Култура
Концерт на Дуња Иванова на Врбјанска Чука во Пелагонија

Со почеток во 18.30 часот, на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија, пијанистката Дуња Иванова ќе одржи концерт со делата на Стив Рајх, Филип Глас, Лудовико Еинауди и Јан Тирсен.
Овој настан е несекојдневна можност да се чујат современи класични композитори во археолошката сонда и првпат да се проткаат (пред)историските мистерии со репетитивните ритми и минималистичките есенцијални мелодии на пијаното.
Истражувањата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија се одвиваат неколку години, а со оглед на тоа што во него пред сè се вршат ископувања, тој е посетуван и познат единствено за археолозите. Оттаму, ова ќе биде единствена можност и за пошироката јавност, која пред почетокот на концертот ќе биде запознаена со локалитетот и неговите највпечатливи обележја, со што ќе се навлезе и во неговата (пред)историја.
Локалитетот се наоѓа 1 км јужно од селото Славеј (на патот од Прилеп за Крушево) и до него може да се стигне со автомобил, велосипед, пеш или со параглајдер. До наоѓалиштето поминува патот од Славеј до Боротино, кој може да се користи за да се дојде до тумбата.
Организатори на овој настан и на истражувањата на Врбјанска Чука се Центарот за истражување на предисторијата, Форумот за авангардна креативност, Домот на културата „Марко Цепенков“, Институтот за старословенска култура, Заводот и Музеј – Прилеп и Музејот на РС Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Две престижни признанија за документарецот „Медена земја“ во Лос Анџелес

Документарецот „Медена земја“ освои две престижни признанија на 35. Интернационални документарни награди (ИДА), што се одржаа вчеравечер (7. декември) во студијата на „Парамаунт“ во Лос Анџелес.
На најпрестижниот светски настан посветен на документарниот филм, кој е во организација на ИДА (Интернационалната документарна асоцијација) режисерот Љубо Стефанов и снимателот Фејми Даут ги примија призанието „Паре Лоренц“ и наградата за најдобра кинематографија.
Наградата „Паре Лоренц“ на ИДА се доделува за пример за филмско снимање, со истовремено фокусирање на соодветната употреба на животната средина, правда за сите и откривање на социјални проблеми.
Македонскиот документарец беше номиниран во уште две категории: за најдобар филм и за режија.
Вчеравечер во Берлин, Германија, пак, се одржа и свеченото доделување на „Европските филмски награди“, кои ги организира Европската филмска академија. „Медена земја“ беше номиниран во категоријата за најдобар европски документарец за 2019 година.
Во меѓувреме нашиот документарец доби уште неколку номинации и признанија на престижни интернационални филмски фестивали.
„Медена земја“ е македонски кандидат за „Оскар“ за најдобар интернационален филм. Номинациите за „Оскар“ ќе бидат соопштени на 13. јануари 2020 година.
Култура
Второ издание на поетската манифестација „Антево слово“

На 10 декември, со почеток во 19 часот, во спомен-собата на Анте Поповски во Центарот за култура во Ѓорче Петров, ќе се одржат второто издание и официјалното доделување на наградите „Антево слово“, кои се дел од меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ (Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia) за најдобра поетска творба во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски – „Антево слово“.
Наградата „Антево слово“ е конституирана како дел од оваа меѓународна манифестација, која се одржува секоја година во градот Каникати на Сицилија, Италија, а воедно и прва од ваков вид што се доделува за македонски автор надвор од нашата држава.
Првата награда ја доби еминентната македонска професорка и писателка, академик Катица Ќулавкова, втората награда ја доби Ѕвонко Танески, а третата награда ја делат Ранија Орфанакоу од Грција и Александра Велинова. Како дел од оваа поетска манифестација се и специјалните награди, кои годинава одат кај Александар Наумоски, Наташа Сарџоска и Филип Фиданоски. На манифестацијата ќе настапат повеќе поети учесници и гости, а предвидено е да има и музичка програма.
По објавениот повик за испраќање песна по слободен избор за учество на вториот меѓународен конкурс и доделување на наградата „Антево слово“, се пријавија повеќе од 100 поети од Македонија со своите дела.
Жирито во кое членуваат претставници од семејството на дојаенот на македонската поезија, Анте Поповски, како и еминентни претставници од книжевната/литературната област во Македонија и организаторот на меѓународниот фестивал „Анџело Ла Векија“, односно: Томислав Османли, Геро Ла Векија, Митко Гогов, Александар Поповски и Жорж Поповски, одлучија да ги номинираат сите триесетина автори, а со тоа и да ги застапат сите оние што беа претходно објавени на страната на меѓународната поетска манифестација „Анџело ла Векија“.
Песната „ Eпистулa до Јулија, ќерката на Октавијан“ на проф. Катица Ќулавкова е компаративна поетска лирика, која освен што нуди историографско патување, доловува емоционален авторски бран, кој ги текстуализира и истражува основните битови прашања на постоењето. Таа умешно и со доза нежност ги обмислува преку поетскиот глас исконските, суштински догледи, еманципирачки и со длабок вознес.
Претставниците на манифестацијата велат дека конкурсот за поезија „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“ е создаден со цел да се прослават и овековечат преку „Возвишена поезија“ духот, душата, суштината и есенцијата на животот во Каникатската секуларна академија на Парнас. Најмногу пријавени поети има од Италија, но меѓу учесниците има поети од цела Европа, Балканот и пошироко.
„Во апстрактниот простор – време што се приближува неверојатно до сите луѓе без најмала разлика не само на пол, вера, националност, возраст, но, исто така и во своето постоење и непостоење, поезијата успева да биде ’медиум’ во ’континуитет’ помеѓу земјата и небото, помеѓу телото и душата, меѓу прагматизмот и утопијата. Целта на овој конкурс е да се шири културата на чувства, емоции, страсти, знаење во текот на целиот живот и реализирање на ’експресивната слобода’ која е од суштинско значење и привилегија за секој современ општествено ангажиран човек“, изјави Митко Гогов од здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, кој во соработка со семејството на Анте Поповски и меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ ја востанови оваа награда.
Сите учесници имаа можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда што е именувана по проф. Анџело Ла Векија, познат на Сицилија и на територијата на Италија со својата работа како поет, драмски писател, историчар и професор, и наградата „Антево слово“, која се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист.
Актуелно
Хуманоста по скопскиот земјотрес, инспирација за 14-годишната Ива за неделата на културно наследство

Четиринаесетгодишната Ива Ангеловска од Скопје е една од десетте млади автори наградени на Повикот на Европските денови на културното наследство насловен „Европска недела на креатори на културно наследство“, информираат од Музејот на Република Северна Македонија.
Нејзината фотографија „Трагедијата го запира времето. Хуманоста го придвижува“ е селектирана помеѓу стотици креации на млади луѓе од дванаесет европски земји.
На фотографијата e претставена Старата железничка станица во Скопје, како сведоштво за големата трагедија што го снајде овој град – катастрофалниот земјотрес во 1963 година.
Фотографијата е проследена со сторијата на Ива за невидената хуманост и солидарност на луѓето од целиот свет и нивната несебична помош во повторната изградба на нашиот главен град.
Во координација на Музејот на Република Северна Македонија, нашата земја зеде учество во овој значаен проект на Европските денови на културното наследство, чијашто цел е да им се даде вистински и значаен глас на децата и младите луѓе и на тој начин да се откријат и поттикнат идните творци на културно наследство во Европа.
Како мотивација за нивниот понатамошен интерес за наследството, за авторите на селектираните креации беше организирана посета на Стразбур, којашто се одржа од 1 до 3 декeмври.
Од музејот информираат декa годинава земјава имала успешно учество во уште еден проект на Европските денови на културното наследство.
Имено, на Повикот за најуспешна европска приказна поврзана со наследството, проектот „Многу луѓе – многу погледи“ на Центарот за креативни индустрии – НЕБО од Демир Хисар беше помеѓу десетте селектрани приказни, за коишто беа доделени грантови во износ од по 10.000 евра.
- Топ3 месеци
Газда полеан со бензин, а неговиот џип запален во Кисела Вода
- Забава3 месеци
Дошла на преглед поради постојан замор, а докторите ѝ рекле дека ќе умре за 72 часа
- Култура3 месеци
„Болка и слава“ на Алмодовар го отвора фестивалот „Браќа Манаки“, кинематограферот Алкаине гостин во Битола
- Книги2 месеци
Промоција на „Небо во кафез“ од Д.А. Лори
- Црна хроника2 месеци
Се урна тераса во Скопје – повредени татко и неговите три малолетни деца
- Hitech3 месеци
(Видео) Возач и совозач во „тесла“ спијат додека автомобилот вози со 100 на час
- Култура1 месец
Десет најчести прашања и одговори за програмата „Креативна Европа медиа“ на „Синедејс“
- Црна хроника3 месеци
Деветнаесетгодишник со автомобил удрил во девојче во Кавадарци