концерти
Концерт на пијано дуото Гелебешеви во Куманово

Утре со почеток во 20 часот во малата сала на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, концерт ќе одржи пијано дуо Гелебешеви. Концертот е дел од годишната програма и е подржан од страна на Министерството за култура на Република Македонија.
„Пијано дуото Гелебешеви го сочинуваат, Катерина Гелебешева Костадиновска и Глигор Гелебешев, коишто на музичката сцена опстојуваат повеќе од 17 години, настапувајки речиси во сите градови во Македонија, како и на најзначајните музички фестивали во земјава: Охридско лето, Интерфест-Битола, Хераклејски Вечери-Битола, ДММ-Скопје, Златна Лира-Скопје, културни лета во Прилеп, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Неготино, Куманово. Со настапот на 21-06-2005 година (Светски Ден на Музиката),во Париз дуото ја започнува и својата меѓународна каријера. Следуваат настапи во: Полска, Романија, Бугарија, Холандија, Италија, Србија, Турција, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговин“, наведуваат организаторите.
Во соопштението се додава дека дуото својот прв носач на звук го издава 2008 година со дела од Б. Барток, Е. Шабрие, А. Хачатуријан, Ј. Дебиси и Ф. Шопен, а во 2011 година ја добива и наградата Златна Лира од страна Сојуз на Музичките уметници на Македонија. Во 2016 година пак дуото го бележи и својот прв настап со македонската филхармонија изведувајќи го концертот за две пијана и оркестар од Ф. Пуланк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

концерти
Концерт на Том Одел oваа среда во МКЦ

Музичката сензација на новата генерација, вонсериски талентираниот и наградуван британски кантавтор Том Одел, кој во моментот е на светска турнеја на која го промовира својот трет студиски албум Jubilee road, ќе го видиме првпат во живо, и тоа во Скопје, оваа среда, 13 февруари, во МКЦ.
Том Одел вниманието на јавноста го сврте уште со својот прв албум Long Way Down во 2013 година. Лили Ален го спореди со Дејвид Боуви, а Тејлор Свифт изјави дека е негов голем фан. Следната 2014 година година Том Одел добива и награди за авторско достигнување, меѓу кои и „Брит“, „Критик Чојс“, но сепак најголемата награда за неговата работа стигнува од публиката – повеќе од успешни настапи на некои од најголемите светски фестивали: „Гластонбери“, „Коачела“, T In The Park, „Сигет“, „Егзит“, како и распродадени шоуа во светот, што се потврда дека и со сите негови песни успева да допре до публиката и дека е на вистинскиот пат да стане голема музичка ѕвезда.
Промоцијата на третиот албум Jubilee road, кој излезе во октомври минатата година, ја почна со објавување на синглот If you wanna love somebody, а потоа следуваше и со видеозапис за него, а на одлична реакција наиде и песната Half as good as you, која ја сними со својата долгогодишна пријателка и соработничка, популарната Alice Merton.
Неодамна објави и уште еден видеоспот, со кој публиката ја запозна со новиот албум Jubilee road. Станува збор за песната You are gonna break my heart tonight.
По распродадените концерти во Северна Америка и Канада, Том Одел се врати во Европа, каде што прва станица му беше Глазгов, а потоа следуваа два распродадени концерта во Белфаст и Даблин. Во почетокот на ноември минатата година, по 12 концерти во Англија, турнејата се пресели во Германија и во другите земји во Европа, како Франција, Полска, Чешка, Белгија, Литванија, Латвија, Финска, Русија, Украина, Словенија, Хрватска, Србија, Унгарија, Бугарија, Романија, Македонија и Турција.
Скопскиот концерт на Том Одел ќе го отвори Том Спејт, а билетите може да се набават исклучиво преку продажната мрежа на „Авалон“ во Македонија и онлајн на www.avalon.mk.
концерти
„Моја љубов“ – концерт на Македонската филхармонија за Денот на вљубените

За Денот на вљубените, 14 февруари (четврток), во 20 часот Македонската филхармонија подготвува единствен музички настан. Под диригентство на маестро Борјан Цанев ќе бидат изведени популарни теми, инструментални, но и вокални композиции кои се искористени во култни филмски остварувања, а кои пеат за љубовта, страста, вљубеноста…
Љубителите на добрата музика ќе имаат можност да ги слушнат вечните композиции кои ги испеаја славните грла на Чет Бејкер, Ела Фицџералд и Нина Симон, Стинг или Паоло Конте, филмски теми на култните Енио Мориконе, Нино Рота, Крег Армстронг, Геби Верлор („Малена“, „Ромео и Јулија“, „Високи потпетици“) или оние на современите вокалистки и авторки Мишеле Гуревич и Ковач, кои во последните години ја стекнаа светската популарност… За оригиналните оркестрации, специјално направени за овој настан, се погрижи македонскиот врвен композитор Владимир Николов.
Концертот носи наслов „Моја љубов“, а како солисти ќе се претстават македонските истакнати уметници: Огнен Анастасовски, Светлана Јовановска и Надежда Рубен (вокали), Трајче Велков (труба) и Иван Иванов (саксофон).
Музиката ќе биде збогатена со танцот и кореографијата на Ивана Коцевска и Јована Зајкова, како и со уникатен светлосен дизајн.
концерти
Премиерна изведба на симфонијата „Лос Анџелес“ од Арво Перт со Македонската филхармонија

„Ангелите и градот“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи на 7 февруари (четврток) во 20 часот. Првпат на македонската музичка сцена оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја изведе раскошната Симфонија бр. 4 „Лос Анџелес“ од еден од најдобрите современи композитори, Арво Перт.
Диригент на концертот е етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен. Покрај делото на Перт, на концертот ќе бидат изведени и Полка од балетот „Златна доба“ од Дмитриј Шостакович, како и Концерт за мала флејта во Це-дур од Антонио Вивалди и Концерт за обоа и оркестар во Ге-мол од Јохан Себастијан Бах, каде што како солист ќе се претстави извонредната уметница на барокна флејта, Луси Хорш од Холандија.
„Симфонија бр. 4 на Арво Перт, со наслов ‘Лос Анџелес’, се смета за едно од најволшебните дела со кое може еден град да се гордее. Таа е духовен портрет на Градот на ангелите, која поседува раскошна убавина. Естонскиот композитор Арво Перт (1935) е еден од најизведуваните живи современи автори кој создаде магија од сплет на класичната и духовната музика, кој ги разби постојните контури на компонирање видени низ разновидните експерименти на другите композитори од 20 век, кој направи и разви своја техника наречена тинтинабули, кој е силно инспириран од грегоријанските црковни песни и кој на минималистичкиот музички израз му даде нова димензија“, се вели во најавата за концертот.
- Истражувања3 месеци
(ВИДЕОИСТРАЖУВАЊЕ) Како Груевски го купуваше имотот на ВМРО-ДПМНЕ
- Истражувања2 месеци
Во дворот на МЗТ ќе се гради фабрика за преработка на медицински отпад, паника кај околните фирми
- Проверка со факти3 месеци
Заев прифаќа амнестија за 27 април, а тврдеше дека нема да има
- Истражувања1 месец
(ВИДЕО) Градоначалничката на Арачиново со службени пари купувала суџук, мирисливи свеќи, пилешки гради и дрвени лажици
- Истражувања2 месеци
Фондот за иновации прво одобрил грант од 200 илјади евра на сопругот, па ја вработил сопругата
- Проверка со факти2 месеци
(Видео) Шекеринска: Нема да се пазариме со амнестија
- Проверка со факти2 месеци
(Видео) Макрадули: Популизмот не помага при решавање со загадувањето
- Македонија1 недела
Скандалозна распределба на пари во култура – има за тетовски, нема за скопски џез-фестивал