концерти
Меморијален концерт во чест на Александар Николовски

Утре, во МКЦ ќе се одржи меморијален концерт во чест на Александар Николовски, истакнат македонски музичар, кој твореше и настапуваше со повеќе џез-состави. Тој остави значаен белег во македонската џез-музика со својот единствен и препознатлив лиричен звук и овој настан преставува можност да се изведе музиката што тој сакаше да ја свири.
На концертот ќе настапат групите со кои тој создаваше разни форми на џез-музика – Next to Silence, Sethstat и FIN Project, како и нивните гости Ади Имери, Сашо Гигов-Гиш, Калина Велковска, Петар Христовски, Сенад Усеин, Горан Трајковски, Зарина Првасевда и Иван Петровски. Воедно, овој настан ќе биде убава можност на едно место да се соберат неговите соработници и пријатели и со музика да се поздрави она што Александар Николовски го остави зад себе.
Влезот на концертот е бесплатен, но поради ограничените места за седење, ќе биде неопходно да се набави билет. Билети може да се набават на интернет-страницата на МКЦ, кој исто така учествува во реализацијата на овој настан (https://mkc.mk/event/memorijalen-koncert/).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

концерти
Изведба на оперската претстава „Аида“и промоција на монографијата „50 години Мајски оперски вечери“

Во фоајето на Националната опера и балет на 31 мај во 19.00 часот ќе се одржи промоција на монографијата „50 години Мајски оперски вечери“ од д-р Александар Трајковски. Монографијата го обработува петдеценискиот развоен пат на единствената оперска манифестација во регионов и пошироко. Со оваа публикација, Националната опера и балет трајно го зачувува уметничкиот белег изграден од големиот број извонредни уметници. Промотор на монографијата е м-р Весна Малјановска.
Со почеток во 20.00 часот, величествената „Аида“ од Џузепе Верди, традиционално ќе го затвори 50. јубилејно издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“. Спојот на традицијата со визуелната иновација, преточена преку футуристичката виртуелна сценографија ќе ја одведат публиката на патување низ древниот Египет раскажувајќи приказна за љубовта.
„Аида“, магичното ремек-дело на Џузепе Верди ќе се изведе под диригентската палка на Оливер Балабурски, уметник со кариера од над 28 години. Во продукција на театарот Карло Феличе од Џенова, Италија, претставата на сцената на Националната опера и балет ја пренесе и адаптира Дејан Прошев. Кореографијата е на Луиза Балдинети (Италија), концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.
Улогите ги толкуваат: Сања Керкез од Србија (Аида), Виталиј Ковалчук од Украина (Радамес), Сања Анастасија од Србија (Амнерис), Владимир Саздовски (Рамфис), Игор Дурловски (Фараон), Отар Накашидзе од Грузија (Амонсаро), Катерина Стојановска (Главна свештеничка), Дејан Стоев (Гласник), балетски солист: Ивана Коцевска.
Хорот и Оркестарот на Националната опера и балет.
концерти
75 години организиран фолклор во Вевчани

Културно уметничкото друштво ,,Дримкол” од Вевчани вечерва во Домот на култура во Вевчани, ќе одржи Свечен јубилеен концерт посветен на: ,,75 години организиран фолклор во Вевчани”. На концертот ќе настапат сите ансамбли на друштвото: фолклорните, народниот оркестар, пејачката група Каданка, а гости на концертот ќе бидат членовите на КУД ,,Илинден” од Битола.
– Започнат од некогашните Вевчански скоевци и скоевки во далечната 1947 година, преку ученичките од нашата школа ,,Страшо Пинџур”, потоа преку младинската организација, прво до КУД ,,Печалбар”, а веднаш потоа до КУД ,,Дримкол” се движел и развивал фолклорот цели 75 години. Секој период низ годините – различен, секоја генерација – уште поразлична, низ времето, подеми, некогаш падови, но, ентузијазмот и љубовта кон фолклорот и кон Вевчани секогаш и кај сите била иста и непрестајна. Денес фолклорот е главно обележје на нашето место. КУД,,Дримкол” успеа да го подигне фолклорот на високо ниво со кое се гордееме сите ние кои истото го работиме, а за среќа гордоста е присутна и кај секој Вевчанец. Ова за нас е чест, но, во исто време обврска да продолжиме да ја негуваме, развиваме и презентираме фолклорната традиција во Вевчани, низ Македонија и насекаде низ светот – изјави Кирил Бебекоски, член на Управниот одбор на КУД ,,Дримкол” од Вевчани.
Поради интерес на публиката концертот ќе се прикажува во два термини, во 18,00 и во 20,00 часот. Оваа година концертот е под покровителство на Министерството за култура на Република С.Македонија кој го категоризира како проект од национален интерес за нашата држава.
концерти
ТРИПТИХ – современ звук и танцов перформанс преку мислата на Горан Стефановски

На 18 мај, со почеток во 20 часот, на скверот „Јас и ти“ во Дебар Маало во Скопје, ќе се реализира проектот ТРИПТИХ, кој претставува спој на три изразни видови уметност. Учесниците Дуња Иванова, Јована Зајкова и Горазд Китановски ќе ги обединат современиот звук за пијано и танцот преку мислата на единствениот Горан Стефановски.
Проектот е дел од Годишната програма за култура на Министерството за култура на РС Македонија.
Дуња Иванова е магистар по пијано, доктор на науки по филозофија, наставник и автор. Концертира со репертоар на современиот звук за пијано, музика од филмското платно, постминимализам. Остварува многубројни премиерни изведби на делата на Збигњев Прајснер, Филип Глас, Лудовико Еинауди, Арво Перт, Руичи Сакамото, Мајкл Најман, Тери Рајли, Стив Рајх, Микаел Сапин, Давид Федел, Бјанка Бан, Јан Тирсен, Макс Рихтер.
Јована Зајкова е танчарка и кореографка од Скопје. Дипломира при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип на катедрата за современ танц. Учествува во програмата на „Скопје танцов театар“ како стажист и настапува на реномирани фестивали во Македонија и странство.
Горазд Китановски е автор, поет, гласник на позитивната вибрација. Тој е национален победник во слем-поезија за 2021 година.