Култура
Концерт на Татијана Петрушевска, Марјан Милошевски и Петар Макариевски во македонскиот КИЦ во Софија
На 23 септември (вторник), од 18:30 часот, во Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи концертот на триото музичари – Пијано трио, составено од Татијана Петрушевска на обоа, Марјан Милошевски на фагот и Петар Макариевски на пијано.
Македонските музичари во Софија ќе исполнат композиции од Г. Начевски, В. Велковска, В. Николовски, Ф. Петровски, В. Николовски – Ѓумар.
ПИЈАНО ТРИО е составено од Татијана Петрушевска Караскаковска прва обоа во оркестарот на НОБ, Марјан Милошевски прв фагот во оркестарот на НОБ и професор по фагот на ФМУ, Петар Макариевски пијано, уметнички соработник при ФДУ, ова Tрио ги здружи своите сили во 2014 година.
Сите остварени и потврдени уметници со своите инструменти, поттикнати од желба за истражување на нови композиции и зголемување на својот репертоар, формираа ансамбл сметајќи дека постоење на камерни ансамбли од секаков вид е потребно и полезно за музичарите, од аспект на соработка, зголемување на репертоар, изведба на дела кои не се само за соло инструмент туку во соработка со други инструменти.
Формацијата на овој ансамбл, овозможува широк спектар на репертоар од различни епохи и композиции кои бараат виртуозност во изведбата и се предизвик за изведување: Х. Брод, Т. Лалие, К. Фридеман, В. А. Моцарт, Ф. Пуланк, Г. Ф. Хендл, А. Вивалди, А. Рајхенауер, Л.В. Бетовен, М. Глинка, се дел од композиторите кои се на репертоарот на Триото и кој постојано се збогатува со нови композиции.
Првиот свој настап Триото го имаше на концертот и промоцијата на ЦД во чест на флејтистот Илија Зимбо во Скопје. Следуваат концерти во Демир Капија, Куманово, Виница, Kрушево, Прилеп, Гевгелија, Берово, Делчево, Кочани, Нови Сад. На својата програма секогаш имаат дела кои се изведуваат премиерно во Македонија, а кои дела и самата изведба на Триото секогаш наидуваат на одушевување кај публиката. Во 2022 година македонските композитори Вања Николовски-Ѓумар и Филип Иванов напишаа дела специјално за Пијано Трио, кои својата светска премиера ја имаа на Фестивал на камерна музика во Нови Сад – Европски град на култура за 2022 година. Во ноември 2022 година Триото настапи со рецитал на програма на фестивалот Есенски музички свечености со дела од светската литература. Во 2023 година композиторите Костадин Делиниколов и Горан Начевски посветија свои композиции на Триото кои имаа светска премиера на ДММ 2023 година. Во јули 2023 година триото настапи со целовечерен концерт на реномираниот фестивал ”Охридско Лето”. Истата година во септември триото настапи со целовечерен концерт во Македонскиот Културен Центар во Истанбул исклучиво со дела на македонски композитори. Во 2024 година Триото го одбележа својот десет годишен јубилеј со целовечерни концерти во Виница; Офицерскиот дом во Битола; фестивалот на СМУМ “Златна Лира“; КИЦ на РСМ во Загреб. Во 2024 година Триото ја доби наградата „Георги Божиков“ која ја доделува СОКОМ, за низата успешни концерти во земјата и странство со дела од македонски композитори.
Она што го карактеризира Триото како состав се истенчен и моќен звук; интерактивост; прецизност во изведбата; индивидуалност и виртуозност на музичарите.
Татијана Петрушевска е родена е во Куманово, каде го започнува своето музичко образование во класата по пијано. Продолжува во МБУЦ во Скопје во класата по обоа кај проф. Васил Атанасов а подоцна дипломира на ФМУ во класата на проф. Киро Давидовски. За времена своето школување има освоено I Републичка и II Сојузна награда во Љубљана ( 1988 год. ). Во 1990год . посетила мајсторски курс ка проф. Љубиша Петрушевски во Белград. Во 2015 година магистрира во класата по обоа кај проф.- мр. Гордана Јосифова Неделковска, со највисока оцена. Уште како студент активно учествува во камерни состави, го формира Дувачкиот Квинтет АРТ и Камерното Студио БАХУС, со кои остварува многу концертни настапи, хонорарно соработува со Македонската Филхармонија и со Оркестарот на МОБ. Соработувала со етаблирани пијанисти како Јасна Аврамовска, Јасминка Чакар, а во моментот како постојан пијанист е Петар Макариевски, со кој остваруваат забележителни концерти, кои секогаш изобилуваат со премиерни и исклучителни виртуозни изведби. Како уметник кој секогаш трага по нови и интересни програми, започнува соработка со ОПЕРА ТРИО во состав обоа, кларинет, фагот, Пијано Трио во состав обоа, фагот и пијано, соработка со Ансамбл за Современа музика СОНОРИС, Дувачки Квинтет при МОБ, коосновач и член на БА-РОК ансамбл. Покрај концертните настапи остварува и аудио и видео записи за МРТВ. Вo 2010 година издава свое самостојно CD, а во 2018 година издава CD со ОПЕРА ТРИО со наслов „Звукот на Трските“. Исто така нејзини изведби се ставени и на други носачи на звук, како солист и во склоп на различни ансамбли. За цело време на својот професионален ангажман, а на свое големо задоволство, активно соработува и со ученици и студенти по обоа. Соработува и во Нишки Симфонијски Оркестар, оркестрите на Операта на ХНК „Иван Племенити-Зајц“ во Ријека и ХНК Сплит. Некои од настапите : рецитални настапи во Салон 19,19 во КИЦ, на Скопско Лето, Штип, Куманово, Бит Фест, Италијански Културен Центар во Ријека, како солист и член на Камерниот Оркестар на МРТВ, на Денови на Македонска Музика, Охридско Лето, солист со Мандолинскиот Оркестар на Рамадан Шукри ,со Македонска Филхармонија, Ријечки Летни Ноќи, Сплитско Летo, Фестивал на Камерна музика во Новисад. Гостувала во Бугарија ,Романија, Србија , Грција , Украина Хрватска , Португалија, Турција. На својот репертоар има дела од : Бах, Вивалди, Телеман, Моцарт, Хајдн, Шуман, Сен-Санс, Пуланк, Каливода, Даели, Зеленка, Бритн, Аврамовски, Бранѓолица, Ортаков, Стојков и др. Во 2024 год. Петрушевска како член на Пијано Трио ја доби наградата „Георги Божиков“ која ја доделува СОКОМ, за низата успешни концерти во земјата и во странство со дела од македонски композитори. Во моментот работи како прва обоа во Оркестарот на НОБ.
Петар Макариевски е роден во Скопје. Во 2001 година дипломира на Факултетот за Музички Уметности во Скопје во класата на пијанистката проф. Јасминка Чакар. Од 2001 до 2003 година посетува магистерски студии по пијано на Државната Музичка Академија во Софија, Бугарија, во класата на пијанистот проф. Антон Диков. Во 2011 година добива асистентско место на Државниот Универзитет во Атланта, САД , каде паралелно завршува уште еден циклус на магистерски студии по пијано во класата на проф. д-р. Серѓо Гало. Во текот на престојот во Атланта, Макариевски активно настапува со солистички концерти, камерна музика и работи како хонорарен пијано соработник на истиот Универзитет. Активен е во организација на концерти преку Француската Алијанса и Гете Институтот во Атланта. Како лауреат на натпреварот за инструментални концерти во Атланта настапува како солист со повеќе оркестри, со кои забележува успешни критики и понуди за соработка со повеќе диригенти. Во 2005 година заедно со пијанистката Весна Ангелова го формираат камерното пијано дуо Ангелова/Макариевски. Истата година формираат дуо со обоистката Татијана Петрушевска. Во 2014 година заедно со обоистката Татијана Петрушевска и фаготистот Марјан Милошевски формираат Пијано Трио, со кое остваруваат забележителни настапи во земјата и странство. Во 2022 година на покана на пијанистката Марија Вршкова, камерното пијано дуо Ангелова/Макариевски се приклучуваат и формираат шесторачно пијано трио „30 прсти“. Настапувал како солист со Македонската Филхармонија; Симфонискот оркестар при Универзитетот во Атланта; „Atlanta Symphony Orchestra; со солистички и камерни концерти настапувал во Бугарија, Србија, Хрватска, Косово, Германија, Италија, Австрија, Турција, САД. Макариевски работел како професор по пијано во ДМУ „Тодор Скаловски- Тетоец“ во Тетово; хонорарен корепетитор во МОБ; официјален пијано соработник на Меѓународниот Натпревар во Приштина; асистент по пијано на Државниот Универзитет во Атланта во САД; професор по пијано и стручен пијано соработник во ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“ во Скопје; хонорарен уметнички соработник на ФМУ – Скопје. Во 2019 година се вработува на Факултетот за Драмски Уметности како уметнички пијано соработник.
Марјан Милошевски музичко образование го започнува уште од најмладата возраст свирејќи хармоника до својата 14 година, подоцна во средното училиште по препорака на проф. П. Трајковски започнува да го изучува фаготот, кој му остана примарен инструмент. Дружејќи се со фаготот уште во првите години, успесите се нижат, настапи на јавни часови, натпревари , за да во 1996 година го изведе матурскиот рецитал како прв обид во солистичкото музицирање. Студиите ги продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. П. Трајковски. На факултетот погледот кон фаготот, камерната музика и оркестарот добиваат нова смисла и тежина, доаѓаат бројни настапи со симфонискиот оркестар; камерна музика; за да во 1999 г. го оствари својот прв целовечерен рецитал во рамките на Музика Вива на ФМУ. Два пати е избран како еден од најдобрите студенти во инструменталната класа да настапува со Mакедонската филхармонија. Своите први професионални почетоци ги започнува во камерниот оркестар за модерна музика Света Софија, со кој настапува на Охридско Лето и Денови на македонската музика. Продолжувајќи понатаму станува член на Националната Опера и Балет во Скопје. Во 2000 г. гостува во Операта во Тирана, Албанија. По завршувањето на факултетот се запишува на магистарски студии на музичкиот факултетот во Скопје. Карактеристично за рециталите во склоп на студиите е премиерна изведба на дела во Р. Македонија. На Мајсторската школа во Дубровник 2002 г. се запознава со неколку менаџери од областа на класичната музика, кои забележувајќи ја неговата интерпретација на концертите во Дубровник му нудат соработки, меѓу кои и оркестарот за нова музика СОНЕМУС. Со СОНЕМУС има остварено бројни концерти на Балканот но и во други европски центри. Во 2003 г. настапува со симфонискиот оркестар на ФМУ како солист на Моцартова вечер. Подоцна со СОНЕМУС заминуваат во Швајцарија каде работат во Националниот Театар во Винтертур и имаат повеќе значајни концертни турнеи. Истата 2003 г. магистрира на темата: „Интерпретација на фагот“. Во 2004 г. ја основа музичката работилница АД ЛИБИТУМ, која имаше повеќе камерен карактери во чиј склоп работеа дрвен дувачки квартет и квартет фаготи. Во 2005 година изведува рецитал – Сонатна Вечер дуо фагот и пијано со пијанистката Марија Вршкова. Следат рецитали со пијанистите Сара Пројковска и Петар Макариевски. Сеуште активно работи во повеќе камерни состави како Трио Аура, Опера Трио, Дувачки квинтет при МОБ, Сонорис Ансамбл за современа музика, Ансамбл Контемпора, Пијано Трио, БА-РОК ансамбл и други. Освен во Македонија настапувал и во Србија, Црна Гора ,Хрватска, Босна и Херцеговина, Швајцарија, САД, Бугарија, Русија, Израел, Турција. Моментално е вработен во НОБ како прв фаготист и редовен професор по фагот и камерна музика при ФМУ во Скопје. Милошевски е фаготист од поновата генерација кој со успех ги изведува делата како од старите мајстори, но ги следи и најновите правци на сериозната музика. Во 2024 година Милошевски како член на Пијано Трио ја доби наградата „Георги Божиков“ која ја доделува СОКОМ, за низата успешни концерти во земјата и странство со дела од македонски композитори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љутков: Македонија мора да стане држава на приказни – културата, гастрономијата и историјата да бидат во срцето на туризмот
Македонија може да стане дестинација со силен културен идентитет, одржлив туризам и препознатлив национален бренд – ако ја стави културата во центарот на развојот, ако ја модернизира презентацијата на наследството и ако ги поврзе градовите во единствена туристичка мрежа. Ова го смета министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој истакна дека државата мора да се претстави преку автентични приказни, силна гастрономија, археолошки богатства и современа креативна сцена. Тој вели дека Македонија има потенцијал да го удвои туристичкиот ефект доколку ја претвори културата во двигател на економијата, а транзитниот коридор Е75 во вистинска културно-туристичка рута.
Љутков нагласува дека нашето културно наследство е „најмоќниот ресурс што го имаме“, нешто што не може да се реплицира и што ја издвојува државата од сите околни дестинации. Според него, историјата, археологијата, занаетите, духовноста, современата уметност и гастрономијата не смеат да функционираат одвоено, туку како единствен национален производ.
Во таа насока, тој истакна дека Македонија треба конечно да почне да се претставува како земја во која историјата живее – преку дигитални водичи, модерни музејски наративи и обновени археолошки простори кои раскажуваат и му нудат на туристот доживување, а не само поглед.
Голем дел од неговите планови се однесуваат на туристичките пакети од 48 и 72 часа, кои, како што рече министерот во интервју за Медиумската информативна агенција, ќе овозможат логичен, привлечен и содржаен престој за секој посетител. Тие ќе комбинираат културни локации, гастрономски тури, винарии, уметнички програми и локални приказни – со јасна цел да го зголемат бројот на ноќевања и да креираат економска вредност во локалните заедници.
Министерот ја нагласи и улогата на гастрономијата, за која рече дека е „сетилниот доказ за нашиот идентитет“. Според него, храната не е самостоен атрактивен елемент, туку продолжение на културниот бренд, важен дел од приказната што туристот ја носи со себе. Во новиот концепт, традиционалната кујна ќе се врзува со културните точки: антички рецепти во Стоби, рударски специјалитети во Кратово, езерска гастрономија во Охрид – модел што, како што рече, дава извонредни резултати во земји како Словенија, Италија и Грузија.
Посебно внимание Љутков посвети на коридорот Е75, кој го оцени како „најмалку искористениот културно-туристички потенцијал на земјата“. Илјадници патници секој ден минуваат без да знаат дека на неколку километри се наоѓаат музеи, манастири, локалитети, винарии и уникатни домашни кујни. Тој додаде дека проектот „Stop and Discover“ треба да го промени тоа и да го претвори транзитот во економска и културна можност.
Дополнително, министерот се осврна и на ЕКСПО 2027 во Белград, за кој рече дека, иако Министерството за култура и туризам директно не ја води организацијата, настанот е голема шанса Македонија да се претстави со она што е суштински најсилно – културата и автентичноста. Тој истакна дека ЕКСПО не смее да биде само штанд со предмети или формални презентации, туку сцена на која државата ќе се покаже преку доживување, преку сетилни и емоционални содржини. „Македонија треба да се претстави преку чувството што го остава, преку приказните, преку наследството што зборува“, рече Љутков, додавајќи дека со вистински пристап секој посетител може да почувствува дека стапнал на земја која не личи на ниту една друга.
Во делот за институционалната поврзаност, министерот рече дека Македонија мора да изгради дигитална национална туристичка платформа која ќе ги обедини културните институции, општините и приватниот сектор. Таквиот систем, според него, ќе создаде чувство дека целата држава функционира како една мрежа и ќе го олесни патувањето и одлуките на посетителите.
На крај, Љутков го сподели и својот амбициозен поглед за 2028 година: Македонија да стане земја со силен туристички идентитет, модерни атракции, професионален систем и уникатни културни доживувања. Тој рече дека сака светот да ја гледа Македонија како место што ги почитува корените, но гради современа европска приказна – место кое се чувствува, се доживува и се памети.
Култура
Изложба на слики „Допир на светови“ од Сашо Георгиевски
Во Шибеник, Хрватска во рамките на Деновите на македонската култура, во тек е изложба на слики „Допир на светови“ од Сашо Георгиевски (2-8 декември 2025 година). Организатор на настанот е Хрватско-македонска тангента, со покровителство на Советот за национални малцинства на хрватската влада.

На отворањето присуствуваа многубројни граѓани и личност од хрватскиот (шибенскиот) естаблишмент. Посебно е поздравена ликовната рецензија која ја напиша реномираниот македонски писател Томислав Османли.

„Треба да се има на ум целото богатство на еден визионер на световите во допир кога се гледаат неговите слики во комбинирана техника, форми и колорити, раскошниот свет на Сашо Георгиевски, кој во оваа прилика ни ги подарува на препознавање своите интимно, но и универзални уметнички визии од повеќе периоди на едно богато слоевито наследство, искуство и живот“, напиша меѓу другото Османли во рецензијата.

Честитки по повод изложбата упатија Иво Јосиповиќ, Јадранка Косор, Стипе Месиќ, Златко Крамариќ, Зоран Димитровски, Милаим Фетаи, Здравко Зима, Љупчо Арсовски…

Култура
Браќата Дарден, македонска копродукција и концерти вечерва на „Синедејс“
Со вечерашниот репертоар започнува официјалната натпреварувачка програма на 24 CINEDAYS. Во двете селекции, Официјална конкуренција и СЕЕ се натпреваруваат европски филмови и копродукции кои ја претставуваат флуидноста и непосредноста на можни соработки меѓу филмските работници.
Филмот ЕРА, во режија на Парта Келменди е првата македонска копродукција која ја гледаме на овогодинешниот фестивал, а е селектиран во СЕЕ програма.
„За мене, копродукцијата на филмот ЕРА беше истовремено големо задоволство и значаен предизвик, бидејќи филмот навлегува во чувствителен историски период кој бара искрено, прецизно и автентично раскажување. Рекреирањето на деведесеттите во денешна Приштина беше комплексна задача, но под водство на режисерката и сценаристка Парта Келменди и со посветената работа на македонскиот тим – сценографот Кирил Спасовски, директорот на фотографија Наум Доксевски, монтажерот Михаил Димитров и целата останата креативна и техничка и екипа од Македонија и Косово – успеавме да создадеме филм со кој искрено се гордееме. Извонредните актерски интерпретации на Зана Бериша, Армен Смаили, Албан Укај, Мајлинда Косумовиќ и многу други, ја носат тежината и значењето на приказната со длабока свесност за нејзината културна важност. Соработката меѓу Косово и Северна Македонија во филмската уметност секогаш доаѓа природно и лесно, благодарение на блиското разбирање на нашите култури. Верувам дека ЕРА е уште еден силен пример за тоа колку успешни и вредни дела произлегуваат од ова партнерство“ – вели Марија Димитрова, која е македонски копродуцент во оваа Косовско – македонска продукција.
Во клуб МКЦ од 20:30 часот е закажан Синедејс музичкиот блок, во кој публиката ќе има можност бесплатно да ги проследи концертите на музичките групи Stoinost (Бугарија), Elizabeta Bam (Хрватска), Ubili su batlera (Србија) и Sunblinds (Бугарија). Музичката програма на фестивалот е финансирана од програмата Лајвјуроп.
Во останатиот репертоар на вечерашниов 24. CINEDAYS ќе гледате:
Кратки филмови
17 часот – режија: Флака Коколи – 19 часот 25 Мај
Пријатни летни денови – режија: Невена Десивојевиќ – 19 часот 25 Мај
АМРА – режија: Васил Христов – 20 часот Кино Фросина
Состојба на умот – режија: Александра Кардалевска – 20 часот Кино Фросина
Официјална конкуренција
Кралот Кат – режија: Ури Маранц – 19:30 часот 25 Мај
Нашата прекрасна кланица за свињи – режија: Адам Мартинец – 21 часот Кинотека
СЕЕ
ЕРА – режија: Парта Келменди – 20:20 часот Кино Фросина
Месо – режија: Димитрис Накос – 19:00 часот Кинотека
ГАЛА
Млади мајки – режија: браќата Дарден – 22:00 часот Кино Фросина

