Култура
Ликовната изложба „Современата уметност во Битола“ во Палатата на културата

Културниот центар од Битола ја најавува респектибилната ликовна изложба „Современата уметност во Битола“. Оваа изложба, како што велат од таму, претставува единствен ваков пресек на автори и дела поврзани со Битола. На изложбата, како што се наведува во информацијата, биле поканети да учествуваат со свои дела уметниците што работат и творат во Битола, ченовите на ДЛУБ , уметниците што се родени или потекнуваат од Битола и околината, но и оние што живееле и работеле на тие простори и своите дела ги инспирале од пределите, луѓето и настаните во овој град, како и наследниците на уметниците, кои веќе не се помеѓу нас, но како завештание ги чуваат нивните дела.
„Сите тие благородни луѓе, уметници и творци ги отстапија делата на уметниците чие име продефилирало во градот и оставило трајни ликовни вредности и на тој начин придонесоа денес да ја имаме оваа изложба. Голема е благодарноста и до приватните колекционери на ликовни дела, кои покажаа несебичност и доблест да ги одстапат делата што се во нивна соопственост како би биле застапени сите значајни ликовни автори. Тука би ги издвоиле колекционерот Драги Филевски и меѓународната графичка колонија ‘Де Ниро’, кои обезбедија четириесетина дела“, вели организаторот.
Со оваа изложба, како што информираат, првпат се промовира и галерискиот простор во Палатата на културата – Офицерски дом при ЈОУ Културен и информативен центар – Битола.
Таа е закажана за 13.7.2022, во 20 ч.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Министерството за култура ги стопира средствата за фестивалот во Крива Паланка поради Аца Лукас

Буџетските средства наменети за Здружението за културни и уметнички дејности „Џој Фест” од Крива Паланка ќе бидат стопирани, бидејќи во апликацијата до Министерството за култура биле наведени други изведувачи, а не познат турбо-фолк пејач од Србија, објави Министерството за култура.
Ова се случува откако беше објавено дека Аца Лукас на 28 август доаѓа во Крива Паланка и ќе настапи на фестивалот.
„Организаторите на фестивалот годинава добија 153.000 денари од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година. Но, поради непочитување на критериумите и вметнување на турбо-фолк пејач во програмата, тие нема да ги добијат овие средства“, велат од Министерството за култура.
Оттаму додаваат дека кога Министерството за култура ги објави резултатите од Конкурсот во февруари годинава, појасни, дека предност имале проекти кои промовираат култура, посебно на домашните уметници.
Тие велат дека Министерството за култура поддржува проекти кои се во функција на развојот, афирмацијата и промоцијата на културата, а особено внимание е посветено на поддршка на проекти на млади, на проекти наменети за деца или за лица со посебни потреби.
„Џој фест“ е во рамките на манифестацијата „Кривопаланечко културно лето 2022″ која ја организираат Општина Крива Паланка, ЛУ Градски музеј и НУ Центар за култура, во соработка со повеќе локални здруженија од областа на културата и уметноста, а е финансирана од Општина Крива Паланка, Министерство за култура на Република Северна Македонија, како и останати поддржувачи.
Книги
Гостување на полскиот писател Миколај Гринберг

Утревечер во кафе-книжарницата „Буква“, со почеток во 20 часот, ќе се одржи промоцијата на збирката раскази „Еврејска работа“, со гостување на полскиот автор Миколај Гринберг. Промотор ќе биде нашата позната писателка Лидија Димковска.
Ова е книгата која имаше прекрасен прием во матичната земја, и за која нобеловката Олга Токарчук потенцираше: „Овие мали проникливи прози истовремено се трогателни и вознемирувачки. Доколку дијагнозата е точна, имаме голем проблем во Полска“.
Преводот од полски на македонски јазик е на Лидија Танушевска, а излегувањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.
„Еврејска работа“ е дебитантско дело на Миколај Гринберг, во кое тој ги преработува приказните на полските Евреи во кратки, трогателни раскази, нудејќи панорама на еврејското искуство во современа Полска. Иако приказните се фикционализирани, секоја од нив содржи прстен на вистината.
Книгата е составена од кратки монолози, во кои карактерите се Евреи, христијани, атеисти, од сите средини и сфери на животот. Секоја од приказните е трогателна и интензивно лична, претворена во кристална проза. Во овој клучен момент за еврејскиот живот во Полска и во целиот западен свет, со будењето на старите духови на антисемитизмот кои повторно се појавуваат во јавната дебата, и каде слободата на говорот е под закана, се издвојува чистиот и разумен глас на Гринберг.
Неговото дело ги разоткрива длабоките корени на системскиот антисемитизам, притоа нагласувајќи колку секојдневието станало отпорно на истиот, што не е едноставно за анализа. Книгата доби одлични критики и влезе во потесниот избор за престижната книжевна награда „Нике“ во Полска.
Миколај Гринберг (1966) е фотограф, писател и обучен психолог. Неговата книжевна работа се фокусира врз усните истории на различни генерации полски Евреи во втората половина од 20 век.
Објавил три збирки со „разговори“ базирани врз овие лични (и)стории: „Преживеаните од 20 век“ (2012), „Го обвинувам Аушвиц: Семејни приказни“ (2014) и „Книгата на егзодусот“ (2018).
Култура
„Големата ѕвезда на македонскиот филм“ за Горјан Тозија

„Големата ѕвезда на македонскиот филм“, награда која во рамките на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ традиционално се доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија, оваа година ќе биде постхумно доделена на филмскиот продуцент Горјан Тозија
Наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“, со која се оддава признание за исклучителен придонес во македонската кинематографија, оваа година постхумно ќе му биде доделена на филмскиот продуцент Горјан Тозија. Во неговата богата професионална биографија ќе останат запаметени двата најголеми успеси на нашиот филм: номинацијата за Оскар на филмот „Пред дождот“ во 1994 година, кога тој раководеше со продуцентската куќа „Вардар филм“ и двојната номинација за Оскар на филмот „Медена земја“ во 2020 година, кога тој беше на чело на Агенцијата за филм на РСМ.
Горјан Тозија (1954-2022) беше филмски продуцент, поранешен државен секретар во Mинистерството за култура и советник во кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. Беше претседател на Друштвото на филмски работници (ДФРМ), а во 1993 година се наоѓаше на чело на државната продуцентска куќа „Вардар филм“. Тозија е продуцент на повеќе домашни и странски филмови: „Ослободувањето на Скопје“ (2016) „Трето полувреме“ (2012), „Ливада“ (1998), „Џипси Меџик“ (1997), „Преку езерото“ (1997), „Пред дождот“, кој доби номинација за Оскар во 1994, Undercover (1991), Sidney Sheldon’s Memories of Midnight (1991), The Forgotten (1989), A time of destiny (1988). Во својата кариера работеше на повеќе од 50 филмски и ТВ-проекти. Во периодот од 2017 до 2020 година беше на чело на Агенцијата за филм на РСМ, под чие водство македонскиот филм го доживеа најголемиот успех до сега.
Како пасиониран вљубеник во филмот, Тозија целиот свој живот го посвети на афирмација на македонската кинематографија во светот, се залагаше за поддршка на младите креативни автори и за поголема застапеност на жените во филмската индустрија.
„Голема ѕвезда на македонскиот филм“ е награда на Друштвото на филмски работници на Македонија. Со наградата воведена во 2013 година се оддава признание за исклучителен придонес во македонската кинематографија, а традиционално се доделува во рамките на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.
Досегашни добитници на наградата на ДФРМ се Кирил Ценевски, филмски режисер и сценарист (2013); Милчо Манчевски, филмски режисер и сценарист (2014); Дарко Марковиќ, карикатурист, сатиричар, филмски режисер (2015); Сајмон Пери, филмски продуцент (2016); „Вардар Филм“, продуцентска компанија (2017); Милица Стојанова,актерка (2018); Љупчо Константинов, композитор (2019); Столе Попов, филмски режисер и сценарист (2020) и Бајрам Северџан, филмски актер (2021).
И оваа година тимот на „Божиновски часовници и накит“ ја имаше честа да ја изработи наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на фестивалот „Браќа Манаки“, награда која традиционално се доделува за особен придонес во македонската кинематографија.