Култура
Ликовната уметница Јана Манева-Чупоска избрана за нова претседателка на ДЛУМ

Друштвото на ликовните уметници на Македонија на вонредното годишно собрание, кое се одржа на 4.6.2022 година, за нова претседателка на ДЛУМ ја избра ликовната уметница Јана Манева-Чупоска.
Јана Манева-Чупоска во 1996 година дипломира сликарство во класата на проф. Симон Шемов. Специјалистички студии по сликарство и рачна обработка на стакло завршува на Високата школа за примененат уметност во Прага. Во 2006 година станува магистар по уметност. Во 2009 година запишува докторски студии и станува доктор од областа на етнологијата и дизајнот.
Таа е член на ДЛУМ од 1997 година. Активна е во учество на самостојни и групни ликовни излагања на домашната и меѓународната ликовна сцена. Авторка е на книги од областа на ликовната уметност и дизајнот. Има објавено меѓународни трудови во научни зборници од областа на ликовната уметност и дизајнот. Кураторка е на ликовниот проект „Фемина 8“. Редовна професорка е на високообразовна институција и на факултет за арт и дизајн. Менторка е на студенти за одбрани на повеќе дипломски и магистерски трудови. Учествува на семинари од областа на ликовната уметност и дизајнот со сопствени излагања во Скопје, Белград, Дизелдорф, Париз, Прага, Загреб и др.
Новата претседателка на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска, ќе раководи со Друштвото во период помеѓу 2022 и 2026 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Украдени 16 слики од Павле Кузманоски од „Матица ексклузив“

Два дена по отварањето на изложбата на слики во Мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“ од познатиот уметник Павле Кузманоски од Тетово, украдени се 16 негови ретки дела во маслена техника, пастели, акварели и цртежи во туш на тема урбани пејзажи создадени во последните 60 години.
По големата кражба во седумдесеттите години на минатиот век на делото на Пикасо од Музејот на современата уметност во Македонија, денес сме сведоци на кражба и на исклучително вредни уметнички дела од нашиот голем сликар, информираат од „Матица ексклузив“.
Култура
Куклено-визуелна претстава „Во детската соба“ на ТДМ на Скопско лето

Вечерва, од 19 часот, во НУ Театар за деца и младинци – Скопје, ќе биде изведена куклено-визуелната претстава „Во детската соба“, во рамките на програмата на фестивалот Скопско лето.
Претставата е авторски проект на режисерката Милена Миланова од Бугарија, а раскажува приказна за четворица чудни специјалисти вработени во компанијата „Kрени-носи“. Тие ја имаат способноста да раскажуваат спомени, скриени во кутии. Нивното мото е „Крени-носи, секогаш подготвени да помогнеме“. Тие имаат задача да ги пренесат кутиите од детската соба на едно мало дете Саша. Кутиите не се обични, туку волшебни, магични. Во секоја од нив се крие по една приказна, еден детски спомен за пријателството. Со помош на мачката Ѕвездана, со песни, кукли и бои, нашите храбри „креноносачи“ ќе ни ја раскажат приказната за детството на малиот Саша. За неговата средба со малото глувче, со големата риба, за подароците, за патувањата со родителите, за соништата, мечтите, борбите и пријателствата на малиот Саша. „Во детската соба“ е претстава за едно дете кое учи да се поврзува и да другарува со другите.
Станува збор за куклена претстава работена по разни современи методи. Еден од нив е и методот за создавање визуелен театар и визуелна драматургија на Филип Женти и Мери Андервуд, француски режисери, кореографи, куклари, со кои Миланова има соработувано во претходните години. Авторката исто така во претставата го користи и методот на театарот на материјалот.
Во претставата играат: Ангела Димитрова, Ана Левајковиќ-Бошков, Никола Наковски, Петар Стојанов, Катарина Илиевска Силјановска и Ненад Митевски.
Култура
Објавен романот „Средиштето на светот“ од германскиот писател Андреас Штајнхефел

Издавачката куќа Готен го објави романот „Средиштето на светот“ од германскиот писател Андреас Штајнхефел. Преводот од германски јазик е на Ива Фиданчева.
„Средиштето на светот“ е роман за проблемите поврзани со растењето, пубертетот, зависта и љубомората, пријателството и љубовта. Наменет е за тинејџерската читателска публика.
Седумнаесетгодишниот Фил се чувствува како аутсајдер уште откога знае за себеси. Но, и покрај различните чувства што го обременуваат решава да не остане само пасивен набљудувач на својот живот. Секако дека не може да биде таков кога е опкружен со својата мајка Глес, која го живее животот по свои правила и го поттикнува Фил да биде еднакво силен. Тука се и неговата сестра Дајан, која е непредвидлива и своеглава, со сопствени тајни; неговиот чичко Гејбл, пензиониран војник; неговиот најдобар пријател Кат, кој е великодушен но посесивен. И конечно, тука е и далечниот Николас, во кој Фил се вљубува… сè додека не се соочи со изневерување и конечно мора да го пронајде своето место во светот.
„Средиштето на светот“ е своевиден прозен реквием за туѓото во нас, за совршената важност на љубовта, за бескрајната потрага по човечноста и за насушната потреба од рационалноста. Штајнхефел со овој роман отвора многу прашања. Иако пишуван на крајот од деведесеттите, овој роман ја има атмосферата на отуѓеноста на дваесет и првиот век. Овој роман зборува и за вечната дисонантност на ниво на толеранцијата, она што е и тоа како потребно во време кога и војните, а и болестите чукаат на вратата. Најпосле, Штајнхефел со својот
роман ни говори дека сите во својот животен пат некаде сме тргнале, но дека конечно не знаеме каде ќе стигнеме, но и дека секоја станица во животот е ново искуство кое ни ја пишува биографијата и прави од нас подобри или покомплексни луѓе.
Романот беше номиниран за престижната Германска награда за млада литература.
Ива Фиданчева (Скопје, 1978) завршила германски јазик и книжевност во Скопје, а докторирала на тема од областа на социологијата во Јена, СРГ. Досега од германски на македонски има преведено околу 30 книги, меѓу кои и дела од: Зигмунд Фројд, Херман Хесе, Хајнрих Бел, Томас Ман, Мартин Зутер, Саша Станишиќ, Ингеборг Бахман, Петер Хандке, Даниел Келман, Лукас Берфус, Зибиле Берг, Терезиа Мора итн. Денес живее и работи како книжевен преведувач и слободен доцент во Лајпциг, Германија.
Издавањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.