Култура
Македонската филхармонија ќе настапи во „Музикферајн“ во Виена, една од најпрестижните музички сцени во светот

Оркестарот на Македонската филхармонија на 28 октомври ќе одржи концерт во „Златната сала“ на една од најзначајните светски концертни сцени „Музикферајн“ во Виена – дом на Виенската филхармонија и место каде што секој 1 јануари се одржува најпознатиот Новогодишен концерт во светот. Настапот на Македонската филхармонија на сцената на „Музикферајн“ во Виена претставува заокружување на прославата на 80 годишнината од формирањето на оркестарот, а воедно ќе се одбележат и 30 години од воспоставување на дипломатски односи меѓу Австрија и Македонија.
На концертот во Виена, како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски, а диригент ќе биде маестро Јерухам Шаровски од Израел. На програмата се „Македонска парафраза бр.2“ од Бете Илин, „Тешкото“ од Глигор Смокварски, Пет традиционални македонски песни во оркестарски аранжмани на композиторот Сони Петровски и Симфонијата бр.8 од Антонин Дворжак. Програмата претставува спој на македонската музичка традиција и фоклор и европската класика.
– Културата е најсилeн дипломатски инструмент на една држава. Македонската филхармонија, со својот настап во „Музикферајн“ ќе ја презентира македонската традиција пред меѓународната јавност и ќе придонесе за подобрување на имиџот на земјата и нејзино поврзување со светските културни и уметнички центри. Концертот на Македонската филхармонија во „Музикферајн“ не е само уште еден настап на нашиот оркестар. Станува збор за историски момент за македонската култура кој докажува дека нашата земја има вреден уметнички потенцијал кој ќе отвори нови перспективи за македонската музика на меѓународната сцена. Не постои подобра завршница на годината во која нашата институција прослави 80 години од формирањето, од настап во овој светски „храм на музиката“ и една од најпрестижните музички сцени во светот – вели Александар Котевски, в.д. директор на Македонската филхармонија.
„Музикферајн“ во Виена е една од најзначајните концертни сали во светот. Лоцирана во срцето на Виена, таа е дом на Виенската филхармонија, место на кое секоја година се одржува и традиционалниот Новогодишен концерт на 1 јануари. Концертната сала датира од 1870 година и е дело на данскиот архитект Теофил Хансен чиј дизајн е инспириран од грчката и римската архитектура. Централно место зазема „Златната сала“ со капацитет од 2000 седишта, која е позната по својата неверојатна убавина и исклучителна акустика. „Музикферајн“ не е само симбол на Виена и нејзиното богато музичко наследство, туку и центар на светската класична музичка култура. На сцената на „Музикферајн“ низ историјата настапиле најзначајните светски солисти и диригенти (Херберт фон Карајан, Леонард Бернштајн, Клаудио Абадо, Артур Рубинштајн, Владимир Хоровиц, Даниел Баренбојм, Сајмон Ратл, Рикардо Мути, Густаво Дудамел, Ана Софи Мутер, Ланг Ланг, Јо-Јо Ма…), но, и композитори како Јоханес Брамс, Антон Брукнер, Густав Малер и Рихард Штраус кои токму на оваа сцена ги воделе првите изведби на многу од своите музички ремек-дела.
Концертот на Македонската филхармонија во „Музикферајн“ е поддржан и е дел од Годишната програма за 2025 година на Министерството за култура и туризам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Конститутивна седница на координативното тело за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик

Денеска, во Порта „Македонија“ се одржа конститутивен состанок на координативното тело за изготвување на програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик.
На првата конститутивна седница министерот Љутков се заблагодари за присуството и за посветеноста да бидат дел од оваа значајна и одговорна работа, со која се означи почетокот на подготовките за одбележување на еден многу важен и значаен јубилеј за нашата земја и за нашиот народ.
„Конституирањето на ова координативно тело е многу важен чекор за организирање на сите активности што ќе го одбележат овој значаен јубилеј. Со вашата експертиза, посветеност и соработка сигурен сум дека ќе создадеме програма што ќе ја истакне важноста на македонскиот литературен јазик, ќе го прослави неговото наследство и ќе ја промовира неговата современа употреба“, рече Љутков.
Наша задача е, како што рече, да организираме настани, изложби, конференции, издавање публикации и други културни активности што ќе го истакнат значењето на македонскиот јазик како носител на културната и националната меморија, но и како живо средство за комуникација, за образование и креативност во денешно време.
„Како министер за култура, сметам дека овој јубилеј не е само повод за славење на минатото, туку и важен момент за размена на идеи за иднината на македонскиот литературен јазик. Во текот на овие 80 години нашиот јазик се развива и осовременува, а ние, како носители на културната политика, имаме одговорност да го негуваме, да го штитиме и да го пренесуваме на идните генерации“, рече Љутков.
Тој порача овој јубилеј да биде поттик за нови размислувања за иднината на македонскиот литературен јазик, за неговото место во глобалниот контекст, но и за неговото место и развој во сите сфери на животот.
Култура
Cuban Fire – Националниот џез-оркестар свири афрокубанска музика

Уште едно неверојатно музичко доживување од Националниот џез оркестар, кое овој пат се фокусира на афро-кубанската музика и ги спојува биг-бенд музиката со кубанските ритми и мелодии! Оваа автентична „латино свита“ ќе ја води диригентот Зиги Фајгл кој со години го држи пиедесталот на најдобар биг-бенд диригент во Европа и пошироко.
„Cuban Fire“ е насловот на концертот кој е закажан за 20 февруари во Филхармонија, со почеток од 20 часот, именуван по истоимениот албум на исклучителниот американски џез-бенд лидер, пијанист, композитор и аранжер, Стен Кентон. Репертоарот вбројува дел од најзначајните композиции на Кентон, вклучувајќи го и албумот Cuban Fire, вистинско биг-бенд ремек-дело кое критиката го опишува како „возбудлива и кинематографска фузија на кубанската и биг-бенд музиката.“
На концертот, оркестарот ќе настапи со појачана дувачка и ритам секција, сето тоа за поголема автентичност при доловувањето на афро-кубанските ритми и мелодии кои доминираат во избраниот репертор.
Стен Кентон е влијателен американски џез-бенд, пијанист, композитор и аранжер чијашто музика се карактеризира со сложени аранжмани и необична инструментација. Тој водел иновативен џез оркестар речиси четири децении, од 1940-тите до 1970-тите. Познат е по неговиот прогресивен џез стил, кој комбинира елементи на класичната музика со биг-бенд џез.
Диригентот Зиги Фајгл е добро познат на нашата публика, меѓу другото и по неколкуте досегашни настапи со нашиот оркестар. Фајгл е светски познат диригент на биг бенд, првенствено познат по неговиот придонес за австриската џез сцена. Водел различни биг-бендови и ансамбли, меѓу кои биг бендот во Грац, ХГМ биг бендот, биг бендот Суд, преку својата работа покажувајќи го својот талент за аранжирање и диригирање на големи музички состави.
Работата на Фајгл во музиката за биг бенд често опфаќа широк спектар на стилови, од традиционалните свинг и џез стандарди до посовремени и експериментални композиции. Има соработувано со многу реномирани музичари и уметници, како во Австрија, така и на меѓународно ниво, меѓу кои Бил Холман, Тутс Тилеманс, Арт Фармер, Марк Марфи, Боб Брукмаер, Артуро Сандовал и други, и се стекнал со репутација за неговото вешто лидерство и иновативни аранжмани.
Култура
Оскаровска Гала вечер – музичко филмска бајка во МНТ

Вистинска филмска магија ќе се случува на 22. февруари, сабота во Македонскиот Народен Театар во Скопје кога ќе се одржи втората Оскаровска Гала вечер. На концертот ќе бидат изведени песни кои влегле во филмската историја и биле номинирани и наградени со Оскар.
Ќе ги исполнат врвни македонски пејачи, Наде Талевска, Ана Петановска, Светлана Јовановска (South Park), Горан Наумовски, Денис Димоски, Дејан Бобиќ Дексо, Марија Димитријевиќ, Јасна Димитровска заедно со Битолскиот Камерен Оркестар IWConnect под дригентската палка на Владимир Димовски и Полифонија.
Миланка Рашиќ, коментатор на Оскаровското шоу и автор на емисијата за филм „Во кадар“ на МТВ, ќе ја води публиката низ Оскаровските приказни.
Филмската магија на сцената ќе ја создадат и настапите на балетските уметници Саша Ефтимова и Ендрју Кук, како и танчерите од танц клубот Dancers United.
„Музичкиот избор од оскаровските песни е извонреден. Сигурна сум дека публиката ќе ужива во маестралните изведби на големите хитови и во нашиот музичко филмски времеплов“ – вели Миланка Рашиќ.
„Ова е еден од ретките настани во нашата земја на кој се изведува музика со врвен квалитет. Преку овој концерт се чувствуваме како дел од Оскаровската магија“– вели Горан Наумовски.
Пристигнувањето на посетителите на Црвениот тепих е од 19.30., а концертот Оскаровска Гала вечер ќе започне во 20 часот.
Настанот ќе се одржи точно една недела пред 97-та Оскаровска церемонија во Лос Анџелес.