Култура
„Лирскиот дом на Ацо Шопов“ на Филолошкиот факултет

Денеска, со почеток во 12 часот, во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе се одржи настанот „Лирскиот дом на Шопов – отворени образовни и културни ресурси“.
Со овој настан ќе бидат одбележани два јубилеа – 70 години од објавувањето на стихозбирката „Стихови за маката и радоста“ и 40 години од смртта на поетот Ацо Шопов, со што ќе почне литературната манифестација „Денови на македонската литература“ во организација на Катедрата.
Акцентот на настанот ќе биде ставен на повеќејазичната веб-платформа „Лирскиот дом на Ацо Шопов“ – отворен, интернетски ресурс преку којшто е достапен голем дел од творештвото на Шопов, голем фонд на документи и податоци, како и критички одгласи за неговата поезија и голем обем на видеоматеријали и фотодокументација. Целта на настанот е да придонесе за поголема достапност на платформата за книжевните истражувачи, лингвистите и преведувачите, како и за студентите и воопшто за македонската академска заедница во целина.
На настанот, поздравни обраќања ќе одржат деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Анета Дучевска, продеканката, проф. д-р Маја Бојаџиевска и раководителката на Катедрата за македонска книжевност и култура, проф. д-р Кристина Николовска. Реч за поетот Шопов и за веб-платформата „Лирскиот дом на Ацо Шопов“ ќе одржи проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, по што ќе следи и презентација на веб-платформата, којашто ќе ја оствари Јасмина Шопова, толкувач и препејувач, но и ќерка на поетот и носител на проектот за создавање на повеќејазичната веб-платформа.
Настанот ќе се одржи во виртуелен формат, преку платформата Зум и сите заинтересирани ќе можат да го проследат преку оваа врска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Омаж на филмовите на Јане Алтипармаков на „Скопје синема сити“

Со ретроспективата на музичките документарни филмови на македонскиот режисер Јане Алтипармаков на 4 јули и со филмовите „Сестри со транзистори“ и „Моби: Мобидок“ на 5 јули ќе се затвори осмото издание на филмскиот фестивал „Скопје синема сити“.
Фестивалот, кој почна со изложба на фотографии од Ник Кејв на Немања Ѓорѓевиќ и филмот „Ник Кејв: 20.000 дена на земјата“, му оддаде почит на Кејв, кој е артист во фокус на фестивалот.
На 4 јули, во рамките на програмата на македонски автори и филмови, фестивалот ќе прикаже ретроспектива на филмовите на Алтипармаков – „Гето 103,“ „Фолтин се јави,“ „Бадмингтонс“ и The Hip Overdrive. Повеќето од овие филмови се исчезнати од архивата на МРТ и ова е последна можност да се видат од личната архива на Алтипармаков.
Фестивалот се затвора со двата филма за електронска музика на 5 јули. „Сестри со транзистори“ ја раскажува историјата на електронската музика, но преку жените композиторки, чии достигнувања биле од суштинска важност за овој жанр. Филмот е во нарација на Лори Андерсон. Фестивалот завршува со филм за Моби, каде што на луциден начин е даден портрет на овој уметник и неговите подеми и падови во една богата кариера.
Фестивалот е во организација на здружението „Номад-арт Скопје“. Автор на дизајнот е на Дијана Димитриевска. Програмата на фестивалот „Скопје синема сити“ е поддржана од Агенцијата за филм, Министерството за култура, КинотекаТА на Северна Македонија, Културно-информативниот Центар, ПР-агенцијата „Навигаторс“ и „Спона“, центарот за култура на Србите во Македонија.
Култура
Групната изложба „Проект 4“ во Културно-информативниот центар

Утре со почеток во 20 часот во Културно-информативниот центар, Салон Империјал 1 и 2, се очекува отворањето на групната изложба насловена „Проект 4“ од ликовните уметници од Србија Татјана Армуш, Данијела Тасиќ-Цветковиќ, Мила Алексиќ и Татјана Димитријевиќ.
„Проектот 4 не постои. Просторот во кој е родена идеjата, поставката на Проектот 4, во еден момент поседуваше димензии во рамките на кои се наоѓаше сè, воедно и временската димензија во која, надвор од сето тоа, ништо не постои“, соопшти организаторот.
Со оваа поставка во новиот простор, со димензија на времето кое во себе ги содржи сите потенцијални енергии за реализација на скоковите, преку и покрај наметнатите пониски енергетски битисувања, Проектот 4 не постои како фиксна, непроменлива детерминанта, туку го започнува својот пат на излез од зададените ни форми.
Татјана Армуш
Родена 1986 година во Сомбор (Србија) каде завршува основно и средно училиште. Дипломирала 2009. година на Факултетот на уметности во Приштина (со седиште во Звечани) на насоката ликовна графика во класата на професорот Зоран Јовановиќ – Добротина. Реализирала три самостојни изложби и изложувала на повеќе колективни во Сомбор, Нови Сад, Белград, Косовска Митровица и Грачаница.
Данијела Тасиќ-Цветковиќ
Родена 1974 година во Оџаци. Завршила гимназија „Вељко Петровиќ“ во Сомбор. По завршувањето на ВШЛИПУ во Белград, запишува Факултет за ликовна уметност, насока сликарство. Дипломирала 2003 година, а магистрирала 2007 на истиот факултет во класата на професорот Јован Сивачки. Член е на УЛУС од 2003 Добитничка е на неколку награди за сликарство во текот на студиите и награда на Сомборскиот ликовен салон 2017 година. Често учествувала на групни изложби, а излага и самостојно.
Мила Алексиќ
Живее и работи во Сомбор, учествувала на повеќе заеднички изложби и реализирала една самостојна. Се занимава со самоистражување низ концептот на монохромни инсталации и записи.
Татјана Димитријевиќ
Родена 1965 година во Сомбор, Србија. Дипломирала 1988 на Академијата на ликовна уметност во Нови Сад, на насоката за сликарство, во класата на професорот Душан Тодоровиќ. Изложувала самостојно и на бројни колективни изложби во земјата и странство (Италија, Норвешка, Француска, Швајцарија), учествувала и на повеќе собири на ликовни колонии. Од 2009 до 2018 година ја реализирала Street art акцијата на плоштадот Св. Тројство во Сомбор.
Изложбата ќе биде отворена до 23.7. 2022 година.
Култура
Со шестчасовен настан започна Европското првенство во танци 2022

Со шестчасовен настан, спој на области од уметноста и сите форми на креативност на едно место, во „Ист Гејт Мол“, започна Европското првенство во танци 2022. Преку 3000 танчери од 21 земја од Европа, почнувајќи од вчера (02.07.2022), ќе слават љубов, среќа, уметност, игра и пријателството, а сето тоа преку музика.
Поентата на уличната уметност, како најслободен вид уметничко изразување, е да произлезе од потребата да се создава, па токму затоа ова несекојдневно, четиридневно „стрит арт“ и хип хоп уживање е нешто што долго му недостасуваше на Скопје.
Започна со пантомими, жонглери и кловнови, а продолжува со концертот на Балканската, музичка дива Сара Јо, која важи за една од најактивните на хип хоп сцената. Концертот е вечерва од 21 часот, во Ист Гејт Мол.
Во склоп на третиот ден, утре (04.07.2022) во СЦ Јане Сандански од 18:30 часот, ќе има „Официјална Церемонија“ на која ќе се презентираат народите, пред преставници од амбасадите на државите кои учествуваат во првенството.
Хип хоп танчерите ќе ја претставуваат својата земја на сцената, за да се доживеат, натпреваруваат и да стигнат до највисоките рангирања, а на последниот ден од првенството, во вторник (05.07.2022) со хип-хоп бетл ќе биде затворено ова неверојатно четиридневно музичко искуство.
Ова првенство е сигурно нешто што ќе го одбележи летото, вели организаторот.