концерти
Концерт на Филхармонијата со виолинистот Александар Иванов

Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот со наслов „Лезет“, на кој како солист ќе настапи младиот македонски виолинист Александар Иванов. На програмата се „Психофонија“, од македонскиот композитор Ристо Аврамовски, со чија изведба ќе се одбележат 80 години од раѓањето на авторот, Концертот за виолина и оркестар во Дe-дур, оп. 35 од Ерих Волфганг Корнголд и „Гогољ суита“ од Алфред Шнитке. Диригент е маестро Борјан Цанев.
Творечкиот опус на македонскиот композитор Ристо Аврамовски (1943 – 2007) е исклучително богат и опфаќа над 150 дела од речиси сите жанрови на класичната музика – од најмалите форми до најкрупните – симфонии, ораториуми, кантати, опери. Од експериментална радиофонија до применета музика пишувана за театар, телевизија и филм.
Најголем дел од неговото музичко творештво е инспирирано од македонското поднебје, од нашиот духовен простор. Токму такви се неговите дела „Психофонија 1“ и „Психофонија 2“, напишани во 1972 и 1974 година. Во овие композиции тој својата инспирација ја црпи од богатата ризница на македонското духовно поднебје и од македонскиот фолклор, но ги реактивира и третира на сосема поинаков начин и тие добиваат нов лик и експресија.
Советско-германски композитор, кој создава сериозна, мрачна музика, што се карактеризира со нагли спротивставувања на радикално поинакви, честопати контрадикторни стилови. Тоа е големиот Алфред Шнитке, основач на т.н. музички полистилизам. Шнитке бил вистински мајстор на драмата. Неговата музика има звучна тензија, драма, конфликт… Токму затоа воопшто не чуди фактот што токму тој бил избран да напише музика за театарска изведба на дела од рускиот писател Николај Гогољ, а крајниот производ од оваа инспирација е фантастичната „Гогољ суита“, ремек-дело на модернизмот.
Ерих Волфганг Корнголд (1897 – 1957) е австриско-американски композитор и диригент. Израснал како музички талент во Виена, инспирирајќи се од музиката на композитори како Густав Малер и Рихард Штраус. Во 1930 година започнува да пишува музика за филмови во Холивуд, а во 1938 година се сели во САД. За време на војната главно пишува музика за филм, а неговиот татко, познатиот музички критичар Џулиус Корнголд, никогаш не се помирил со тоа – сметал дека пишувањето музика за филм е губење време. Иако за Корнголд пишувањето филмска музика било сериозна работа, и самиот тој се плашел дека неговата музика ќе биде заборавена заедно со филмовите за кои била напишана. Концертот за виолина и оркестар во себе инкорпорира неколку главни теми од повеќе филмови, и на тој начин Корнголд успеал да им даде живот и надвор од филмското платно. Концертот, секако не е крпеница од филмски теми – Корнголд ги преработил мелодиите и им дал целосна симфониска структура.
Добитникот на македонското признание „Виртуози – Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа, Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а ќе биде поканет да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис на Кралската оперска школа. Добитник е на наградата „Аугуст Манс“ за најдобар диригент, токму на Кралскиот музички колеџ, за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар, како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис. Во наредните години маестро Цанев остварува многубројни концерти со Македонската филхармонија, како и со нејзиниот Камерен оркестар, во Македонија и во странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, Нови Сад, Загреб, Њујорк, турнеи во Полска и во Казахстан). Од 2002 година до денес е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година, му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент. Во 2005 година Цанев дебитира во Македонската опера и балет, каде што следната година ја поставува премиерата на „Волшебната флејта“ од Моцарт. Покрај гореспоменатите, Цанев диригирал и со Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина, „Синфониета“ од Софија, Хрватскиот камерен оркестар, Задарскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија, со ансамблот за современа музика „Алеа“ и др. Настапувал со светски реномирани солисти, меѓу кои: Иво Погорелиќ, Јоханес Мозер, Готје Капусон, Сергеј Накарјаков, Иља Гринголц, Даниел Милер-Шот, Сајака Шоџи, Симон Трпчески, Штефан Дор, Џозеф Алези, Дејвид Герет, Стефан Миленковиќ, Алексеј Огринчук, Акико Суванаи, Роман Симовиќ, Зи Зи, Стјепан Хаузер, Евгени Божанов, Криштоф Барати, Моника Лесковар, Тине Тинг Хелсет, Антал Залаи, Емануел Сејсон, Питер Лукаш-Граф, Бранимир Слокар, Ана Дурловски, Благој Нацоски и многу други. Диригирал на сите реномирани фестивали во Македонија, како и на многу фестивали во странство вклучувајќи ги: Жорж Енеску, Котор арт, Загрепски летни вечери, Варненско лето, НОМУС, Светот на музиката – Загреб и др. Борјан Цанев како диригент се појавува во САД, Англија, Јапонија, Италија, Франција, Чешка, Полска, Хрватска, Србија, Бугарија, Црна Гора, Турција, Романија, Босна и Херцеговина, Казахстан, а има направено снимки за Македонската радио-телевизија, за Бугарското национално радио, како и за „F.A.M.E’S“ Македонија. Во 2010 година, Сојузот на композиторите на Македонија му ја додели наградата „Георги Божиков“, за најдобра изведба на дело од македонски композитор. Во 2015 година ја предводи Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерта во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во Музичкиот центар „Кауфман“.
Најмладиот добитник на наградата „Виртуози“, Александар Иванов ги спојува експресивната музикалност и техничката експертиза со разновиден репертоар, водени од уметничката љубопитност. Неговата вистинска страст лежи во експресивните можности на доцните романтични композитори. Тој е ученик на познатата школа Џулијард, под менторство на Лори Смуклер. Александар Иванов е добитник на Меморијалната стипендија „Теплицки“, стипендијата „М. и Е. Коен“ и стипендијата „Хариет и Дејвид Колвин“. Бил солист со Македонската филхармонија, Дунавскиот симфониски оркестар, со радиооркестарот Класик ФМ. Својата страст за музиката ја негува со еминентни диригенти како што се: Густаво Дудамел, Марин Алсоп, Борјан Цанев, Манфред Хонек, Веско Пантелеев-Ешкенази, Џошуа Герсен. Александар е постојано присутен на музичката сцена во Македонија, но и надвор од неа. Летото 2022 година во Аспен, тој беше прикажан во серијалот Стринг Шоукејс, концерт организиран од познатиот виолински педагог Роберт Липсет. Често може да се види на сцените на Џулијард, каде што активно настапува како камерен музичар, како и во оркестарски настапи во салата „Алис Тали“. Во 2022 година, Александар стана соработник на Глук на Џулијард. Со ансамблот Artivisam, тој прави опширни програми за информирање на заедницата и настапи во Њујорк. Снимаше и за WRTI Radio (90,1 FM), Филаделфија, САД. Во 2018 година, на отворањето на фестивалот „Денови на македонската музика“ Александар изведе новонарачан концерт за виолина од неговиот брат Филип Иванов. Следните концерти во пролетта вклучуваат повеќе изведби на камерна музика во Њујорк, како и настапи со дел од Студентскиот гудачки квартет при Џулијард на „Денови на македонската музика“. Тој свири на виолина направена од Гаетано Антоањаци, која му е позајмена од школата Џулијард.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

концерти
Концерт на оркестарот на Филхармонија со врвната саксофонистка Фатејева

На 20 јануари, со почеток во 20 часот, ќе се одржи концертот со наслов „Ава“, на кој како солистка ќе настапи една од најдобрите саксофонистки во класичната музика – Асја Фатејева од Крим/Германија.
На програмата се дела од Дебиси, Шостакович, а првпат ќе прозвучи и Концертот за саксофон и оркестар од авангардниот холандски композитор Јакоб Тер Велдхаус.
Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија.
Следете го нервот што пулсира!
Билетите се достапни и може да се резервираат на тел: 02/3238 182 или да се купат на билетарницата на Филхармонијата.
концерти
Традиционален гала-оперски концерт по повод празникот Василица

На 12 и 13 јануари 2023 (четврток и петок), со почеток во 20 часот, ќе се одржи традиционалниот гала-оперски концерт по повод празникот Василица.
Традицијата утврдена пред повеќе од 25 години продолжува, оваа година нашата верна публика ќе има можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите арии, дуети и хорски делници од светски познатите оперски дела од композиторите: Пучини, Верди, Џордано, Де Либ, Штраус Помладиот.
Диригенти ќе бидат Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, режисер Дејан Прошев, концерт-мајстор Верица Ламбевска, хор-мајстор Јасмина Ѓорѓеска.
На концертот ќе настапат нашите оперски уметници: Славица Петровска-Галиќ (сопран), Весна Ѓиновска-Илкова (сопран), Сандра Митровска (сопран), Дешира Ахмети-Крлиу (сопран), Наде Талевска (сопран), Ирена Кавкалевска (мецосопран), Ѓорѓи Цуцковски (тенор), Зоран Сотиров (тенор), Борис Трајанов (баритон), Марјан Јованоски (баритон), Игор Дурловски (бас) и Александар Стефаноски (бас).
Настапуваат хорот и оркестарот на Националната опера и Балет.
концерти
Изложба и новогодишен концерт на ансамблот „Танец“

Концертот ќе се одржи вечерва, 23 декември, со почеток во 20 часот, во Националната опера и балет.
Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ и вечерва со почеток во 20 часот во Националната опера и балет ќе одржи ексклузивен новогодишен концерт.
На програмата е богата музичко-сценска програма во која учествува целиот ансамбл. Публиката ќе може да ужива во познатите сценски постановки „Кумановка“, „Лазаренки“, „Беранче“, „Раштак“, „Црногорка“, „Пијанец“, „Рудо јагне“, „Калајџиско“ и во изборот на композиции од раскошниот вокално-инструментален репертоар на „Танец“, меѓи кои и сплетот инструментални ора посветени на виртуозот Тале Огненовски, по повод 100-годишнината од неговото раѓање.
Како и секогаш, „Танец“ подготовува и точка-изненадување, оваа година заедно со учениците од Насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од Скопје, која ќе му даде посебна нота на целиот настан.
Воедно, НУ Танец организира и завршната изложба на студентите од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, која ќе биде отворена во пресрет на самиот новогодишен концерт (23 декември) со почеток во 19 часот, во Фоајето на НОБ. Изложбата ќе ги претстави студентските архитектонски решенија за нов мултинаменски објект за НУ Танец, со соодветна концертна сала, проектна задача која младите архитекти ја работеа под менторство на педагошки тим од факултетот, а во рамките на Архитектонското студио 8/3, во летниот семестар од оваа учебна година. Овие индустриски објекти се наменети за една поинаква “индустрија” и оттука програмата на архитектонското студио го носеше насловот „Институт за производство, истражување и едукација на материјално и нематеријално културно наследство“. Во таа прилика ќе бидат доделени и благодарници на студентите кои учествуваа во проектот, но и на учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ кои беа дел од Летната академија ТАНЕЦ.