Контакт

Култура

Лауреатот на Златна камера 300, Камински со порака на „Браќа Манаки“: Едвај чекам да се видиме во Македонија

Објавено пред

На синоќешниот настан за одбележување на 41. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој се одржа во Музеј и завод Битола пристигнаа почитувачите на фестивалот од Битола, министерката за култура, Ирена Стефоска, директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, филмски професионлаци, претставници на дипломатскиот кор, љубители на филмската уметност. Пред присутните гости се обрати покровителот на фестивалот, Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој рече дека „Браќа Манаки“ е еден од најзначајните културни настани во нашата земја, настан во кој е вткаена богата историја, многу ентузијазам и љубов кон филмската уметност.

„Благодарение на овој фестивал, Битола и нашата држава се препознаени во светот на седмата уметност. За жал, годинава го нема црвениот тепих и препознатливиот гламур пред Центарот за култура во Битола, ги нема филмските проекции и полната киносала, ги нема драгите гости од светот на филмот. Пандемијата со Ковид-19 ги промени сите планови и предвидената програма за 41. издание на „Браќа Манаки“. Сепак, традицијата продолжува, и во скратена и во изменета форма фестивалот и понатаму живее“, рече претседателот Пендаровски.

Тој им честита на годинашните добитници: Јануш Камински, лауреат на Златна камера 300 за животен опус и Столе Попов, кому му беше доделена наградата на ДФРМ „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.

„Токму деновите на пандемијата ни покажаа колку е важна уметноста и, особено, која е моќта и улогата на филмот. Се разбира дека искуството на гледање филм на големото филмско платно е незаменливо и верувам дека со нормализирањето на состојбата, повторно, со зголемен ентузијазам и со љубопитност ќе се вратиме во кината“, додаде претседателот Пендаровски.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска говореше за тоа дека фестивалот „Браќа Манаки“ го одржува пулсот на градот Битола. „Во градот во којшто катадневно се случуваат низа настани, кој постојано живее со културните настани, градот којшо ја чува уметностао д античко време, од Хераклеа до секоја фасада во нашиот град. Токму во овој град може да се спакуваат низа животни ситуации и да претставуваат мотив за следни кинематографски изданија. Сето ова е длабок мотив да го сочувате фестивалот, дури и во вакви околности во кои се наоѓаме, како што е пандемијата. Сето ова е мотив повеќе и ние да оставиме нешто за следните генерации“, рече Петровска и им честита на годинашните добитници на наградите, какао што рече, „со многу повеќе верба во следното“.

Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмски работници, годинава му припадна на една од најистакнатите личности на македонската кинематографија, режисерот Столе Попов. Наградата свечено му ја врачи претседателот на ДФРМ, Игор Иванов, кој истакна дека во филмската уметност повеќе од која било друга националниот предзнак е исклучително важен.

„Кога настапуваме на фестивали, го пишува на земјата и таму се вее знамето на нашата земја Македонија, Република Северна Македонија. Ако треба со некое име на автор да ја означам нашата кинематографија, македонската кинематографија – тоа несомнено е Столе Попов“, рече Иванов потсетувајќи на најважните награди признаија на Попов која кулминираше со номинацијата за Оскар за документарен филм во 1979 година, за „Дае“.

„Филмовите на Столе Попов не излегуваа од киносалите, репликите од неговите филмови се дел од урбаниот живот и жаргон на скопјани, на луѓето од Битола, на сите кои живееме овде. Тој е несомнено еден од најголемите културни дејци на времето кое го живееме и во годината во која нашето Друштво на филмските работници на Македонија ја одбележува 70-годишнината од своето постоење, исклучително ми е драго што нашето најголемо признание „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ ќе му ја доделиме на Столе Попов“, рече Иванов.

Заблагодарувајќи се за наградата Попов рече дека секоја награда со годините може да се релативизира, но сепак има два типа на признанија кон кои не може да биде индифирентен и ги прима со голема радост, а тоа се наградите од публиката и од колегите. „Секој што се занимава со филм знае за тешкиот и макотрпен пат да се дојде до филм, тоа се илјадници помали и поголеми битки, од најтешката битка со самиот себе си за да се оствари визијата која ја носите во себе и на најсугестибилен начин да ги придобиете соработниците со кои работите за да од практично ништо направите нешто што публиката ќе го засака и ќе го гледа и тоа нема да се изгуби со текот на времето. Моите филмови главно се занимаваат со вечната тема во кинематографијата, тоа е пред се’ слободата и љубовта. Нема ништо поиманентно за слободата од идентитетот на човекот, неговиот јазик, неговата култура, неговата духовност и духовноста на средината во којашто живее. Би сакал да скренам внимание на луѓето кои се занимаваат со политика да не забораваат и да не ги занемаруваат тие фундаментални вредности на светската кинематографија и демократија, кои се’ почесто се занемаруваат и губат. Да имаат една работа на ум дека со сила и на сила убавина нема”, рече Столе Попов.

Преку видео порака се вклучи Кеес ван Острум, новоизбраниот претседател на ИМАГО, меѓународната асоцијација на кинематограферите, која во фестивалот „Браќа Манаки“ препозна свој партнер уште од 1995 година. „Извонредно е тоа што членовите Друштвото на филмски работници се’ уште го одржува атво добра форма“, рече ван Острум.

Возбудлив момент на ова одбележување на 41. издание на „Браќа Манаки“ беше обраќањето на годинашниот лауреат на Златна камера 300 за животен опус, оскаровецот Јануш Камински, големиот полско – американски и светски кинематографер, кој своето обраќање го почна на македоски јазик:

„Здраво пријатели, како сте? Огромна чест ми е што сум добитник на Наградата за животно дело од Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Се чини дека сум најмладиот добитник. Сепак, се вели дека годините се само бројка.
Би сакал да им честитам и на сите филмски професионалци признаени од фестивалот за нивната работа. Ви честитам.
Едвај чекам да ја посетам Битола, едвај чекам да се сликам пред споменикот што ги прикажува браќата Манаки. Какви изумители! Какви иноватори! Ја создале современата кинематографија! Освен тоа, не можам да ви опишам колку ми е мерак што ќе ја посетам Македонија,и ќе пијам Мастика. Не дека сум некој голем пијач, но сакам да дегустирам различни видови алкохол.

Од друга страна, на полично ниво, морам да се пофалам каква среќа имам што сум кинематографер. Мислам дека тоа е најчудесната професија на светот, да можеш да се изразиш себеси естетски и уметнички преку светлината и сенките. Тоа е уметничка форма што полека, но сигурно исчезнува. Би сакал да ја нагласам важноста на визуелното раскажување. Би сакал да ја нагласам важноста на сенките и светлината. На сите млади кинематографери што ме гледаат им порачувам – мора да работите на вашата уметност, мора да работите на вашиот занает. Работата не е во тоа само да покажете слика, поентата е во визуелните метафори, во раскажувањето приказна преку композицијата, движењето на камерата, и светлината и сенките.
Ви посакувам добра среќа на сите. Уште еднаш ви благодарам за оваа награда. Како што веќе кажав – Едвај чекам да се видиме во Македонија“, порача Камински.

Амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнс рече дека е достојно за почит се одржува наследството на браќата Манаки и овој фестивалот.
„Г-дине Камински, со вашата неприкосновена исклучителност направивте едни од највпечатливите и најважни филмови во последниот четврт век да бидат доживеани на филмското платно. Г-дине Попов, со вашата исклучителна работа придонесувате не само за афирмацијата на националната кинематографија, туку придонесувате и кон светското филмско богатство. Во последните неколку месеци, додека ја живеевме новата реалност на карантини и полициски часови, всушност филмската уметност во сите свои различни форми и која ја гледаме на различни начини беше она што успеа да не’ одржи во некаков вид на нормалност, успеа да ни ги одвлече мислите, да не’ занимава и да ни даде надеж. А всушност, луѓето на кои им е посветен овој фестивал – кинематограферите, се срцето на оваа уметничка форма. Тие се оние луѓе што стојат зад камерата и кои што ги оживуваат приказните, преку кои што понатаму ние можеме да се поврземе“, рече амбасадорката Брнс.

Од името на фестивалот зборуваше директорката на “Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска, која кажа дека веќе се подготвува следното издание на фестивалот.

„Подготвуваме квалитетна програма за да поканиме филмски уметници кои ќе бидат вистинските јунаци на новите слики, да ни дојдат гости и посетители од целата наша земја, регионот, како и што се случуваше во последните години. Би сакала да им се заблагодарам на сите што го сакате фестивалот, што го поддржувате, и ја поддржувате филмската уметност, колку и да е интересна, колку и да е, можеби, комплексна, но се обидувате секогаш да навлезете во нејзината слика како да сте вие дел од неа. Многу ќе ми недостасуваат, и мислам дека на сите ни недостасуваат, тие осум дена полни со адреналин кога трчаме од едно до друго кино. Знам дека целата оваа година, на идното издание догодина, ќе им ја раскажуваме на нашите гости, кои што ќе ги пречекаме овде во Битола, а тие ќе бидат растрчани од Центарот за култура, до Малата сала, до Големата сала, до Магазата, до Пациото и до новото Кино Манаки, кое што Општина Битола, сепак, успеа да го направи. Драги мои пријатели, многу ви благодарам што овој еден час, овој драгоцен час за нашиот мал тим, бевте со на“, рече Теодосиевска.

Битола од ова лето има уште едно, ново кино, на местото на некогашното кино, но пандемијата ја спречи промоцијата на новата киносала „Манаки“. Публиката имаше можност да види видео материјал за оваа нова културна и филмска точка на Битола.

Маја Андоновска – Илиевски, како водител и домаќин на настанот изрази благодарност до ДФРМ, Министерството за култура, Агенцијата за филм, Општина Битола, Кинотеката на Северна Македонија, Вардар филм, Заводот Музеј, Битола, Музејот за современа уметност, Скопје, но и благодарност до пријателите на фестивалот кои и во оваа тешка година се со него: Имаго, МекКен –Скопје, Комерцијална Банка, Тиквеш, Божиновски накит и часовници, Турскиот културен центар – Јунус Емре, Халк банка, Леиц и Вертиго Вижуал.

Годинава УО на ДФРМ донесе одлука дека ИФФК „Браќа Манаки“ нема да се одржи во својата реална форма. Основен мотив за оваа одлука е зачувувањето на здравјето на публиката, гостите и филмските работници во непредвидливата ситуација со пандемијата и негативниот ефект што оваа состојба ни го наметнува во сите сегменти на нашиот социјален живот.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура

Театарската претстава „Кожурец“ вечерва и утре во МКЦ

Објавено пред

Денеска и утре со почеток од 21 часот во МКЦ (сала 25 мај) ќе се изведе новата театарска претстава „Кожурец“, во продукција на независното здружение Артопија.

Работена според вистинска приказна, претставата Кожурец го отвора просторот на комплексните односи помеѓу премолчувањето и прозборувањето, барајќи го во театарскиот контекст јазикот да прозбори за внатрешните и надворешни механизми на сексуалната злоупотреба на деца. Претставата претставува своевиден емотивен пејсаж на една траума, преиспитување на репрезентацијата во театарот, збир на сцени, слики и песни, добиени како материјал од истражувачкиот процес.

Текстот и драматургијата се на Билјана Радиноска и Верица Недеска. Улогите ги толкуваат Душица Настова, Кристина Леловац, Симона Спировска, Наташа Петровиќ.

Претставата е во режија на Билјана Радиноска, а продуцент е Филип Николовски.

Настаните ќе бидат организирани согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Билетите по цена од 300 денари се достани на билетарница во МКЦ.

Бројот на посетители е намален, носењето маски е задолжително за време на целиот настан.

Прикажи повеќе...

Култура

Доделени наградите на „Литера“

Објавено пред

Сликовницата „Бел“, по текст на Ника Гавровска и илустрации на Ристо Аврамовски ја доби наградата за најдобро илустрираното дело во изминатата година на Меѓународниот фестивал за литература и илустрации за деца „Литера“ од Скопје. Оваа награда на пиедестал го става визуелното решение на делото. Три награди фестивалот додели за најдобри сликовници или книги за деца, вреднувајќи го текстот во делата. На конкурсот учествуваа нешто помалку од 30 изданија.

За најдобра сликовница за предучилишна возраст е прогласена „Ежето Снеже“ од Неше Рамовиќ, а илустрации на Иванка Нива, во издание на „Art & Art studio Batev“. Во категоријата литература за деца од 6 до 13 години, за најдобра книга е прогласена „Брзоплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ од Катерина Трајановска (илустрации на Калиопи Трпчева) во издание на „Арс ламина“, а во категоријата книги за млади – наградена е авторката Билјана С.Црвенковска за „Ѕвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ со илустрации на Нита Муча, како книга-нопак (книга што се чита одзади) издание на „Чудна шума“.

Фестивалот „Литера“ прва година доделува награди за најдобрите изданија. Идејата е да се поттикне и да се поддржи литературата и илустрацијата за деца.

За наградата за најдобро илустрирано дело одлучи жирито во состав: Ване Костуранов, Софија Семенпеева-Трајановска и Емилија Ќипроска.

За книжевните награди одлучи жирито во состав: Весна Мојсова-Чепишевска, Александра Јуруковска и Ангела Трајковска.

Во рамките на „Литера“ беше доделена и награда за најдобро дете-автор на 11-годишната Јана Ѓорѓијевска од Скопје.

Третото издание на „Литера“ ќе се одржи на 3 јуни 2021 година. Организатор на фестивалот е Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“.

Прикажи повеќе...

Книги

Промоција на „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски

Објавено пред

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје известува дека во рамките на Фестивалот на европската литература „BookStar“ в среда (21 октомври) со почеток во 19 часот во Кинотека на Северна Македонија ќе биде промовиран романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски.

„Скриени желби, немирни патувања“ е трет роман на Владимир Јанковски. Во него преку комбинацијата на педесетина приказни за ликови од различни географски меридијани и приказни за четири лика од Скопје, авторот се занимава со прашањата за тоа како луѓето ја гледаат „својата приказна“, колку конструкцијата на тоа што сме или што сакаме да бидеме е виртуелна имагинација, каков може да биде индивидуалниот одговор на притисокот да се биде успешен, како понекогаш потрагата по себеси и бегството од себе се поклопуваат, кој е нашиот дел, парче, фрагмент во големото шаренило на светот…

„Скриени желби, немирни патувања“ истовремено е и роман за патувањата низ надворешните и внатрешните простори, роман што ги истражува разликите, пресекувањата и поклопувањата на овие навидум различни територии. Комбинацијата од непристрасен поглед на камера и лично обоено раскажување го создава необичниот тон на книгата, кој е еден од најважните аспекти на книгата.

Промоцијата е замислена како разговор со авторот, кој ќе го води писателот Владимир Мартиновски. Во рамките на промоцијата ќе бидат претставени и две видеа со извадоци од романот, направени врз основа на фотографиите на македонскиот фотограф Дејан Колевски.
Владимир Јанковски (Скопје, 1977 година) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во повеќе издавачки куќи. Објавил три романи, две книги фотоесеи во соработка со фотографот Иван Блажев и книга разговори со Влада Урошевиќ. За романот „Невидливи љубови“ ја добил наградата „Рациново признание“ и бил македонски кандидат за наградата „Балканика“.

Настанот ќе биде организиран во согласност со протоколите за организирање настани во затворен простор. Бројот на посетители е намален, носењето маски е задолжително за време на целиот настан. Гостите се замолуваат да дојдат 15 минути пред почетокот на настанот.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија12 минути

Од денеска кафулињата и рестораните ќе работат до 23 часот

Од денеска угостителските објекти ќе работат со скратено работно време. Владата на вчерашната 13. седница, ги разгледа и прифати препораките...

Свет37 минути

(Видео) Трамп го напушти интервјуто зошто новинарката не носела маска

Американскиот претседател Доналд Трамп нагло го прекина интервјуто за емисијата „60 минути“ на Си-Би-Ес њуз и не се врати на...

Свет50 минути

Коронавирусот ќе остане меѓу човечката популација како грип

Еден од најважните британски научници, Патрик Валанс, изјави дека коронавирусот веројатно ќе стане трајно заболување како грипот, доколку вакцината против...

Македонија1 час

Администрацијата ќе работи од дома или со ротации

Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести целата државна и јавна администрација, општините и судовите, согласно принципот на...

Регион12 часа

Рама: Мора да избегнеме затворање на земјата поради Ковид-19 по секоја цена

Во Албанија има 301 случај на новозаболени од коронавирус, а четворица пациенти починаа, соопштија здравствените власти на таа земја. Во...

Свет13 часа

Папата Франциско првпат носеше маска на молитва за мир во светот

Папата Франциско првпат носеше маска за време на вршењето на својата јавна функција кога денес присуствуваше на молитва за мир...

Македонија14 часа

Заев го прифати барањето за разрешување на Димова

Премиерот Зоран Заев ја информира Владата дека го прифатил барањето на заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и...

Македонија14 часа

Угостителските објекти ќе работат до 23 часот

Владата, на денешната 13. седница, ги разгледа и прифати препораките на Комисијата за заразни болести да се ограничи работно време...

Македонија16 часа

408 нови случаи на Ковид-19 во земјата, починаа 4 лица

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 2140 тестирања, а регистрирани се 408 нови случаи на...

Македонија17 часа

Филипче: Мерките за заштита од Kовид-19 мора итно да се донесат

Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека мерките за заштита од Kовид-19, кои се во Собранието, мора итно да се...

Македонија19 часа

Собранието не расправаше за новите мерки, опозицијата побара дополнително време за да ги разгледа

На барање на опозицијата, во Собранието денеска не се расправаше за измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението...

Македонија21 час

Заев: Директорот на Македонска пошта, Ејуп Рустеми од ДУИ, ќе биде директор на ЈП „Државни патишта“

Актуелниот директор на Македонска пошта, Ејуп Рустеми од ДУИ, ќе биде назначен за директор на ЈП„Државни патишта“, потврди денеска премиерот...

Македонија21 час

За една недела 49 лица починале од коронавирус во Македонија

Министерството за здравство информира дека согласно извештајот на Институтот за јавно здравје кој се однесува на периодот од 12 до...

Европа22 часа

Ломбардија воведува полициски час од 22 октомври

Од 22 октомври ќе се воведе полициски час во северната италијанска покраина Ломбардија, која се смета за „локомотива“ на италијанската...

Македонија22 часа

(Видео) Заев: Оваа Влада ќе го негува и унапредува македонскиот јазик

Сè дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците, сè додека постојат Македонците ќе постои и македонскиот јазик, изјави премиерот...

Македонија23 часа

МОН објави упатство: Наставниците да го прилагодат оценувањето согласно учењето на далечина

Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование ги известија училиштата за начинот на следење и оценување...

Европа24 часа

Курц: До следното лето ќе се вратиме во нормала

Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, верува дека вакцината против коронавирус ќе биде достапна во првата половина на следната година. „До следното...

Македонија1 ден

Весковски: Водоснабдувањето во Скопје нормализирано, ваков дефект се јавува еднаш на 10 години

Водоснабдувањето кое во текот на вчерашниот ден беше прекинато во голем дел од Скопје, како резултат на голем дефект на...

Македонија1 ден

Новите мерки против коронавирусот на дневен ред во Владата и Собранието

Новите мерки во борбата против коронавирусот денеска ќе се најдат на седници на Владата и на Собранието. Владата треба да...

Свет1 ден

Во Москва 49 нови смртни случаи од коронавирус за 24 часа

Рускиот главен град во понеделникот регистрираше 49 нови смртни случаи поврзани со коронавирус, соопшти Московскиот кризен штаб. „Четириесет и девет...

Досие