да вклучува 19 познати композиции од Влатко Стефановски, кои ќе бидат изведени во нови аранжмани, специјално подготвени за мјузиклот од Бобан Мирковски.
Извршниот продуцент Владимир Мандичевски-Манде на прес-конференцијата истакна дека идејата за проектот постои веќе три години, додека конкретните активности започнале минатиот јуни.
– Логично беше да се направи мјузикл на музиката на Влатко Стефановски, затоа што станува збор за најиздржаниот и најпризнат музички опус што го имаме во современата македонска музика. Соодветно на квалитетот на неговата музика и тежината на неговото име, се обидовме да формираме тим кој со својата работа ќе одговори на тоа дело. Тешко е да се соберат вакви луѓе – сите врвни професионалци во својата област – но токму тоа ни дава право да веруваме дека создаваме еден од најзначајните културни проекти во последните децении, со потенцијал да излезе и надвор од границите на нашата држава, рече Мандичевски.
Приказната на сцена ќе ја раскажат младите актери Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ, кои ќе ги толкуваат главните ликови Дона и Џими. Тие се избрани на кастинг спроведен од Биљана Драгиќевиќ-Пројковска. Покрај нив, во мјузиклот ќе учествува и поширока актерска екипа, која дополнително ќе се надградува во текот на процесот.
За кореографијата е задолжена Олга Панго, костимограф е Марија Пупучевска, сценографијата ја потпишува Валентин Светозарев а вокален ментор е Ана Костадиновска. Автор на визуелниот идентитет е дизајнерот Марко Мандичевски, кој создаде визуелна приказна од пеперутка направена од гитарски жици, која ја симболизира трансформацијата на еден млад уметник со желба за успех.
Самиот Стефановски истакна дека драмскиот текст силно го допрел уште при првото читање.
– Текстот на Венко ме насмеа три пати, а ме расплака два пати. За мене тоа е најдобрата потврда дека е навистина добар. Не се сомневам во режисерските квалитети на Пројковски, ниту во младите актери – имаме исклучително
талентирани млади луѓе и верувам дека ова ќе биде интересен и успешен проект, рече Стефановски.
Андоновски, пак, со доза хумор и искреност зборуваше за својата долгогодишна почит кон семејството Стефановски.
– Имав сериозна желба да го надминам Влатко Стефановски во гитара – не успеав, па отидов на книжевност. Првата книга што ја добив беше ‘Диво месо’ од Горан Стефановски, и него не успеав да го надминам. Но, еве, животот убаво ги реди работите и сега работиме заедно“, рече Андоновски, додавајќи дека неговата генерација имала среќа да расте со светски гитарист од Тафталиџе.
За него, Влатко Стефановски е „човек епоха“, а процесот на пишување, како што вели, течел речиси природно.
– Добив одбрани песни и музиката ме водеше. Самите песни ја раскажаа приказната. Неговата музика говори, неговата гитара говори и приказната сама се склопи. Тоа е мелодрамска приказна со силен копнеж да се успее, во која се обидов да ја внесам мојата љубов и страст кон музиката на Влатко Стефановски, истакна Андоновски.
Режисерот Пројковски нагласи дека проектот претставува голем предизвик, но и голема чест.
– Тргнавме храбро – со желба да создадеме оригинален, автентичен македонски мјузикл. Ќе ги почитуваме формите на жанрот, но ќе се обидеме да изградиме сопствен јазик и идентитет. Создаваме продукт што треба да ги полни салите, не само кај нас, туку и во регионот, и навистина сум возбуден поради делото што го градиме, рече Пројковски.
Аранжерот Мирковски ја опиша задачата како сериозна и одговорна, но и инспиративна.
– Кога Влатко ми даде целосна слобода да работам со музиката што ја создавал цел живот ми рече имаш одврзани раце, слободно уживај и јас решив навистина да уживам во процесот. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата, истакна тој.
Кореографката Панго, која и самата настапувала во претстави на музиката на Стефановски, нагласи дека мјузиклот е најсложената сценска форма.
– Тоа е голем предизвик, но и огромна чест. Создаваме македонски мјузикл со македонска душа, кој треба да изгледа и да звучи светски. Се надевам дека ќе удриме во центарот, рече Панго.
Поддржувачи на проектот се осигурителната компанија „Триглав“ и „Шпаркасе банка“. Маја Бабиќ од „Баги комуникации“ истакна дека нивната поддршка била дадена уште во најраната фаза, кога проектот сè уште постоел само како идеја на хартија.
– Вакви независни проекти е невозможно да се реализираат без поддршка од општествено одговорни компании и навистина сме им многу благодарни за тоа, нагласи Бабиќ.
Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ изразија благодарност за можноста да бидат дел од проектот, оценувајќи го како најголем предизвик во нивните досегашни кариери. За нив, како што истакнаа, е чест да се пеат песните на Влатко Стефановски на сцена, со надеж дека „Као какао“ ќе ги полни салите во Македонија, но и ќе доживее успех надвор од земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Охридско лето“ добитник на престижна та меѓународна награда „Да за уметноста“
Националната установа „Охридско лето“ е добитник на престижната меѓународна награда „Да за уметноста“ на 11. издание на Интернационалниот театарски фестивал во Истанбул, Република Турција како признание за високо-квалитетната програма на 65. издание на оваа најзначајна музичко-сценска манифестација.
Со оваа награда „Охридско лето“ уште еднаш ја оправда својата репутација како центар на врвната уметност, со програма која ја обедини класичната музика, театарот и современите уметнички форми.
„Голема чест и особена гордост е што токму во периодот додека сум на чело на НУ „Охридско лето“, фестивалот првпат е добитник на оваа престижна меѓународна награда. Ова признание не го доживувам како личен успех, туку како резултат на заедничката посветена работа на целиот тим, уметниците и институциите кои стојат зад фестивалот. Наградата е потврда дека „Охридско лето“ чекори во вистинска насока со јасна визија, висок уметнички квалитет и силна меѓународна афирмација. Ќе продолжиме уште поодлучно да го развиваме фестивалот и да го зацврстуваме неговото место на светската културна мапа“, вели директорот Ѓорѓи Цуцковски.
Цуцковски вели дека наградите се мотив во иднина уште повеќе да се инвестира во содржини со високи уметнички стандарди, со светски реномирани имиња, но и да се даде простор за најдобрите домашни уметници.
„Нашата цел е секое издание на „Охридско лето“ да понуди внимателно концепирана, балансирана и квалитетна програма која ќе ги оправда високите признанија кои ги добиваме од меѓународните институции со цел да ја оправдаме довербата на публиката и меѓународната културна јавност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Култура
Наследството на Томаж Пандур живее: Наградуваната монодрама „Безгрешна“ на сцената на МНТ
На 3 април, на сцената на Македонскиот народен театар, гостува Драмата при Словенечкото народно гледалиште од Марибор (СНГ) со монодрамата „Безгрешна“ (Immaculata), сценско остварување инспирирано од романот „Маријиниот завет“ на Колм Тојбин и создадено како омаж на големиот и прерано починат режисер Томаж Пандур.
Гостувањето е дел од програмата со која МНТ продолжува со одбележувањето на својот јубилеј – 81 година од постоењето, во рамки на роденденската прослава на театарот.
Претставата ја раскажува приказната за Марија, востоличена како Мајка Божја, која во оваа сценска адаптација добива уште поинтимна, поблиска и покондензирана форма. Во осаменото мапирање на пејзажите на нејзините исповеди, Марија ја раскажува својата вистина за настаните, кои го променија светот, преиспитувајќи ги сите големи идеи. Токму преку тоа преиспитување, тие идеи остануваат живи, како што сугерира и делото, идеите умираат ако не се доведуваат во прашање.
Во улогата на Марија настапува Наташа Матјашец Рошкер, а драматизацијата и адаптацијата се потпишани од Ливија Пандур и Томаж Пандур.
Претставата досега има добиено бројни меѓународни признанија, меѓу кои и Наградата за најдобра актерка за Рошкер на фестивалот „Мителфест“ во Чедад, Италија, во 2021 година.
„Страсно верувам во моќта на театарот и сите мои дела се архетипови на ритуал“, велеше Томаж Пандур, режисер чиј уметнички опус остави длабока трага во словенечкиот и светскиот театар.
Исклучително е тешко, ако не и речиси невозможно, да се заокружи неговата биографија. Пандур до самиот крај остана верен на својот уметнички принцип и препознатлив стил, несебично споделувајќи ги своите визии, соништа, осамености, стравови и ентузијазам со соработниците. Седум години го водеше театарот во Марибор, а од својата прва професионална претстава „Шехерезада“, до последната, „Фауст“, експериментираше со квинтесенцијата на театарскиот материјал, поврзувајќи и деконструирајќи митски, архетипски и трансцендентални пејзажи. Неговата работа беше постојан обид за надминување на формите на реалноста и истражување на односите меѓу човечкото и божественото, живите и мртвите, времето и просторот, конечноста и бесконечноста.
„Преку својата глобална визија, Пандур ја артикулираше волјата за остварување на вистината и смислата на животот, каде што, зад тишината, секогаш стојат имагинацијата и убавината“, истакнуваат Ливија Пандур, драматург и театарска авторка и Бранко Јордан, театарски автор и есеист.
Во центарот на „Immaculata“ е жената, која историјата ја претворила во слика, догма и инструмент на верата. Марија, мајката на Исус, трага по смисла во раните, кои никогаш не можат да зараснат, обидувајќи се да се сети на зборови, лица и фрагменти поврзани со смртта на нејзиниот син. Преку оваа исповед, претставата ја прикажува Марија како жена од месо и крв, избришана од историјата и злоупотребена од насилната религија, но и како фигура, која со тишина и сомнеж ги отвора најдлабоките прашања за верата, загубата и човечката болка.
„Ако олтарот е таму каде што клечиме, тогаш мојот олтар е сцената“, вели Ливија Пандур, која „Immaculata“ ја доживува како длабоко личен и театарски чин, посветен на Томаж Пандур.
„Immaculata“ има реализирано значајни меѓународни гостувања, меѓу кои Театро Еспањол во Мадрид (2017), Конхунто де Артес Есценикaс во Гвадалахара, Мексико (2017), Театар А. Ристори во рамки на фестивалот Мителфест во Италија (2020), фестивалот СОЛО во Москва (2021), како и 10. Театарска олимпијада во Будимпешта во 2023 година.
Гостувањето на „Immaculata“ во МНТ е дел од роденденската програма на театарот, кој минатата година одбележа 80 години од постоењето од првата изведена претстава на 3 април 1945 година. Годинава, прославата се надоврзува на таа традиција, со ново проширување — рецентни меѓународни гостувања и настапи на светски познати уметници, како сведоштво за континуитетот и современата визија на театарот.
Билетите за претставата се во продажба онлајн и на билетарницата во МНТ.
Култура
Објавен конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад македонски автор
На веб-страницата на НУ Драмски театар Скопје објавен е годинашниот Конкурс за наградата „Горан Стефановски“ за најуспешен драмски текст од млад македонски автор на возраст до 30 години. Конкурсот ќе биде отворен до 28 февруари 2026 година.
Во духот на традиционалната поддршка кон младите драмски уметници и поттикнување на пишување нови драмски текстови, НУ Драмски театар ја доделува наградата во чест на големиот драмски автор, Горан Стефановски. Преку овој Kонкурс, театарот сака да даде поддршка на драмското творештво на младите автори и да ја афирмира современата македонска драма.
Право на учество имаат автори, државјани на Северна Македонија, кои до денот на завршување на рокот за пријавување не навршиле 30 години. Поднесениот текст мора да биде оригинално, неизведено дело, а не адаптација или драматизација на веќе постоечки книжевни или драмски форми.
Конкурсот е отворен до 28 февруари 2026 година, а пријавата треба да биде подготвена согласно со насоките што ќе бидат објавени на веб-страницата на НУ Драмски театар Скопје.
Пристигнатите текстови ќе ги разгледува стручна Комисија составена од пет члена, а добитникот ќе биде објавен на прес-конференција што ќе се одржи во пресрет на денот на раѓањето на Горан Стефановски – 27 април.
Наградата се состои од: паричен дел на наградата во износ од 60.000 денари (еднократно); Потпишување на Авторски договор со НУ Драмски театар – Скопје и Продукција и изведба на наградениот текст на една од сцените на театарот – малата сцена или сцената „Ристо Стефановски“ – во рок од две години од затворањето на Kонкурсот.
Авторот се обврзува дека до премиерата во НУ Драмски театар – Скопје, текстот нема да биде отстапен на други лица или институции.
„Со оваа награда, НУ Драмски театар – Скопје ја продолжува својата посветеност кон развојот на македонското драмско писмо, негувајќи го духот на Горан Стефановски, чии дела се длабоко вкоренети во историјата на театарот. Од „Јане Задрогаз“ (1974) до „Огнени јазици“ (2013), на сцената на Драмски се поставени 15 негови претстави, од кои 8 се праизведби“, велат од Драмски.
Идејното решение за Конкурсот е направено од Дарија Пројковска и Бранко Прља од порталот arno.mk со помош на вештачка интелигенција со идеја да се мотивираат што повеќе луѓе да ги користат AI-моделите во други креативни проекти.

