Култура
Костадиновска-Стојчевска: Конзерваторите од Солун и Битола даваат долгорочна заштита на вредниот фрескоживопис во Курбиново

Македонските и грчките конзерватори денеска ги презентираа досегашните резултати од соработката меѓу НУ Завод и Музеј – Битола и Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун на проектот „Конзервација на ѕидното сликарство на црквата ‘Св. Ѓорѓи’ во с. Курбиново“.
На презентацијата на стручните информации за оваа важна фаза во долготрајната заштита на овој вреден споменик на културата од византискиот период присуствуваа министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, амбасадорката на Република Грција, Софија Филипиду, генералниот конзул на Грција во Битола, Александрос Видурис, директорката на НУ Завод и Музеј – Битола, Мери Стојанова, со тимот конзерватори, како и директорката на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Флора Карајани.
Koстадиновска-Стојчевска посочи дека соработката меѓу Заводот и Музеј – Битола и реномираниот Европски центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун почна пред две години со потпишувањето меморандум за соработка.
„Во изминатиот период колегите од Заводот и Музеј – Битола и од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, по потпишаниот меморандум, ги здружија професионалноста, техничките можности, знаењето, искуството, резултатите од претходните истражувања и современите методи и посветено се вложија во проектот на кој со децении се чекаше“, рече Костадиновска-Стојчевска. Додаде дека заедничката работа на колегите од Солун и од Битола донесе високостручна конзервација на фрескоживописот од 12 век, на оригиналните фрески, меѓу кои е и фреската на архангел Гаврил, познатиот ангел од Курбиново.
„И стручната и пошироката јавност со право чекаа и бараа итна заштита на исклучително вредното културно наследство на цркавата ‘Св. Ѓорги’ во Курбиново, чии фрески се редок пример на византиското ѕидно сликарство. Сведочиме на резултати што со децении ги посакувавме, а кои ги добиваме токму сега работејќи посветено, со грижа и поддршка што засилено ги вложуваме во заштитата на Курбиново во последниве пет години“, рече таа.
„Со стручност и план, со предвидената динамика, Курбиново конечно добива долгорочна заштита, а заедничкото византиско културно богатство – достојна грижа и афирмација“, додаде таа.
На настанот Костадиновска-Стојчевска истакна дека конзервацијата на ѕидното сликарство на еден од највредните споменици на културата од византискиот период даде свој придонес и за унапредување на културната соработка и билатералните односи меѓу двете земји, размена на искуства и поврзување на стручната јавност.
„Оваа соработка е модел за идна соработка во сферата на заштитата и во афирмацијата на заедничките културни добра“, рече министерката за култура.
Во оваа фаза од конзервацијата стручните лица користеа современи технологии и техники на истражување, ласерско скенирање на објектот, инфрацрвена камера, мултиспектрална камера и други техники за да се утврди како некогашните зографи работеле и ја граделе црквата „Св. Ѓорѓи“.
Како што најавија од надлежната институција, Завод и Музеј – Битола, активностите над вредната црква е планирано да завршат до крајот на годинава кога ќе имаме завршен и комплетиран споменик од конзерваторски аспект во однос на архитектурата и ѕидното сликарство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Нарацијата во книжевноста и филмот: Румена Бужаровска и Ана Василева дел од „Браќа Манаки“

На 22 септември, со почеток од 17.30 часот, во битолска „Магаза“, Румена Бужаровска и Ана Василева ќе поразговараат за нарацијата во уметноста и филмот како дел од меѓународниот филмски фестивал „Браќа Манаки“.
„Никаде не одам“, „Мојот маж“ и „Осмица“ од Румена Бужаровска – едни од најчитаните и најпреведувани збирки раскази во нашата земја – се одлична илустрација за визуелниот јазик на раскажувањето, а и за други теми што ќе ги опфати овој едночасовен дијалог. На македонската јавност Бужаровска и Василева ѝ се воедно познати како дуото што стои зад прочуената иницијатива за раскажување женски приказни, „ПичПрич“.
Овој разговор ќе биде вовед во Меѓународниот фестивал на филмската камера, кој со слоганот „Прекрасното непознато“ оваа година се одржува 44 пат.
Култура
Костадиновска-Стојчевска за јубилејот на Институтот за национална историја: Минатото е работа на историчарите, кои ги респектираат фактите

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска, се обрати на меѓународниот научен симпозиум по повод 75 години од основањето на Институтот за национална историја, кој се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.
Костадиновска-Стојчевска во обраќањето упати честитки за јубилејот 75 години Институт за национална историја, како што рече, институција од огромна важност за иднината на македонската држава.
„Затоа, основањето на Институтот за национална историја во 1948 година е исклучително важен и, би рекла, далековид чин за нашата држава. Во текот на годините Институтот прераснува во развиена научна установа, со респектиран научен кадар и институција подготвена да се соочи со многубројни предизвици. И во оваа пригода, на сите што го основаа, го подигнаа и го етаблираа Институтот за национална историја им благодарам што подигнаа здрав бедем“, потенцира Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура изрази уверување дека идејата на Институтот за денешната меѓународна конференција „Европа и Македонија: идеи, процеси и личности“, на која учествуваат врвни научници, истражувачи и интелектуалци од Унгарија, Полска, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и од Северна Македонија, ќе ја потврди суштината на зборовите дека идентификувањето на случувањата во минатото е работа на историчарите што ги респектираат фактите.
„Наша заедничка должност е и да ја поттикнеме страста за истражување и откривање на историските процеси, особено меѓу младите. Историјата, не како товар, туку како идентитетска карта на една држава, која му припаѓа на европското семејство и на европските вредности. И Институтот за национална историја има огромна улога во тоа“, рече Костадиновска-Стојчевска.
На отворањето на дводневниот симпозиум, кој се одржува денеска и утре во МАНУ, се обратија и проф. д-р Драги Ѓоргиев, директор на Институтот за национална историја, и проф. д-р Билјана Ангелова, ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Беа доделени и благодарници на пензионирани вработени во оваа јавна установа.
Култура
Филмаџиите добија уверување од министерката за култура дека ќе им бидат вратени буџетските средства

Претставниците на филмските режисери и продуценти се сретнаа со министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во врска со барањето за повлекување на предлогот за кратење на буџетот за филмска дејност во тековната 2023 година и овозможување користење на средствата од посебната сметка на Агенцијата за филм.
„Добивме уверување од министерката за култура дека ќе ни бидат вратени буџетските средства, но не во декември, како што првично беше најавено, туку во согласност со предвидената динамика на реализација на филмските проекти. Се надеваме дека повеќе нема да има вакви паушални кратења на финансиски средства без претходни консултации со филмската фела и Агенцијата за филм, туку, напротив, во согласност со европските трендови веруваме дека буџетот за филм ќе биде зголемен“, истакнаа филмаџиите.
Тие рекоа и дека со министерката за култура била договорена дополнителна средба во однос на дефинирање на буџетот за филм во 2024 година, како и за други работи што ги засегаат филмаџиите, со посебен акцент на статусот на филмските работници, нивното здравствено и социјално осигурување, како и за неопходноста за донесување нов закон за филм според европски стандарди.