Култура
Костадиновска-Стојчевска: Како министерка поднесов барање за информација од јавен карактер до Филхармонија за да добијам записници за дел од работењето

Разрешувањето на директорката на Националната филхармонија, и на целиот Управен одбор неодамна, наиде на реакции, на кои свој одговор даде министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната прес-конференција во Владата.
Министерката рече дека Филхармонија е една од националните установи во која се слева највисок буџет од граѓаните на државата, преку Министерството за култура. Институција која има огромана поддршка и на која ѝ се подмирени сите трошоци, програмски и матерјални, и која има своја посебна сметка која ја полни по разни основи.
„Одбивам да бидам квалификувана како министерка која врши политички прогон или каков било притисок, или дека сум настапила против раководно лице кое застанало на страната на колективот, како што беше речено во реакциите. Мило ми е што поранашната директорка е заедно со вработените, но на ниту една национална институција која се финансира од државниот буџет нема да дозволам да располага со имотот и со средствата без почитување на правилниците и на соодветни одлуки“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска која потоа наброја неколку примери од Извештајот на работната група од Министерството за култура во кој се наведени пропусти во работењето на поранешната директорка и Управниот одбор.
Комисијата од Министерството за култура изврши увид во Филахрмонија на документацијта поврзана со издавање на салата на ден 7.5.2023 година, за настан на Конвенција на жени и на документацијата поврзана со издавање на просторот под закуп на Бистро Бока.
Министерката за култура посочи дека за првиот случај, увидено дека не се исполнети обврските од член 3, 7, 8 и 9 од Договорот, според кои се предвидени обврски за договорните страни за доставување на списоци и записници, кои треба да бидат дел од договорната документација, a кои не беа презентирани на Комисијата.
„И во Извештајот на Државниот инспекторат за труд е констатирано дека не е почитуван Правилникот за ангажирање вработени лица при изнајмување на просторот. Па така ангажираните не кореспондираат со утврдениот потребен персонал предвиден во член 5 став 3 од Договорот. Со вака предвидената одредба од Договорот, за ангажирање на персонал од страна на организаторот да ракува и управува со опремата на установата која е во државна сопственост, се овозможува евентуално нестручно и несовесно ракување и можност за оштетување на опремата“, објасни министерката Костадиновска-Стојчевска. Таа додаде дека за овој настан, не е поднесено барање за изнајмување, а и не е наплатена затезна камата за задоцнета наплата на фактурата, со што директно се наштетува на Буџетот на државата, а со неангажирање професионални лица за управување со скапата опрема, се покажува несовесно однесување кон имот на институцијата.
Во однос на издавањето на просторот на бифето на Бистро Бока, не е испочитувана одлуката со која е определена квадратурата која смее да се изнајмува, како и тоа што со разни одлуки околу плаќањето на закупот, закупецот е доведен во правна заблуда околу плаќање на кириите. „Околу предвреме раскинатиот договор со Бистро Бока, е констатирано дека Управниот одбор нема донесено одлука за раскинување на договорот, што повторно е на директна штета на Буџетот“, рече министерката за култура.
Минситерката Костадиновска-Стојчевска на прес-конференцијата, осврнувајќи се на реакцијата на социјалните медиуми на поранешната директорка на Филхармонија дека имало повеќе пати инспекции во установата рече дека е тоа точно.
„Точно е дека повеќе пати имавме инспекции. Тие уследија по пријави до Мининистерството за култура за извесни неправилности во работењето. Имавме укажувања дека имало институции кои го уништиле угледот на установата. Но, ние никако не наоѓаме записници за евентуални договори со такви институции. Не можеме да најдеме записник ниту за настанот на 7 мај, и затоа јас како минситерка поднесов барање за информација од јавен карактер до Филхармонија, да ги добијам записниците. Кога ќе ја добијам информацијата, ќе излеземе сите јавно и се надевам сите, вклучувајќи ме и мене ќе пресудиме кој на кого треба да се извини. Тогаш ќе одговориме кој е вистинскиот мотив за нивните рекции и за сè што беше изнесувано во минатото, дека јас сум правела каков било политички притисок врз поранешната директорка“, изјави министерката за култура.
На крајот министерката Костадиновска – Стојчевска посочи дека според сите увиди и извештаи, од Министерството за култура и од Државниот инспекторат за труд, директорката на Филхармонија е разрешена заради несовесно менаџирање со националната установа, ненавремено и несовесно извршување на работните задачи во насока на заштита на јавниот интерес и јавните средства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Тозија воодушевен за наградата во Њујорк: Уникатно искуство беше селекција на овој филмски фестивал

Филмот „М“ на Вардан Тозија ја доби наградата за најдобар филм на њујоршкото издание на фестивалот „Dances with films“.
-Воодушевен сум што ја примам наградата за најдобар филм на годинешното издание на „Dances with films“ во Њујорк. Претставуваше голема чест и уникатно искуство да се биде дел од официјалната селекција на овој исклучителен фестивал, со креативни и бескомпромисни филмски автори, на настан што прерасна во двигател на американскиот и интернационален филмски дух, вели режисерот Вардан Тозија, кој во Њујорк лично ја прими наградата.
Фимот „М“ на овој фестивал ја имаше американската премиера. Според USA Тoday, фестивалот се вбројува меѓу „десетте најзначајни филмски настани на северноамериканскиот континент“, според CNN, важи за „лидер во позиционирање на свежи и нови таленти на филмската индустрија“, додека Indiewire го препознава како „нашироко признаен поради откривањето на иновативниот дух и талент во независната кинематографија“.
-Уникатно воден филм со динамичен емотивен импакт, „М“ е спектакуларно достигнување во меѓународната филмска соработка, стои во официјалното образложение на Фестивалот.
Приказната на Тозија за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила, токму во официјалната селекција на овој фестивал ја претстави македонската кинематографија пред американската публика.
По премиерата се одржаа дискусии меѓу режисерот и членови на индустријата, како и разговори со публиката. Светските права за дистрибуција на македонскиот филм “М“ ги поседува американската компанија OneTwoThree Media.
Култура
Режисерот Илија Пиперкоски: „Раскажи песно“ ги разоткрива приказните вткаени во ткивото на чалгиските и староградските песни

Во прославата на културното богатство и безвременските традиции, и како дел од активностите за достојно одбележување на празникот Св. Климент Охридски – Патрон на градот Охрид, денес, на 8-ми декември ќе се одржи премиерата на документарниот филм „Охрид, Охрид убав мил“ на режисерот, охриѓанецот, Илија Пиперкоски.
– Ми преставува чест што оваа година, програмата ќе заврши со проекција на мојот филм „Охрид, Охрид убав мил. Како режисер на овој проект, со задоволство презентирам серијал што ги истражува душевните наративи вградени во македонските народни песни, особено фокусирајќи се на чалгиските и староградските мелодии. Оваа серија е визуелно патување во срцето на македонското наследство, додека навлегуваме во универзалниот јазик што ги поврзува генерациите – музиката. Документарниот серијал „Раскажи песно“ се обидува да ги разоткрие приказните вткаени во ткивото на чалгиските и староградските песни, претставувајќи го културното богатство на Охрид, град со право наречен „музеј“ и „уметничко богатство“ низ вековите.
Филмот „Охрид, Охрид, убав Мил“, служи како вовед во серијата, истражувајќи го потеклото и инспирацијата зад иконската песна која е како химна на Охрид. Оттаму, секоја епизода расплетува нова народна песна, навлегувајќи во обичаите, навиките и обичните случки од минатото на Охрид. Серијата кулминира со рефлексивно финале, истражувајќи го наследството што го оставија овие песни и нивното трајно влијание врз современите генерации.
– Како режисер, мојата визија за документарниот серијал „ Раскажи песно “ е да го премости јазот меѓу генерациите, зачувувајќи го и славејќи го културното наследство вградено во мелодиите на чалгиските и староградските песни. Ја поканувам публиката да ни се придружи на ова емотивно доживување и патување, каде секоја нота е чекор во живата историја на Охрид и македонскиот народ.
Синопсис:
„ Раскажи песно “ е документарна серија која ја разоткрива културната таписерија на македонските народни песни, особено фокусирајќи се на чалгиските и староградските песни. Серијата ја истражува длабоко вкоренетата традиција на раскажување приказни преку музика, откривајќи го универзалниот јазик кој поврзува генерации и го зачувува идентитетот на еден народ. Поставена на позадината на античкиот град-музеј на Охрид, секоја епизода навлегува во богатата историја на една народна песна, оживувајќи ги приказните и емоциите вткаени во нејзините текстови.
Култура
Премиера на „Демнејќи го Годо“ од Драго Јанчар во Театар Комедија

На 12 декември (вторник), со почеток во 20 часот, на малата сцена на Театар Комедија ќе се случи премиерата на пиесата „Демнејќи го Годо“ од словенечкиот писател и драматург Драго Јанчар. Станува збор за прва копродукциска соработка помеѓу Турскиот театар од Скопје и Театар Комедија, на која се работеше речиси три месеци. Режисерка на „Демнејќи го Годо“ е Сибел Авдиу, а во претставата играат: Жаклина Стевковска-Дрнасин, Едмонд Сотир, Сузан Акбелге, Селпин Ќерим и Џенап Самет. Сценографијата ја изработи Луиџи Бејта, костимите се дело на Ивана Каранфиловска, кореограф на претставата е Александра Кочовска-Начева, а автор на музика е Аљбин Сопа.
− Делото „Демнејќи го Годо“ на Драго Јанчар, коешто може да се каже дека е еден вид парафраза на апсурдната класика „Чекајќи го Годо“, прикажано во едно поинакво време и во поинаква средина, сепак се занимава со стравот, сомнежот и контролата на општеството со помош на тие механизми и го обликува постоењето на човекот. Но, без разлика на тоа што овој драмски текст е сериозен во однос на тематиката, сепак мајсторијата на Јанчар е во тоа што успеал сето тоа да го покаже низ една призма на апсурдни ситуации, кои сами по себе може да се толкуваат и како комични, а во суштината се трагични. Со оглед на тоа што ова е прва копродукција помеѓу НУ Театар Комедија и НУ Турски театар Скопје, кои долги години делат ист покрив, работев со Жаклина Стевковска и Едмонд Сотир од Театар Комедија, и Џенап Самет, Селпин Керим и Сузан Акбелге од Турски театар кои првпат се споија во овој проект, а самата соработка ни донесе многу креативен и забавен процес – вели режисерката Сибел Авдиу за предизвикот да се работи на оваа пиеса на Јанчар.
Со „Демнејќи го Годо“, Јанчар ќе се претстави третпат пред македонската театарска публика, откако претходно, во 1986 и во 1990 година, во Македонскиот народен театар во Скопје и Народниот театар во Прилеп беше поставен текстот „Големиот брилијантен валцер“.
„Демнејќи го Годо“ е четврта премиера на Театар Комедија во 2023 година. Оваа година, Театар Комедија ќе ја затвори со уште една премиера, „Череп во Конемара“ од Мартин Мекдона, а во режија на Јане Спасиќ. „Череп во Конемара“ ќе биде јубилејна, 40-та претстава на Театар Комедија од неговото основање во 2011 година.