Култура
„Македокс“ – отворен повик за волонтери

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, што ќе се одржи од 18 до 25 август во Скопје, објави отворен повик за волонтери.
„Свежо августовско утро, турско чајче и симит во ладовината на Куршумли ан. Може ли денот поубаво да почне? Размена на приказни од сите страни на светот, некои раскажани на платно, некои од штотуку сретнат пријател. ‘Македокс’-семејството е отворено за стари и нови љубители на кромид и кино под ѕвездите“, истакнуваат од фестивалскиот тим.
Пријавите се испраќаат на имејлот [email protected] до 30 јули.
Досегашните искуства на „Македокс“ покажуваат дека повеќето од волонтерите во текот на работата на фестивалот стекнале нови познавања за документаристиката, добиле голем број нови пријателства, а некои од нив својот животен пат го насочиле кон едукација на факултетите и академиите за драмски и визуелни уметности. Се надеваме таквата традиција ќе продолжи и оваа година, велат организаторите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт на групата „Мизар“ на „Бит-фест“

Вечерва, со почеток од 21 часот, на платото пред Офицерскиот дом, во рамките на програмата на „Бит-фест“, пред битолската публика ќе настапи култната македонска музичка група „Мизар“, една од најзначајните и највлијателни македонски групи, чија трага е длабоко врежана во современата македонска култура.
Повод за овој концерт е промоцијата на новото ЦД на групата „Мизар“ и прославувањето 40 години успешно дејствување на домашната, но и меѓународната музчка сцена.
Овој концерт, според организаторот, ќе биде можност да се види „Мизар“ во целиот свој сјај.
Култура
„Црнила ремикс“ се врати со награда од „Нишвил“

Театарската претстава „Црнила ремикс“ е наградена на „Нишвил“ – меѓународниот џез-театарски фестивал, кој доцна синоќа се затвори во Ниш, Србија.
Во образложението на жирито на фестивалот, театарските критичари Наташа Гвоздановиќ и Игор Буриќ и американската актерка и продуцентка Жозелин Пук е наведено:
„Наградата за најдобра употреба на музика се доделува на претставата ‘Црнила ремикс’, во режија на Јордан Симонов, а во продукција на МКЦ Скопје. Претставата е оригинална, со тоа што ангажира рап-музика во јукстапозиција со традиционални македонски вокални стилови. Таа е полна со прекрасни мелодии, рими и динамика, кои произведуваат своевидна хип-хоп опера и поттикнува силни емоции“.
На фестивалот „Нишвил“, кој од 5 до 9 август се одржа на сцените во Ниш, гран при наградата ѝ е доделена на претставата „Балкан Боредело“, копродукција меѓу „Ла Мама “од Њујорк, „Ателје 2012“ од Белград и „Кендра мултимедија“ од Приштина, а сите награди се донесени едногласно.
„Наградата доаѓа во вистински момент кога се обидуваме повторно да ја рестартираме претставата. ‘Црнила ремикс’ својот силен фестивалски залет го имаше веднаш по премиерата на крајот на 2018 година, но, за жал, веќе на почетокот на 2019 година, како и целиот свет, и ние моравме таму да запреме. Многу убава енергија за овој проект, па затоа верувам дека ‘Црнила’ на МКЦ Скопје ќе ја има уште долго на сцена“, вели Русе Арсов, продуцент на претставата.
Режисер на проектот е Јордан Симонов, кој заедно со Дарко Димитриевски и Павле Димковски од рап-колективот „Зад аголот“ го поставија ова современо читање на драмската класика „Црнила“ на Коле Чашуле: „Мислам дека ја имавме најсоодветната продукција за овој фестивал, чија специфика е токму селекција на претстави, каде што музиката е важен драмски елемент во нарацијата. Експериментиравме со многу стилови и формати, добивме одличен музички производ и затоа сега ми е многу драго што тоа го препознаа и членовите на жирито“, изјави Јордан Симонов.
Пред полниот амфитеатар во Ниш на фестивалот се поклонија членови на организацијата: Стефан Вуисиќ, Александар Михајловски-Хонда, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски.
Култура
Американска вечер на Охридско лето со виолинистот Шломо Минц

Еден од најдобрите виолинисти на денешницата, Шломо Минц, вечерва ќе се претстави пред публиката на Охридско лето во рамките на Американската вечер на фестивалот, што се одржува со поддршка на Амбасадата на САД во земјата. Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Шломо Минц, според многумина, вклучително и според колегите, публиката и критичарите е еден од најзначајните виолинисти на нашето време поради неговата исклучителна музикалност, стилска разновидност и беспрекорна техника.
Роден е во Москва, неговото семејство емигрирало во Израел кога тој имал само две години. Учел виолина со Илона Фехер, која го запознава со Исак Штерн, кој ќе стане негов ментор. Исто така, студирал со Дороти Дилеј во Њујорк, а уште од млада возраст соработувал со големи ѕвезди како Исак Штерн, Мстислав Ростропович, Пинкас Цукерман, Итцак Перлман, Зубин Мехта, Клаудио Абадо, Рикардо Мути, Јури Темирканов, Ида Хендл и Иври Гитлис. Настапува со најдобрите светски оркестри во Берлин, Виена, Амстердам, Чикаго, Лос Анџелес, Филаделфија и во Њујорк.
На 18-годишна возраст Минц почнува паралелна кариера како диригент. Тој е еден од основачите на мајсторскиот курс во Кешет Елион, каде што бил еден од главните организатори повеќе од 18 години, а исто така е коосновач и гласноговорник на проектот „Виолини на надеж“, кој се фокусира на реставрацијата и на интернационалните изложби на 45 инструменти што им припаѓале на Евреи, кои ги загубиле животите во концентрационите логори во Втората светска војна.