Култура
Костадиновска-Стојчевска: Агенцијата за филм има средства, никој не ја кочи актуелната продукција
Темата за наводно намален буџет на Агенцијата за филм, како и за обвинувањата од филмската фела дека се кочи процесот на продукција, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција ја разјасни со елаборирање на буџетските сметки на Агенцијата и нивната реализација.
„Морам да го повторам истото тоа што им го реков на денешната средба и на дел од продуцентите и на дел од потписниците на јавното писмо за наводно скратениот буџет на Агенцијата за филм дека во ниту еден момент, буџетот на Агенцијата за филм не е скратен, ниту во Предлогот за прераспределба на средствата што е во Собранието. На продуцентите и на авторите им објаснив дека тие имаат погрешни информации и дека, за жал, се можеби изманипулирани дека некој ги замрзнал средствата за филм. Вистината е дека додека трае процесот во Собранието, тие средства се во мирување, но сите пари се на сметката“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа ја објасни динамиката на исплата на средствата на двете сметки што ги има Агенцијата за филм, буџетската и посебната, истакнувајќи дека АФ има ниска реализација на посебната сметка, само околу 30 проценти досега.
„Неточно е дека некој скратил средства, дека некој им злоупотребил средства, или им ги замрзнал, напротив, во ниеден момент буџетот на Агенцијата за филм не е никако допрен. Ве уверувам дека за секој филмски проект кој е подготвен за реализација на фазата снимање, во која се трошат најголемиот дел од парите, и кој ја има комплетирано целокупната документација (обезбедено средства од копродуценти) и има доставено до Агенцијата за филм банкарски гаранции, ќе бидат дообезбедени финансиски средства. Доколку има потреба од дополнителни средства. Зашто и во моментов Агенцијата има пари да финансира снимање филмови, според динамика која претходно самата ја утврдила“, рече министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска на новинарското прашање одговори дека Агенцијата за филм нема испратено план за исплата и дека се извртува информацијата од Министерството за култура дека до крајот на годинава ќе бидат исплатени средства. Таа објасни дека со секој доставен план, како и досега, службите во Министерството навремено ги сервисираат потребите на Агенцијата.
„Замолувам да престанат манипулациите за сопствени цели, особено за гранка која треба да ни е промотор, не само дома туку и надвор. Имаме потпишано Меморандум за соработка во кинематографијата со земјите од „Отворен Балкан“, каде што допрва нè очекува нова соработка, и затоа апелирам да се насочиме кон иднината во развојот на домашната продукција“, рече Костадиновска-Стојчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
КИЦ го најавува годинешното издание на „Звукот на Скопје“
Носечката манифестација на Културно информативниот центар – Скопје „Звукот на Скопје“, оваа година повторно ќе се случи во формат на летен фестивал на отворено на кој ќе настапат свежи и актуелни музички имиња. Програмата ќе биде збогатена со изложби и проекции на филмови, како дел од програмските активности на центарот.
Веќе знаете дека „Звукот на Скопје“ значи нов, летен, open air фестивал, кој прераснува во ново скопско музичко жариште. „Звукот на Скопје“ значи и свеж здив во долгото скопско лето и заситување на културните потреби на скопската сцена, со современи музички збиднувања и разновидна културна понуда. „Звукот на Скопје“ е и простор каде на голема сцена ќе може да се видат и етаблирани, но и нови групи, а значи и промовирање на нови концертни локации во градот, оживувајќи ги во културен контекст.
„Звукот на Скопје“ ќе се случи на 27 септември 2024, и тоа во Кулпарк (пред КИЦ), Салон 19:19 и галериите.
Култура
Со наградената претстава „Мојот маж“, Драмски театар ја отвора новата сезона
Новата сезона во Драмски започнува утре со претставата „Мојот маж“. Ансамблот на Драмски неодамна учествуваше на меѓународниот театарскиот фестивал Пургаторије 2024 во Тиват, Црна Гора каде за претставата „Мојот маж“ ја доби награда за „Актерска бравура”.
Во образложението на жирито е истакнато: „Неспорна работа е дека актерската уметност има свој автентичен простор во однос на режисерско-драматуршкиот концепт, но дека актерската подела во една претстава функционира како еден организам, еден комплексен ум, една добро организирана машинерија, која умее во целина темелно да ја разбере и преболи современата сурова стварност, меѓучовечката бездна што се отвора меѓу најблиските, е врвно мајсторство што се гледа сѐ помалку и помалку во театарот денес. Актерите во оваа претстава се сами по себе доволна критична маса за одличен театар, свесно поврзани со сопствената психолошка слоевитост, наелектризирани од личните неволји, подготвени да се поништат и повторно да се преродат одвнатре, откривајќи му ја на гледачот старо-новата терапевтска вистина за човечката совест“.
Режисер на претставата „Мојот маж“ е Нела Витошевиќ, драматург е Викторија Рангелова-Петровска. Драматизацијата е на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова-Петровска. Костимограф е Роза Трајчевска-Ристоска, сценограф е Костантин Трпеноски и асистент сценограф е Моника Ангелевска. Музиката е избор на Нела Витошевиќ.
Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Сара Климоска, Сања Арсовска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Трајанка Илиева-Вељиќ, Игор Ангелов, Исмет Шабановиќ и Филип Трајковиќ.
По премиерата во 2020 година претставата “Мојот маж” е веќе пет сезони на редовниот репертоар на матичната сцена.
На фестивалот Војдан Чернодрински во 2021 година претставата доби 4 награди и тоа: „Награда за костимографија“ на Роза Трајчевска–Ристоска за костимите во претставата, „Награда за современа сценска драматизација“ на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова–Петровска за драматизација на колажот од раскази на Румена Бужаровска и авторските монолози, „Награда за главна женска улога“ на Наталија Теодосиева за улогите во претставата „Мојот маж“ и „Награда за севкупен уметнички ангажман и резултат на авторот и актерите“.
Драмски театар Скопје со оваа претстава имаше повеќе гостувања со извонреден прием од публиката. Се играше во Словенија на сцената на „Местно гледалишче“ во Љубљана, во Црна Гора на сцената на „Градско позориште“ во Подгорица и минатата година на летната сцена на Бриони на хрватското издание на фестивалот „РУТА“.
Култура
MINТ Fintech Group – сребрен партнер на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“
MINТ Fintech Group со гордост објавува дека е сребрен партнер на 45-то издание на престижниот Интернационален фестивал на филмската камера Браќа Манаки. Овој значаен настан, кој ја слави уметноста и визионерството во светот на кинематографијата, претставува платформа на која креативноста и иновациите одат рака под рака.
Како компанија што ја става иновацијата и технолошкиот развој во фокус, MINТ Fintech Group верува во поддршката на културните и уметничките иницијативи што го збогатуваат општеството. Нашата посветеност на финансиските иновации и современите технолошки решенија се одразува и во нашето партнерство со фестивалот, кој ја истакнува важноста на инспирацијата зад секој филмски кадар.
MINТ Fintech Group гордо го поддржува креативниот процес на филмската индустрија и продолжува да гради мостови меѓу финансиските иновации и уметноста.
ПР