Култура
Лесновска ликовна колонија во Куманово

На 20 февруари, четврток, со почеток во 12,30 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена 32-та Меѓународната Лесновска ликовна колонија. Изложбата содржи триесеттина дела работени во повеќе ликовни техники.
Меѓународната Лесновска ликовна колонија започнува да се организира далечната 1992 година. Организатор на колонијата е Дом на културата „Злетовски рудар“ – Пробиштип ,со финансиска подршка од Општина Пробиштип, a оваа година е избрана на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата 2024 год. Денес таа прераснува во голема културна манифестација и е препознатлив белег на општина Пробиштип. Стотици уметници од многу краеви на светот учествувале на Лесновската ликовна колонија, зад себе оставајќи голем број на уметнички дела кои се дел од богатата збирка на уметнички дела при Домот на културата „Злетовски рудар“ – Пробиштип.
На 32 –вата Лесновска ликовна колонија учество зедоа 17 уметници, најмногу од нашата држава но и уметници од Бугарија и Канада. На оваа колонија се насликаа 34 уметнички дела. Колонијата се одржа од 25.06.2024-30.06.2024 година. Уметници учесници на 32–та Лесновска ликовна колонија се: Бисер Лапев, Васил Гаврилов, Бојан Тосевски, Христина Стојчевска, Јулија Манојловска, Десислава Лапева, Зоран Нанев, Ива Станковска, Иштар Бисерова Лапева, Мајк Клоус, Ѓоко Антониев, Маринела Миланова, Мики Иванов, Пирин Македонски, Трајан Трајковски и Филип Добривоевски.
Изложбата ќе биде поставена до 05.03.2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Македонскиот народен театар на „Стериино позорје“ во Нови Сад

Македонскиот народен театар со особена чест ја прими веста за селекцијата за учество на 70. „Стериино позорје“, Нови Сад. На денешната прес-конференција, 25 март, во 12:00 часот, од страна на д-р Ана Тасиќ – селектор, д-р Мирослав Радоњиќ – директор на „Стериино позорје“ и Горан Ибрајтер – извршен директор на „Стериино позорје“, беа соопштени селектираните театарски куќи и претстави. Во селекцијата е и нашата претстава „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин.
Овогодишното 70. „Стериино позорје“ ќе се одржи од 26 мај до 3 јуни 2025 година, под мотото „Создавање историја/менување на иднината“. Покрај МНТ во натпреварувачката програма учествуваат и: Загребачко казалиште младих, Црногорско народно позориште, Атеље 212, Југословенско драмско позориште, Српско народно позориште, Нови Сад и други.
Последното учество на МНТ беше пред 22 години на 29 мај 2003 година со претставата „Павиљони“ од Милена Марковиќ, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. Последните награди кои ги добива МНТ се на тогашните 30. Југословенски театарски игри „Стериино позорје“, Нови Сад, што се одржа од 26 мај до 3 јуни 1985 година: Награда за претстава во целина за „Среќна нова ’49“; награда за режија за Слободан Унковски за „Среќна нова ’49“; награда за актерско остварување на Ненад Стојановски за улогата на Пиги во „Среќна нова ’49“ и награда за сценографија за Динка Јеричевиќ за „Среќна нова ’49“. Следната 1986 година, наградата за особени заслуги ја добива и режисерот Димитар Ќостаров.
Култура
Поради трагичниот настан во Кочани, МНТ го одложи спектаклот „Сонцето, колку е блиску сонцето“, Made in MNT“ за наесен

Македонскиот народен театар соопшти дека поради трагичниот настан во Кочани, закажаниот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето!, Made in MNT“, во режија на Дејан Пројковски, што требаше да се одржи во четврток, 3 април, по повод одбележувањето на 80-годишнината од постоењето на оваа установа, се одложува за наесен.
Како што е најавено, во чест на кревањето на црвената завеса и првата изговорена реплика пред 80 години, на 3 април во Македонскиот народен театар ќе се одржи маратон со следниот распоред: во 10 и во 12 часот ќе се одиграат двете изведби на детската претстава „Распеана турлитава“, а од 18 часот следуваат „Бели ноќи“, „Мој термин“ од 19 часот и „Торонто експрес“ од 21.30 часот.
„Следниот ден, на 4 април, директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, патува во Атина, каде што во чест на одбележувањето 80 години МНТ, а во рамките на Европската театарска конвенција (ETC), ќе има официјално обраќање. Меѓународната театарска конференција на ETC, со наслов Thrive Theatre Thrive! Keep the Flame Alive, ќе се одржи од 3 до 7 април 2025 година во Националниот театар на Грција во Атина. Со обновување на членството на Македонскиот народен театар во ETC, која е водечка и значајна мрежа на јавно финансирани театри во Европа, со 63 театри членки од 31 земја, ETC е посветена на промовирање на современата драма, олеснување на уметничките размени и поттикнување на културната разновидност во европската театарска уметност. Организацијата служи како платформа за дијалог, демократија и интеракција со цел да рефлектира и да привлече разновидна публика и општества во постојан развој, соопштија од МНТ.
Во рамките на 80 години МНТ на 5 април на малата сцена публиката ќе ја гледа „Поетроника“ во новиот суптилен и културолошки значаен проект на Оливер Митковски и Андреја Салпе, што вешто ја спојува современата македонска поезија со електронската музика.
Мултисензорно искуство, каде што музиката, поезијата и боите од видеоартот ќе раскажат сосема нова приказна вторпат во МНТ. Билетите ќе бидат бесплатни и ќе се подигнуваат на денот на изведбата.
„Ви благодариме за разбирањето и за поддршката во овие тешки моменти и упатуваме најдлабоко сочувство до сите што тагуваат“, велат од МНТ.
Култура
„Травијата“ од Џузепе Верди на сцената на Националната опера и Балет на 29 март

Една од најомилените претстави на македонската публика, операта „Травијата“ од Џузепе Верди ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 29 март со почеток во 20.00 часот.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер, креирајќи моќна продукција чии главни атрибути се смелото сценско дејствие и визуелниот квалитет, сценограф и костимограф е Софија Шнајдер (Германија), кореограф: Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор, Јасмина Ѓорѓеска.
Во улогата на Виолета Валери ќе настапи Наде Талевска, во улогата на Алфред Жермон ќе настапи Благој Нацоски, во уогата на Жорж Жермон, Марјан Јованоски, во останатите улоги настапуваат: Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска Василевски, Васко Здравков, Драган Ампов, Дејан Стоев, Борко Биџовски, Игор Гиновски, Тихомир Јакимовски, оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
Еден од темелите на светскиот оперски репертоар, партитурата на „Травијата“ изобилува со фантастични музички сегменти што уживаат огромна популарност на оперските и концертни подиуми ширум светот. Токму генијалната музика, но и комплексното „безвременско“ либрето напишано според романот „Дамата со камелии“ и живописните ликови кои зборуваат за универзалноста на човековата природа ја сместуваат „Травијата“ меѓу најпопуларните и истовремено најинтимни оперски ремек-дела на Џузепе Верди.