концерти
Аксвел и Ингросо го кренаа Скопје на нозе

Шведското дуо Аксвел и Ингросо вчеравечер беа главни ѕвезди на првиот ден од големиот музички фестивал „Скопје колинг“, во организација на „Авалон продукција“. Пред почетокот на фестивалот момците се сретнаа со македонскиот дизајнер Сатја Грабулоски. Тој на поранешните членови на „Свидиш хаус мафија“ им подаари патики со уникатен дизајн, а момците ги носеа на настапот во Скопје.
„Долго размислувавме за дизајнот. На крајот одлучивме да се водиме од омотот на нивниот последен албум во графити стил. Патиките имаат нивни силуети на задните делови и ја носата пораката што ја испраќа нивната музика, да сонуваме и да чувствуваме љубов“, вели Сатја за „Репортер“.
Тој открива дека патиките се одобрени од „најк“ и од „адидас“, светски компании со кои соработуваат со популарните музичари.
„Ова ни значи многу, оти цртавме на патики што дури за околу шест месеци ќе бидат пуштени во редововна продажба, а сега се прават само за нивните ексклузивци“, додава Сатја.
Аксвел и Ингросо вчеравречер првпат настапија пред македонската публика. Интересно е тоа што на концертот во Скопје имаше нивни фанови од Австралија, кои, како што ни рекоа, го вклучиле Скопје во своето патуваа низ Европа само заради настапот на шведското дуо на „Скопје колинг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

концерти
Концерт со ирскиот пијанист Бери Даглас во Филхармонијата

„Љубов за Клара“ е наслов на концертот на оркестарот на Филхармонијата, кој ќе се одржи в четврток, 12 декември, во 20 часот. Солист е фантастичниот ирски пијанист Бери Даглас, кој ќе го изведе романтичниот Концерт за пијано и оркестар оп. 54 од Роберт Шуман. На програмата се и Шпанско капричо оп. 34 од Николај Римски – Корсаков и Италијанско капричо оп. 45 од Петар Илич Чајковски. Диригент е Емил Табаков од Бугарија.
Бери Даглас е ирски пијанист, кој својата богата меѓународна кариера ја почнува во 1986 година кога го добива „Златниот медал“ на интернационалниот натпревар за пијано „Чајковски“ во Русија. Важи за оригинален пијанист со препознатлива лирика во изразот и автентичен пијанистички сензибилитет. Критичарите го нарекуваат титан на пијаното.
Даглас како солист настапува со врвни светски оркестри, а во последните неколку како уметнички директор на Камерата Ирска имаше имаше турнеи во Аргентина, Бразил, Австралија, Полска, Русија, САД, Британија, Италија, Јапонија… Освен со светските оркестри, Даглас настапува и како камерен музичар – свирел во „Ројал Алберт хол“, „Вигмор хол“, „Барбикан“… Ексклузивен уметник е на издавачката куќа „Чандос“ за која неодамна сними шест албуми со сите соло-дела за пијано од Јоханес Брамс.
Бери Даглас ќе го изведе емотивниот концерт за пијано и оркестар од Роберт Шуман, посветен на неговата жена и најголема љубов – Клара Шуман. Во 1837 година, три години пред да се земат, Шуман ѝ напишал писмо на Клара, во кое ги сумирал своите идеји за големо музичко дело за пијано (Концертот за пијано и оркестар оп. 54). „Тоа ќе биде компромис меѓу симфонија, концерт и голема соната“, напишал Шуман. Амбицијата на млад композитор е очигледна во ова дело, но ќе поминат дури 8 години додека не биде премиерно изведено ова дело. Концертот каков што го познаваме, во кој се чувствува среќа и романтичност од почетокот до крајот, премиерно е изведен во 1846 година. Го извела Клара Шуман.
На програмата е и „Шпанско капричо“ од Николај Римски – Корсаков, фантастична оркестарска композиција, која изобилува со разни музички бои, мелодиски дизајн и фигуративни матрици, кои се менуваат во секој инструмент.
Ќе прозвучи и „Италијанското капричо“ од П. И. Чајковски – инспирирано од патувањето на композиторот во Рим. Додека бил во Рим, ѝ пишал на својата пријателка Надежда фон Мек дека речиси ги финишира скиците за италијанската фантазија. Музички ова дело ја отсликува Италија онака како што ја видел Чајковски.
Маестро Емил Табаков од Бугарија, кој ќе го води концертот в четврток, е еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на одделот на композиција. Една година пред тоа Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген.
Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин диригент настапува со оркестри во Германија, Англија, Шведска, Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, Романија, Австрија, Швајцарија, Данска, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија… Маестро Табаков диригира и оперски спектакли, а на неговиот репертоар се наоѓаат многубројни симфониски оперски дела, од класичните, романтичните и од современите композитори. Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен.
концерти
Концерт „Класиката го среќава Џезот“ на Квартет тромбони во Музеј „Борис Христов“ во Софија

Во Музејот „Борис Христов“ во Софија, денеска со почеток од 18:30 часот, ќе се одржи концертот „Класиката го среќава џезот“ на Квартет тромбони од Северна Македонија. Концертот е во организација на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, дел е од Годишната програма на нашиот КИЦ во Софија и е подржан од Министерството за култура на РСМ.
Квартетот Тромбони на Македонската Филхармонија е формиран 2016 година. Во него членуваат Димче Белчовски, Бранко Илиевски и Никола Ристевски на тромбон и Александар Ниниќ на туба. Нивната долгогодишна соработка во Македонската филхармонија е преточена во камерен состав кој има за цел концертна промоција и унапредување на музичко сценската дејност низ државата и надвор од неа.
Во 2017 година квартетот одржа три концерти во Берово,Кавадарци и Битола со репертоар од класичен карактер, на кој се најдоа познати дела, адаптирани за квартет тромбони од Р. Вагнер, А. Рубинштајн и други, но и композиции напишани конкретно за ваков вид состав. Во наредната, 2018 година настапуваат во малата сала на новиот објект на Македонската филхармонија во Скопје, овој пат со сосема различен репертоар. Концертот беше насловен „Класиката го среќава Џезот“, а на програмата беа најпознатите џез композиции, аранжирани за ваков состав. Следат два концерти во Њујорк, во Македонскиот културен центар и на Брас фестивалот кој се оддржа за прв пат 2018 година.
концерти
Пијанистот Дино Имери најавува „Зимска бајка“ во пресрет на празниците

На 10 декември во камерната сала на Филхармонија, нашиот пијанист Дино Имери ќе одржи концерт со наслов „Зимска Бајка“.
Концертот е всушност збогатување на празничната атмосфера и одлична можност за подигнување на новогодишното расположение, информираат од организаторот „Баги комуникации“.
Концертот симболично ќе започне со делото „Декември“ од Петар Илич Чајковски, а ќе продолжи со фрагменти од „Оревокршачка“. Потоа настапот ќе продолжи со делото на Сергеј Рахмањинов „Прелудиум во g-moll“, Франц Лист – „Унгарска Рапсодија бр.2“, Јохан Штраус помладиот со неговата „ТричТрач Полка“ и „Ла Валс“ на Морис Равел.
„Искрено и длабоко верувам дека генијалната музика на големите автори кои ќе бидат дел од програмата ќе ги стопли срцата на сите присутни и барем за миг заедно ќе ја пронајдеме магијата и мистеријата на зимата. Со радост и нетрпение ја очекувам средбата со мојата домашна публика, непосредно пред моите настапи во неколку европски престолнини“, вели Дино Имери.
Тој важи за еден од најреномираните македонски пијанисти. Настапувал со огромен успех со Стразбуршка Филхармонија, Софиска Филхармонија, Македонска Филхармонија, Симфониски и Камерен Оркестар на ФМУ, Македонска Опера и Балет, Камерен Оркестар на Музичка Младина на Македонија. Рецитално настапувал на престижни сцени низ цела Европа меѓу кои и „Ватрослав Лисински“ – Загреб, Палата „Естерхази“ и „Лист-Центрум“ во Австрија, „Пијано Плаж Фестивал“ во Франција, Фестивал Охридско Лето, Скопско Лето, Интерфест – Битола и др.
Концертот е со почеток во 20 часот а влезниците можат да се набават преку продажната мрежа на „Купи Карти За Се“, „Југотон“ како и онлајн.
- Топ3 месеци
Газда полеан со бензин, а неговиот џип запален во Кисела Вода
- Забава3 месеци
Дошла на преглед поради постојан замор, а докторите ѝ рекле дека ќе умре за 72 часа
- Култура3 месеци
„Болка и слава“ на Алмодовар го отвора фестивалот „Браќа Манаки“, кинематограферот Алкаине гостин во Битола
- Книги2 месеци
Промоција на „Небо во кафез“ од Д.А. Лори
- Црна хроника2 месеци
Се урна тераса во Скопје – повредени татко и неговите три малолетни деца
- Hitech3 месеци
(Видео) Возач и совозач во „тесла“ спијат додека автомобилот вози со 100 на час
- Култура1 месец
Десет најчести прашања и одговори за програмата „Креативна Европа медиа“ на „Синедејс“
- Црна хроника3 месеци
Деветнаесетгодишник со автомобил удрил во девојче во Кавадарци